Достапни линкови

Вести

Потпишан договорот за нуклеарка во Турција

Русија денеска потпиша договор за изградба на првата нуклеарна централа во Турција. Вредноста на проектот се проценува на 20 милијарди американски долари а нуклеарната централа ќе се гради во Акуку во близина на крајбрежјето. Документот беше потпишан за време на официјалната посета на рускиот претседател Димитриј Медведев во Анкара.

види ги сите денешни вести

Московскиот суд во отсуство ја осуди американската новинарка Маша Гесен на 8 години затвор

Маша Гасен
Маша Гасен

Московскиот суд на 15 јули ја осуди руско-американската новинарка, писателка и отворена критичарка на Кремљ, Маша Гесен на осум години затвор под обвинение за дистрибуција на „лажни“ информации за руската војска.

Обвинението произлезе од интервјуто на Гесен со рускиот новинар Јуриј Дуд за наводните злосторства извршени од руските војници врз цивилите во Украина. Во декември, руското Министерство за внатрешни работи ја додаде Гесен на листата на барани лица. Гасен веќе подолго време не живее во Русија.

Маша Гесен е новинарка и писателка, вклучително и авторка на книга за Владимир Путин, која стана многу популарна во САД и другите западни земји, и е писателка за американското списание Њујоркер. Гесен ја водеше руската служба на РСЕ во 2012-2013 година.

Мицкоски: Рамката со Унгарија е отворена, во моментот ни требаат 500 милиони евра

Македонскиот премиер Хрстијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан, Вашингтон, 10 јули 2024
Македонскиот премиер Хрстијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан, Вашингтон, 10 јули 2024

Половина од 500 милиони евра кои земјава ги договори со Унгарија, ќе бидат за општините, а половина за бизнисот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Како што објасни, општините ќе ги користат парите за конкретни проекти кои би им го подобриле животот на граѓаните, а фирмите ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5 000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација.

Според него, избрзани се реакциите на некои од политичарите дека ветил една милијарда евра, а донел 500 милиони. Средствата, вели тој, се обезбедуваат согласно потребите. Соработката со Унгарија не е ограничена, рамката е отворена, а во моментов се потребни 500 милиони и затоа, потенцира Мицкоски, обезбедиле само толку.

„Од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе. Веднаш избрзаа со критика, „вети милијарда, донесе 500“. Сега се 500. Имаме обврзница што ја земаа под ултра лоши услови, но таа доспева на 25 јануари. Зошто сега да земеме 500 милиони па граѓаните да плаќаат камата, кога можеме во јануари. Отворена ни е рамката. Мора да имате концепт, со пари сите знаат, но идејата е од ништо нешто да направите. Поентата е од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе“, истакна премиерот, кој денеска беше во теренска посета на Охрид.

Мицкоски повтори дека договорените 500 милиони евра со Унгарија се, всушност, специјална економска соработка на ниво на влади.

Неодамна од Владата објавија дека Северна Македонија ќе се задолжи кај Унгарија со 500 милиони евра кредит, со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.

Украински војник „бегалец“ застрелан на границата со Молдавија

Украинско-молдавска граница (илустрација)
Украинско-молдавска граница (илустрација)

Главната истражна канцеларија на Украина на 15 јули соопшти дека ги истражува околностите околу смртта на војник во регионот Одеса, за кој се претпоставува дека бил застрелан откако се обидел илегално да стигне во Молдавија заедно со уште тројца други мажи.

Инцидентот доаѓа во време кога украинските власти притискаат за регрутирање и преземаат други мерки за зајакнување на нивните борбени сили, по руската инвазија која трае речиси 30 месеци.

Државното биро за истраги (ДБР) соопшти дека граничарите го привеле мртвиот маж и уште тројца „бегалци“ додека се обидувале пеш да ја преминат границата во Молдавија на 14 јули.

Се наведува дека еден од уапсените нападнал граничен чувар „додека се обидувал да побегне“.

„Како одговор употребил службено оружје и го застрелал напаѓачот“, велат истражителите.

Очајни обиди да се избега од Украина за да се избегне мобилизација
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Агенцијата соопшти дека нејзината истрага се заснова на смртта на еден војник и има за цел да разјасни дали чуварот употребил соодветна сила.

Повеќе од 23 000 Украинци илегално ја преминале границата во соседна Молдавија откако руските трупи влегоа во Украина во февруари 2022 година во првата сеопфатна армиска инвазија во Европа по Втората светска војна.

Како дел од раните одбранбени напори, на украинските мажи на возраст меѓу 18 и 59 години им беше забрането да ја напуштат земјата. Во април, украинските власти ја намалија старосната граница за регрутирање од 27 на 25 години.

За да се реши недостигот на војници, од кои стотици илјади се смета дека биле убиени или ранети досега во војната, тие исто така побараа од мажите да ги ажурираат своите регистрациски информации. Тие, исто така, наметнаа притисок и казни за Украинците во странство кои одбија да се пријават за можна воена служба.

Украинските погранични власти приведоа мал број лица кои се обидуваа да ја напуштат земјата во Молдавија. Тие известија за смртта на најмалку десетина луѓе кои се обидувале да ја преминат западната река на границата меѓу двете земји, оваа година.

По обилните поплави, прогласена вонредна состојба во киргистанскиот град Ош

Последици од обилните поплави во градот Ош, Киргистан, јули 2024
Последици од обилните поплави во градот Ош, Киргистан, јули 2024

Властите во јужниот киргистански град Ош прогласија вонредна состојба по лизгањето на земјиштето и поплавите предизвикани од обилните дождови во кои животот го загубија најмалку четири лица.

До 14 јули беше потврдена е смртта на 44-годишна жена и нејзините три ќерки, како и на уште една жена.

Вонредна состојба во Киргистан поради поплави и лизгање на земјиштето
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Официјални лица рекоа дека струите на реката Ак-Буура станале исклучително опасни во текот на викендот и дека водата го пробила брегот, што резултирало со поплавување на локалниот пазар и едно село во близина на градот.

Киргистанските власти претходно изјавија дека 17 лица загинале во одрони и поплави предизвикани од обилните дождови во изминатите месеци.

ЕУ ги продолжи санкциите за Иран

илустрација
илустрација

Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување за уште една годин (до 27 јули 2025-та), на рестриктивните мерки кон Иран воведени поради неговата воена поддршка на руската инвазија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море.

Со санкциите од овој пакет во моментов се опфатени на 12 поединци и девет субјекти, јави МИА. На стационираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а забрането е и директно или индиректно да им бидат обезбедувани или ставани на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица опфатени со мерките им е забрането патување во ЕУ.

Во заклучоците од заседанието на Европскиот совет од 21 и 22 март годинава, беше упатен повик до трети страни, вклучително и Иран, веднаш „да престанат да даваат материјална поддршка за руската агресивна војна против Украина“. Дополнително во заклучоците од состанокот на Европскиот совет од 17 и 18 април 2024 година, беше повторена посветеноста на ЕУ за воведување дополнителни рестриктивни мерки кон Иран, особено во однос на испораката на дронови и ракети на Русија.

Неполн месец подоцна, Советот го прошири опсегот на рамката на ЕУ за рестриктивни мерки поради воената поддршка на Техеран за руската инвазија кон Украина, со опфат и на испораката на дронови и ракетите за Русија и за вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море, со што се забранува извоз во Иран на делови и компоненти што би можеле да се користат за развој и производство на беспилотни летала.

Дополнително во текот на мај и јуни со режимот на санкции на ЕУ беа опфатени уште шест поединци и четири субјекти од Иран.

Претседателски и парламентарни избори во Руанда

Актуелниот претседател на Руанда и претседателски кандидат Пол Кагаме им се обраќа на своите поддржувачи за време на предизборниот митинг во Гаханги, Руанда, 13 јули 2024
Актуелниот претседател на Руанда и претседателски кандидат Пол Кагаме им се обраќа на своите поддржувачи за време на предизборниот митинг во Гаханги, Руанда, 13 јули 2024

Во Руанда денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори, а речиси е сигурно дека нов лидер повторно ќе биде Пол Кагаме, кој владее со оваа централноафриканска земја речиси четвртина век.

Гласачките места се отворени во 7 часот по локално време, за околу 9 милиони регистрирани гласачи. Првите резултати се очекуваат до 20 јули.

Повеќето гласачи на улица за Ројтерс изјавија дека ќе гласаат за Кагаме, пофалувајќи го неговото водство на земјата по геноцидот во 1994 година, со акцент на развојот и ефективни социјални мерки.

Кагаме ја предводеше бунтовничката армија која ја презеде власта откако го запре геноцидот во 1994 година, а претседател е од 2000 година.

На изборите има двајца противкандидати, Франко Хабинеза и Филип Мпајмана, кои веќе му се спротивставија на последните избори во 2017 година. На голем број други кандидати, вклучително и некои од најголемите критичари на Кагаме, им беше забрането да се кандидираат поради различни причини.

Кагаме освои 99 отсто од гласовите во 2017 година, по што го промени Уставот и го отстрани делот за ограничување на мандатот. Тој беше критикуван за потиснување на медиумските слободи и опозицијата, како и за поддршка на бунтовничките групи во соседна Демократска Република Конго.

Во самоубиствени напади во Пакистан загинаа тројца војници

Бану, Пакистан, 15 јули 2024
Бану, Пакистан, 15 јули 2024

Во два напади на бомбаши самоубијци во Пакистан, најмалку тројца војници загинале, а над 50 биле повредени, соопшти денеска (15 јули) локалната полиција. Причинета била и голема материјална штета.

Во соопштението се наведува дека прво дошло до експлозија на возило полно со експлозив, а потоа вториот напаѓач активирал елек со динамит во близина на оградата на зграда во градот Бану во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан. Наведено е и дека полицијата брзо реагирала и спречила обид за упад во зградата во која се наоѓаат становите на припадниците на безбедносните сили.

Се додава дека воени хеликоптери и копнени сили учествуваат во операцијата за пребарување на преостанатите вооружени лица во областа.

Владата и армијата сè уште не ги коментираат инцидентите. Никој не ја презеде одговорноста за нападите, но осомничени се пакистанските талибанци, кои ги засилија нападите врз безбедносните сили во последните месеци.

Бану се наоѓа во провинцијата Хајбер-Пахтунхва, каде во последните години има зголемен број на вооружени напади. Во јануари 2023 година, најмалку 101 лице беа убиени, главно полицајци, кога бомбаш самоубиец преправен во полицаец нападна џамија во северозападниот град Пешавар.

Талибанците, познати како Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП), се посебна група, но се сојузници со авганистанските талибанци. ТТП ги засили нападите врз безбедносните сили откако авганистанските талибанци ја презедоа власта во соседната земја во 2021 година.

Естонската премиерка Каја Калас поднесе оставка од функцијата

Премиерката на Естонија, Каја Калас
Премиерката на Естонија, Каја Калас

Премиерката на Естонија Каја Калас денеска (15 јули) поднесе оставка од функцијата.

Оставката ја поднесе до претседателот Алар Карис,откако беше номинирана за висок претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, пишува естонскиот портал EРР. Се наведува дека кон крајот на летото Калас ќе поднесе оставка и од функцијата претседател на Реформската партија.

Калас е премиерка на Естонија од 2021 година и предводеше три последователни влади.

Како што е наведено, во тек се преговори меѓу Реформската партија, СДЕ, Еести 200 за продолжување на актуелната владејачка коалиција, а овие преговори во име на реформистите ги води Кристен Михал, кој е предложен за претседател на Реформската партија.

Според процедурата, претседателот Карис ќе разговара со партиите, а потоа ќе го додели мандатот.

Новата влада треба да биде избрана на почетокот на август.

Почнува Конвенцијата на републиканците, Трамп пристигна во Милвоки

Доналд Трамп пристигнува во Милвоки, 15 јули 2024
Доналд Трамп пристигнува во Милвоки, 15 јули 2024

Американската Републиканска партија денеска (15 јули) ја почнува својата национална конвенција, отворајќи го патот Доналд Трамп да биде официјално потврден како кандидат на партијата за претседателските избори во ноември, само неколку дена по обидот за атентат врз него, јави ДПА.

Трамп, кој се очекува да биде номиниран од партиските делегати, треба да го именува и својот кандидат за потпретседател на настанот во градот Милвоки во американската сојузна држава Висконсин.

ФБИ соопшти дека нема закани за конвенцијата или за некој што ќе присуствува, додека Тајната служба соопшти дека не предвидува никакви промени во безбедносниот план.

„Требаше да го одложам моето патување во Висконсин за републиканската национална конвенција за два дена, но само решив дека не можам да дозволам напаѓач или потенцијален атентатор да не принуди да го презакажеме или нешто друго“, напиша Трамп на неговата страница Вистина.

Конвенцијата се очекува да ги изложи позициите на партијата за прашања како што се абортусот, имиграцијата и економијата.

Четиридневната конвенција, или РНЦ, доаѓа само два дена откако пукањето на митинг на кампањата на Трамп предизвика шок во САД, само неколку месеци пред Трамп да се соочи со актуелниот претседател демократот Џо Бајден на 5 ноември.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет во, како што рекоа претставниците на законот, „обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.

Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.

СЗО: Стапката на вакцинација на децата е под нивото пред пандемијата

илустрација
илустрација

Глобалните стапки на вакцинација кај децата останаа под нивоата пред пандемијата минатата година, соопштија денеска Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), што предизвика загриженост кај експертите.

Во 2023 година, 84 проценти од децата на глобално ниво биле целосно вакцинирани против дифтерија, тетанус и пертусис или голема кашлица, тројна вакцинација која се смета за клучен показател за стапката на вакцинација на децата, пренесе ДПА.

Бројката претставува мало намалување во споредба со нивоата пред пандемијата регистрирани во 2019 година, се вели во извештајот.

Бројот на деца без ниту една доза од тривалентната вакцина се зголеми на 14,5 милиони минатата година, од 12,8 милиони пред почетокот на пандемијата, се вели во извештајот.

За време на пандемијата на Ковид-19, во многу места дојде ди одложувања и прекини во нивните програми за вакцинација.

Во некои земји, бројот на скептици за вакцините се зголеми како последица на пандемијата, изјави експертот на СЗО, Кетрин О’Брајан.

„Овој развој резултира со смрт на деца“, нагласи таа.

О’Брајан рече дека скептицизмот за вакцинацијата во побогатите земји влијае и на другите региони, на пример, кога луѓето со миграциско потекло со седиште во Европа шират дезинформации во нивните матични земји.

Експертот на УНИЦЕФ, Ефрем Леманго, истакна дека во земјите со ниски приходи, недостигот на доверба во здравствените установи и ограничениот пристап до вакцини, исто така, го попречуваат напредокот во имунизацијата.

Според СЗО и УНИЦЕФ, вооружените конфликти се уште една пречка, при што повеќе од половина од сите деца без имунизација живеат во земји кои се карактеризираат со нестабилност, насилство и ранливост. Двете организации, исто така, соопштија дека повеќе од 100 земји биле погодени од епидемии на сипаници во последните пет години.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG