Достапни линкови

Вести

Седница на Собранието на Македонија

Собранието на Македонија

Во Собранието на Македонија продолжува седница на која пратениците расправаат за предлог ребалансот на државната каса. Според предвиденото, расправата за буџетот на пленарна седница трае пет дена. Со Предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2017 се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат финансиски средства согласно со потребите на буџетските корисници.

види ги сите денешни вести

Функционерите нема да јадат морска храна и апетисани на државна сметка

Премиерот забранил да се набавува и да се користи морска храна, бадеми и лешници во рестораните и бифеата на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Тука спаѓаат рестораните и бифеата во Владата, министерствата, кај претседателот на државата, секретаријати и други стручни служби и Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Парите наместо за посочените продукти ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани со ниски примања, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција посветена на мерки и одлуки за енергетската криза.

Тој одговараше на новинарски прашања во врска со објавите во некои медиуми дека Владата набавува морски плодови за 20.000 евра, а ќе плати и 270.000 евра за одржување на зеленилото. Премиерот рече дека имало соопштение од СОЗР според кое, се работи за рамковен договор кој не се однесува само на Владата, туку се однесува на сите ресторани на СОЗР, дополнително и на претседателот на Собранието и на претседателот на државата.

Премиерот најави и дека наскоро граѓаните ќе може да ги видат сметките за учеството на саемот „Винска визија на Oтворен Балкан“, откако ќе бидат обработени фактурите.

Радио Слободна Европа претходно пишуваше дека за тендерот за Саемот за вино во Белград на кој присуствуваа половина министри од владиниот кабинет се издвоени речиси 400 илјади евра.

Во сумата, вели премиерот, е вклучена и поддршката на нашите винарии кои беа на Саемот и рекламите на три јазика.
Во однос на Македонската вечер на Саемот во Белград, премиерот истакна дека е задоволен што земјава била претставена не само пред земјите од Отворен Балкан, туку и пред многу други.

Ковачевски: парното на време, училиштата со поевтина струја - ВМРО- ДПМНЕ жали што не им е прифатена понудата за поевтина струја

Грејната сезона во Скопје ќе почне на 15 октомври, има пари за производство на топлина, а се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро да добие лиценца за управување со топланите во Скопје. Основните и средни школи и болниците ќе добиваат поевтина електрична енергија, соопшти вечерва на вонредна прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Ги повика Град Скопје, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност набрзо да дадат позитивно мислење за лиценцата со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите.

Ковачевски рече дека, според член 6 од Законот за енергетика, државата ќе плаќа закуп за топланите, кои се во сопственост на фирмата Адора, која не сакаше да ги изнајмува, туку да ѝ ги продаде на државата.

Поради високите сметки за енергија во прашање беше работата на школите, но сега тие ќе бидат на регулиран пазар на струја, односно ќе плаќаат струја по цена што ја плаќаат и граѓаните. Болниците, пак, ќе добиваат поевтина струја од берзанската.

Ќе има и струја за домаќинствата и малите фирми кои се на регулиран пазар. Тие добиваат сувенционирана струја која е пониска од берзанската.

„Секој киловат час заштеда електрична енергија значи заштеда на нашиот буџет . Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа. Сега е време на штедење и тоа штедиме за да имаме електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.

Утре во Собранието треба да се одржи седница на која се предвидени пратенички прашања. Премиерот апелираше со пратениците првин да се изгласаат законите за пари од ЕБРД за справување со кризата, потоа Законот за нафта и нафтени деривати и да се усвои предлогот за продолжување на кризната состојба во енергетиката.

Во Собранието денеска заврши комисиската расправа за продолжување на кризната состојба во енергетиката. Предлогот е таа да се продолжи и во следните шест месеци, односно до крајот на април следната година.

Ковачевски рече дека се водат преговори за набавка на гас од Србија по пониски цени од берзанските. Во однос на неизвесноста дали Србија смее да го продава тој гас што по пониски цени го набавува од Русија, Ковачевски рече дека договорот сè уште не е готов, зашто Србија проверува што смее да прави. Ковачевски вели дека не се работи за купопродажба на гас од Србија, туку за размена на гас за електрична енергија која ќе се произведе во Македонија. Односно Македонија ќе го плати тој гас со струја.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги понуди контактите кои ги има тој и неговата партија преку кои би можело да се набават енергенси за производство на струја, но и струја за да се обезбеди непречено максимално производство на домашните капацитети. Со тоа би се обезбедиле поевтина струја за бизнисот и би се заштедиле пари во буџетот. Мицкоски рече дека на тој начин може да се обезбеди струја за индустријата двојно поевтина од берзанската. Мицкоски тврди дека може да се обезбеди доволно мазут за потребите на ТЕЦ Неготино и гас за ТЕ-ТО кои потоа дел од струјата би му ја продавале на бизнисот.

Премиерот за енергетскиот план на Мицкоски вели дека опозицискиот лидер направил добар сублимат од тоа што премиерот и владиниот економски тим го кажуваат на прес-конференции.

По пресот на Ковачевски од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека „жалат што Ковачевски не смогна сили да се надмине себе си и не ја прифати понуда на Мицкоски за поевтина струја за половина од актуелната цена и да го обезбеди бизнис секторот заштитувајќи го стандардот на граѓаните и зачувувањето ма работни места“.

Од партијата му замерија на премирот што, како што велат, пратеничките прашања ги условува со седница за договор за нов заем.

Србија ќе ни дава гас, а ние на нив струја

Македонија може да набави гас од Србија по цени три до четири пати пониски од берзанските доколку се потпише договор со соседната земја, рече вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој вели дека земјава преговара со „Србија гас“, а не со „Газпром“. Министерот во „Топ тема“ на Телма рече дека Договорот за снабдување со природен гас го има српската страна и како тоа технички ќе се спроведе е нивна работа. Работа на нашата држава е да овозможи законски и технички услови, соодветни прописи и регулативи, додава Бектеши.

За возврат Македонија ќе и излезе во пресрет на Србија за струја, односно ќе го снабдуваме соседот по попристојна цена, како што тече Бектеши.

Земјава троши околу 300 милиони нормални метри кубни годишно природен гас, а Србија тоа може да и го обезбеди на Македонија.

Меѓу Македонија и Србија нема гасовод. Најголем дел од гасот што го има е увезен од Русија. Србија и Русија во јуни потпишаа тригодишен договор за набавка на гас по далеку пониски цени од тие што е на берза.

Претходно денеска Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот изјави дека со Србија се договара набавка за гас.

Пред десет дена претседателот на Србија Александар Вучиќ објави дека се разговара за испорака на гас во Северна Македонија во замена за електрична енергија. Дел од струјата ќе биде вратена назад во Србија, рече Андонов и најави дека точните количини и цени ќе бидат објавени откако ќе биде постигнат договор.

Државата, како што појасни, ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија.

„Ние ќе ја платиме количината на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив и кои ќе бидат излезни во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните“, информираше Андонов.

Тој потсети дека министерот за економија Крешник Бектеши во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потре бните количини за индустријата.




Гужви на руско-грузиската граница, Северна Осетија го ограничи влезот на автомобили

Контролниот пункт Горен Ларс на руско-грузиската граница.

Северна Осетија воведе ограничувања за автомобилите што пристигнуваат од други делови на Русија, откако егзодусот на возрасни мажи кои се воено способни резултираше со долга колона возила на оддалечениот граничен премин со Грузија.

Северна Осетија е автономна република во составот на Руската федерација и граничи со Грузија.

Сергеј Мењаило, гувернер на Северна Осетија, на 28 септември рече дека ограничувањата се воведени во рускиот регион Северен Кавказ бидејќи нема да може да се обезбеди ред и безбедност доколку колоната продолжи да расте.

„Ограничувањата се однесуваат на граѓаните кои се регистрирани во војската не само во Северна Осетија, но и граѓаните во други региони на земјата“, напиша Мењаило на социјалната мрежа Телеграм откако ги воведе ограничувањата со декрет.

Мењаило одлуката за ограничување на влезот ја нарече „присилна мерка“ поврзана со „огромната количина транзитен сообраќај“ и редицата долга многу километри на контролниот пункт Горен Ларс на руско-грузиската граница.

Исклучок ќе биде направен само за жителите на Северна Осетија, грузискиот отцепен регион Јужна Осетија и Грузија, и туристите кои ги имаат потребните документи.

Мобилните оперативни групи веќе работат на влезовите во Северна Осетија и на влезот во контролниот пункт Горен Ларс за да проверат дали оние што влегуваат подлежат на регрутирање.

Претставниците на воените канцеларии за регистрација и упис во оперативните групи имаат општи списоци на регрути од Министерството за одбрана, рече Мењаило.

Властите на Северна Осетија на 27 септември објавија дека е создадена привремена канцеларија која издава нацрт-документи на резервистите кои се обидуваат да ја напуштат Русија, пркосејќи на наредбата за мобилизација.

Десетици илјади мажи, воено способни, ја напуштаат Русија откако претседателот Владимир Путин минатата недела објави делумна воена мобилизација. Грузија е една од најпопуларните дестинации, оти во државата им е дозволено на Русите да останат без виза до една година. ,

Нема директни летови меѓу Русија и Грузија, а преминот Горен Ларс, кој минува низ оддалечен планински премин, е единствениот оперативен премин меѓу нив.

Гужвата кај Горен Ларс на 28 септември се протегаше на повеќе од 20 километри. Луѓе чекаат и по два дена за да преминат граница.

На 27 септември грузиското Министерство за внатрешни работи објави дека бројот на камиони и автомобили кои чекаат да ја преминат границата пораснал на 5.500.

Како одговор на огромниот сообраќаен метеж, на руските граѓани им беше дозволено пеш да ја преминат границата кај Горен Ларс и покрај тоа што граничниот премин не е наменет за тоа.

Пред Путин да ја објави воената мобилизација околу 5.000 до 6.000 руски граѓани секојдневно преминувале во Грузија преку Горен Ларс. Сега дневниот прилив на Руси е околу двапати повеќе, изјави грузискиот министер за внатрешни работи Вахтанг Гомелаури. Грузија не планира да воведе ограничувања за Русите.

Грузиските власти на 28 септември ги осудија и таканаречените референдуми што се одржаа на четири територии во Украина, окупирани од Русија.

Бектеши и од МПЦ побара помош за штедење струја

Министерот за економија Крешник Бектеши се сретна со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, на која разговараа за енергетската криза.

Верниците повеќе да штедат струја побара денеска министерот за економија Крешник Бектеши и од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ- ОА), г.г. Стефан.

На 19 септември Бектеши се сретна и со поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) за да разговараат за кризата и да побара помош за верниците да штедат струја.

„За нас е важна поддршката од верските заедници во државата со цел да се подигне свеста кај граѓаните во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг од електрична енергија, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани“, кажа министерот Бектеши.

Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната седмица, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за потребата од штедење.

Во земјава на крајот од месецот истекува кризната состојба во енергетиката. Во тек е собраниска процедура таа да се продолжи за уште шест месеци, до крајот на април следната година.

Европскиот парламент ќе побара суспензија на пристапните преговори со Србија поради Русија

Знамиња на ЕУ и на Србија

Европскиот парламент ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија.
Ова се наведува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, во кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.

Во нацртот извештајот европратениците вклучија и финансиска условеност.
Понатамошната финансиска поддршка за Србија, како што се наведува во текстот, би била условена од односот на Белград кон Москва, но и со напредокот во демократијата, владеењето на правото и „прифаќањето на вредностите и приоритетите на ЕУ“.

Пратениците на Европскиот парламент ќе расправаат за нацрт-извештајот на Комитетот за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацртот ќе биде во форма на резолуција на Европскиот парламент, на гласање што се очекува во ноември.

Резолуциите на Европскиот парламент не се правно обврзувачки за земјите-членки или за другите европски институции.

Европските социјалдемократи, втората по големина група во Европскиот парламент, веќе најавија дека сметаат дека ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија.

Од почетокот на војната во Украина, ЕУ редовно бара од Србија да воведе санкции кон Русија во согласност со одлуките на Унијата.

Земјите кандидати за членство во ЕУ треба постепено да ги усогласуваат своите надворешни политики со оние на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите.

Србија е единствената земја во регионот која не воведе санкции кон Русија, додека другите земји од Западен Балкан ја усогласија целата своја политика со политиката на ЕУ.

Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“

Поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во судница за случајот „Софтвер“

Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири сведочеше денеска на судењето за случајот „Софтвери“, каде првообвинет е неговиот претходник на местото ген-сек на Влада, Драги Рашковски.

Зеќири, кој и самиот е обвинет, но за друго дело, денеска во својство на сведок рече дека кога дошол на таа функција не бил запознаен со двата софтвери, едниот за сообраќајни прекршоци, а другиот за биометриска идентификација, за кои Рашковски е првообвинет.

Тој вели дека не видел владина одлука за набавка на софтвери, а откако Рашковски се повлече од функцијата направил и вонреден попис.

„Набавка на компјутерски софтвер за друга институција се прави по барање на таа институција. Се носи одлука на Влада за набавката и следи предавање на опремата на институцијата“, рече Зеќири во судница.

Тој додава дека додека бил на функцијата софтверот не бил пуштен во употреба.

На денешното рочиште сведочеше и Горан Трајковски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци. Тој сведочеше дека Дирекцијата пратила укажување до Генералниот секретаријат на Владата, кога на функцијата бил Драги Рашковски, за да се внимава да не се прекрши Законот за заштита на лични податоци пред набавката на софтверот за биометриска идентификација.

Освен за софтверот за биометриска идентификација и за нелегална набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, Рашковси се товари и за исплата на хонорари.

Во истиот случај обвинети се и Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Јавната обвинителка Ивана Трајчева рече дека исказот на Зеќири ја потврдува вината на Рашковски.

И за Зеќири кој го наследи Рашковски на функција генерален секретар на Владата, обвинителството потоа отвори истрага, но за сомнителни јавни набавки. Зеќири сега се наоѓа во домашен притвор.

ЕУ подготвува нови санкции „за да го натераат Кремљ да плати“

УКРАИНА - Претседателот на Украина Володимир Зеленски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Киев, 15 септември 2022 година

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи нов сет санкции за Русија. Ваквата најава следи по таканаречените референдуми во четири украински региони за приклучување кон Русија, што од страна на Западот и Обединетите нации беше наречено измама, оти се незаконски според меѓународното право.

Фон дер Лајен го предложи новиот пакет санкции на 28 септември, велејќи дека тие се дизајнирани „да го натераат Кремљ да плати“ за ескалацијата на конфликтот во Украина.

„Не прифаќаме лажни референдуми, ниту каков било вид анексија во Украина и решени сме да го натераме Кремљ да ја плати цената за оваа понатамошна ескалација“, изјави таа за новинарите во Брисел.

Предложениот осми пакет санкции вклучува дополнителни забрани за увоз на руски производи кои треба да ја лишат Москва од дополнителни 7 милијарди евра приходи.

Новите санкции вклучуваат поголема забрана за извоз на технологија што ја користи војската, како што се авионски производи, електронски компоненти и специфични хемиски супстанции“, рече фон дер Лајен.

„Покрај тоа, пакетот санкции ќе постави правна основа за ограничување на цената на нафтата и ќе забрани државјани на ЕУ да бидат во управни тела на руските државни компании“, рече таа.

Со новите санкции ќе бидат опфатени и службениците одговорни за таканаречните референдуми.

Предлогот на Фон дел Лајен за нов пакет санкции сега ќе оди на одобрување до 27-те земји-членки на ЕУ. Тие ќе мора да ги надминат разликите за да се постигне потребната едногласност.

Новите директори на скопските јавни претпријатија ќе треба да штедат и да се справат со „неработниците“

Македонија - Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје

Јавните претпријатија кои се под Град Скопји добија вршители на должноста директор, соопштија од Град Скопје.

Претходно директорките места на неколку јавни претпријатија во Град Скопје за останаа празни, откако директорите си поднесоа оставки. Оставките уследија откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска отпушти двајца в.д функционери, директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод“ Златко Пирински и генералниот секретар на Град Скопје Ѓоко Велковски. Разрешените директори и дел од тие кои потоа си дадоа оставки се кадар од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорите во оставките посочија на лоша соработка со градоначалничката и немањето на слух од нејзина страна за проектите.

Отказите и оставките следуваат по несогласувањата меѓу градоначалничката и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која и ја даде поддршката на Арсовска за време на локалните избори.

„Со ЈП Лајка назначена е да раководи Радмила Пешева, со ЈП Улици и патишта Саид Саид. На в.д директорската позиција во ЈП Паркинг назначен е Крсте Петревски, во ЈП Паркови и зеленила Реџепи Зухејр, а на ЈП Дрисла назначен е Александар Кузинаков. Во ЈП Комунална Хигиена продолжуваат со раководство Косана Мазнева, со ЈСП Александар Стојковски и ЈП Водовод Марјан Митевски“, стои во соопштението од Град Скопје.

Од Град Скопје велат дека новите в.д. директори ќе имаат обврска и одговорност во следните шест месеци да ги спроведат неопходните реформи за да се консолидираат претпијатијата за да може да се справат со економската и енергетската криза.

Тие ќе треба да штедат, да намалат трошоци и да не дозволат луѓе кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства, наведува Град Скопје.

Кризната состојба во енергетиката помина на собраниска комисија

Во собраниската Комисија за одбрана и безбедност заврши расправата за продолжување на кризната состојба во енергетиката на територија на цела држава и за кризната состојба во Град Скопје заради недостиг на парно.

Предлозите за кризна состојба понатаму се испратени во собраниската Законодавно-правна Комисија.

Штом предлог одлуките за продолжување на кризната состојба во енергетиката го поминат комисискиот филтер, треба да се стават на Пленарна седница за да може пратениците да ги гласаат.

Доколку гласањето биде успешно ќе се овозможи шестмесечно продолжување на кризната состојба, од 1 октомври до 30 април 2023.

Сегашната кризна состојба во енергетиката истекува на крајот на овој месец.

Прогласена е кризна состојба оти цените на енергенсите на светските берзи уриваат рекорди, а поради војната на Русија во Украина нарушен е пазарот на снабдување со гас.

Нови 96 случаи на ковид-19 и пријавени тројца починати

Архивска фотографија - Ковид амбуланта во Скопје

Во последните 24 часа регистрирани се 96 нови случаи на ковид-19 од направени 729 тестови, соопшти Министерството за здравство.

Од вкупниот број на позитивни (96), регистрирани се 19 реинфекции.

Во Скопје има 55 нови случаи, Битола – 10, Куманово – 8, Тетово – 6, Прилеп – 4, Кавадарци, Велес, Охрид, Штип и Крива Паланка – по 2, Неготино, Радовиш и Богданци – по 1.

Регистрирани сe 37 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирано е едно починато лице од Прилеп (69г), починато во болнички услови. Има уште двајца починати од Регистарот на Мој термин за починати од ковид.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 342.775, бројот на оздравени пациенти е 332.806, на починати е 9.534 а бројот на активни случаи изнесува 435.

Мицкоски прво го поддржа, а сега сака да го види пред да го коментира предлогот за референдум на Левица

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, сака прво да ја види иницијативата за референдум на партијата Левица, па потоа ќе коментираа.

„Нека дојде во Парламент, па ќе коментираме“, рече Мицкоски, кој денеска беше на средба со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.

Мицкоски на 16 септември во изјава за медиумите при посета на Штип најави поддршка на иницијативата на Левица за референдум за поништување на Договорот со Бугарија.

„Секоја иницијатива, којашто е во насока на тоа што ние го бараме, ќе ја поддржиме“, изјави тогаш Мицкоски.

Левица најави нова иницијатива за референдум, откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли претходната поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија.

Левица, која има двајца пратеници во Парламентот, денеска поднесе предлог за распишување референдум до Државната изборна комисија.

Референдумско прашање е „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“.

И од владејачката партија СДСМ сакат прво да го разгледаат предлогот на Левица, па да го кажат ставот.

Северна Кореја истрела две балистички ракети пред посетата на Камала Харис на Јужна Кореја

Северна Кореја истрела две балистички ракети

Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел крај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска. До ова доаѓа само еден ден пред да пристигне во Сеул потпретседателката на САД, Камала Харис. По посетата во Јапонија, Харис утре треба да пристигне во главниот град на Јужна Кореја и да ја посети силно утврдената демилитаризирана зона меѓу двете Кореи. Лансирањето се случи два дена откако Јужна Кореја и американските сили започнаа воена вежба во водите во близина на источниот брег на Југот, во која учествува и американски носач на авиони.

САД и Јужна Кореја започнаа заеднички поморски вежби

Во неделата, Северна Кореја истрела уште една балистичка ракета кон морето во близина на нејзиниот источен брег. Во говорот неколку часа претходно на разурнувачот УСС Хауард во јапонскиот град Јокосука, Харис рече дека лансирањето ја загрозува регионалната стабилност и крши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН. Од 2006 година, Северна Кореја е предмет на санкции на ОН, кои Советот за безбедност постојано и едногласно ги засилува во текот на годините за да го прекине финансирањето на нејзините програми за нуклеарно оружје и балистички ракети. Северна Кореја ги отфрла резолуциите на ОН како прекршување на нејзиното суверено право на самоодбрана и истражување на вселената.

НАТО и ЕУ предупредуваат на опасност по виталната инфраструктура по „саботажата“ на гасоводот

една од платформите на „Северен тек“ на Балтичкото море

НАТО и Европската унија денеска ја истакнаа потребата да се заштити критичната инфраструктура по, како што ги нарекоа актите на „саботажа“ на гасоводите „Северен тек“, а Брисел предупреди на „силен и обединет одговор“ доколку има повеќе напади. Додека гасот продолжи да истекува во Балтичкото Море, не е јасно кој би можел да стои зад истекувањата или каква било лоша игра, доколку се докаже, на гасоводите Северен тек за кои Русија и европските партнери потрошија милијарди долари.

ЕУ: истекувањето на гасоводот „Северен тек“ е „намерен чин“

Гасоводите пукнаа на неколку локации во ексклузивните економски зони на Данска и Шведска, додека ниту една од нив не беше во функција во услови на енергетски ќор-сокак меѓу Русија и Европа. Русија, која ја намали испораката на гас во Европа откако Западот воведе санкции поради инвазијата на Москва на Украина, исто така рече дека саботажата е можност и дека истекувањето ја поткопува енергетската безбедност на континентот. Кремљ денеска оцени дека тврдењата дека Русија некако стои зад нападите се глупави и дека Москва забележала нагло зголемување на профитот на американските компании кои снабдуваат гас во Европа. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека разговарал за „саботажата“ на гасоводите на состанокот со данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков во Брисел. ЕУ, во меѓувреме, издаде силно предупредување до секој што се обидува да ги нападне енергетските столбови на Унијата. „Секое намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура е крајно неприфатливо и ќе биде проследено со силен и обединет одговор“, подвлече во изјавата шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, повторувајќи го предупредувањето на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Полска е за конвенционален напад на НАТО доколку Русија употреби нуклеарно оружје во Украина

полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау

НАТО треба да одговори на можната употреба на руското нуклеарно оружје во Украина со конвенционален, но деструктивен напад, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во интервју за американската телевизија NBC News. „Претседателот на Русија Владимир Путин се заканува со употреба на тактичко нуклеарно оружје на територијата на Украина и не го напаѓа НАТО, што значи дека НАТО е должен да одговори на конвенционален начин, но на таков начин што одговорот ќе биде поразителен и мислам дека ова е сигналот што НАТО сега го испраќа во Русија“, рече Рау. Шефот на полската дипломатија ја означи мобилизацијата во Русија како доказ дека Путин доживува пораз во војната и дека со испраќање необучени и слабо опремени регрути на фронтот, нема да го промени нејзиниот курс.

Столтенберг - Говорот на Путин покажува дека војната не оди според планот

Полскиот министер, исто така, предупреди дека дефектот на двата руско-германски гасоводи во Балтичкото Море во близина на данските територијални води, Северен тек 1 и 2, може да биде саботажа со цел да се исплашат земјите на брегот на Балтикот, бидејќи сите освен Русија се членки или ќе бидат примени во НАТО.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG