Достапни линкови

Влада, осигурување, а земјоделците со кратки ракави


Уништени земјоделски насади
Уништени земјоделски насади

Осигурувањето на посевите од невреме и исплатите на оштетите се еден маѓепсан круг во кој секој си има вина - и земјоделците и осигурителните куќи и државата, велат упатените.

После секое невреме реториката на земјоделеците е иста - Времето не отепа, се ни е уништено, штетите се големи, државата да помогне. Медиумите ги снимаат уништените полиња и ниви. Министрите излегуваат на терен и ветуваат оштети за настраданите. И се така до следното невреме.
Осигурителната компанија ти вели - оштетувањето е 20, 30 проценти, значи секогаш спушта малку подолу од реалното. Тоа ги обесхрабрува и така малиот број на луѓе кои сакаат да ги осигураат своите посеви.
Андрија Секуловски, Федерацијата на фармери.

„Времето не отепа, не сакати. Лани градот ни го уништи бостанот, годинава поплавите ја однесоа пченицата. И сега како да преживееме ние. Државата банка нема дадено ни за лани, ни за годинава“, вели Тоде Митревски, земјоделец од Битолско.

Тоа е еден маѓепсан круг во кој секој има вина и секој трпи штета, вели Андрија Секуловски од Федерацијата на фармери. Тој вели дека дел од земјоделците се неедуцирани, а тоа што немаат доволно информации ги прави лесен плен за манипулација. Друг проблем според него се осигурителните куќи.
Лани осигуравме еден хектар не кошташе 14.000 а, зедовме 8000 денари и немам сметка да го осигурам тутунот, пошто тие вложените пари не можам да си ги вратам. И никаква финансии немаме, помош, поддршка никаква од државата.
Земјоделец од прилепско.

„Осигурителната компанија ти вели - оштетувањето е 20, 30 проценти, значи секогаш спушта малку подолу од реалното. Тоа ги обесхрабрува и така малиот број на луѓе кои сакаат да ги осигураат своите посеви.“

Според нивните анализи, мал е бројот на земјоделци кои се осигуруваат и заради тоа полисите се скапи.

По лоши искуства со осигурителните куќи, земјоделците не го осигуруваат родот, затоа што, како што велат, условите што им се нудат се крајно неповолни.

„Викаат сите да се осигурува, осигурувавме лани, оломнани, повеќе пари даваме што го осигуруваме, а малку земаме од државата.“

„Лани осигуравме еден хектар не кошташе 14.000, а зедовме 8.000 денари и немам сметка да го осигурам тутунот, пошто тие вложените пари не можам да си ги вратам. И никаква финансии немаме, помош, поддршка никаква од државата“, велат земјоделци од прилепско.

Свој удел во целата приказна има и политиката, вели Секуловски.

„Политиката пак излегувајќи на терен преку свои локални челници вели – Ќе помогнеме, а ЌЕ е идно несвршено време. Политиката не може да помогне, бидејќи има одвојување на одредени средства, ама може ли во сите сектори да помогне подеднакво. И тука се тие разочарувања.“

Чарето, според Секуловски, лежи во формирање на земјоделски фонд, по примерот на Фонд за здравствено осигурување за да може секој земјоделец да си уплаќа во тој фонд и тогаш кога ќе има потреба од обештетување да им се даваат пари.

По последното невреме кое зафати неколку региони во земјата, земјоделците повторно ја повикаа државата на помош. Најголем дел од погодените не ги осигурале своите имоти.

Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски изјави дека земјоделците нема да бидат оставени сами на себе, но, уште еднаш апелираше, да ги искористат сите можности за осигурување на посевите.

„Да не дозволуваат за миг да им се уништи она за што се мачеле цела година и повеќе. Имаме фонд, имаме средства, 35 милиони денари се на располагање преку Министерството за земјоделство, преку Програмата за финансиска поддршка, и тие треба да се искористат. Сите земјоделци кои ќе го осигурат својот имот од невреме, имаат поврат на 60 проценти од средствата“, изјави Коњановски.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG