Достапни линкови

Анатомија на криумчарењето мигранти


Мигранти во прифатниот центар Табановце во ноември 2016

Затворањето на европските врати за мигрантите не ја затворија целосно балканската рута низ која се движат луѓето во потрага по подобра иднина. Патеката, која покрај железничките пруги водеше од Грција, преку Македонија до Србија годинава доби нови димензии. Кон мрежата се приклучија и македонските соседи, па мигрантите сега се обидуваат и преку Косово и Бугарија да влезат во Србија.

Со новите миграциски трендови расте и бизнисот од човечката трагедија. Криумчарите тријат раце кога луѓето што бегаат од војна од нив бараат спас, односно нелегален транспорт до некоја безбедна европска земја. Шансата за подобар живот во Европа привлече илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан, Мароко, Алжир и Тунис, на патување преку Медитеранот. Според податоците на Обединетите нации, изминатава година 5 илјади луѓе загинаа обидувајќи се да стигнат до некоја западноевропска земја. Но, ни бројката на тие што влетаа во криумчарската мрежа не е мала.

Криумчарењето е во пораст, особено по затворањето на границите во март и рестрикциите на движење, вели Претставникот на канцеларијата на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф. Тој објаснува дека криумчарите сега се многу поактивни од претходно затоа што протокот продолжува само нелегално, што значи дека тие најчесто се движат со помош на криумчари и тоа им создава многу различни проблеми на луѓето кои влетуваат во криумчарската мрежа.

Мигрантската голгота не заврши со затворање на балканската рута
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00

„Не само што треба да платат многу пари, туку ги предаваат своите животи во рацете на криумчарите. Еднаш кога ќе отидат во рацете на криумчарите, тие излегуваат од системот и криумчарите што и да посакаат да прават со нив можат да прават. Многумина од тие коишто се движат со помош на криумчарите честопати страдаат“, вели Ариф.

Според информациите од терен, мигрантите кои нелегално влегуваат во Македонија на одредени транзициски точки добиваат насоки како да се движат, криумчарите ретко патуваат со нив. Од Грција ги пречекуваат на македонската јужна граница, ги насочуваат да се движат по пругата кон северната граница или им организираат некаков превоз до северната македонска граница. Кога пристигнуваат во македонските погранични села, имаат два можни правца за движење. Првиот е преку селото Ваксинце кон косовско – српската граница кој во изминативе два месеци почесто го користат, а другиот преку пограничното село Лојане кон српското Миратовац, пат којшто сега поретко се користи поради зачестените погранични контроли од двете страни.

Мигрантската голгота низ Македонија продолжува
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Според неофицијални информации од меѓународни организации, само во изминатава година, десетици мигранти, откако ја напуштиле земјава, се пожалиле дека биле заложници на криумчари, дека биле тепани и дека им биле изнудувани пари.

Директорката на ИОМ, Соња Божиновска – Петрушевска потврдува дека е забележана тенденцијата на пораст на криумчарењето.

„Што се однесува до ирегуларните премини, доста е актуална состојбата на криумчарење на мигранти. Така што бројот на идентификувани случаи на криумчарење на мигранти од април до крајот на октомври оваа година е некаде околу 45, којшто вклучуваат повеќе од 1.000 случаи на криумчарење на мигранти кои биле вклучени во криумчарењето. Тоа е моменталната состојба. Значи има тенденција на пораст на криумчарењето“, рече Божиновска – Петрушевска.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во изминативе 8 месеци се откриени 69 случаи во кои е спречено криумчарење на речиси 1.500 мигранти. Кривични пријави се покренати против 57 луѓе. Според полициските билтени, најчесто за криумчарење се осомничени или обвинети возачи, но не и организатори на криумчарската мрежа. Кога станува збор за жртви на криумчарската мрежа, според јавно достапните податоци, од ноември минатата година нивната бројка изнесува околу 5 илјади.

Мигрантски ноќни возови низ Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:20 0:00

Истражувањето на Еуропол покажува дека во овој бизнис учествуваат околу 20 илјади луѓе. Тие најчесто ги користат рутите преку кои претходно шверцувале дрога и оружје. Криумчарите на мигранти од човечката трагедија годишно на глобално ниво инкасираат околу 2,5 милијарди долари, речиси колку еден годишен македонски буџет.

Според информациите од невладини организации кои им помагаат на мигрантите кои транзитираат низ земјава, само за пат од Турција до Грција мигратите на криумчари им плаќаат од 900 до 2 илјади долари, додека цените за транспорт од Грција преку Македонија до Србија се нешто пониски, достигнуваат до илјада долари.

Дополнително со проширување на балканската криумчарска мрежа во игра влегоа Косово и Бугарија. Последното истражување на бугарската академија на науки покажува дека шверцерите на бегалци и мигранти кои оперираат преку Бугарија и Србија дневно заработуваат по најмалку 100 илјади евра.

Според податоците од МВР, од официјалното затворање на европските граници на 8 март годинава до денеска, полицијата спречила над 25 илјади мигранти да влезат од Грција во Македонија. Полицијата поднела барања за реадмисија до Грција за 135 државјани на трети земји, од кои од грчка страна е одговорено позитивно за 89, се вели во писмениот одговор од МВР.

Најдобрата превентива и заштита на мигрнатите и бегалците од криумчарите е Владата да преземе одговорност и да не дозволи да функционираат криумчарските мрежи во оваа земја.

„Тоа е одговорост на секоја влада. Криумчарската мрежа не е само во оваа земја, таа е во целиот регион, па и во целиот свет и нивната мрежа е многу силна, но морам да кажам дека нивната мрежа не е посилна од Владата. Владата е посилна, таа мора да си ја заврши својата работа, да обезбеди дека криумчарите нема да може да работат и да предизвикуваат страдање на ова тло. Тоа е одговорност на секоја Влада во секоја земја, да нè осигураат дека криумчарите нема да бидат активни и човечките животи нема да бидат оставени во рацете на криумчарите“, вели Ариф.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG