Достапни линкови

Новата влада реформите ги почнува со правосудството


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев ја образложи владината програма пред пратениците

Премиерот Зоран Заев веднаш побара оставка од обвинителот Марко Зврлевски. Аналитичарите сметаат дека реформите во правосудството може да се видат најскоро со неколку клучни политички одлуки.

Новото парламентарно мнозинство ги донесе измените на Изборниот законик со што се овозможи одржување на локалните избори во првата половина на октомври и продолжување на мандатите на градоначалниците. Исто така, донесени се и измените на законите за образование, сите во скратена постапка. Со измените се овозможи укинување на екстерното тестирање кое се спроведуваше од 2013 година.

Премиерот Зоран Заев по полноќ го навести и првиот итен приоритет на новата влада - реформи и промени во правосудството.

„Една од работите поради која не чини правосудството е државниот јавен обвинител и го повикувам да си поднесе оставка“, рече Заев веќе од позиција на премиер.

„На предлог на влада парламентот го разрешува државниот јавен обвинител и на предлог на влада го избира. Од тој аспект апелирам да ги забрза процесите и да си поднесе оставка господинот Марко Зврлевски“, рече Заев.

Вторите два темела што ги најави, економијата и Европската унија и НАТО, се исто така приоритетни, но не може толку брзо да се видат ефектите од нив, како со некои клучни потези во правосудството, оценуваат дел од аналитичарите.

„Тоа е политичка одлука која зависи директно од новата влада и мислам дека тоа најбрзо би го реализирале како приоритет. Затоа, мислам дека најбрзо за очекување се промените во правосудниот систем“, вели Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

Премиерот покрај ова најави и реизбор на судството, според познати европски пракси и формирање специјално судско одделение во Основниот суд Скопје 1 во чија надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство.

Во однос на економијата,пак, рече дека нивната цел е просечна стапка на раст на економијата повисока од пет проценти во периодот на мандатот, зголемување на минималната и просечната плата, поддршка на домашните мали и средни претпријатија и други мерки.

За ЕУ и НАТО Заев спомена дека преземаат обврска целосно да ги имплементираат Итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе. Во најкраток можен рок тој вети почеток на преговори со Европската унија и членство во НАТО. „За резултатите и ефектите од некои од мерките во овие области може ќе треба време“, вели Гаџовски кој сугерира дека клучна треба да остане и економијата.

„Во тој однос еден од најбитните приоритети е да се овозможи непречено функционирање на стопанството и да се врати економијата во полн ек“, додава тој.

Екстерното и локалните избори, пак, се први во собранието поради итноста да се продолжи мандатот на градоначалниците и советите и да се укине тестирањето кое требаше да почне од следниот викенд.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG