Достапни линкови

Петкратно убиство, апели за воздржаност и темелна истрага


Околу 30 луѓе се повикани на разговор во полиција како дел од истрагата за синиќешното петкратно убиство. Зголемено полициско присуство низ Скопје ќе има и за време на празниците, соопшти МВР.

Околу 30 луѓе се повикани на разговор во полиција како дел од истрагата за синиќешното петкратно убиство во скопското село Смиљковци. Рибари од соседното село Црешево синоќа ги пронашле телата на четири момчиња, жители на скопските населби Бутел и Радишани и на еден човек на возраст од 45 години од селото Црешево. Покрај телата на убиените, полицијата нашла поголем број на чаури.
Ние имаме првични информации околу оваа околност во која е извршено убиството, меѓутоа со оглед на тоа што постапуваме, со оглед на тоа што се работи за истрага што уште трае, цениме дека во оваа фаза на истрагата премногу детални информации на таа тема, би можеле да и наштетат на истрагата. Затоа би сакала да апелирам до медиумите за трпение, затоа што мораме да бидеме умерени со инфомациите кои ги објавувме во јавноста, бидејќи сторителот или сторителите се се уште на слобода.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

„Ние имаме првични информации околу оваа околност во која е извршено убиството, меѓутоа со оглед на тоа што постапуваме, со оглед на тоа што се работи за истрага што уште трае, цениме дека во оваа фаза на истрагата премногу детални информации на таа тема, би можеле да и наштетат на истрагата. Затоа би сакала да апелирам до медиумите за трпение, затоа што мораме да бидеме умерени со инфомациите кои ги објавувме во јавноста, бидејќи сторителот или сторителите се се уште на слобода“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Телото на 45-годишниот рибар било понајдено малку понастрана од телата на четирите момчиња. Братот на убиениот рибар изјави дека се сомнева оти тој бил убиен затоа што бил сведок на убиствата.

„Тој е случаен минувач, тој е случаен минувач, значи тој застанал да ги види, што е проблемот. Слушнал пукање и застанал човекот да помогне и најверојатно, по мое мислење, тој е убиен како сведок тука, на лице место.“

Синоќешните убиства внесоа гнев и страв кај жителите на Радишани и Црешево кои излегоа на протестити. На неколку места беа блокирани локалните патишта и обиколницата во близина на местото каде што се случило убиството. Дел од протестите поминаа бурно, група гневни млади момчиња од Радишани својот бес го насочија кон полицијата и кон дел од новинарите кои беа во близина. МВР соопшти дека биле оштетни и пет возила. Жителите на Црешево кои ја бликираа обиколницата беа видно вознемирени и бараа одговор од надлежните.

„Во секој случај е голема трагедија, со страв треба да се движиме тука. Имало и претходно помали инциденти тука, ама ова е трагедија, значи 5 жртви, малолетни деца, досега имавме проблеми со автобуси, па ајде пуштија патроли, ама со патроли не можа вака вечно да траат патролите. Значи учениците не сакаат да одат во школо, студентите, и не можеме ние да ги чекаме децата со страв. До кога вака?“, вели жител на Црешево.

Соседите на убиените момчиња во Радишани затворија една улица со контејнери и запалија свеќи за убиените.

Министерката Јанкулоска побара од сите граѓани кои имаат какви било информации за околностите или за убиените да се обратат во полиција. Таа додаде дека денеска е зголемено полициското присуство на терен и дека така ќе биде и за време на празниците.

„Повикани се сите полициски службеници да се јават на должност и со оглед на тоа што во претстојниве неколку дена се празници каде што вообичаено има јавни собирања ние ќе го зголемиме дополнително присуството на терен онака како што е зголемено и во текот на денешниот ден, се со цел да не дојде до натамошна ескалација на настаните.“

Реакциите главно кон смирување на тензиите и темелна истрага

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во писмена изјава попладнево повика на воздржаност, разумност и одговорност, по убиството на петте лица во близина на скопското село Смиљковци.
„Длабоко сочувствувам со семејствата на трагично загинатите лица. Најостро го осудувам овој грозоморен и злосторнички чин. Барам и очекувам надлежните институции да го расветлат овој случај. Во овие моменти на длабока тага најмалку што е потребно е каква било злоупотреба на овој трагичен настан“, стои во писмената изјава на претседателот Иванов.

Опозицискиот СДСМ изрази загриженост за настаните и упати апел до граѓаните и особено до жителите на местата блиски до несреќата да делуваат во насока на смирување на состојбата на терен и да не дозволат тензиите да ескалираат.

„Истовремено, ги повикуваме соодветните институција да не дозволат понатамошно влошување на состојбата, а МВР го повикуваме итно да ги преземе сите потребни дејства за сторителите што побрзо да се изведат пред лицето на правдата. Брзата реакција на институциите е најдобар начин да се спречи понатамошно влошување на општата безбедносна и политичка состојба“, се вели во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение попладнево изразува длабоко сочувство до семејствата на убиените и апелира до сите поединци и политички партии да не се обидуваат да го злоупотребуваат овој грозоморен настан, како и тоа заеднички, одговорно и свесно да се постапува.

„Истовремено, поради ваквата голема трагедија, изразуваме надеж дека институциите на системот во најкус можен рок ќе ги најдат сторителите на овој брутален чин и ќе ги изнесат пред лицето на правдата. Секое своеволно толкување и обид да се интерпретира овој настан без аргументи е неодговорен чин“, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Блокирани патишта по убиствата во Смиљковци
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00
Синдикатот на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ) апелира до Министерството за внатрешни работи да стори сè да им овозможи на новинарските екипи кои известуваат од случувањата во скопската населба Радишани непречено да ја извршуваат својата работна задача.

„Потсетуваме дека новинарите, снимателите и фоторепортерите се во функција на јавноста и обезбедувањето на нивното работење е обврска што МВР ја има кон граѓаните“, апелира Синдикатот на новинари.

ССНМ потсетува дека професионалното информирање е работна обврска на новинарите и апелира да не се објавуваат шпекулации туку само точни, проверени и вистинити информации во согласност со професионалните стандарди.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG