Достапни линкови

Не запира изградбата на Панорамското тркало


Малкумина работниците сè уште на терен работат на изградбата на Панорамското тркало. Ниту петицијата на граѓани, која беше поднесена до Градот Скопје, ниту одлуката на Општина Центар, не успеа да ја сопре изградбата на овој контроверзен проект. Новата влада сè уште не покажала интерес за ова прашање.

Да се изгради Панорамското тркало или не? - прашање е сега. Одговор од надлежните нема, иако на терен се забележува дека неколку работници изведуваат дел од активностите.

Правните механизми да се спречи изградбата очигледно не се ставени во погон. Од една страна советниците во Општина Центар пред неколку месеци изгласаа поништување на деталниот урбанистички план Мал Ринг, по што би требало да бидат сопрени сите градежни активности на објекти во спорните делови на општината. Тука спаѓаат Панорамското тркало и Шпанските скали.

Никој не ја сопре изградбата на Панорамското тркало
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Аналитичарите од одделот за урбанизам велат дека доколку новата влада сака да го сопре или пренамени овој проект може тоа да го стори преку Министерството за транспорт и врски, кое е надлежно за издавање на одобрение за градба како и преку градежната инспекција која би требало да делува при сопирање на градежните активности поради поништен детален урбанистички план. Но додаваат дека спорните ќе бидат пеналите кон компаниите кои веќе со претходната власт потпишале договори за изведба на овој проект.

Граѓаните кои што ги анкетиравме се поделени околу прашањето што треба да се прави со овој проект и дали треба да се потрошат 20 милиони евра за негова доградба.

„Не требаше да се почне да се гради, меѓутоа кога е веќе почнато, треба да се догради, парите сега се фрлени во Вардар. Ако не го изградат, пропаст е за државата, тие пак ќе ги земат од нас парите, да не ги копа владата парите случајно, не, ќе ни удрат некој данок и тоа е.“

„Штом се почнало нека се заврши, не е лошо. Погледнете во другите држави како е. Кога ќе поминуваме со деца со внучиња да имаме каде да седнеме.“

„Мислам дека треба да престане и да се пренаменат парите, има многу побитни работи во земјава во кои треба да се инвестира“, велат анкетираните граѓани.

Но, експертите се со дециден став, Панорамското тркало не треба да се гради.

Претседателката на Центарот за културно наследство Донка Барџиева Трајковска смета дека градот со самиот контроверзен проект Скопје 2014 ја загуби својата визура.

„Панорамското тркало, со галиите, и сè што е таму поставено и сето она друго што е поставено, го нагрдува до крај градот, и тој простор го згуснува уште повеќе со објекти кои се со сомнителен квалитет. Веќе коритото на Вардар и самата функција на реката е пореметена. Секој град што е поставен на река е на некој начин благословен, затоа што овозможува струење на ветришта и поинаква микроклима на самиот град“, објаснува таа.

Инвеститори на овој проект кој ќе треба да чини околу 20 милиони евра се ЈСП Скопје и Град Скопје. Само што, ЈСП не учествува во овој проект со свои пари, туку со донации од други владини институции, односно од буџетот. Така што во 2014 година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) одлучи да му донира еден милион евра на ЈСП-Скопје како помош при изградбата. Потоа, според финасиските извештаи тоа го стори и во наредните две години. Па во 2015 година, пак, АЕК извадила од својата сметка 4,5 милиони евра и според извештајот, тие пари биле дадени како донација на ЈСП за Панорамското тркало, а дел, без да се наведе колку, биле издвоени и за Специјалната олимпијада.

Во текот на 2016 АЕК донирала над 3 милиони евра. Парите биле потрошени за изградба на Панорамското тркало, Зоолошката градина, имало донации за МТВ, Општина Гази Баба и Велосипедската федерација, покажува мониторингот на невладината организација „Евротинк“.

Првичните проценки беа дека Панорамското тркало ќе чини 12 милиони евра, но тоа, уште неизградено, според склучените договори, веќе чини над 18 милиони евра. Рокот за изградба е пет години. Панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од 750 килограми, односно просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од кабините.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG