Достапни линкови

Црвени врвки, црна реалност, поделено општество


Во Скопје милионско панорамско тркало, а помалите општини немаат канализација, вода за пиење, патишта, се жалат читателите. И замеруваат на опозицијата што ја нема. Интервјуто на Бени исто така привлекло многу коментари.

Панорамско тркало да или не, е прашањето поставено во нашиот Хајд парк кое ве предизвикало, почитувани, на коментари што заслужуваат да бидат објавени и во денешниов преглед на „Светот на интернет“.

Да се прашаат граѓаните како преживуваат со 9.000 ден., а власта да се прошета по „провинциските“ улици да видат „шубај“ се, па да видат како сите „стари“ фабрики не работат, а кога ќе ја „купи“ странец вади пари ко луда.
Коментар на читател.

Најновите коментари потсетуваат што сè нема од инфраструктурата во нашите помали градови и населени места, па милионските суми евра наместо на Тркалото да бидат потрошени на тоа. Филип од општина Босилово, на пример, информира дека во неговата општина во ниедно населено место нема канализација. Алекса предлага да се прашаат граѓаните како преживуваат со 9.000 ден., а власта да се прошета по „провинциските“ улици да видат „шубај“ се, па да видат како сите „стари“ фабрики не работат, а кога ќе ја „купи“ странец вади пари ко луда. А Ванчо го кани премиерот да прошета низ виничките рурални места па да види како народот страда за една капка вода на +43 степени и однапред му се заблагодарува ако го прочита неговиот коментар и го посети тој крај. И на Куманово му треба вода, пишува Дан1 од тој град. Асан само забележал: „Е, мојата чудесна земја...“, веројатно инспириран од владината реклама што оди по телевизиите.

По изјавата на Заев дека СДСМ нема да биде пандан на Груевски и популистичката кампања на неговата партија, Ситизен ѝ забележува на опозицијата што не ја гледа во вестите, а „се отвораат згради во патики со црвени врвци, кружен тек овде, најава за болница онде...

Август е, нема многу настани, па сè што се случува станува вест во медиумите, ама сè.

Врвците може и да се пинк, важно ги видовме во акција. Туку, да прашам нешто, опозицијава „шу праи“? Ветувам, јас ќе им купам црвени врвци, само да ги видам нивните патики... Слатко лето опозициско.
Коментар на читател.

„Врвците може и да се пинк, важно ги видовме во акција. Туку, да прашам нешто, опозицијава „шу праи„? Ветувам, јас ќе им купам црвени врвци, само да ги видам нивните патики... Слатко лето опозициско“, напишал Ситизен од Скопје.

Интересно е што по интервјуто на музичарот Бени Шакири за Радио Слободна Европа на нашата Фејсбук страница има „милион коментари“, како што напишал еден од фановите. Текстовите се различни, позитивни, со пофалби, но и полни со омраза, верска, меѓучовечка... Можеби коментарот на Вели Абдиу најсликовито ја кажува состојбата на нашите умови: „Една изјава на Бени, милион коментари. Е тоа ни е народот, па си се навредуваме меѓу себе, едни Шиптари, другите каури, третите Цигани... Жалам што ќе кажам, брука сме сите ние, не заслужуваме ништо... “

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG