Достапни линкови

Уште два месеца за спас на Шенген зоната?


Уште два месеца за спас на Шенген зоната?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Уште два месеца за спас на Шенген зоната?

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск упати силно предупредување во врска со иднината на Шенген зоната. Според него, преостануваат не повеќе од два месеца за справување со мигрантската криза, или во спротивно зоната на слободно патување во рамките на Европската унија ќе се распадне.

Туск во Стразбур се осврна врз растечката разочараност посебно во Германија, најмоќната економија во Унијата и главна дестинација на мигрантите кои пристигнуваат во Европа, во неможноста да се најде заеднички одговор на најголемата мигрантска криза од Втората светска војна.

„Го делам ставот на холандскиот премиер Марк Руте дека ние немаме повеќе од два месеца да ги доведеме работите под контрола. Статистиките за периодот околу Божиќ не се охрабрувачки. Според Фронтекс, секојдневно пристигнуваат над 2 илјади луѓе. Состанокот на Европскиот совет ќе биде последен момент за нашата стратегија. Во спротивно ќе се соочиме со колапс на Шенген“, рече Туск пред европските парламентарци.

Шенгенскиот систем веќе е суспендиран од некои земји како Данска, Германија и Шведска кои воведоа контроли на нивните граници со цел да го запрат бранот мигранти и бегалци.

Го делам ставот на холандскиот премиер Марк Руте дека ние немаме повеќе од два месеца да ги доведеме работите под контрола. Статистиките за периодот околу Божиќ не се охрабрувачки. Според Фронтекс, секојдневно пристигнуваат над 2 илјади луѓе.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Туск додаде дека европските влади не успеале да ги исполнат заложбите за справување со овој проблем.

Кризата ги покажа големите несогласувања меѓу членките на Европската унија.

Дел од нив ги обвинуваат Грција и Италија за тоа дека дозволуваат многу луѓе да влегуваат во Европа.

Атина и Рим, пак, со одговор дека почетната германска политика на отворена врата ги охрабри мигрантите и бегалците да доаѓаат во број со кој тешко може да се справат.

Во меѓувреме Германија повтори дека е против затворањето на границите меѓу членките на Европската унија. Според германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле тоа ќе ја загрози интеграцијата на Унијата.

Тој смета дека за решавање на проблемот со пристигнувањето на мигрантите е неопходна поголема контрола на надворешните граници на Унијата.

На ист став е и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер кој изрази уверување дека главно е да се направат напори за ставање крај на конфликтот во Сирија и подобрата соработка со сириските соседни земји каде што има голем број бегалци.

Откако Австрија најави зацврстени гранични контроли за да го запре приливот бегалци, баварската сестринска партија на канцеларот Ангела Меркел ЦДУ побара исти такви мерки да воведе и Берлин.

Министерот за внатрешни работи на Баварија Јоаким Херман прецизира дека не станува збор за целосен прекин на сообраќајот.

„Терминот „затворање на границите“ лесно може да биде погрешно протолкуван. Никој не зборува за целосно затворање на границата.Се разбира, трговијата ќе продолжи, ски туристите ќе минуваат во двете насоки. Ние сакаме да оневозможиме неконтролиран влез на мигранти во нашата земја“, изјави Херман.

Во меѓувреме екс шефот на британската дипломатија кој сега е шеф на Меѓународниот комитет за помош Дејвид Милибанд изјави дека стариот модел за помош на бегалците треба да се промени.

„Веќе не станува збор за краткорочна помош и враќање на бегалците дома кога ќе заврши војната“, изјави тој, оценувајќи бегалската криза ќе трае и оти светот треба да најде нови начини да се справи со неа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG