Достапни линкови

Децата бегалци под најголема опасност од шверцерите со луѓе


Состанок за улогата на oмбудсманот во заштита на децата бегалци/мигранти

Патувајќи без нивните родители, децата бегалци уште повеќе се изложени на опасност од трговија со деца, киднапирања или посвојувања без знаење на нивните родители.

Мирантската криза што ја зафати Европа во последните две години донесе бројни ризици и опасности за илјадници деца кои без придружба пристигнаа на тлото на земјите од Југоисточна Европа вклучително и во Македонија. Патувајќи без нивните родители, тие уште повеќе се изложени на опасност од трговија со деца, киднапирања или посвојувања без знаење на нивните родители. На оваа укажаа омбудсман-институциите од Југоисточна Европа и меѓународни и невладини организации на состанокот во Скопје на кој беа разменети искуства за улогата на Омбудсманите во заштитата на децата бегалци со акцент на непридружаваните деца.

Заменик народниот правобранител на Македонија, Васка Бајрамовска Мустафа, се осврна на податок дека Македонија од почетокот на кризата располага со неодредена бројка меѓу осум и девет илјади непридружувани деца кои ја поминале земјава или стигнале на нејзина територија. Се залагаме со овие деца да се постапува согласно процедурите и неодложно да им се постави старател за да ги надминат траумите, изјави таа.

„Увидот направен од крајот на ноември оваа година покажа дека непридружувните деца се сместени во безбедносната куќа заедно со други категории лица во ризик, при што нивната бројка изнесува 4 односно 5 заедно со едно непридружувано дете за кое интервениравме во привремениот транзитен центар во Табановце и тоа доби старател“, рече Бајрамовска Мустафа.

Деца мигранти со полицаец во Транзитниот центар Табановце
Деца мигранти со полицаец во Транзитниот центар Табановце

На прашање како во транзитниот центар влегле непридружувани деца, таа кажа дека Омбудсманот токму од тие причини апелира постапката на евиденција и интервјуа со децата без родители да се води внимателно со цел тие да се заштитат од бројни опасности и криумчарење.

Драги Змијанац, основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, порача дека е недозволиво Македонија, која е потписник на конвенцијата на права на детето да дозволи илегално поминување на деца мигранти без придружба. Тој наведе дека уште позаканувачко по безбедноста на децата е дека постојат опасности тие не само да бидат грабнати и киднапирани, туку и да исчезнат од мапата на евидентирани во Македонија.

„Македонија станува соучесник, а уште повеќе ако тие деца бидат неевидентирани и згрижени во транзитните центри. Таков случај имаше во Табановце и ние на лице место ја утврдивме состојбата и реагиравме. 10 илјади деца да исчезнат од мапата во Европа и целата Европска заедница и Унијата да дозволи транзит и трговија со деца од криминални банди кој точно ја знаат нивната маршута, кај се движат и да не се знае каде се тие деца е срам и пораз за општеството и за сите тие земји потписнички за правата на детето“, изјави Змијанац.

Народниот правобранител Иџет Мемети изјави дека за жал во повеќето земји институциите задолжени за регистрација, упатување и помош останале затекнати и оти недостатокот го почувствувале најмногу непридружуваните деца, како и старите и изнемоштени лица и лицата со попреченост.

„Постојано реагиравме со посебни извештаи и укажувања до властите со цел да обезбедат соодветни услови за нивно прифаќање“, изјави Мемети, кој оцени дека политиките и активностите што ги преземаат државите како одговор на бегалската криза јасно ја отсликале немоќта да менаџираат со бегалскиот бран.

Јелена Бeседиќ од програмата Save the children за Северозападен Балкан, со чија финансиска помош се организираше состанокот во Скопје, изјави дека во изминатите две години околу 1 милион бегалци поминале низ регионот, а дека најрaнлива категорија од нив се децата кои го почувствувaле стравот и ужасот на војната и тргнале по пат полн со неизвесности и опасности.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG