Достапни линкови

Вести

OJO- Јанева е непрофесионална и штети на професијата

Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство Скопје

Јавните обвинители од Основното јавно обвинителство упатија отворено писмо до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за, како што пишуваат, најотворено, недвосмислено и најостро да и укажат на нивното незадоволство од нејзиното „постапување и срамната непрофесионалност“ со која правeла штета на јавно обвинителската професија.

Тие тврдат дека таа досега правела пропусти и незаконитости во нејзиното работење, но дека со нејзиното последно појавување во јавноста и преку последите случувања таа изнела неколку невистини- едната поврзана со деловодните броеви на предметите, а другата дека во предметите кои и ги предале немало ниту едно преземено дејствие.

“Јавното обвинителство согласно законот Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од страна на 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители кои сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејствија, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени.. прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние, ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие еве веќе една година ги имате, а сработивте само неколку“ тврдат обвинителите од Основното јавно обвинителство.

Вработените во институцијата што ја раководи Марко Зврлевски наведуваат и дека основното јавно обвинителство Скопје, сите јавни обвинители, постапуваат по правни стандарди кои, како што пишуваат Јанева не ги почитувала, а посебно пак не го почитувала и јавно обвинителскиот кодекс.

''Ве прашуваме, кој правен стандард е незаконското лишување од слобода на лице, за кое вие јавно признавте дека било незаконско, но само час и половина? Малку незаконско дејствување, час и половина. Кажете ни, кој временски период на незаконско дејствување не се смета за незаконско? Ве прашуваме, според кои стандарди и закони, Вие давате наредба на ваш истражител да следи и снима лице осомничено во ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за посебна истражна мерка? Дали Вие и вашите „ повисоки стандарди” всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице кое е осомничено од страна на било кој без постоење на изричита судска наредба“ пишуваат обвинителите.

Тие ја прашуваат специјалната обвинителка и дали со усна наредба испратила и приватен детектив кој исто така вршел следење и снимање на осомничено лице во нејзин предмет. Тие забележуваат и дека не направила записник од предавање на снимките, не поднела отчетност за финансиското работење, ја нарушила пресумцијата на невиност, а дозволила непотизам во СЈО.

Писмото јавните обвинители го завршуваат со латинската поговорката „чесно живеј, друг не повредувај, на секој дај му што му припаѓа“.

види ги сите денешни вести

Тренчевска- Владата се залага минималецот да се зголеми на 18.000 денари

Macedonia - Macedonian denars

За покачувањето на минималната плата разговарале денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, соопшти прес-службата на министерството.

Во соопштението се наведува дека министерката информирала дека Владата останува посветена на заложбата за зголемување на минималната плата.

Владините претставници разговараат со сите засегнати страни -претставници на работодавачите и работниците продолжува за да се најде најодржливо решение за сите отворени прашања, вели министерката за труд.

„Заложбата на Владата е зголемување на минималната плата на 18.000 денари што е можно побрзо во текот на оваа година. Порастот на минималната плата ќе продолжи во текот на целиот мандат и до крајот ќе изнесува 20.000 денари“, рече Тренчевска.

На средбата се разговарало и за правото на регрес за годишен одмор – К15 за работниците.

Министерката истакна дека закажаната средба со владините претставници и Сојузот на синдикати е одложена поради тоа што владина делегација е во посета на Бугарија. Средбата е презакажана за 31 јануари.
Синдикатите бараат минималната плата да се покачи на 18 илјади денари, а потоа скалесто да се покачат и другите плати. Сега минималната плата изнесува околу 15.200 денари.

Милион деца во Авганистан може да умрат од глад ако не стигне хуманитарна помош

УНИЦЕФ дистрибуира помош за Авганистан

Талибанските претставници денеска во Норвешка разговараа со западните дипломати за хуманитарната криза во Авганистан и човековите права. Ова е прва официјална средба на талибанците во Европа откако ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година.

На состаноците кои се одржуваат зад затворени врати, делегацијата на талибанците разговара со претставници на САД, Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Европската унија и Норвешка.

Авганистан се соочува со сиромаштија и глад.

На чело на талибанската делегација е вршителот на должноста министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки. Талибанците бараат пристап до имотот од милијарди долари кој е замрзнат откако групата ја презеде власта.

Ниту една земја сè уште не ги признала новите владетели на Авганистан, кои бранителите на човековите права ги обвинуваат дека извршиле сериозни прекршувања, особено поради недостатокот на правата на жените на образование, вработување и учество во политичкиот и општествениот живот.

Мутаќи го поздрави состанокот во Осло како „постигнување само по себе“, додека поканата на Норвешка беше критикувана од некои експерти и авганистанските групи за човекови права во егзил, кои рекоа дека секоја соработка со талибанците само ќе послужи за зајакнување на нивната позиција. Пред норвешкото Министерство за надворешни работи се одржаа протести.

Но, норвешкиот министер за надворешни работи, Аникен Хуитфелд, рече дека еден милион деца може да умрат од глад доколку помошта не стигне навреме.

Хајтфелд претходно истакна дека со разговорите не се легитимира или признаваа власта на талибанците.

На делегацијата на Талибанците нема да и се одобрат средби со министри на ниво на владата, но може да се сретне со пониски ешалони, соопшти Норвешка.

Според ОН, Авганистан се соочува со влошена хуманитарна криза, со 22,8 милиони луѓе кои страдаат од акутен недостиг на храна и 8,7 милиони луѓе кои речиси гладуваат.

Од август, меѓународната помош, која финансираше околу 80 отсто од авганистанскиот буџет, беше суспендирана, а САД замрзнаа 9,5 милијарди долари од средствата на авганистанската централна банка. Невработеноста вртоглаво порасна, а платите на државните службеници не се исплаќаат со месеци.

Османи и советникот во Стејт департментот Чолет разговарале за Украина

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска телефонски разговараше со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска телефонски разговараше со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД, соопшти македонското МНР. Тие разговарале за актуелната безбедносна состојба во Европа и актуелните случувања во и околу Украина.

„Беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, повлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права. Воедно, ја истакнаа значајноста од заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност. Во тој контекст, ги поздравија напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамки на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот“, стои во соопштението од МНР.

Во рамки на телефонскиот разговор станало збор и за билатералните односи.

Претходно министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека Република Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Таа рече дека институциите ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата.
Украина и Западот се загрижени поради руското распоредување на над 100 илјади војници во близина на границата со Украина, што го зголемува стравувањето од руски упад на украинска територија.

Бајден ќе разговара со европските лидери за тензиите меѓу Русија и Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска треба да разговара со европските лидери за тековните тензии меѓу Москва и Киев, вклучувајќи го и трупањето руски војници во близина на украинската граница.

Бајден ќе разговара со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, полскиот претседател Анджеј Дуда и со британскиот премиер Борис Џонсон преку видеоврска, соопшти Белата куќа.

Украина и Западот се загрижени поради руското распоредување на над 100 илјади војници во близина на границата со Украина, што го зголемува стравувањето од руски упад на украинска територија.

Косово може да ја преиспита одлуката за влез со три дози вакцина

Граничниот премин Блаце на македонско-косовската граница.

Неделава можно е косовските власти да ја преиспитаат одлуката за влез во нивната држава задолжително да се бара сертификат за примени три дози вакцина против ковид или две дози плус ПЦР тест не постар од 48 часа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерството за здравство на Косово на официјалната Фејсбук страница напиша дека евентуалната промена на одлуката, која е во сила од саботата – 22 јануари, ќе зависи од развојот на епидемилошката состојба и бројот на новозаболени од ковид-19.

Одлуката на косовската Влада за заострување на анти-ковид мерките, посебно обврската за потврда за примени три вакцини за влез во државата, предизвика реакции, како во земјата, така и во соседните држави.

По наглото зголемување на бројот на заболени од ковид-19, косовската Влада во петокот донесе нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата, според кои, меѓу другото, од саботата за влез во државата е потребно да се приложи потврда за примени три дози вакцини, или две вакцини и негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.

Од обврската за приложување сертификати за вакцинација при влез во Косово се ослободени лицата кои патуваат транзитно, странските дипломати, децата до 12-годишна возраст и лицата кои имаат лекарска потврда дека се ослободени од вакцинација.

Косовските државјани кои немаат примено две вакцини, по враќањето во земјата ќе треба да подлегнат на седумдневен карантин во своите домови. На сите вработени во јавните институции ќе им се бара сертификат за примени најмалку две дози.

Последните денови во Косово имаше нагло зголемување на дневните бројки на заразени, така што само во последните 24 часа беа регистрирани 2.243 нови случаи, односно над 25 отсто од тестираните. Официјалната бројка на активни заболени во земјата, од околу 700, колку што изнесуваше пред петнаесетина дена, вчера достигна до 19.519, додека медицинските експерти очекуваат задржување на негативниот тренд и во наредниот период.

Невакцинираните во Франција не можат во угостителски и спортски објекти

Франција - Луѓе чекаат пред лабораторија за ковид тестирања

Лицата кои не се вакцинирани против ковид-19 во Франција веќе не можат да влезат во барови, ресторани, туристички и спортски објекти, освен ако не ја прележале болеста.

Новата мерка, според која за влез во јавни простории во Франција, ќе биде потребна вакцинална пропусница денеска стапи во сила.

Во Франција вчера беа регистрирани над 300 илјади нови случаи на коронавирус, што е најголем број во цела Европа.

Болниците и понатаму се полни со ковид-пациенти, иако во последните денови на помал број луѓе им е потребна интензивна нега.

Рестриктивните мерки се воведуваат поради омикрон сојот на вирусот, кој е позаразен и кој е доминантен во голем број земји.

Критичарите тврдат дека пропусниците ќе предизвикаат поделби во земјата во која 94 отсто од луѓето примиле барем една доза од вакцината против ковид-19.

Вкупно 22 починати од ковид и 718 новозаразени

Во последните 24 часа регистрирани се 718 нови случаи на ковид-19 од направени 3.044 тестови, соопшти Министерството за здравство. Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 95 реинфекции.

Во текот на изминатите 24 часа, регистрирани се 14 починати лица на возраст од 58 до 90 години, сите починати во болнички услови. Дополнително од Регистарот на умрени со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се осум починати лица на возраст од 54 до 80 години. Од пријавените лица три се починати во домашни услови, а пет лица во болнички услови.

Од вкупниот број на починати лица, девет лица се целосно вакцинирани, а кај 18 се регистрирани коморбидитети.

Најголем дел од новозаразените случаи се во Скопје – 505, потоа следат Битола – 30, Куманово – 29, Прилеп – 26, Кавадарци – 23, Гевгелија – 14, Велес – 10, Гостивар и Струмица – по 8, Тетово – 7, Штип, Кичево и Делчево – по 6, Неготино и Ресен – по 5, Струга, Богданци и Демир Хисар – по 4, Свети Николе и Радовиш – по 3, Охрид, Крива Паланка и Дебар – по 2, Кочани, Валандово, Пробиштип, Кратово, Крушево и Македонска Каменица – по 1.

Регистрирани сe 1.244 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 256.996, бројот на оздравени пациенти е 228.736, на починати е 8.240, а бројот на активни случаи изнесува 20.020.

Седница на бугарскиот Советот за безбедност заради тензиите околу Украина

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков за утре го свикува Советот за безбедност, кој работи како тело на владата. Средбата ќе се одржи по завршувањето на заедничката седница на владите на Бугарија и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, членовите на Советот за безбедност ќе разговараат за тензиите околу Украина и плановите на сојузниците на НАТО за зајакнување на источното крило на Алијансата.
Советот за безбедност е под директна надлежност на бугарскиот премиер. Неговата главна задача е да ја анализира состојбата со заштитата на националната безбедност.

Руското Министерство за надворешни работи деновиве повика на повлекување на странските трупи на НАТО од двете земји-членки, Бугарија и Романија, велејќи дека е потребно „повлекување на странските сили, опрема и оружје“, како и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО.

Потоа Петков рече дека неговата земја сама одлучува каква политика ќе води во рамките на членството во НАТО. Договорот од Вашингтон не предвидува втора категорија на земји-членки за кои колективната одбрана е селективна или ограничена, рече Петков, кој ја повика Руската Федерација да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалација на тензиите и да работи за побезбедна Европа врз основа на владеење на правото и строго спроведување на меѓународните правни обврски.

Вооружен напаѓач ранил неколку луѓе на Универзитетот Хајделберг во Германија

Полициски автомобили пред Универзитет во југозападниот град Хајделберг во Германија.

Вооружен напаѓач ранил неколку луѓе во напад во предавална на Универзитет во југозападниот град Хајделберг во Германија, соопшти германската полиција.

Полицијата во денешното соопштение наведе дека напаѓачот е мртов, но не се наведени детали за тоа како се случил нападот, ниту пак прецизираше колку луѓе се ранети и во каква состојба се.

Германската новинска агенција ДПА и дневниот весник Билд јавија дека напаѓачот се самоубил.

Официјални лица за безбедност велат дека првичните индиции се дека напаѓачот немал политички или верски мотиви.

Полицијата соопшти дека напаѓачот користел огнено оружје со долга цевка и се верува дека делувал сам.

Универзитетот во Хајделберг е најстариот во Германија, основан во 1386 година. Во градот живеат околу 160 илјади жители.

Македонската делегација пречекана во Софија

Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Софија.

Со највисоки државни почести денеска во Софија беше пречекана македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Делегацијата ја пречека бугарскиот премиер Кирил Петков, а потоа со Ковачевски положија венци пред Споменикот на непознатиот војник, јави известувачот на МИА од Софија.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.
Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

Министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска денеска на средбата во Софија изразија задоволство од интензивирањето на дијалогот во последните недели, како и уверување дека претстојната седница меѓу владите ќе придонесе за продлабочување на позитивната динамика во односите, соопшти македонското МНР.

Во Словенија изолацијата за омикрон скратена од десет на седум дена

На плоштад во Љубљана пациенти чекаат да бидат тестирани за ковид.

Поради брзото ширење на сојот омикрон во Словенија од денеска се скратува десетдневниот период на изолација на заразените, па тие ќе можат да се вратат на работа по седум дена, доколку добијат негативен тест.

Во Словенија во последните 24 часа три четвртини од направените тестови биле позитивни, односно од 11.104 тестирани регистрирани се 8.396 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Бројот на новозаразени е помал од претходниот ден, но е за 60 отсто поголем од пред седум дена, пренесе Хина.

Владата одлучи да ја скрати изолацијата за да спречи персоналниот колапс на есенцијалните дејности, но и на целата економија, поради големиот број луѓе во карантин и изолација.

Во земјата осум отсто од сите вработени во трговскиот сектор се заразени или отсуствуваат од работа поради ризични контакти.

Владата го отфрли предлогот на стопанството за скратување на времето на изолација на пет дена и препорача компаниите да ги зајакнат контролните механизми во работната средина за да не се зголемува бројот на заболени.

Маричиќ позитивен на ковид, не оди во посета на Софија

Министерот за правда Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска информира дека е позитивен на Ковид-19 и дека нема да биде дел од владината делегација која од денеска е во официјална посета на Софија. Тој додава дека не чувствува никакви симптоми, но, како што наложуваат правилата ќе биде во изолација.

„За жал, нема да сум присутен и на првиот состанок на заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики со која јас копретседавам, но останувам во комуникација со колегите Грковска, Нуредини и Алити, како и со моите бугарски колеги околу деталите и заклучоците од средбата“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Тој порачува и дека дава целосна поддршка на процесот на продлабочување на соработката на сите нивоа и во сите области, како и зближување на двата народи, преку, како што наведе, видливи резултати од функционирањето на работните групи.
Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски од денеска ќе биде во дводневна посета на Софија.

Владината делегација официјално ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник. Утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција. Заедничката седница следува по минатонеделната посета на Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.


Асанж ќе може да се жали до британскиот Врховен суд за екстрадицијата

Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж победи во првата фаза од неговиот обид да поднесе жалба до британскиот Врховен суд на одлуката за негова екстрадиција во САД. Вашингтон сака да му се суди на Асанж во врска со објавувањето на 500.000 тајни воени досиеја од Викиликс поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

Високиот суд во Лондон во декември ја поништи пресудата на понискиот суд да не го испраќа 50-годишниот Австралиец во САД со образложение дека тој има ризик од самоубиство. Адвокатите на Асанж потоа ја оспорија пресудата, тврдејќи дека највисокиот суд во земјата треба да одлучува за „правните точки од општо јавно значење“.

„Апликацијата на тужениот за потврдување на правна точка е одобрена“, велат судиите Иан Бурнет и Тимоти Холројд во писмената одлука.

Одлуката беше поздравена од толпата поддржувачи на Асанж собрани пред Кралскиот суд на правдата во центарот на Лондон. Неговите приврзаници долго време тврдеа дека неговото физичко и ментално здравје биле погодени поради тоа што бил задржан во притвор во затвор со висок степен на безбедност во југоисточен Лондон.

ДУИ за укинување на техничката Влада само со консензус

Арбр Адеми

ДУИ смета дека какви било промени на Законот за Влада заради укинување на техничката Влада треба да се направат во согласност со најголемите политички партии. Предлогот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле денеска на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Тој Предлог-закон се разгледува од нас како партија. Добро е да има консензус имајќи ја предвид воспоставената пракса за донесување на вакви значајни законски решенија од порано и овој Закон кој се изменува и дополнува е донесен и предложен со консензус. Треба да се следи таа пракса. Иако има договор за укинување на пржинската влада, техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја членка на НАТО и земја аспирант за да почне и официјално преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање доверба кај институциите. Така што остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон . Имаме време пред нас, за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за владата“, рече Адеми.

Тој додава дека партијата нема против и има договор и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката или пржинската влада.

„Вие знаете дека секогаш за ваквите законски решенија претходеле преговори, дискусии помеѓу политичките партии и затоа не е добро еднострано да се предлагаат. Затоа велиме дека врз основа на тој договор постигнат помеѓу ДУИ и двете најголеми политички партии од македонскиот блок треба да се реализира, но, секако за тоа треба консензус помеѓу политичките партии за да се преточи во конкретни законски одредби“, рече Адеми.

И ДУИ како и СДСМ, вели дека е на ставот дека предвремени парламентарни избори нема да има.

ВМРО-ДПМНЕ денеска го достави до Собранието предлогот за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори. Предложените измени на Законот предвидуваат бришење на околу девет точки од законот, со што практично техничката влада би заминала во историја, но и дека измените одат со барање за предвремени избори.

Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.



Тетовските обвинители го разгледуваат извештајот на германските експерти за пожарот во модуларната болница

Ден по пожарот во модуларната болница во Тетово.

Основното јавно обвинителство сооопшти дека го добило преведениот извештај од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица направен од експертите и истражителите од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Оттаму велат дека сега петте обвинители кои работат на предметот го разгледуваат извештајот со цел да утврдат дали и што ќе се преземе во насока на понатамошна постапка.

„Извештајот од германските експерти е преведен и доставен до Основното јавно обвинителство Тетово. Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот. Во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување во предметот“, информираат од Служба за односи со јавноста при ЈОРМ.

Пожарот во модуларната болница се случи на 8 септември 2021. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници до ОЈО Тетово стигнал на 14 јануари. Извештајот беше на германски јазик и досега се чекаше негов соодветен превод.

Обвинителството во октомври, минатата година објави дека според вештачењето на МВР пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.



Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG