Достапни линкови

Со оф-шор компании до наводни странски инвестиции


Главна причина за основање фантомска компанија во даночните прибежишта е криење пари од некого. Тоа не секогаш мора да биде од криминални побуди, но во секој случај е етичко прашање.

Панама, Бахамите, Британски Девствени Острови, Бермуда, Сејшелски Oстрови, Кајмански Oстрови. Овие познати туристички дестинации се рајот на земјата. Сонце, сина вода, песочна плажа, и коктели под сенка е само дел од понудата. Но, освен оваа природна убавина, овие рајски дестинации ви нудат и загарантирана банкарска тајна за вашите пари и ниска даночна стапка. Во дел од овие земји не се наплатува ниту данок на доход, на дивиденда или на капитални добивки.

На забавните интернет страници се појави видео илустрација за тоа како изгледа криењето пари во оф-шор, објаснето преку детски касички. Во приказната е прикажано како малиот Перо има касичка во која штеди пари и сака тоа да го скрие од своите родители и ја носи својата касичка кај своето другарче. И на другите деца им се видела интересна идејата, па ги однеле своите касички на чување, подалеку од рацете на нивните родители. Е сега, приказната е во тоа што едно дете ја крие касичката од своите родители затоа што сака со тие пари да си купува слатки, додека, пак, друго дете краде од касичката на својата сестра, па парите ги крие кај другарче.

Во основа, единствената причина за постоење и основање фантомска компанија во даночните прибежишта е криење пари од некого. Во одредени случаи, ова криење пари не мора да биде од крајно криминални побуди или дека тоа се нечисти пари, иако на прв поглед така изгледа. Прашањето на користење на оф-шор компании е етичко. Проблем настанува кога политичари или криминалци ги користат оф-шор компаниите за прикривање на идентитет или на нелегални активности. Затоа, ваквите компании честопати во јавноста се поврзуваат со даночно затајување или „перење пари“.

Граѓаните коишто ги анкетиравме сметаат дека тие што се на власт, политичката и бизнис олигархија „перат пари“ преку тајни сметки во странство. Тие бараат сите нелегално изнесени пари да се вратат во Македонија, но додаваат дека реалноста е далеку од нивните желби.

Хајд Парк - Дали треба да одговараат тие што ги изнесуваат парите од Македонија на оф-шор дестинации? Коментирајте тука.

Хајд Парк - Перат пари тие што имаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Протекувањето на документите од Панама ја отворија Пандорината кутија и во Македонија. На една од мапите кои ги објавија светските медиуми поврзани со документите од Панама се појавија и македонски државјани. Весникот Ајриш Тајмс на својата мапа објави дека во материјалите се спомнуваат две македонски компании, двајца клиенти и двајца акционери. Нивните имиња сè уште не се откриени.

Од македонските надлежни институции засега нема официјален одговор дали и кои македонски државјани имаат сметки и оф-шор компании во Панама. Од Финансиската полиција за дел од медиумите изјавија дека нивните досегашни информации се на ниво на шпекулации, немаат информации дека некои граѓани од земјава поседуваат сметки во Панама, но ако добијат такви информации ќе ги истражат.

Народната банка не може да побара информации од Панама за случајот „Панамски документи“, зашто се работи за банкaрска тајна, но трансакциите од и кон ваквите дестинации, кои се спроведуваат преку банкaрски канали се следат, изјави неодамна гувернерот Димитар Богов.

Професорот и поранешен директор на финансиската полиција, Миодраг Лабовиќ, вели дека надлежни органи кои треба да спроведат длабока финансиска истрага во предистражна постапка се Финансиската полиција и Агенцијата за финансиско разузнавање во координација со Јавното обвинителство.

„Доколку има определени показатели за кривични дела кои произлегуваат или се поврзани со незаконското следење комуникации, Специјалното јавно обвинителство може да има своја надлежност“, вели Лабовиќ.

please wait

No media source currently available

0:00 0:05:08 0:00
Директен линк

Од истражувачкиот тим на интернет порталот НоваТВ, кои се партнери на мрежата за известување за организиран криминал, со што се дел од интернационалниот конзорциум за истражувачко новинарство кој го води овој цел проект, соопштија дека во првата фаза добиле осум имиња на државјани од Македонија, кои, според нивното истражување, не се релевантни за јавниот интерес.

„Можам само да ви кажам дека тоа беа луѓе кои живеат во дијаспората, шест од осум луѓе не се ни родиле во Македонија, ниту некогаш биле тука. Меѓутоа има уште. Базата не е комплетно пребарана за сите држави, и втората и третата фаза на конзорциумот е сите да се вклучат, овие денови имаме состаноци и работиме и ќе видиме кој и што има“, вели новинарката Сашка Цветковска.

Новинарот Владо Апостолов од истражувачката мрежа БИРН вели дека отворањето на оф-шор фирма во даночните прибежишта не е голема филозофија.

„За некои посебни услови, доволно е да имате пари и желба за да отворите оф-шор фирма кај нив и за тоа тие ви земаат одредена сума, буквално цели држави живеат од тоа, од отварање и оддржување на тие фирми“, вели Апостолов.

Во Македонија, како што пишуваше БИРН, засега се познати десетина компании, меѓу кои и два медиуми чии основачи се фирми во даночните раеви, претежно од Белизе, независната уставна монархија во Средна Америка со излез на Карипското Море. Според досегашните истражувања, Апостолов вели дека за македонската политичка и бизнис елита апсолутен хит од даночните прибежишта е Белизе, каде се откриени неколку фирми.

„Панама документите“ допрва ќе го тресат светот
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:37 0:00

Според податоците на Народната банка, во 2015 година во Македонија влегле 157 милиони евра странски инвестиции. Ова е всушност сумата на нето инвестициите, зашто во земјава влегле многу повеќе странски пари, но исто така многу и се одлеале надвор. Од оф-шор државата Бермуда, само лани во Македонија влегле речиси 182 милиони евра, додека 49,5 милиони евра дошле од карипската островска држава Свети Винцент и Гренадини. Над 8 милиони евра влегле од Кипар, 2,8 милиони евра се од Британските Девствени Острови, додека на Белизе од Македонија се одлеале речиси 1,7 милиони евра. Најмногу странски инвестиции минатата година од земјава се одлеале во Франција, каде што завршиле 164 милиони евра.

Апостолов вели дека кога станува збор за странските инвестиции кои се поврзани со оф-шор дестинации, треба да се гледа сликата многу внимателно.

„Има вистински и реални странски инвестиции коишто навистина, странски бизнисмени кои своите пари си ги чуваат на оф-шор дестинации за да платат помалку данок и од таму ги носат парите овде. Тоа е едната приказна. Но, да го земам за пример плацот на Водно, оној за кој опозицијата тврди дека е поврзан со Груевски, бидејќи директор на фирмата е кумот од негов од првиот брак. Тука отворено може да се сомневаме дека станува збор за некакви сомнителни пари, донесени преку Белизе и купена земја. Тие странски инвестиции никогаш нема да ви ги промовира Премиерот на телевизија, ако се навистина странски инвестиции“, вели Апостолов.

Цветковска вели дека нивните истражувања покажале дека честопати таинствените странски инвестиции носат сомнеж, затоа што тие стануваат партнери на државата и на институциите во Македонија и за нив нема никаква истрага.

Дел од експертите посочуваат дека испраните пари во даночните раеви подоцна се враќаат во земјава како наводни странски инвестиции. Имено, освен големите западноевропски земји, едни од најголемите инвеститори во Македонија се токму ваквите држави – Британските Девствени Острови и Свети Винцент и Гренадини. Тоа се и земји кои немаат обврска да кажат кој е сопственик на сметката или на фирмата. Но, меѓународните правила се менуваат, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал - Македонија.

„Веќе се бара од државите да донесат акти со кои ќе биде задолжително да се знае кој е вистинскиот сопственик на компанијата која е регистрирана или на сметката во една банка, да не постојат прикривачки компании. Ние тоа што го видовме во Панама дека постојат имиња и на наши луѓе или тоа што гледаме на сајтот на Народна банка дека има луѓе кои инвестираат од тие оф-шор зони, тоа се под претпоставка наши пари, тоа сега понатаму нема да биде претпоставка, туку тие податоци мора да бидат објавени во јавен регистер“, вели Тасева.

Според податоците од извештајот на Глобал фајненс интегрити, од Македонија се излеани многу црни пари во период од 2001 до 2010 година.

Професорот и поранешен директор на финансиската полиција Миодраг Лабовиќ вели дека, според оперативно аналитички проценки, од раните 90-ти години до 2006 година од земјава се излеани од 5 до 6 милијарди евра во странство.

„Сето тоа се сепак приближни проценки кои не се секогаш собирани на научно методолошка основа. Но, дека има големи средства кои од кај нас се одлеани, тоа сигурно, но не може со точна прецизност да се знае колкав е тој износ“, вели Лабовиќ.

Тој додава дека овие податоци укажуваат на системски слабости.

„Панама документите“ и даночните затајувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Истражувачките новинари велат дека досега ниту еднаш надлежните институции не реагирале на напишан текст кој се однесува на пари кои влегле или излегле од земјава, а се поврзани со некоја од оф-шор дестинациите.

За споредба, премиерот на Исланд „на неопределено време се повлече од јавноста“ на само еден ден по протестите кои настанаа поради документите од Панама во кои се наведува дека тој и неговата сопруга се поврзани со оф-шор компании. Повеќе држави започнаа истрага за потенцијални финансиски кривични дела на некои од своите најбогати граѓани.

„Панама документите“ го тресат светот

Обелоденети документи открија мрежа на оф-шор договори на панамската адвокатска фирма Мосак Фонсека која води до сомнителни финансиски активности на многу сегашни и поранешни светски државници.

Гоце Атаносов

Случајот „Панамски документи“ предизвика огорченост во цел свет со откривањето на начините како богатите и познати личности можат да прикриваат пари и да вршат даночни измами, додека огромен број луѓе се соочуваат со строги мерки и казни.

Властите во Панама ќе создадат меѓународен панел, чија задача ќе биде да ја подобри транспарентноста на оф-шор финансиската индустрија. Оваа одлука следува откако во јавноста беа објавени милиони документи на правната фирма Мосак Фонсека, кои откриваат бројни случаи на даночна евазија. Адвокатската компанија „Мосак Фонсека“ од Панама е една од најголемите агенција за основање на фиктивни фирми и има повеќе од 30 подружници низ светот.

Еден од најпопуларните „даночни раеви“ се Британските Девствени Острови каде се регистрирани 113 илјади оф-шор компании, на второ место е Панама со 48 илјади компании, а на трето Бахамите со околу 16 илјади компании.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG