Достапни линкови

Грција бара од ЕУ исполнување на обврските за мигрантите


Грција бара од ЕУ помош за мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Грција бара од ЕУ помош за мигрантите

Европа мора да ги исполни своите обврски, не само во однос на Грција, туку за целиот проблем, изјави грчкиот премиер Ципрас.

Грција објави видео снимки од воздух на кои се прикажани новите центри за регистрација и прифаќање бегалци на северните острови во Егејско Море. Ова е дел од напорите на Атина да ги демантира критиките од Германија и од некои други земји членки на Унијата, дека прави малку во справувањето со мигрантската криза.

Илјадници бегалци останаа во Грција откако беше применета мерката да се пропуштаат само бегалци од воените жаришта. Неколку илјади економски мигранти, кои беа вратени од македонско – грчката граница, се сместени во Атина, а градоначалниците на деловите од Атина, каде што се сместени мигрантите имаа средба со министерот за миграција Јанис Музалас.

„Ние не сакаме енормни места за сместување на луѓето. Ние сакаме да покажеме респект спрема тие луѓе, но истовремено сакаме заедниците да бидат безбедни и функционални. Затоа сметаме дека владата веднаш треба да предложи ефективен план, а локалните власти ќе помогнат да биде спроведен“, изјави претседателот на единиците на локална самоуправа, Патулис.

Грција, со помош на Европската Унија, формира прифатни центри на островите Лезбос, Киос, Лерос, Кос и Самос, кои ќе бидат оперативни до крајот на овој месец. Засега, само прифатниот центар на Лезбос е функционален, а за другите нема доволно финансии.

„Доколку владата сака да има прифатен центар на Кос, треба да испрати и полициско засилување, бидејќи бројот на мигрантите ќе биде колку половина од месното население“, изјави Никос Кантарцис, член на советот на Кос.

Во Грција годинава влегле околу 800.000 бегалци и мигранти. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја повика Европската Унија да ги исполни своите ветувања и обврски за забрзување на процедурите за релокација на бегалците.

„Европа мора да ги исполни своите обврски, не само во однос на Грција, туку за целиот проблем, бидејќи засега само мал број земји учествуваат во процесот на релокација. Не можеме да имаме Европа „а ла карт“ кога станува збор за права сите учествуваат, а кога има обврски, кој како сака“, изјави Ципрас во грчкиот парламент.

Постојат длабоки несогласувања меѓу Атина и европските партнери во врска со бегалската криза, а некои европски земји дури се закануваат со суспендирање на Грција од Шенген зоната. Грците, пак, велат дека досега добиле само една десетина од ветената помош во персонал и возила што ги бараше, како и многу помалку апарати за биометриски податоци отколку што и беше ветено од земјите на ЕУ, вклучувајќи ги и Германија и Словачка.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG