Вести
Хан: Одлуката на Иванов не е во согласност со владеењето на правото

Изјавата на претседателот Ѓорге Иванов сите да бидат помилувани, е нешто што според моите сфаќања не е прифатливо и не е во согласност со владеењето на правото, изјави за Радио Слободна Европа, еврокомесарот Јоханес Хан.
Тој истакна дека целата ситуација во Македонија во изминатите неколку денови е многу влошена: „Ги повикувам сите политички лидери да се вратат на преговарачка маса и да се фокусираат на фер и транспарентни избори и мислам дека дел од тоа е прочистувањето на Избирачкиот список, но исто така и небојкотирањето на изборите“, рече Хан.
види ги сите денешни вести
Украина бара од сојузниците засилување на вооружувањето на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 29 ноември се состана со цивилните и воените власти во јужниот украински регион Одеса, кој беше редовна цел на руските напади насочени кон нејзините пристаништа кои се критични за извоз на храна.
„Многу важни прашања се отворени, ситуацијата во Црното Море, противмерките од мините и обезбедувањето на безбедноста на „житниот коридор“. Работата на воздушната одбрана, заштита на Одеса, инфраструктурата на „житниот коридор“ и нашите бригади“, напиша Зеленски на социјалната платформа „Телеграм“.
Зеленски се сретна со украинските војници во областа и им врачи медали и награди за храброст. Тој дополнително се состана со цивилните власти за да разговара за мерките за враќање на животот во Одеса и другите јужни региони во нормала по лошите временски услови кои ја погодија областа, оставајќи најмалку 12 мртви и 23 повредени.
Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика сојузниците на Киев да ги засилат напорите за зголемување на вооружувањето и муницијата за одбранбената војна на Украина против неиспровоцираната инвазија на Русија.
„За да се осигура стабилноста и безбедноста на целиот европски регион, нејзината одбранбена индустрија мора да го зголеми производството, да се координира и да работи како еден интегрален одбранбен индустриски комплекс на евроатлантската заедница“, истакна Кулеба во воведниот збор на првиот состанок на Советот НАТО-Украина во Брисел на 29 ноември.
Советот НАТО-Украина, заедничкото тело во кое Киев и неговите сојузници седат како рамноправни учесници, беше основан на самитот на НАТО во Вилнус во јули.
Претходно овој месец, европските дипломати за Радио Слободна Европа под услов да останат анонимни изразија загриженост на Европската унија дека нема да може да ѝ снабди на Украина милион артилериски куршуми до март следната година, како што вети во пролетта висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Претходно, на 29 ноември, руското гранатирање на украинските региони Доњецк и Харкив предизвикаа жртви меѓу цивилите и штета на инфраструктурата, и покрај тоа што украинската воздушна одбрана одби голем напад со беспилотни летала на неколку делови на Украина.
Седум цивили беа ранети во Доњецк во текот на ноќта, изјави вршителот на должноста шеф на регионот Ихор Мороз на 29 ноември. Во регионот Харкив, руското гранатирање предизвика голема штета во текот на ноќта на инфраструктурата, станбените области, административните згради, деловните објекти и образовните објекти, изјави гувернерот на Харкив.
Русија, исто така, лансираше нов бран беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, лансирајќи 21 беспилотно летало од иранско производство и три наведувани ракети КХ-59, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили на почетокот на 29 ноември.
На бојното поле, украинските сили беа ангажирани во 87 блиски битки во изминатите 24 часа, соопшти Генералштабот на војската на Украина во својот дневен извештај на 29 ноември.
Блинкен порача дека никој не сака враќање на конфликтите на Балканот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека никој не сака враќање на конфликтите во регионот на Западен Балкан.
„Кога ја презедов функцијата пред три години, центарот на нашата грижа беше Балканот: Босна и Косово. Едно нешто што не ни треба е враќање на конфликтот на Балканот“, рече Блинкен во Брисел, каде што учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите на НАТО.
Тој нагласи дека Алијансата има клучна улога во помагањето на земјите во регионот да напредуваат на нивниот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ) и поширока европска стабилност.
„НАТО долго време го претставуваше столбот на безбедноста на Западен Балкан. Алијансата решително одговори на актерите кои се обидуваат да го дестабилизираат северот на Косово. Како што видовме на почетокот на оваа година, со распоредување дополнителни трупи во КФОР, ја продлабочуваме соработката со силите предводени од ЕУ во Босна и Херцеговина“, изјави американскиот државен секретар.
Како „критичен дел од целата дискусија“ за време на дводневниот министерски состанок, тој ја оцени дискусијата за состојбите во Западен Балкан, што се одржа вечерта на 28 ноември.
На 28 ноември, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази загриженост за растечките тензии во регионот на Западен Балкан и ја потврди подготвеноста на Алијансата да направи се, за да се обезбеди безбедност во регионот.
Неговите изјави доаѓаат по посетата на Западен Балкан, каде што се сретна со највисоките претставници и изрази загриженост за руското влијание во регионот.
Столтенберг: Русија е ослабена на економски, политички и воен план

Во војната во Украина досега настрадале повеќе од 300 илјади руски војници, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи од Алијансата во Брисел.
„Русија денес е послаба на економски, политички и воен план. Политички, Русија го губи влијанието, не само во Украина, туку и во Кавказ и Централна Азија, станувајќи се позависна од Кина и ставајќи ја својата иднина во рацете на Пекинг. Воено, Русија загуби значителен дел од своите сили - стотици авиони, илјадници тенкови и над 300 илјади жртви. Истовремено, Москва губи економски поради падот на приходите од продажба на горива, поради запленувањето на имотот на руските банки, со прекинот на активностите на повеќе од 1000 компании во земјата, со заминувањето на 1,3 милиони луѓе минатата година“, изјави генералниот секретар.
Сепак според него не треба да се потценува Русија, која ја доведе својата економија во режим на војна.
„Путин има висока толеранција за жртви и Русија не ги променила своите цели во Украина. Во пресрет на зимата, руската страна акумулираше значителни залихи ракети. Гледаме нови руски обиди да ја погоди украинската инфраструктура за да ја задржи Украина во мрак и студ“, додаде Столтенберг.
Во исто време, тој рече дека од почетокот на војната, Украина ги добила битките за Киев, Харков и Херсон. Тој истакна дека во Црното Море, Украинците ја одбиле руската флота и поставиле коридори за извоз на жито.
Според него, НАТО подготвува долгорочна програма за да му помогне на Киев да премине на воена опрема според стандардите на алијансата и целосна компатибилност со сојузничките сили.
Москва го критикува Западот за обидите за исклучување на Русија од состанокот на ОБСЕ

Русија објави дека западните земји се обиделе да ги спречат нејзините претставници да присуствуваат на годишната министерска конференција на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, поради европските санкции, мораше да побара дозвола за прелетување на воздушниот простор на ЕУ за да присуствува на дводневниот состанок што започнува на 30 ноември во Скопје.
Украина и балтичките земји најавија дека ќе го прескокнат состанокот поради присуството на Лавров, тврдејќи дека Русија треба да биде исклучена поради нејзината офанзива во Украина.
„Гледаме обиди на Западот да стори сé што е можно за да го спречи нормалното учество на нашата земја на оваа средба“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на 29 ноември.
Таа обвини некои земји, без да прецизира кои од нив, дека го загрозуваат „самото постоење на организацијата, само за да ги задоволат нивните амбиции“.
Кога Полска беше домаќин на годишниот состанок минатата година, не му дозволи на Лавров да влезе во земјата, што предизвика реакција од Москва.
Но, Бугарија најави дека ќе го отвори својот воздушен простор за рускиот министер со тоа што ќе направи дипломатски исклучок, што пак предизвика бурни реакции од Украина, Естонија, Летонија и Литванија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека ќе присуствува на состанокот во Скопје, но нема директно да се сретне со Лавров.
Еден загинат, пет исчезнати по пад на американски воен авион во Јапонија

Еден член на екипажот загинал, а петмина се водат за исчезнати во несреќата што се случи на 29 ноември во Јапонија, кога се урнал американски воен авион „Оспреј“ во кој имало шест лица, соопшти крајбрежната стража на земјата.
„Крајбрежната стража примила итен повик од рибарски брод во близина на местото на несреќата кај Јакушима, остров јужно од Јапонија“, се вели во соопштението.
Службеник за управување со вонредни ситуации во јапонскиот регион Кагошима, каде што се случи несреќата, изјави дека полицијата добила информација дека леталото „пукало од левиот мотор“.
Оспреј е хибриден авион кој полетува и слетува како хеликоптер, но во лет може да ги ротира своите пропелери и да лета како авион.
Претходно беше објавено дека авионот полетал од воздухопловната станица на американскиот маринци Ивакуни во префектурата Јамагучи и се урнал на пат кон воздухопловната база Кадена во Окинава. Се чини дека Оспреј се обидел принудно да слета на аеродромот Јакушима пред да се урне, рече тој.
Американските и јапонските власти соопштија дека авионот припаѓал на воздухопловната база Јокота во западниот дел на Токио. Претставници на американските воздухопловни сили во Јокота рекоа дека се уште ја потврдуваат информацијата и засега немаат коментар.
Во август, американски Оспреј се урна во близина на брегот на северна Австралија додека превезуваше војници за време на рутинска воена вежба. Во инцидентот загинаа тројца американски маринци.
Друг таков авион се урна во океанот кај јужниот јапонски остров Окинава во декември 2016 година, што ја натера американската војска привремено да ги приземји тие авиони.
Праќањето на авионот Оспреј во Јапонија е контроверзно, бидејќи критичарите велат дека хибридниот авион е подложен на несреќи. Американската војска и Јапонија тврдат дека е безбедно.
На Русите на кои им е забрането да патуваат во странство ќе им бидат одземени пасошите

Русите на кои им е забрането да патуваат во странство мора да ги предадат своите пасоши во рок од пет дена откако ќе бидат известени за забраната за патување, стои во владиниот декрет од 22 ноември објавен на порталот за официјални правни документи.
Таа мерка треба да стапи на сила на 11 декември, објави Current Time, медиумски проект на руски јазик што го води РСЕ во соработка со Гласот на Америка.
Властите можат да забранат патување во странство на регрути, вработени во Федералната служба за безбедност, лица со пристап до државни тајни и „информации од посебно значење“, како и осудени лица.
Според уредбата, пасошот ќе му биде вратен на регрутот само кога ќе приложи доказ дека го завршил воениот рок или алтернативна служба.
Објавени предлозите за новиот состав на ДКСК

Ревизорката Татјана Димитровска е предложена за претседателка на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Собранието ја објави ранг листата за избор на нови членови на ова тело, откако претходните три дена траеше процедурата со интервјуа и бодувањето на кандидатите.
За членови се предложени ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во ДКСК Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ.
Предложените антикорупционери треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница. На должност стапуваат од 8 февруари, бидејќи мандатот на сегашниот состав завршува на 7 февруари.
За новиот состав на ДКСК конкурираа помалку кандидати во споредба со претходниот избор. Интервјуирани беа 41 кандидат.
Државната комисија за спречување на корупција е независно тело кое има за цел да креира антикорупциски политики и мерки, да применува и иницира примена на законите и поттикнува нормативно и институционално јакнење на институциите.
Инаку во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во евроинтегративните процеси, се вели дека Државната комисија за спречување на корупцијата отвори неколку предмети, вклучително и предмети против високи функционери. Комисијата наложи заклучоците од нејзините редовни извештаи целосно да се разгледаат.
Посредниците работат на продолжување на примирјето во Газа, Хамас изрази подготвеност

Екстремистичката група Хамас е подготвена да го продолжи примирјето за уште четири дена и да ослободи дополнителни заложници заробени во нападот врз Израел во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори, изјави во средата извор близок до оваа организација.
Во исто време, меѓународните посредници работат на продолжување на примирјето во Газа, надевајќи се дека Хамас ќе продолжи да ослободува заложници во замена за ослободување на палестинските затвореници и дополнително одложување во воздушната и копнената офанзива на Израел.
Привременото примирје треба да истече рано наутро во четврток по шестдневното затишје во конфликтот што избувна откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, на што израелските сили одговорија со разорна офанзива во Појасот Газа.
Шеесет израелски заложници и 180 палестински затвореници веќе се ослободени, а повеќе треба да бидат ослободени во среда според договорот.
Во средата Хамас „ги информираше посредниците дека е подготвен да го продолжи примирјето за четири дена“, изјави за АФП извор близок до милитантната група, кој сакаше да остане анонимен.
Според тој аранжман, „движењето би можело да ги ослободи израелските затвореници што ги држат, другите движења на отпорот и другите партии, според условите на постојниот прекин на огнот“, додаде изворот.
Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед Ал Ансари, на прес-конференција во Доха во вторникот изјави дека преговарачите работат на „одржлив прекин на огнот што ќе доведе до понатамошни преговори и конечно до крајот на оваа војна“.
Извор запознаен со разговорите за АФП изјави во средата дека разговорите биле „фокусирани на градење на напредокот на договорот за продолжената хуманитарна пауза и на иницирање понатамошни дискусии за следната фаза од потенцијалниот договор“.
Договорот за прекин на огнот привремено ги прекина борбите што започнаа на 7 октомври, кога милитантите на Хамас во Израел убија 1200 луѓе, главно цивили и киднапираа околу 240 лица. Во следните израелски воздушни и копнени напади, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас, повеќе од 14 500 луѓе беа убиени.
Израел го поздрави ослободувањето на десетици заложници во последните денови и вели дека ќе поддржи продолжување на прекинот на огнот доколку Хамас продолжи да ослободува затвореници.
Американскиот државен секретар Блинкен попладне во Скопје

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во среда (29 ноември) се очекува од Брисел каде што учествува на состанокот на НАТО попладнево да замине за Северна Македонија, каде што ќе учествува на Триесетиот министерски состанок на ОБСЕ што се одржува утре и задутре во Скопје.
Во Брисел, секретарот Блинкен ги продолжува состаноците со министрите за надворешни работи на НАТО, вклучувајќи го и првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина, а ќе има и посебна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба.
„Секретарот Блинкен ќе ја истакне цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, ќе ја нагласи нашата поддршка за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан и ќе разговара за приоритетите на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“, соопштија од Стејт Департментот.
Од Македонското министерство за надворешни работи велат дека Блинкен ќе допатува во Скопје попладне (29 ноември) по што околу 17 часот ќе има средба со претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи.
По средбата американскиот државен секретар Блинкен ќе присуствува на работната вечера што се органиизра на маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ што започнува утре. На вечерата, според извори во македонското МНР и од ОБСЕ засега не се споменува евентуално присуство на рускиот шеф на дипломатијата Лавров, ниту пак се открива кога тој ќе пристигне во Скопје.
Од Стејт департментот посочуваат дека за време на посетата на Северна Македонија, секретарот Блинкен ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ, потврдувајќи ја цврстата посветеност на Соединетите Држави кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање. на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.
Бугарија го отвори небото за авионот на рускиот министер, откако тој претходно рече дека ќе присуствува на состанокот ако Бугарија го направи тоа.
Претходно, македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.
Борел: Потребен е напредок на учесниците во дијалогот за Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.
„Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот“, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.
Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.
Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.
Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете