Достапни линкови

Пет клучни предизвици за ЕУ во 2016


По повеќе од 25 години од падот на Берлинскиот ѕид, Европа се соочува со нови бариери поради бранот бегалци и мигранти, кој е најголем од Втората светска војна и кој ги потресе темелите на ЕУ и го покрена прашањето за нејзината издржливост.

Во 2016 година Брисел нема само да се бори со тоа како да се справи со илјадниците мигранти и бегалци кои бегаат од војната и сиромаштијата на Блискиот Исток, Африка и Азија. ЕУ ќе се соочи и со прашања кои се поврзани со проблемот, односно дали да се ограничи слободата на патување низ поголемиот дел на Европа. Повиците да се преземат такви мерки се зголемија по терористичките напади во Париз на 13 ноември при кои загинаа 130 луѓе.

Ставање крај на приливот на мигранти значи решавање на конфликтот во Сирија.
Џуди Демпси, соработник на тинк тенк организацијата Карнеги Европа.

ЕУ во наредната година ќе биде фокусирана и врз референдумот во Британија на кој народот ќе донесе одлука дали земјата ќе го напушти блокот. Тоа за ЕУ би значело загуба на втората најголема економија. На другиот крај на континентот ќе се постави прашањето дали треба да се повлечат санкциите врз Русија поради нејзината улога во конфликтот во Украина, бидејќи земјата е третиот најголем трговски партнер на ЕУ со пазар од 150 милиони потрошувачи.

Сè на сè, ЕУ ќе се соочи со пет клучни предизвици во наредната година

Мигрантската криза ќе остане и во 2016 година. Европската комисија во ноември процени дека околу три милиони бегалци може да пристигнат во Унијата до крајот на 2016 година. Тоа е за три пати повеќе од мигрантите и бегалците кои се забележани годинава и кои во ЕУ пристигнаа главно преку Грција и Италија. Комисијата не очекува приливот да се намали пред 2017 година.
ЕУ бавно реагираше и на најголемиот предизвик досега, поради поделеноста на земјите членки по ова прашање. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е предводник на анти-мигрантската кампања, во септември изјави дека неопходно да ги бранат нивните граници со цел Европа да остане христијанска. Унгарија е една од земјите која мигрантите ја користат за транзит кон нивната крајна дестинација.

Владата на Орбан постави и ограда на границата со цел да се ограничи приливот мигранти, а бариери поставија и Македонија, Австрија и Словенија. Во декември Унгарија и Словачка одделно упатија до судот жалба за новите планови на ЕУ за прераспределба на 120 илјади мигранти меѓу земјите членки, иако нивната бројка изнесува многу повеќе.

Во 2016 година, Брисел нема да се соочи само со судски процеси, туку и со реалноста дека квотите сега се поголеми и ќе и бидат потребни дипломатските вештини на Бизмарк за да ги увери скептичните источноевропски лидери да прифатат повеќе мигранти и бегалци.

Во меѓувреме, Турција ќе добие три милијарди евра од ЕУ со цел да го намали притисокот од приливот на бегалци од Сирија во ЕУ.

Ставање крај на приливот значи решавање на конфликтот во Сирија, според Џуди Демпси, соработник на тинк тенк организацијата Карнеги Европа. Додека напорите на дипломатите се вжештија во втората половина на 2015 година, руската воздушна кампања ги комплицира работите.

„Дали ќе има консензус меѓу сите опозициски партии и групи за како да се стави крај на конфликтот? Мислам дека ова е многу проблематично. Мислам кои се интересите на Саудиска Арабија? Кои се интересите на Иран или на Русија? Кои се интересите на Америка и на Европа? Мигрантската криза за жал ќе продолжи и натаму“, вели Демпси.

Шенген зоната

Мигрантската криза и неуспехот на Грција да воспостави контрола врз големиот број на бегалци ја ставаат под знак прашалник политиката на отворени граници на Шенген зоната. Повиците за реформи или пак укинување на Шенген зоната се засилија по терористичките напади во Париз. Белгискиот премиер Чарлс Мајкал изјави дека нападите биле последица на отворените европски граници со што се покренаа сомнежите за иднината на Шенген зоната. Сега сме соочени со ново ниво на закана во Европа, рече тој во ноември.

Покрај расправата за внатрешните граници, постојат контроверзии и за надворешните граници на ЕУ. Франција и Германија вршат притисок да им се дозволи на граничните сили на ЕУ, Фронтекс поголемо овластување за зајакнување на границите.

Ние можеме да видиме зголемена ренационализација на надворешната и безбедностната политика, изјави Демпси. Тоа веќе се случува во изминатите неколку години, но ќе се интензивира во иднина. И изгледите за било какво обединување во ЕУ на толку многу прашања мислам дека ќе направи Унијата да биде послаба, а не појака во наредната година.

Ксенофобијата и фашизмот во Европа

Во меѓувреме, во ЕУ има пораст на ксенофобијата и фашизмот, а екстремно десничарските групи добиваат на сила низ Европа, а трендот ќе продолжи и во 2016.

Во Франција, по нападите, десничарскиот Национален фронт имаше предност на првиот круг од регионалните избори во земјата, но не успеа да победи на гласањето во вториот круг. Во Скандинавија, која е центар на толеранцијата, екстремните десничарски групи добиваат на популарност. Во Шведска, десничарската демократска партија добива поголема поддршка во анкетите на јавното мислење. Во соседна Норвешка, властите соопштија дека политиката на дозвола за азил ќе ја сведат на минимумот на ЕУ. Успехот на традиционалната десничарска филозофија на партијата на Орбан во Унгарија може да биде инспирација и за полската Партија на правото и правдата, која дојде на власт во ноември по осум години во опозиција.

Аналитичарот Иван Крастев во коментар за Њујорк Тајмс напиша дека успехот на Партијата на правото и правдата се должи на трендот со кој популистичките и радикални политичари го хранат незадоволното мнозинство што потенцијално би имало катастрофални последици за иднината на ЕУ. Тој предупреди дека се повеќе земји ќе го следат моделот на Орбан на казнување на ЕУ, а истовремено прифаќање помош вредна милијарди евра. Но, според него, во одреден момент нема да може да ја обвинуваат ЕУ, бидејќи ќе ја нема.

Референдум во Британија

Британскиот премиер Дејвид Камерон поради притисокот од евроскептичната Партија на независноста вети одржување на референдум за членство во ЕУ со цел да ја обезбеди победата ан изборите во мај. Британија не е членка на еврозоната. Камерон изјави дека Британија сака да остане во ЕУ и вети дека ќе преговара за новите услови со Брисел со цел на Лондон да му се даде поголем простор да делува независно. Се уште нема официјален датум кога ќе се одржи референдумот.

Санкциите врз Русија

Распаѓањето на ЕУ не е доведено во прашање, но односите со Москва предизвикуваат несогласувања меѓу земјите членки. ЕУ им се придружи на САД во спроведувањето санкции против Русија поради анкесијата на Крим и улогата на земјата во конфликтот во источна Украина. Најголемиот дел од санкциите завршуваат на крајот на јануари, но ЕУ соопшти дека тие ќе бидат продолжени до јули 2016.

Санкциите кои предизвикаа пад на цената енергијата тешко ја погодија Русија, но исто така и Европа. Германскиот весник Ди Велт објави дека санкциите може да ја чинат Европа 114 милијарди долари и до 2 милиони работни места.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG