Достапни линкови

Вести

Коњановски:Поевтини станови за припадниците на АРМ

Припадниците на АРМ, отсега ќе имаат можност по повластени услови да купат станови, изјавил министерот за одбрана Зоран Коњановски. Со новиот проект „АРМ-мој вистински дом„ во неколку градови во Македонија, ќе се градат станови кои ќе се продаваат на припадниците на армијата но по пониска цена од комерцијалните станови.

види ги сите денешни вести

Свадбите повторно ја отворија модуларната болница против ковид-19 во Тетово

Поглед на Тетово од Шар Планина

Драстично зголемување на луѓе кои мораат да бидат на болничко лекување се бележи во Тетово, каде три капацитети се искористени за хоспитализирани пациенти. Во инфективното одделение, во интерното одделени и во модуларната бoлница има 26 луѓе кои се на болничко лекување. Исто така Тетово покрај Скопје има и најголем број на новозаразени пациенти.

„Не знаеме дали е тој четврти бран или не, како и да е оди во тој правец, вчера имавме 64 амбулантски прегледи, тоа не сме го имале уште од есенскиот бран. Од тие прегледи очекуваме и нови хоспитализирани. Навистина е алармантно во споредба со лани овој период кога беше поблаго и подобро. Ако ме прашувате за новоинфицирани, тоа е резултат на зголемен број на тестирања, некои патуваат, некои се враќаат назад, тоа е еден фактор. Зголемување на хоспитализираните пациенти е поради мерките - како да заборавија граѓаните на пандемијата, не носат маски, нема дистанца, има групирање итн. Овие свадбени или други свечености што се организираа придонесуваат да имаме зголемен број на позитивни пациенти во болница“, изјави д-р Гзим Нуредени, координатор во Ковид центарот.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување пуштена е во употреба е и модуларната болница, а се оценува дека состојбата е алармантна.

„Гледаме дека луѓето се олабавени, а за жал пациентите се стари лица кои надвор не излегле. На младите не им е гајле ама жртва се старите дома. Тие што се жртва и седат дома изолирани и ќе бидат инфицирани. Сите што побргу да се вакцинираат, вакцината помага, клиничката слика ќе биде полесна кај секого“, вели Нуредини.

Од хоспитализираните 26 пациенти само еден не е на кислородна поддршка.

„Што се однесува до вакцинален статус, четири од нив се вакцинирани само со една доза, еден пациент е комплетно вакциниран, тој е релативно добро. Пациентот е некаде на 67-годишна возраст. Што се однесува до возраста на пациентите имаме 31, 37 години, и другите се над 65 години. Сите овие пациенти се со прекумерна телесна тежина, имаат и други коморбидитети, со срцева слабост, бубрежни проблеми и некои се со респираторни хронични болести“, рече Нуредини.

Меѓу хоспитализираните има и печалбари дојдени од Германија и Италија.

Според денешните податоци од Министерството за здравство, Тетово е град со најмногу новозаразени и најмногу активни случаи на ковид19. Од новозаразените 164 нови случаи на ковид19 во Тетово се 60, а потоа следува Скопје – 34 и Гостивар 21. И според бројот на активни случаи Тетово е на прво место. Како што објави Министерството за здравство вкупно има 770 активни случаи од кои во Тетово 229, во Скопје 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Нормализиран железничкиот сообраќај, прекинат бојкотот на машиновозачите

Железничката станица во Скопје

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладнево во 14.30 часот е нормализиран. Машинскиот персонал во Железници на РСМ – Транспорт по денешната средба со менаџерскиот тим на претпријатието го прекина бојкотот на работата и е исплатен вториот дел од платата за јуни годинава, потврди за МИА Тони Димовски, претставник на машиновозачите и помошниот персонал.

Димовски информираше дека од Железничката станица во Скопје во 14.30 часот веќе е заминат возот 643 на релацијата Скопје – Битола.

Според Димовски, на средбата е договорено за платата за јули менаџерскиот тим во соработка со министерствата за финанси и транспорт да смогне сили вториот дел да го исплати до 25-ти месецов.

„Доколку не биде исплатен, наредниот ден, на 26 август, машинскиот персонал повторно ќе биде во бојкот и нема да ги извршува раотните задачи, изјави Димовски.

Тој најави и дека повторно ќе го блокираат железничкиот сообраќај доколку не им биде исплатен и надоместот за квалитет во износ од 30 проценти, што со јунската плата им бил намален на 20 проценти.

„Разговаравме и за исплатата на надоместот за квалитет којшто со јунската плата ни беше намален од 30 на 20 проценти. Бараме со првиот дел од јулската плата што треба да се исплати на 15 август да добиеме надомест во износ од 30 проценти. Во спротивно, односно доколку не биде 30 проценти, наредниот ден во 7 часот машинскиот персонал ќе ги прекине работните обрски“, рече Димовски.

Бојкотот на машинскиот и помошниот персонал почна вчера во 16 часот со целосна блокада на патничкиот и товарниот сообраќај.

Груби- со пожарите надлежните се соочуваат одговорно

Вицепремиерот Артан Груби

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека не е разговарано за разрешување на првите луѓе на ЦУК, затоа што сметаат дека со сите околности околу пожарите се соочиле одговорно. Сепак, како што рече, Владата ќе одржи седница, на која ќе се дебатира и за ова прашање.

„Сметаме дека со сите околности се соочивме доста одговорно, и за среќа немаме ниту една жртва, за разлика од земјите во регионот. Секако дека секогаш може многу подобро. Не сме зборувале за разрешување, но не сакам да прејудицирам, затоа што имаме сега седница на Влада и секако дека ќе се дебатира во однос на ова прашање“, рече Груби на денешната прес-конференција по повод промоција на поштенска марка по повод 20 години од Охридскиот договор, во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека останува забраната за движење во шумите и испрати апел до граѓаните да бидат многу внимателни во следниот период.

Нови 164 заразени со ковид19, тројца починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.276 тестирања, а регистрирани се 164 нови случаи на ковид19. Од нив најмногу во Тетово – 60, потоа следува Скопје – 34, Гостивар – 21, Куманово и Битола – по 8, Струмица, Кичево и Дебар – по 5, Штип и Кочани – по 4, Прилеп и Струга – по 3, Берово – 2, Охрид и Пехчево – по 1.

Пријавени се три починати лица : две лица од Гостивар и едно лице од Скопје, сите починати во болнички услови. Регистрирани сe 18 оздравени пациенти.

Со денешните новозаразени, починати и оздравени вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.707 бројката на оздравени пациенти е 150.440, на починати е 5.497, а бројот на активни случаи изнесува 770.

Според епидемиолошки анализи во моментов најмногу заразени има во Тетово вкупно 229, а според бројот на активни случаи следен е Скопје со 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Уапсен мажот кој се закануваше дека ќе детонира експлозив во украинската влада

Киев- полиција пред зградата на украинската влада додека мажот се закануваше дека ќе детонира бомба,04.08.2021

Полицијата во Украина го уапси мажот кој влезе во зградата на украинската влада во Киев и со часови се закануваше дека ќе активира експлозив. Шефот на украинската национална полиција Ихор Клименко рече дека осомничениот е ветеран од војната против сепаратистите поддржани од Русија на истокот од Украина. Тој рече дека осомничениот бил повреден два пати во војната, а едната повреда била на главата.

Клименко додаде дека истрагата е во тек, а дека мотивите на мажот за ваквиот потег се непознати. Специјални полициски сили беа повикани на местото на настанот околу 10 часот претпладне по локално време откако непознатиот маж влегол во зградата на министерскиот совет во Украина, извадил од џеб предмет кој личел на експлозивна направа и се заканувал дека ќе го активира.

Надлежните соопштија дека осомничениот се заканувал на двајца чувари и на вработенуите во владината администрација.

Најмалку осум загинати во пожарите во Турција

Пожар во Турција

Најмалку осум лица загинаа во пожарите во Турција, што избија во 38 провинции од минатата среда.

„Во Турција се изгаснати 152 пожари, а напорите за гаснење на уште 11 продолжуваат“, изјави министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли.

Tој рече дека 16 авиони, девет беспилотни летала, 51 хеликоптер, еден дрон, 155 парчиња градежна опрема и 5.200 луѓе се борат со огнот. Пакдемирли информира дека се погодени пет провинции, 18 окрузи и 78 села. Во Мармарис е забележана рекордна температура на воздухот од 45,5 степени Целзиусови, со што е урнат претходниот рекорд од 45,2 степени постигнат во јули 1988 година.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу на заедничката прес -конференција во областа Мармарис, во јужна Турција, рече дека поради пожарот се евакуирани над 16.600 жители од повеќе од 3800 домаќинства во 28 населени места.

Бугарија испраќа во Македонија 25 пожарникари, три противпожарни и две амбулатни возила

Службениот премиер на Бугарија Стефан Јанев

По наредба на службениот премиер Стефан Јанев, Бугарија испраќа поддршка за Република Северна Македонија за справување со пожарите, објави денеска прес-службата на буагрскиот владини кабинет. Бугарија ќе ја поддржи земјава преку механизмот за взаемна помош, а за гаснење на пожарите во Кочани и Делчево, бугарската Влада планира да испрати 25 пожарникари, три противпожарни возила и уште две амбулантни возила.

Во телефонски разговор со премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, премиерот Стефан Јанев вчера кажа дека Бугарија е подготвена да им помогне на своите соседи со потребната поддршка за гаснење на пожарите, потсетува прес-службата на бугарската Влада во соопштението до медиумите.

По пожарот на втори август во Кочани, кој се закануваше да го зафати и градот, помош стигна од Србија која испрати четири хелихоптери за гаснење пожари кои веќе делуваат на македонска територија, а помош најави и Словенија.

Според денешните информации кои ги соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во земјава активни се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак.

Од утре пороен дожд, ветер и грмежи

Македонија деновиве е погодена од високи температури над 40 степени

Од утре попладне се очекува промена на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално можна е појава на невреме со пообилен пороен дожд, силни електрични празнења, град и силен ветер со над 80 километри на час.

Синоптичарите препорачуваат во случај на појава на електрични празнења, граѓаните да бидат внимателни и да не престојуваат на отворено и под осамени дрвја. Во изминатиот период, земјава е во портокалова фаза со температури над 40-тиот степен.

Цивилите ги напуштаат домовите во Авганистан, се очекува контра офанзива на владата

Авганистанската војска во обид да се одбани од нападите на талибанците

Цивилите ги напуштаат своите домови денеска во јужен Авганистан додека владините сили се подготвуваат за противнапад со кој повторно би ги вратиле назад деловите од градот Лашкар Гах кои претходно ги заземаа талибанците. Во меѓувреме растат меѓународните грижи за зголемен број цивилни жртви во неколку градски средини.

И додека се интензивирани борбите на југот и западот од земјата, главниот град Кабул беше погоден од повеќе напади кои беа насочени кон центри за безбедност, при што загинаа осум луѓе. Главните области на Лашкар Гах, кој е главен град на провинцијата Хелманд, се под контрола на талибанците кои наводно ги опколиле објектите на локалната влада. Војската побара Авганистанците да се евакуираат од градот, но е нејасно по кои патишта цивилите може безбедно да го напуштат Лашкар Гах.

Полицијата соопшти дека тројца цивили и еден припадник на безбедносните сили се повредени во Кабул при експлозија во близина на Авганистанскиот национален директорат за безбедност. Нападот се случи неколку часа откако во експлозија на автомобил бомба во близина на дипломатската област во Кабул загинаа неколку луѓе меѓу кои и напаѓачите. Во друг напад чија цел се смета дека бил вршителот на должност министер за одбрана на Авганистан загинаа осум луѓе, а повредени се дваесет.

Бугарија ќе испитува дали македонската резолуција е во согласност со Договорот за добрососедство

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев

Бугарскиот службен министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софискиот весник „24 часа“ рече дека во последните два месеца инвестирале „сериозно време и напори“ во разговорите со Северна Македонија, но нагласи дека резолуцијата на македонското собрание го „стеснува полето на можности за компромис“.

„Наспроти ова, за жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и Република Северна Македонија. Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис“, оценува Стоев.

Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, како што е целото име на документот, беше изгласана минатата недела со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден глас против. Неа ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а ја гласаше и владиното мнозинство откако амандмански беше вметнато уставното име на државата.

Во неа меѓудругото се предвидува преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Резолуцијата наведува и дека во преговорите мора да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Стоев, кој е министер од службената влада на Бугарија која треба да опстои до евентуалното формирање на политичка влада по изборите што се одржаа во таа земја во јули, имаше неколку средби со македонскиот колега Бујар Османи. Разговорите меѓу двете земји беа интензивирани пред јунскиот самит на Европската унија кога се правеше обид официјална Софија да ја тргне блокадата на македонскиот европски пат. Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев отпатува во бугарскиот главен град каде што достави конкретен предлог, но бугарската влада одлучи да не ја менува позицијата.

Сега Стоев вели дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, без да се поставуваат нови пречки за отворен и искрен дијалог.

„Секој чекор назад не само што ги омаловажува напорите направени и го доведува во прашање она што е постигнато досега, туку и го попречува воспоставувањето атмосфера на доверба и отворена комуникација“, рече шефот на бугарската дипломатија.

Тој нагласува дека Бугарија внимателно ќе ја анализира усвоената Резолуција со цел да утврадат дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и нејзиниот потенцијално влијание на сегашниот дијалог.

„Едно нешто дефинитивно треба да биде јасно – за Бугарија е неприфатливо со вакви постапки да се мотивира или оправдува неисполнувањето на билатералниот договор“, смета Стоев

Судар на два воза во Чешка, двајца починати, десетици повредени

Два воза се судрија утрово во југозападна Чешка

Во судар на два воза во близина на чешкиот град Домажлице кој се наоѓа на југозападот на земјата загинаа две лица, а над 50 се повредени од кои пет се во критична состојба. Утрово брз воз кој патувал на релација Минхен-Плзен се судри со локален патнички воз при што двајца загинаа на лице место. На местото на несреќата се 12 спасувачки екипи со четири хелихоптери кои ги превезуваат повредените во болници.

Како што јавува Асошиејтед прес вкупно 52 лица се примени на медицинско лекување, а и соседна Германија испратила спасувачи да им помогнат на чешките колеги.

Министерот за индустрија, трговија и сообраќај Карел Хавличек рече дека до несреќата дошло поради човечка грешка кога машиновозачот на брзиот воз од Минхен не застанал на одредената дестинација.

Активни девет пожари низ Македонија, најкритично околу селото Дренак

Пожарникарите од Скопје помагаат во гаснењето на пожарите во Кочани и во Старо Нагоричане

Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренок, а во овој момент таму дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден aрмиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да биде ставен под контрола.

Втората посериозна ситуација е околу Пехчево, рече Ангелов додавајќи дека таму утрово делуваше хеликоптер на Армијата. Други активни пожари во овој момент има во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со ниско стеблесто растение. Потоа, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, пожар има и во Прилеп, поточно на Плетвар, и уште еден пожар во Делчево. Исто така, и пожарот во Кочани што гори веќе трет ден, но како што посочи Ангелов, таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него.

Во однос на пожарот во Валандово, пожарот се шири во различни правци, затоа што ветрот на едно место дува во една насока, а на само 500 метри, дува во друга насока. Но, Ангелов напомена дека имаат контрола врз ситуацијата.

„Од Србија имаме четири хеликоптери од кои три се за гаснење едниот е за извидница. Мора да имаме во предвид дека овие хеликоптери гаснат на туѓа територија која што не ја познаваат, и затоа мора да бидат придружени од еден наш армиски хеликоптер. Токму тоа беше причината вчера кога тие веќе беа подготвени да не можат да полетат, бидејќи нашите хеликоптери беа на терен и гаснеа. Доколку ги повлечевме назад за да ги земат српските во придружба, ќе се намалеше видливоста и истите немаше да можат да полетат, немаше време“, додаде Ангелов.

Грчките пожарникари се надеваат дека ќе го стават под контрола пожарот кај Атина

Статуата на божицата Атена во селото Варибоби, 30 километри северозападно од Атина кое што е зафатено од пожар, 03.08.2021

Грчките пожарникари кои и натаму се борат со големиот шумски пожар во подножјето на Парнас, во близина на Атина, денеска рекоа дека се надеваат дека огнот ќе биде ставен под контрола во наредните часови.

„Ситуацијата е подобра и се надеваме дека пожарот ќе биде ставен под контрола во наредните часови“, соопшти противпожарната служба.

Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис утрово го посети селото Варибоби, 30 километри северозападно од Атина, каде е најголема штета има од шумските пожари. Десетина куќи изгореа, а бројни објекти претрпеа голема штета. Повеќе од 300 луѓе беа евакуирани од Варибоби и уште две околни села.

Повеќе од 500 пожарникари, со поддршка на хеликоптери и авиони, работат на гаснење на пожарот утрово, а густ чад стигна и до централните делови на Атина. Температурите во Атина и другите делови на Грција во последните денови достигнаа 42 степени Целзиусови.

Возовите не сообраќаат, машиновозачите бојкотираат поради неисплатена плата

Железничкиот сообраќај од вчера е во прекин поради бојкот на машиновозачите. Тие денеска очекуваат да се сретнат со менаџментот на претпријатието за да се најде решение за нивните барања.

„Сообраќајот се уште е во прекин. Ние сме тука и го чекаме менаџерскиот тим, изјави денеска за МИА Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во Железници на Република Северна Македонија- Транспорт“.

Машиновозачите бараат да им биде исплатен вториот дел од платата за јуни, а најавуваат дека до Управниот одбор на претпријатието и до Министерството за транспорт и врски ќе испратат допис во кој ќе побараат и исплата на надомест за квалитет. Бојкотот започна вчера во 16 часот кога беше стопиран товарниот и патничкиот железнички сообраќај.

Белоруската олимпијка која одби да се врати во Минск го напушти Токио

Белоруската атлетичарка на аеродромот во Токио од каде што се качи на летот за Виена, 4.8.2020

Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја денеска замина од Токио со лет за Виена откако одби да замине дома од Олимписките игри пред два дена поради стравување дека ќе се соочи со казна од авторитарната влада на Александар Лукашенко.

Тимановскаја се очекува потоа да замине за Варшава откако полската влада и гарантираше хуманитарна виза. Таа замина во полската амбасада на втори август откако одби да му дозволи на белорускиот тим да ја присили да се качи на летот за Минск. Тимановскаја претходно за агенцијата Асошиејтед прес рече дека од белорускиот олимписки тим јасно и кажале дека по враќањето дома сигурно ќе се соочи со некаков вид на казна за јавното критикување на менаџментот на тимот. Шефот на делегацијата Дмитри Даухалионак одбил да даде коментар за агенцијата.

Претходно, белорускиот национален олимписки комитет за државната агенција соопшти дека ја набљудува ситуацијата и соработува со Меѓународниот олимписки комитет кој поведе истрага за обвинувањата од Тимановскаја кон нив.

Проблемите на атлетичарката почнаа кога, како што кажа, тренерите и рекле дека ќе учествува во трки во кои никогаш не се натпреварувала. Потоа таа објави видео на социјалните мрежи во кое го критикува белорускиот Сојуз за атлетика, кое подоцна го избриша.

САД досега дистрибуираа повеќе од 100 милиони дози вакцини

вакцини на Фајзер Бионтек

Американските власти соопштија дека до сега имаат дистрибуирано повеќе од 100 милиони дози вакцини против коронавирус ширум светот, додавајќи дека донацијата е поголема од донациите на сите други земји заедно. САД испратија точно 100 милиони и 701.000 дози вакцини во повеќе од 60 земји, главно преку механизмот Ковакс, но и во соработка со партнери како Африканската унија. „Тоа ја одразува американската великодушност“, се вели во соопштението на Белата куќа, во кое се додава дека ова е само почеток.

САД и донираше на Украина 2 милиони дози вакцини против ковид-19

Соединетите држави ќе започнат со испорака на 500 милиони дози на Фајзер до крајот на август, како што беше ветено за 100 земји во развој. Белата куќа додаде дека Соединетите држави никогаш нема да ја искористат таа донација за да добијат противуслуга од другите земји. „Целта е да се спасат животи“, се додава во соопштението на Белата куќа.

Во Париз уште една конференција за помош за Либан

Оваа слика направена на 28 јули 2021 година покажува челична скулптура висока 25 метри наречена „Гест“ на либанскиот уметник Надим Карам, направена од остатоци од последиците од експлозијата во пристаништето на Бејрут на 4 август 2020 година

Франција денеска ќе биде домаќин на новата меѓународна конференција за поддршка на либанскиот народ во услови на најновите политички превирања во Бејрут. Француското Министерство за надворешни работи објави дека ја одржува конференцијата по иницијатива на претседателот Емануел Макрон. Претходно назначениот либански премиер Саад Харири поднесе оставка и се повлече од обидот за формирање влада. „Овој последен развој на настаните го потврдува политичкиот ќор -сокак во кој либанските лидери намерно ја држат земјата со месеци, дури и кога таа тоне во невидена економска и социјална криза“, се вели во соопштението на министерството. Конференцијата ќе се одржи со поддршка на ОН.

УНИЦЕФ – Секое трето семејство во Либан има дете со последици од експлозијата во бејрутското пристаниште

Ова ќе биде трета меѓународна иницијатива за помош од владата предводена од Макрон и ОН за зајакнување на инвестициите во Либан и поддршка на нејзината лоша економија. Во 2018 година, беа собрани повеќе од 11 милијарди долари на конференција во Париз и 298 милиони долари на донаторска конференција во Форт Бреганкон во 2020 година како хуманитарна помош, откако голема експлозија го погоди Бејрут на 4 август, при што загинаа 158 луѓе.

Борел се закани со санкции за либанските политичари

Покренувајќи загриженост за актуелната криза по оставката на Харири, француското министерството оцени дека има „апсолутна итност“ за формирање влада, именување нов премиер, започнување на приоритетни реформи и држење до изборниот рок до 2022 година. Во Либан треба да се одржат општи избори во 2022 година.

Почнува судење на двајца белоруски опозиционери

Марија Калесникава

Денеска треба да почне судењето на двајцата водечки белоруски опозиционери, Марија Калесникава и Максим Занк во услови на тековната акција против продемократските активисти и групи од страна авторитарен владетел Александар Лукашенко. Нивните адвокати, кои се членови на Координативниот совет на опозицијата, изјавија дека биле информирани од регионалниот суд на Минск дека судењето ќе се одвива зад затворени врати. Калесникава и Занк беа обвинети за заговор за преземање на власта, повици за акција со цел да ѝ се наштети на националната безбедност и повици за дејствија што ја нарушуваат националната безбедност користејќи медиуми и интернет. И двајцата ги отфрлија обвиненијата како политички мотивирани.

САД повикаа на ослободување на политичките затвореници во Белорусија

Калесникава беше уапсена на 7 септември во центарот на Минск од маскирани лица, следниот ден беше однесена на украинската граница заедно со двајца соработници. Ѝ било наредено да ја премине границата, но Калесникава одбила и наместо тоа го искинала пасошот. Потоа била вратена во Минск и затворена. Масовни демонстрации ја зафатија земјата откако Лукашенко прогласи победа и шести последователен мандат како претседател на изборите во август. Опозицијата оцени дека нејзината кандидатка, Свјатлана Циханускаја, која се кандидираше за претседател откако нејзиниот сопруг беше затворен додека се обидуваше да кандидира своја кандидатура, победила на изборите. Циханускаја ја напушти земјата за Литванија непосредно по изборите поради безбедносни проблеми.

Во Украина покрената истрага за убиство на белоруски активист

На 28 јули, Циханускаја за првпат ги наведе конкретните закани со кои се соочува од службениците доколку остане во Белорусија. „Ми рекоа твојот сопруг е во затвор и ти исто така ќе бидеш затворена 15 години. Знаеме каде се вашите деца, тие ќе бидат префрлени во сиропиталиште“, рече Циханускаја, објаснувајќи ги причините поради кои таа заминала откако официјално поднесе жалба против официјалните резултати од претседателските избори.

Во Македонија активни 627 случаи со ковид-19

Вакцинација против ковид-19 за деца од 12 до 18 години, Скопје, 19 јули 2021 година

Во текот на последните неколку денови биле регистрирани поголем број случаи на заразени со ковид-19, за разлика од дневниот број на новозаразени во текот на јули. Во моментов активни се 627 случаи на заболени со ковид-19. Сепак, надлежните велат дека вакцинацијата, која според експертите е главниот спас од пандемијата, се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Со една доза на вакцина против Ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.

Една третина од возрасните вакцинирани барем со една доза против ковид

Според последните податоци, од почетокот на епидемијата досега во земјава со ковид-19 се заразиле 156.543, оздравени се 150.422, а починати се 5.494 лица. Најмногу активни случаи има во Скопје 195, потоа во Тетово 175, а во Куманово се активни 68 случаи. Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата, како што посочуваат, е единствен начин да се победи вирусот и да се спречи понатамошно негово ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки се прогнозира иден нов бран на делта сојот.

Бајден: гувернерот на Њујорк „треба да поднесе оставка“ заради сексуално вознемирување

гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо

Американскиот претседател Џо Бајден го повика гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо демократ и гувернер со три мандати, да поднесе оставка, откако независна истрага покажа дека обвинувањата за сексуално вознемирување упатени од повеќе жени се веродостојни. „Мислам дека тој треба да поднесе оставка“, рече Бајден. Други врвни демократи, вклучително и спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси (демократ-Калифорнија), и двајцата сенатори од Њујорк, исто така, повикаа Куомо да се повлече. Повеќето од обвинувањата првично беа објавени минатата зима, а Бајден тогаш рече дека ако истрагата покаже дека тврдењата на жените се веродостојни, тој ќе го повика Куомо да поднесе оставка. Говорејќи во Белата куќа на 3 август, тој рече „стојам до таа изјава“.

Градоначалникот на Њујорк бара реформи на полицијата

Речиси петмесечната истрага заклучи дека 11 жени кои поднеле тврдења против Куомо ја кажуваат вистината. Откриено е дека Куомо ги, бакнал или дал сугестивни коментари за нивниот сексуален живот или нивниот изглед, создавајќи „непријателска и токсична работна средина“. Државниот обвинител Летиција Џејмс, исто така демократ, рече дека истрагата открила „клима на страв“ во која Куомо сексуално малтретирал повеќе жени, многу од нив млади. Куомо (63) негираше дека постапил несоодветно и јасно стави до знаење дека не планира да поднесе оставка. Тој рече дека неговите обвинувачи погрешно ги протолкувале неговите зборови, гестови и однесување и инсистираше на тоа дека неговото однесување секогаш имало за цел да пренесе топлина.

Граничниот премин „Богородица“ отворен за сообраќај

Шумски пожари во Македонија

Синоќа по 20:00 часот е отворен за сообраќај граничниот премин „Богородица“, што беше затворен откако попладнево во негова близина избувна пожар, потврдија од Министерството за внатрешни работи за МИА. Пожарот што избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош на воени хеликоптери успеале да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Пожарот во Кокино под контрола, пожар на граничниот премин Богородица

Поради активноста и дејството на пожарникарите од електрична енергија беше исклучен објектот на ГП „Богородица“ и преминот времено беше затворен за сообраќај заради безбедност на патниците и за да се овозможи простор за дејство на пожарникарите, откако пожарот се доближи до објектот на граничната караула на АРМ, до казиното „Фламинго“ и до бензинската пумпа „Шимов“, што беше и најопасниот и најкритичниот момент од вчерашниот пожар во пограничниот појас на Гевгелиско.

Времето денеска: сончево и многу топло

Ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец. Дневната температура ќе биде од 29 до 42 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 39 степени.

НАТО и ЕУ со критики до Иран за нападот на израелски танкер

Илустрација

НАТО и ЕУ упатија критики кон Иран поради наводниот напад со беспилотни летала врз танкер во Арапското Море, во кој минатата недела загинаа двајца членови на екипажот, барајќи од Техеран да ги почитува своите меѓународни обврски.

Израел го обвини Техеран дека стои зад минатонеделниот напад на танкерот управуван од израелска компанија во близина на брегот на Оман при што загинаа двајца членови на екипажот, Романец и Британец. Во инцидентот кој се случи на 27 јули беше оштетен танкерот кој пловеше под знаме на Либерија, а е во сопственост на Јапонија.

Портпаролот на НАТО Дилан Вајт рече дека воената алијанса од 30 држави им се придружува на САД, Велика Британија и Романија „остро осудувајќи го неодамнешниот фатален напад крај брегот на Оман и изрази сочувство до Романија и Обединетото Кралство за загубите што ги претрпеа“.

ЕУ изрази жалење за нападот, изразувајќи сочувство за жртвите и повика на темелна независна истрага.

„Ваквите дејствија спротивни на безбедноста и слободата на навигацијата во регионот се неприфатливи. Сите засегнати страни мора да ги избегнат сите дејствија што можат да го поткопаат мирот и регионалната стабилност“, рече портпаролката на Европската комисија, Набила Масрали.

Иран ги отфрли обвинувањата на Израел

ВМРО-ДПМНЕ најави кривични пријави за пожарот во Кочани

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска изјави дека правната служба на опозициската партија ќе поднесе кривични пријави до власта поради непостапување навремено спречување на пожарот во Кочани. Тој повика на одговорност и оставки.

„Бараме одговорност за тоа што наместо да се сервисираат оние авиони, ЕР трактори односно канабери кои што со сервисот чинат само 400.000 евра, власта и Заев и сите останати не најдоа време, не најдоа пари, иако ја задолжија Македонија и ги потрошија за само една година една ипол милијарда евра. Не најдоа ниту време, ниту пари да ги сервисираат за да не ни се случи ова кое што ни се случи вчера за што сведочи оваа глетка каде што се уште има чад од оние дрва кои што изгореа. Како што гледате стигна дури и до куќите и за жал има неколку куќи изгорено. И за жал неколку лица од огнот завршија во болница со изгореници како што можевме да видиме низ медиумите. Бараме одговорност за тоа што немаше хеликоптери вчера да го гасат пожарот. Не летале нашите хеликоптери ноќе, срамота, а 21 век, држава Република Македонија, власт. Немало хеликоптери за граѓаните да им се помогне, а имаше хеликоптери кога требаше да се возат Венко Филипче и Зоран Заев на нивни приватни забави и настани. Така да бараме одговорност од власта за се она што требаше да го направи вчера, а не го направи и за жал тоа ги чинеше граѓаните, некои со материјална штета, а некои за малку и со човечки животи“, рече Арсовски.

Според него, луѓето од правната служба од партијата ги разгледуваат сите опции за поднесување кривични пријави до власта во однос на нивната нефункционалност, неспособност, некоординираност и нивното непостапување во рамките на вчерашниот ден за она што се случи тука. Арсовски апелираше за оставки на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и сите останати вклучително и премиерот Зоран Заев за, како што рече, нивното непостапување односно за нивната нефункционалност како институција.

Граничниот премин Богородица затворен, пожарот локализиран

Граничен премин Богородица. Илустрација.

Пожарот што попладнево избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Поради активноста и дејството на пожарникарите од електрична енергија беше исклучен објектот на ГП „Богородица“ и преминот времено е затворен за сообраќај заради безбедност на патниците и за да се овозможи простор за дејство на пожарникарите, откако пожарот се доближи до објектот на граничната караула на АРМ, до казиното „Фламинго“ и до бензинската пумпа „Шимов“, што беше и најопасниот и најкритичниот момент од денешниот пожар во пограничниот појас на Гевгелиско.

Сообраќајот на ГП „Богородица“ се уште е во прекин и ќе биде нормализиран откако екипите на ЕВН ќе проверат дали е безбедно објектот да се приклучи на електрична енергија. Претходно, АМСМ информира дека поради затворањето на ГП „Богородица“, возилата се пренасочуваат на граничниот премин „Дојран“.

Се уште нема информација кога граничниот премин ќе биде повторно отворен за сообраќај. Пожарот поради ветрот се движеше кон границата со Грција, поради што биле информирани и грчките пожарникари од противпожарната единица во Поликастро.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG