Достапни линкови

Храната, извор на нестабилност во светот


Каиро - гладните и жедни на протести
Каиро - гладните и жедни на протести

На прв поглед се чини дека малку што ги обединува револуцијата во Египет, битката против сушата во Кина, или изборите во Пакистан. Сепак, излегува дека сите овие три приказни имаат нешто заедничко: скокот на глобалните цени на храната. Тие веќе достигнаа ниво од пред три години кога недостигот од храна го погоди светот. Доколку сегашните трендови продолжат, некои потрошувачи со носталгија ќе се сеќаваат на 2008 година.

Економист Јоаким фон Браун, директор на Центарот за развојни истражувања во Бон објаснува дека светот може да се соочи со нова ера на скапа храна.

Најдобриот модел за предвидување на долг рок, односно за следните неколку децении, покажува дека ние може да се соочиме со зголемување на цените на житото за 50 насто до 2030 година.

А, доколку сегашните трендови се некаква индикација, тогаш, најверојатно, ќе донесат голема политичка нестабилност. Експертите наведуваат дека зголемувањето на цените на прехранбените производи во земјите како Египет, каде што просечниот граѓанин троши околу 40 отсто од годишниот приход на храна, е главниот фактор за политичките превирања на Блискиот Исток.

Работник пуши на вреќи со шеќер на пазар во Карачи

Светската банка неодамна предупреди дека високите цени на храната од јуни лани досега имаат однесено во сиромаштија повеќе од 44 милиони луѓе од целиот свет. Претседателот на Светската банка Роберт Зелик оцени дека глобалните цените на храната се на опасно ниво и оти е јасно дека тоа предизвикува страдање на сиромашните. Во денешниот свет на меѓусебно поврзани пазари, некој проблем во еден дел од светот брзо се пренесува во други делови.

Кропландс во Русија, еден од водечките светски производители на пченица, беше уништен од пожарите минатото лето, а житните реколти беа зафатени со оган и во Украина по што двете земји реагираа со воведување забрана на извоз. Делумно, како резултат на тоа, цените на пченицата во светот двојно се зголемија. Исто така, побарувачката за храна достигнува небесни височини како што средната класа расте во Кина и во Индија. Од друга страна, целокупната површина на светското земјиште за одгледување прехранбени култури остана непроменета, а напорите за унапредување на земјоделското производство не успеаја да го задржат темпото. Дури и зголемената побарувачка за биогорива е фактор.
Овие пазари се меѓусебно поврзани. Така цената на месото се зголеми, бидејки цената на сточната храна се зголеми, а тоа е под влинаие на цената на пченката.

„Кога станува збор за други стоки, овие пазари се меѓусебно многу поврзани. Така цената на месото се зголемува, бидејќи цената на сточната храна се зголемува, а тоа е под влијание на цената на пченката“, вели економистот на Светската банка Хасан Заман.

Според експертите, единствен начин за решавање на проблемите е да се изнајде долгорочно решение. Притоа, како клучно се спомнува зголемување на продуктивноста во земјоделството.

„За среќа, некои лекции беа научени. Од 2008 година, особено Кина, Индија, но и Бразил ги зголемија своите инвестиции во земјоделството. Тоа ќе има некакви позитивни ефекти во наредните години. Но, две кризи за само три години навистина е премногу“, вели економист Јоаким фон Браун, директор на Центарот за развојни истражувања во Бон.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG