Достапни линкови

Нема избори, СДСМ ќе бара автентично толкување на аболицијата


Од СДСМ најавија дека деновиве ќе поднесат и иницијатива за автентично толкување на законот за помилување. Претходно Собранието ја поништи одлуката за избори на 5 јуни.

Собранието на денешната седница со 96 гласа за и ниту еден против го донесе Законот за изменување на Изборниот законик со кој се одложуваат предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни, но без конкретен датум кога би се спровеле. На тоа претходеше одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на законитоста за распуштањето на Парламентот и донесе времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Ја уништивте оваа држава. Погазивте и Устав и ред и Собрание и Уставен суд и судови и институции, сè за да не го видите никола Груевски онаму каде што му е местото во затвор и остатокот од таа криминална банда.
Петре Шилегов, СДСМ

Од СДСМ најавија дека деновиве ќе поднесат и иницијатива за автентично толкување на законот за помилување. Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми рече дека Уставниот суд за чудо усвоил вистинска одлука во насока на решавање на кризата. Тој притоа ја повика СДСМ да поднесе иницијатива за укинување на одлуката за аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов оти ДУИ ќе ги поддржи. Притоа тој побара и поддршка за СЈО. На тоа реплицираше пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов дека ДУИ е соучесник на сценариото на ВМРО-ДПМНЕ и нема за што со нив да разговараат. Според него, се што се случува е со цел да се спасат криминалците да не одат во затвор.

„И што направивте ја уништивте оваа држава. Погазивте и Устав и ред и Собрание и Уставен суд и судови и институции, сè за да не го видите никола Груевски онаму каде што му е местото во затвор и остатокот од таа криминална банда“, рече Шилегов.

Адеми го праша Шилегов што всушност сака опозицијата.

„Сакате власт без легитимитет од граѓаните. Сакате избори без конкуренција или, пак, сакате вашата битка со вашиот политички опонент ние да ја добиеме. Е па тој филм нема да го гледате. Е па сега многу барате. Е па сега многу сакате“, рече Адеми.

Се надоврза Томислав Тунтев од СДСМ, кој рече дека страда демократијата и слободата со нивното стравовладение заедно со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Според него, нема повеќе да страда народот и ова се последни грчеви на враќање на Македонија во нормала.

„Петти јуни избори нема да има затоа што нема услови за фер фер регуларни и демократски. Толку е јасно. Толку е гласно и експлицитно, а тоа што го сакате ќе видите кога ќе се создадат условите и кога ќе се одржат изборите“, рече Тунтев.

На што Адеми одговори.

„Ако сте искрени ќе излезевте тука и ќе кажевте на говорница фала ДУИ ни го спасивте образот. Ако бевте искрени Македонија денес немаше да биде демократска и со обиди да биде демократска. Македонија ќе одеше на еднопартиски избори да не беше ДУИ“, рече тој.

Според пратеникот на СДСМ, Горан Сугарески криминалната аболиција е врв на се она што се случува во државата.

„Денес или утре барање за автентично толкување на Законот за помилување ќе биде побарано“, рече тој.

Собранието претходно ги констатираше и оставките на техничките министри од СДСМ, Оливер Спасовски за внатрешни работи и Фросина Ташевска Ременски за труд и социјална политика, по што на нивната функција беа избрани нивните претходници, Митко Чавков и Диме Спасов. Пратениците на опозицијата гласаа против нивниот реизбор. Беа констатирани и оставките на дополнителните заменици министри од опозицијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG