Достапни линкови

Светот притиска, Гадафи не попушта


Хаос во Либија. Од авиони и хеликоптери биле бомбардирани делови на Триполи. Гадафи демантира дека ја напуштил земјата.

Либискиот лидер Мoамер Гадафи имаше кратко телевизиско обраќање, помалку од 30 секунди, во кое демантира дека ја напуштил земјата.

„Сакам да покажам дека сум во Триполи, а не во Венецуела. Не им верувајте на каналите кои им припаѓаат на кучиња скитници. Сакав да им кажам нешто на младите на Зелениот Плоштад и да останам со нив до доцна, но почна да врне дожд. Му благодарам на господа, тоа е добра работа.“

Ова е прво обраќање на Гадафи од почетокот на протестите за негово соборување. Безбедносните сили жестоко и со насилства се справуваат со демонстрантите и се верува дека има стотици загинати. Некои армиски офицери ги повикале војниците да му се приклучат на народот. Владата на Малта соопшти дека два либиски воени авиони слетале на Малта, а пилотие изјавиле дека побегнале бидејќи им било наредено да ги бомбардираат демонстрантите.

По започнувањето на демонстрациите, во неколку источни градови, вклучувајќи го и Бенгази, кој го контролира опозицијата, тие еруптираа и во главниот град Триполи. Во Триполи одвреме навреме се слушале истрели, а според некои информации, авиони и хеликоптери бомбардирале делови од градот и имало многу настрадани. Некои либиски дипломати веќе се оградија од режимот на Гадафи. Либискиот заменик амбасадор во Обединетите нации Ибрахим Дабаши за Гадафи изјави:

„Тој треба да си замине што е можно поскоро. Треба да запре со убивањето на либискиот народ кој беше трпелив 42 години.“

Либискиот амбасадор во Соединетите Држави, Али Оџли, пак, ги повика Либијците да истраат во протестите.

„Ако го одржат моментот на либиските улици, на либиските градови, ќе ги остврат своите цели. Знам дека не е лесно, но искуствата од Египет и од
Тунис, покажуваат дека може да се успее.“

Ибрахим Ал Дабаши, либиски заменик амбасадор во ОН

Светот бара прекин на насилствата во Либија


Од светот осуда за режимот на Гадафи. Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун изјави дека зборувал по телефон со Гадафи, при што побарал веднаш да запре насилството врз демонстрантите. За денеска е закажана и седница на Советот за безбедност, посветена на ситуацијата во Либија, како и состанок на Арапаската Лига.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека е време да запре ова неприфатливо крвопролевање, а убивањето на демонстранти го осуди и Европската унија. Дури и иранското Министерство за надворешни работи го осуди, како што се вели, масакрот, врз либиските граѓани, но според официјален Техеран и настаните во Либија се дел од исламското будење во регионот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG