Достапни линкови

Трнливиот пат до освојување на власта


Се чини дека кризата во Македонија започна со ифрлањето на новинарите и пратениците од опозицијата на 24 декември 2012, па преку низата протести, „бомби“ и Шарената револуција, кулминираше со тепањето на пратениците во Собранието на 27 април.

Почесто кризи, отколку стабилност и спокој. Во јавноста останува впечатокот дека последните неколку години Македонија не излегла од криза. Во колективната меморија на народот останува врежан 24 декември 2012 година, кога на собраниската расправа за буџетот беа исфрлени најпрвин новинарите, а потоа и пратениците на опозицијата од собраниската сала, по што беше донесен буџетот за 2013 година. Веднаш потоа пратеничката група на СДСМ го напушти Собранието и не учествуваше во неговата работа. Уште тогаш опозицијата ги објави своите услови за учество на локалните избори, односно бараше истовремено со општинските, во март да се избира и централна власт.

Потоа следуваа протести, собири, распишување на изборите за 24 март па средби меѓу претставници на власта и опозицијата. Со помош на меѓународниот фактор на 1 март беше беше постигнат договор за одржување локални избори, на кои ќе учествува и опозицијата. Според договореното, пратениците од опозицијата ќе се вратат во парламентот, а ќе биде формирана и комисија за расчистување на настаните од 24 декември. Локалните избори се одржаа кон крајот на март и почетокот на април, а победата ја однесе владејачката коалиција.

Студентски протести и бојкот на опозицијата во Собранието

Редовни претседателски и вонредни парламентарни избори, бојкот на парламентот од страна на опозицијата, неколку отворени и најавени афери и бомби, протести поради пресудите во случајот Монструм, протести на студентите и професорите поради предложените измени во Законот за високо образование, беа настаните по кои ќе ја памтиме 2014 година.

Судска одлука која имаше голем одек во јавноста и беше причина за големо незадоволство кај Албанците во Македонија и за неколку протести е пресудата за случајот Монструм. Имено, кон крајот на јуни судот осуди шестмина обвинети на казна доживотен затвор поради убиството на пет лица во близина на Смиљковското Езеро кај Скопје во април 2012 година. Неколку дена потоа, неколку илјади Албанци излегоа на демонстрации низ улиците на Скопје. Тие сметаа дека осудените луѓе не се виновни за петкратното убиство. Демонстрациите прераснаа во големи насилства и судири со полицијата, а имаше доста повредени полицајци и уапсени демонстранти, кои потоа беа осудени на казни затвор до неколку години.

Следното поголемо собирање на граѓани се случи на 17 ноември, кога беше одржан студентски марш во знак на протест поради најавениот пакет измени на Законот за високо образование, а особено поради планот на владата за воведување екстерно тестирање, кое подоцна еволуираше во државен испит за сите студенти. Откако владата го игнорираше ставот на студентите, беа одржани уште неколку протести на кои беше изразен револтот од законските измени.

2015 - Година на бомби и Пржински договори

Особено впечатлива година е следната 2015 година, чиј „заштитен знак“ станаа таканаречените „бомби“ на тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев. На 9 февруари беше објавена првата „бомба“. Заев на прес конференција објави дека над 20 илјади граѓани биле прислушувани, меѓу кои опозицијата, министри во владата, парламентарци, ДУИ, ДПА и обични граѓани. Опозицијата објавуваше и обвинуваше за корупција, местење судии и обвинители, контрола врз медиуми, прикривање на убиства. Власта одвреме навреме демантираше, велејќи дека материјалите се сечени, лепени, креирани и оти зад нив стои странска разузнавачка служба. За време на неколкумесечното објавување на „бомбите“, се организираа протести на кои се бараше оставка од власта. На 17 мај беше одржан голем митинг на кој претставници на опозицијата и на невладини организации им се обратија на неколкуте десетици илјади граѓани и побараа оставка од владата. Ден потоа се случи и митинг за поддршка на владата. Скоро секој протест беше проследен со контрапротест.

2016 - Шарена револуција и неизвесни избори

Речиси целата 2016 година беше прошарана со протести и контра-протести. Највпечатливи беа протестите на Шарената револуција во кои демонстрантите бараа оставки од петте уставни судии кои ја изгласаа иницијативата со која се разгледува можноста за зголемување на ингеренциите на претседателот со кои ќе може да помилува осуденици за изборен криминал. И покрај револтот и протестите, во средината на март судот ја донесе оваа одлука со која се прекинуваат сите кривични постапки против политичарите кои се поврзани со политичката криза и аферата за прислушување. Како што рече, со оваа одлука се става крај на политичката криза. По притисокот на домашната и меѓународната јавност, подоцна претседателот Иванов ја повлече одлуката за аболиција.

За време на политичката криза, неколку пати беа организирани т.н. лидерски средби, главно на иницијатива на меѓународни претставници. Прво конкретно придвижување имаше на 2 јуни, кога лидерите беа собрани во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино. Конечно, на 15 јули лидерите се согласија опозицијата да се врати во Парламентот, да се избере нова влада и да се одржат предвремени избори, опозицијата да назначи министри и заменици во неколку министерства, да се формира специјално обвинителство кое ќе биде надлежно за обвиненијата од опозицијата по објавените „бомби“. Од позначајните одредби од договорот, до тогаш единствено беше испочитувано враќањето на опозицијата во парламентот, што се случи на 1 септември и изборот на Катица Јанева за специјална обвинителка. Согласно со договорот од Пржино, премиерот Никола Груевски поднесе оставка на функцијата, на 100 дена пред закажаниот термин за избори, 24 април. Беше избрана преодна влада на чело со Емил Димитриев, чија задача беше да подготви терен за одржување предвремени избори. Иако власта убедуваше дека сè е подготвено, сепак, опозицијата тврдеше дека услови за фер избори нема. Вториот обид за избори да биде на 5 јуни. Следуваше тензичен и напнат период, се разбира и интензивирани активности на странските претставници, а конечен договор падна на 31 август кога беше констатирано дека има услови за одржување избори на 11 декември. Сите се прогласија за победници, иако ВМРО-ДПМНЕ освои два пратеника повеќе од СДСМ.

Крвавиот четврток и падот на власта

Последните неколку месеци од годинава поминаа во обидот да се обезбеди потребното парламентарно мнозинство. По неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да се договори со ДУИ, стартуваа преговори на СДСМ со партиите од албанскиот блок, но и покрај мнозинството кое беше обезбедено претседателот Иванов одбиваше да му го даде мандатот на како што велеше човек или партија кој во својата програма има платформа за рушење на државотворноста и унитарноста на државата. Последните три месеци беа и во знакот на протестите на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, кои бараа отфрлање на Тиранската платформа, а подоцна не го признаваа и изборот на новиот претседател на Собранието Талат Џафери. Денот кога тој беше избран за спикер, со качулки на главите, дел од демонстрантите влегоа насилно во прес-салата на Собранието и ги нападнаа пратениците од опозицијата.

Она што според дел од експертите бил клучен момент за падот на власта се прислушуваните разговори по што како што велат, граѓаните станаа свесни за криминалите на сега веќе претходната власт.

„Сите ние сме сведоци на овој тежок период и знаеме дека еден од главните елементи кои оставија белег е тоа што ние како граѓани имавме можнот да ги слушнеме прислушуваните разговори, што имавме доволно аргументи за владеењето на Груевски. Како граѓани се чувствуваме лошо кога слушнавме афери на корупција, криминали и сл. коишто не беа пожелни за никој, а со кои се рушеле фундаменталните вредности на правната држава и нејзините институции, заклучува професорката Беса Кадриу.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG