Вести
Чадот во Москва се одразува и врз фудбалот
види ги сите денешни вести
Украина: Најмалку 30 цивили се повредени во руски напад на Харкив
Најмалку 30 лица, меѓу кои три деца, се повредени во руски напад со наведувачка ракета која погодила облакодер во Харкив, североисточна Украина, соопштија локалните украински власти на 15 септември.
„Спасувачката операција во Харкив продолжува. Руски воздушен напад. Оштетена е станбена зграда, повеќекатна зграда. Помеѓу 9-ти и 12-ти кат има пожари и урнатини“, напиша на апликацијата Телеграм, украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Гувернерот Олех Сињехубов објави дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Харкив, еден од најголемите градови во Украина и клучен индустриски центар, се наоѓа во близина на руската граница и постојано е под напади од руски бомби, проектили и беспилотни летала.
Украинските власти претходно соопштија дека брачен бар загинал во јужниот регион Одеса во бран руски напади ноќта меѓу 14 и 15 септември.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното видеообраќање на 14 септември ги повика САД и другите сојузници „брзо да ги спроведат“ договорите за оружје и за други испораки за да и помогнат на Украина да се бори против руската инвазија.
Украинските власти велат дека војската мора да биде способна да изврши удари со долг дострел на руска територија за да се одбрани инвазијата на руските сили, аргумент што беше поддржан од претставници на НАТО.
Зеленски рече дека Русија минатата недела истрела околу 30 проектили, повеќе од 800 наведувани бомби и речиси 300 беспилотни летала кон Украина.
Од друга страна, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, на 14 септември предупреди дека Киев може да се претвори во „џиновска сива стопена дупка на картата“ доколку се тргнат ограничувањата за употребата на западното оружје од страна на Украина.
МНР ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор за фотографите на Сиљановска-Давкова со Радев
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија утре (16 септември) ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, Желјаско Радуков, за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.
„Во врска со најавата на претседателката Сиљановска-Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан амбасадорот на Република Бугарија“, изјавија од МНР за државната агенција МИА.
Сиљановска-Давкова на 13 август се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.
По средбата беа лиферувани фотографии како двајцата шефови на држави се ракуваат пред бугарското и знамето на ЕУ, но без македонското знаме.
Тоа предизвика реакции во јавноста, а опозицискиот СДСМ обвини дека Северна Македонија доживеала „понижување и дипломатски дебакл“. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче порача дека тоа било „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.
„За првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување“, реагираше Филипче преку објава на Фејсбук.
Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, пак, реагираа дека сакаат да веруваат дека „се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното“ од страна на бугарските домаќини. Фотографирање пред знамето, тврдат, не било предвидено.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев беше прва официјална откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава.
Во делегацијата со Сиљановска-Давкова беа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
Претседателката отпатува во Софија за да го проследи настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди што беше искористено и за средба со Радев.
Партиски прозивки по средбата на Сиљановска-Давкова со Радев
Кој ги загрозил македонската самобитност и македонскиот идентитет, е прашањето околу кое и денеска двете најголеми политички партии во Северна Македонија се прозиваат откако по средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев на 13 септември беа објавени фотографии без македонското знаме.
Портпаролката на СДСМ, Боданка Кузеска, на прес-конференција на 15 септември рече дека по средбата во Софија „сите граѓани без разлика на партиската припадност се понижени и засрамени“.
„Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани. Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разговори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?“, рече Кузеска.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека социјалдемократите ја манипулираат јавноста, како и дека СДСМ е тој што кога е на власт „ја продава државата“.
„За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста. СДС треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ. Доколку тие имаат некаква желба да бидат конструктивни, нека престанат со клеветите и нека се посветат на реалната поддршка на македонските интереси“, реагираа од СДСМ.
Партиските обвинувања започнаа откако по средбата на Сиљановска-Давкова и Радев беа лиферувани фотографии како двајцата се поздравуваат пред бугарското и знамето на ЕУ, но без македонското знаме.
Вчера реагираше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека „за првпат во историјата, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја“.
Од кабинетот на Сиљановска-Давкова, пак, најавија дека денеска (15 септември) ќе побараат објаснување од бугарската страна, но потенцираа дека фотографирањето пред знамињата воопшто и не било планирано.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, соопштија од кабинетот на претседателката.
Средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев беше прва официјална откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава.
Во делегацијата со Сиљановска-Давкова беа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
Претседателката отпатува во Софија за да го проследи настапот на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди што беше искористено и за средба со Радев.
Директорот на Рио Тинто обвинува за ширење дезинформации за проектот Јадар во Србија
Додека во Србија локалните жители и еколошките здруженија протестираат поради отворањето на рудник за литиум, извршниот директор на Рио Тинто, Јакоб Стаушолм, во авторски текст за „Политика“ пишува дека компанијата ги почитува и ги разбира сите стравови на српските граѓани во врска со проектот Јадар и оти има одговори за сите прашања што ги засегаат луѓето.
Според последните најави на властите, рудникот за литиум во Рио Тинто би можел да започне со работа во 2028 година доколку компанијата ги исполни еколошките прописи и ги добие потребните дозволи.
Некои жители на Јадар на запад од Србија и еколошки здруженија се противат на отворање рудникот, плашејќи се од последиците за животната средина. Масовните протести против рудниците за литиум, на иницијатива на еколошки организации, започнаа есента 2021 година, кога беа организирани и блокади на меѓународниот автопат.
Стаушолм оцени дека има многу неточни и погрешно интерпретирани информации за проектот и компанијата Рио Тинто, како и дека „се работи за внимателно осмислена и добро организирана кампања за ширење дезинформации“, пренесува Бета.
„Ова е прв пат во својата долга историја оваа компанија да се соочи со ваква ситуација. Темата за развој на проекти ги збунува, вознемирува и ги дели луѓето. Нашите вработени се изложени на закани и заплашувања на Интернет“, вели тој во текстот објавен на 15 септември.
Како што пишува, шесте ветувања што ги дал се одраз на неговата желба да ги увери сите кои се загрижени дека проектот ќе се развива безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина, општествената одговорност и корпоративното управување.
Стаушолм рече дека сите студии за оцена на влијанието врз животната средина вклучуваат постапка за јавна ревизија, каде граѓаните ќе можат да добијат информации и да придонесат за подобрување на студиите преку коментари, прашања и предлози.
Тој изјави и дека компанијата предлага да има што е можно повеќе јавни дебати кои ќе ги пренесуваат медиумите, како онаа што минатата сабота се одржа во Љубовија.
Неколку дена претходно, на 10 септември, дел од опозицијата во Србија до парламентот достави предлог за измена на законот со кој се бара забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор. Пратениците од опозицијата побараа вонредна седница на парламентот на која ќе се расправа за нивниот предлог.
Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ најави дека предлогот на опозицијата за забрана за ископ на литиум ќе биде на дневен ред на парламентот до крајот на септември.
Владата на Србија во последните месеци не се противеше на проектот за изградба на рудникот, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше стопиран.
На 19 јули Србија потпиша Меморандум за критични суровини со германскиот канцелар Олаф Шолц и Европската унија. Меморандумот предвидува цел производствен синџир – од ископ на литиум во рудникот на Рио Тинто во долината на реката Јадар до производство на батерии за електрични возила.
Од компанијата Рио Тинто за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека евентуалната забрана „би претставува преседан бидејќи ќе бара фундаментални промени во законодавната рамка која ги регулира рударските активности и експлоатацијата на минералните суровини“.
РСЕ постави и прашање дали компанијата при аплицирање за геолошки истражувања известува и за која руда се врши истражувањето.
„Секој проект за геолошки истражувања што е дел од апликацијата поднесена до Министерството за рударство и енергетика за добивање одобрение јасно го содржи името на примарната минерална суровина која би се истражувала (на пример, бакар, злато, сребро, бор, литиум итн.)“ се наведува во одговорот на Рио Тинто.
Од Рио Тинто претходно во својот одговор до РСЕ изјавија дека „домашни и меѓународни експерти потврдиле дека проектот Јадар може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.
Оваа компанија во 2004 година на запад од Србија ја откри рудата „јадарит“ – комбинација од литиум и бор, а резервите на овој метал се проценуваат на над 158 милиони тони.
Рио Тинто објави дека областа на долината Јадар ја има една од најголемите европски резерви на руда за производство на литиум и дека нивниот проект предвидува производство на 58.000 тони литиум годишно, доволно за 1,1 милион електрични возила.
Иранскиот претседател ќе присуствува на самитот на БРИКС во Русија
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ќе присуствува на претстојниот самит на БРИКС во Русија, изјавил амбасадорот на Техеран во Москва, Казем Џалал, на 15 септември, пренесоа државните медиуми.
Патувањето на Пезешкијан во Русија доаѓа во период на тензии и обвинувања од Западот за воената соработка меѓу Иран и Русија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен минатата недела изјави дека Русија примила балистички ракети од Иран и дека соработката меѓу Москва и Техеран ја загрозува пошироката европска безбедност.
САД, Германија, Велика Британија и Франција воведоа нови санкции против Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи тврдеше дека Техеран не и испорачал балистички ракети на Русија и дека санкциите против Иран наметнати од САД и трите европски земји не се решение.
Земјите кои се дел од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) ќе го одржат самитот во Казан, Русија, од 22 до 24 октомври.
Семејството на Махса Амини во „домашен притвор“ на втората годишнина од нејзината смрт
Безбедносните сили „го опколиле дом“ на семејството на покојната Махсе Амини во Сагез и ги спречиле да ја напуштат куќата, изјави за Радио Фарда извор близок до семејството.
Изворот тврди дека семејството добило повик од Министерството за разузнавање во кое им било кажано да не излегуваат од куќата. Доколу излезат, пак, според тврдењата на изворот, им било пренесено дека ќе бидат уапсени.
Изворот, исто така, рече дека можеле да слушнат како хеликоптери летаат над Сагез.
Ваквиот повик до семејството доаѓа за време на втората годишнина од смртта на студентката Махса Амини која почина во притвор, што предизвика масовни протести против естаблишментот низ Иран.
Таткото на Амина, Амјад Амини, минатата недела за Радио Фарда изјави дека семејството има право и се надева дека ќе ја одбележи годишнината доколку властите го дозволат тоа.
Во изминатите два дена, наводно, биле уапсени неколку членови на семејствата на лица кои загинаа за време на задушувањето на протестите од страна на властите.
22-годишната Амини почина во притвор откако беше приведена од полицијата за морал поради наводно прекршување на правилата за облекување. Властите тврдеа дека таа починала поради медицински проблеми, но нејзиното семејство и сведоците кои се најдоа на местото на нејзиното апсење изјавија дека била претепана од полицијата и починала како последица на повредите.
Случајот предизвика масовни протести, илјадници Иранци излегоа на улиците да бараат повеќе слободи и права за жените.
За движењето кое стана познато како „Жени, живот, слобода“, Иранците велат дека остава неизбришлив белег на јавен пркос во земјата. Набљудувачите сведочат дека тоа претставува една од најголемите закани за исламската влада по Револуција во 1979 година.
Зеленски бара побрза испорака на оружје за Украина
Претседателот Володимир Зеленски повторно ги повика САД и другите сојузници „навремено да ги спроведат“ договорите за оружје и други набавки за да и помогнат на неговата држава да се бори против руската инвазија.
Во последната видео-порака објавена ноќта на 14 септември, тој рече дека „од клучно значење е сите држави, а особено САД, навистина брзо да ги спроведат договорите постигнати со Украина“.
„Тоа треба да се почувствува на фронтот. Секое доцнење со воените пакети има негативна последица на фронтот. Секоја навистина навремена и брза испорака има позитивно влијание“, рече Зеленски.
Додека продолжуваат меѓународните напори за воено снабдување на Украина, НАТО се соочува со зголемени повици меѓу своите членки за укинување на ограничувањата за тоа каде украинските сили може да го користат оружјето што го добиваат од Западот, но и со повици да се испорачува пософистицирано оружје.
Киев постојано вели дека треба да биде способен да изведува удари со подолг дострел на руска територија за да се одбрани од инвазијата на руските сили, аргумент што наиде на одредена поддршка меѓу претставниците на НАТО.
Украина не е дел од НАТО, но Алијансата во јули соопшти дека постсоветската земја е на „неповратен пат“ кон членство.
Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа на 13 септември за да разговара дали да го одобри барањето од Киев за оружјето.
Велика Британија, наводно, е сè поблиску до одлука да и дозволи на Украина да ги користи нејзините ракети за напад на руска територија.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на 14 септември изјави дека Бајден е „решен да ги искористи четирите месеци [што му преостанаа на функцијата] за да ја стави Украина во најдобра можна позиција за да победи“.
Путин претходно оваа недела рече дека Западот ќе биде „во војна“ со Русија ако и дозволи на Украина да нападне со ракети со долг дострел произведени од Запад, додека Медведев на 14 септември изјави дека Русија може да го уништи главниот град на Украина, Киев, со нуклеарно оружје, доколку Западот ги укине своите ограничувања.
Зеленски во обраќањето на 14 септември изјави дека разговарал со делегација членови на американскиот Конгрес и „ги информирал за моменталната ситуација и изгледите“.
Дебатата околу прашањето за користење на оружјето, се заостри по ненадејниот упад на украинските сили во регионот Курск во Русија кој се смета за обид за зајакнување на позицијата на Киев пред потенцијалните разговори за прекин на огнот.
Украинскиот премиер Денис Шмихал минатата недела изврши притисок за втор голем меѓународен мировен самит за кој рече дека се надева оти може да привлече најмалку 150 земји. Сличен таков настан се организираше во Швајцарија во јуни.
Инаку, во новиот бран руски напади во текот на ноќта помеѓу 14 и 15 септември, украинските власти соопштија дека брачна двојка е убиена во јужниот регион Одеса.
Украинската војска соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 10 од 14 беспилотни летала што ги лансирала Русија. Таа, исто така, наведе дека два балистички проектили „Искандер“ и наведувачка ракета, од кои втората била соборена, ја погодиле Одеса.
Зеленски наведе дека Русија истрелала околу 30 проектили, повеќе од 800 наведувачки бомби и речиси 300 беспилотни летала кон Украина во изминатата недела.
Екипажот на Спејс Икс се врати од првата вселенска прошетка во историјата
Екипажот на „Поларис дон“ (Polaris Dawn) на Спејс Икс се врати на Земјата по пет дена поминати во орбитата, во рамки на мисијата за реализирање на приватна прошетка низ вселената, прва во историјата.
Капсулата „Драгон“ утрото на 15 септември падна во морето во близина на брегот на Флорида, јавува Би-ви-си.
„Добре дојдовте назад на Земјата“, објави Спејс Икс на мрежата Икс.
Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека мисијата претставува „голем чекор напред“ за комерцијалната вселенска индустрија.
Еден ден пред слетувањето, екипажот ја искористи сателитската мрежа Старлинк на Спејс Икс за да воспостави директна видео врска со Земјата.
Мисијата ја финансираше милијардерот Џаред Исакман. Нему му се придружија Скот Потет, пензиониран пилот на американските воздухопловни сили и две вработени во Спејс Икс, Сара Гилис и Ана Менон.
Исакман и Гилис се првиот непрофесионален екипаж кој бил на прошетка во вселената, многу ризичен маневар кој вклучува и излез од вселенско летало.
Досега, само астронаутите од вселенски агенции финансирани од владата можеа да го направат тоа.
Обраќајќи им се на контролорите на мисијата во Хоторн, Калифорнија, за време на вселенската прошетка, Исакман рече: „Сите имаме многу работи да направиме дома, но оттука светот изгледа како совршено место“.
Ракета од Јемен падна во централен Израел
Ракета со долг дострел, истрелана во Јемен, падна на територијата на централен Израел на 15 септември, соопшти израелската армија.
Поради нападот рано наутро се огласиле I сирените, но нема извештаи за жртви или материјална штета. Војската соопшти дека звукот на експлозии во оваа област дошол од пресретнувачи.
Израелските медиуми објавија видео од патници кои бегаат во засолниште на аеродромот Бен Гурион.
Објавени се и фотографии од нешто што изгледа како фрагмент од проектил или пресретнувач, кој паднал на ескалатор на железничка станица во градот Модиин во централен Израел, пренесува Асошиејтед Прес.
Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, постојано истрелуваат проектили и беспилотни летала кон Израел од почетокот на речиси едногодишната војна во Газа меѓу Израел и Хамас, кој САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација.
Сепак, речиси сите ракети на Хутите досега беа пресретнати над Црвеното Море.
Централна Европа се бори со разорни поплави
Жителите и властите низ Централна Европа продолжуваат да се борат со поплавите и обилните врнежи кои го погодина регионот. Најлоша е ситуацијата во Романија, каде властите соопштија дека загинале четири лица. Еден смртен случај е пријавен во Полска, а три лица се водат за исчезнати во Чешка.
Дождовите, исто така, ги натераа екипите за помош да дејствуваат и во делови од Австрија и ниските области на Чешка и Полска каде жителите беа евакуирани бидејќи се прелеа браната во Миеџигорзе.
Романија, која веројатно е најпогодената земја, посериозните поплави зафатија околу 20 општини во осум романски области.
Оштетени се повеќе од 5.000 куќи, а стотици жители се евакуирани.
Премиерот Марсел Чиолаку за време на посетата на една од најпогодените области, Галати, најави привремени засолништа за луѓето загрозени од поплавите. Тој рече дека спасувањето животи е прв приоритет на службите.
Четири лица загинаа во поплавите во Романија во изминатите 24 часа, соопштија властите.
Романскиот Национален институт за хидрологија и водостопанство издаде црвен аларм за регионите Галати и Васлуи додека спасувачите, вклучително и со воени чамци и други средства, се обидоа да стигнат до заробените жители, од кои некои беа принудени да се качат на покривите за да се спасат.
На некои места поплавите со вода достигнаа и до три метри длабочина.
Во меѓувреме, управата за водоснабдување во Вроцлав, југозападна Полска, соопшти дека ситуацијата е критична откако се прелеа браната висока речиси 30 метри во долината Клоѓко на границата на Полска со Чешка, поради што се евакуирани жители.
Во Австрија десетици општини се прогласени за зони на катастрофа.
Во чешкиот главен град, Прага, властите воведоа мерки за спречување на поплави.
Пообилни врнежи сè уште се предвидуваат за Австрија, Чешка, јужна Германија, Унгарија, Полска и Словачка.
Синоптичарите велат дека до 15 септември, во дел од областите може да паднат повеќе од една третина од просечните годишни врнежи.
Силните ветрови дополнително ја усложнуваат ситуацијата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете