Достапни линкови

Вести

Израел одобри градење во доселеничките населби

Израелската влада одобри градење на стотици нови домови во еврејските доселенички населби и покрај тоа што Соединетите Американски Држави го критикуваат таквиот план. Министерот за одбрана Ехуд Барак одобри изградба на 455 куќи, повеќето од нив во области кои Израел сака да ги задржи по евентуалниот мировен договор со Палестинците.
Соединетите Американски Држави вршат притисок врз Израел да прекине со градењето, за да може повторно да почнат израелско-палестинските мировни преговори.

види ги сите денешни вести

Во Северна Митровица нападнато возило во кое се превезувале новинари од приштински портал

Митровица

Група маскирани лица денеска нападнаle автомобил во кој се превезуваle новинари од приштинскиот портал „kallxo.com“ во северниот дел на Митровица. Инцидентот се случил во близина на Техничкото училиште кога едно од маскираните лица кои стоеле на раскрсницата со рака удрило во автомобилот, по што останатите од групата го гаѓале возилото со цврсти предмети. Новинарите на порталот не биле повредени, а видеото од инцидентот го објави агенцијата Телеграфи.

Напад врз полицијата на северот на Косово

Здружението на новинари на Косово го осуди нападот. Таа повторно побара од косовската полиција да обезбеди безбедносни услови за известување на новинарите од северот на Косово.

Уапсен црногорскиот специјален обвинител Саша Чаѓеновиќ

Саша Чаѓеновиќ

Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ денеска е уапсен под сомнение за создавање криминална организација и злоупотреба на службената положба, соопшти Државното обвинителство на Црна Гора. „По наредба на Специјалното државно обвинителство, Специјалното одделение за полиција утрово го лиши од слобода специјалниот обвинител С.Ч. поради основи на сомнение дека вршејќи ја функцијата специјален обвинител, во периодот од средината на - Од 2020 до 2022 година сторил кривично дело создавање злосторничка организација и повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба“, се вели во изјавата на портпаролот на Обвинителството Вукас Радоњиќ.

Црна Гора: Нови апсења по приведувањето на поранешната претседателка на Врховниот суд

Се додава дека Специјалното државно обвинителство „навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни дејствија и за состојбата на постапката“. Чаѓеновиќ е третиот висок претставник на судството кој е уапсен во последните девет месеци во Црна Гора. Во април беше уапсена поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, а во мај претседателот на Стопанскиот суд во Подгорица, Блажо Јованиќ. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.

Нови дојави за бомби во скопските училишта, Ист Гејт, Железничка станица

Нови дојави за бомби пристигнале на електронските пошти на неколку средни училишта во Скопје. Според информациите, дојави имало во средните училишта Владо Тасевски, Корчагин, Јосип Броз Тито, Орце Николов, Никола Карев и Михајло Пупин. Потврда за новите дојави има и од МВР од каде најавуваат повеќе детали наскоро.

Лажни се и новите пријави за бомби во школи и Народна банка

Дојава за бомба стигнала во трговските центри „Ист гејт“, ТЦ Бисер, Флатирон и ПС Центар, како и во Железничката станица. Министерството за внатрешни работи ги вршат потребните проверки. Пред два дена, дојави за поставени бомба стигнаа на електронските адреси на Народната банка на РСМ и на девет средни училишта во Скопје.

Русија ја продолжува офанзивата во источна Украина

Доњецк, руско гранатирање

Руските сили ја нападнале целата линија на фронтот во источниот регион на Украина Доњецк и Луганск, соопшти денеска Генералштабот на украинската војска, наведувајќи дека украинските сили одбиле десетици руски напади во областа Билохориевка во Луганск, како и Клишчивка и Маријнка во регионот Доњецк. „Најжестоките борби продолжија во близина на градовите Бахмут и Авдијивка во Доњецк“, изјави регионалниот гувернер Павло Кириленко „Целата линија на фронтот е гранатирана“, рече тој, додавајќи дека Русите исто така се обидуваат да напредуваат во близина на Лиман, кој беше повторно заземен од украинските сили минатиот месец во еден од бројните неуспеси што ги претрпе Москва по инвазијата врз нејзиниот сосед во февруари.

Путин: Борбите во Украина може да траат долго

Неодамна ослободениот град Керсон претрпе уште еден бран руски бомбардирања насочени кон енергетската и цивилната инфраструктура, изјави Јуриј Соболевски, заменик-шеф на регионалниот совет на Керсон. Во меѓувреме во Вашингтон, официјалните претставници рекоа дека Соединетите држави се подготвуваат да и испратат на Украина дополнителна воена помош од 275 милиони долари, вклучително и големи количини муниција и високотехнолошки системи кои можат да се користат за откривање и спротивставување на беспилотни летала. Многубројните бранови на руски беспилотни летала и ракетни напади врз инфраструктурата на Украина во текот на изминатите месеци предизвикаа огромна штета и оставија милиони луѓе без струја, греење и вода поради ниските температури.

„Нема предавање“ - Вучиќ со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот

Претседателот на Србија Александар Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ соопшти дека во текот на изминатата ноќ и изутрината се сретнал со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и со началникот на Генералштабот на српските вооружени сили Милан Мојсиловиќ во врска со ситуацијата на Косово. „Во текот на ноќта и утрото со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили Милан Мојсиловиќ... Нема предавање“, напиша тој во објава на Инстаграм.

Напад врз полицијата на северот на Косово

Претходно, директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека по упадот на стотици припадници на косовската полиција во северниот дел на Косовска Митровица, Белград ја разгледува можноста да испрати до 1.000 припадници на безбедносните сили на Косово и Метохија, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Голем пожар во близина на трговски центар во предградие на Москва

трговскиот центар Мега Кимки

Голем пожар избувна синоќа во трговски центар во предградието на Москва, соопштија службите за итни случаи, наведувајќи дека пожарот зафатил 7.000 квадратни метри. „Пожарникарите гаснат пожар на површина од 7.000 квадратни метри во Московската област“, соопшти изутрината руското Министерство за вонредни ситуации. Пожарот го зафатил и трговскиот центар Мега Кимки во предградието Кимки на северот на Москва.

Петнаесет мртви во пожар во ноќен клуб во Русија

Службите за итни случаи се сомневаат дека пожарот бил подметнат, јавуваат руските новински агенции, повикувајќи се на извори од тие служби. „Се претпоставува дека се работи за намерен чин, подметнат пожар“, јави агенцијата Интерфакс. Видеата на социјалните мрежи го покажуваат огромниот пожар и покажуваат луѓе како трчаат низ паркингот од зградата зафатена од пламен.

САД се за одлагање на изборите на северот на Косово

Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Чолет

Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Чолет изјави дека поради тензиите во последните неколку дена, треба да се одложат изборите за претседатели на четири општини на северот на Косово. „Јасно кажавме дека не е вистинско време за избори со оглед на чувствителноста на моментот и видовме насилство во последните 24 часа. Времињата се напнати и сакаме да се погрижиме да има услови за одржување слободни и фер избори. Косово е мултиетничка демократија, како САД. Затоа сметаме дека овие избори треба да се одложат додека не дојде време кога ќе може да се одржат без да се поттикнува нестабилност и насилство“, изјави Чолет за Гласот на Америка. Тој додаде дека „САД се горди на работата што ја направија во изминативе 20 години за воспоставување демократија во Косово и ние сакаме да ја поддржиме и зачуваме работата“. „Ќе бидам таму (во Косово) следната недела и тоа ќе биде една од главните теми во разговорите со претседателот и премиерот додека чекаме да работиме на заеднички пат напред“, рече Чолет. Изборите за претседатели на четири општини на северот - Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан се закажани за 18 декември. Синоќа, според косовската полиција имало напад врз нивни припадници при што еден полицаец бил полесно повреден.

На 7 декември беа фрлени две експлозивни направи во Северна Митровица, а ден претходно имаше инциденти во Северна Митровица и Зубин Поток, кога беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово. Употребени се огнено оружје и рачни бомби. Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека во рок од два-три дена ќе се расчисти прашањето за одложување или неодложување на изборите на северот на Косово.

Трета ноќ немири кај Атина поради полициско ранување на млад Ром

илустрација

Судири избија и синоќа во ромските населби кај Атина, што е трета ноќ откако полицијата тешко рани момче Ром со огнено оружје во северна Грција. Властите наредија затворање на улиците и патиштата откако младите од соседството запалија гуми и контејнери за ѓубре. Претходно, полицијата изврши рација во неколку населби во областа и уапси седум лица за поседување дрога, додека четири лица беа приведени на сослушување, соопштија властите. Насилството избувна откако 16-годишно момче беше погодено со куршум во главата за време на полициската потера во Солун во понеделникот, бидејќи наводно излегол од бензинска пумпа без да плати сметка од 20 евра. 34-годишниот полицаец кој наводно испукал истрел за време на потерата е суспендиран и денеска треба да се појави во судот на рочиште по обвинението за кривично дело убиство од небрежност со можна умисла и недозволена употреба на оружје.

Предизвиците на Ромите исти како и пред 30 години

За време на прелиминарното појавување на суд, полицаецот рече дека пукал затоа што верувал дека животите на неговите колеги се во опасност. Таткото на тешко ранетото момче изјави дека не верува во таа приказна. Владата повика на смиреност во четвртокот, реагирајќи на немирите во Атина и Солун во изминатите два дена. Владиниот портпарол Јанис Иконому го нарече случајот „трагичен“ и рече дека се истражува целосно. Денеска се очекуваат нови протести пред судската палата во Солун каде треба да дојде уапсениот полицаец.

Блокадата на приватните превозници од денеска само пред бараките на Град Скопје

Протест на приватните автобуски превозници и блокада на булеварот Илинден во Скопје, 2 декември 2022 година

Координативното тело донесе одлука протестите од раскрсницата кај Црвен крст и „Мавровка“ од денеска во 10 часот да се дислоцираат пред бараките на Град Скопје на булевар „Илинденска“ кој што ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потег од зад Владата кон Карпош до „Алумина“, информираа од здружението на приватните превозници „Слобода превоз“ кои повторуваат дека главниот виновник за хаосот во сообраќајот биле градската управа, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Заглавени ученици, пациенти, бизниси - Скопје парализирано

Од таму потврдуваат дека остануваат на ставот ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје, посочувајќи дека тоа е само обид за разединување и разбивање на единството на приватните превозници. Приватните превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

Напад врз полицијата на северот на Косово

Косовска полиција во Митровица

Припадник на косовската полиција бил полесно повреден во вооружен напад на северот на Косово, соопшти полицијата на Косово, од каде што наведуваат дека нападот се случил околу 23:00 часот во селото Србовац во општина Звечан. Дежурните единици биле нападнати од „вооружени лица од возило Ауди, сива боја, регистарски број КМ“, што е број на регистарска табличка издадена од властите на Србија. На местото на настанот пристигнале полициски единици за увид, а повредениот полицаец бил пренесен во болница. Нападот се случил неколку часа откако косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово, каде што инцидентите зачестија во последните денови.

Косовската Влада демантира дека специјални сили се испратени во северниот дел на земјата

Набргу по соопштението на косовската полиција, пред медиумите се обрати и шефот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово Петар Петковиќ кој рече дека косовскиот премиер Албин Курти продолжил со „незаконски и насилни акции насочени кон окупација на северот на Косово“. Тој не даде никаков доказ за своите тврдења. „Белград, во согласност со резолуцијата 1244, ќе го разгледа враќањето на до 1.000 наши безбедносни сили на северот на Косово, како што е предвидено во Резолуцијата 1244, член 4 и член 6 од Анекс 2“, рече Петковиќ. Тој рече дека, според информациите, меѓу 300 и 350 припадници на косовската полиција синоќа во 20 часот и 30 минути влегле во северна Митровица и потоа биле распоредени во делови од градот меѓу населението. Петковиќ наведе дека меѓу косовските полицајци имало и припадници на полицијата со панцири и специјални единици со оклопни возила.

Инциденти за време на подготовките за избори на северот на Косово

На 7 декември беа фрлени две експлозивни направи во Северна Митровица, а ден претходно имаше инциденти во Северна Митровица и Зубин Поток, кога беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово. Употребени се огнено оружје и рачни бомби. Во четири општини на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток - живее мнозинско српско население. Во тие општини локалните избори се закажани за 18 декември. Српската листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од официјален Белград, се противи на нивното одржување.

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно со слаб до умерен ветер од јужен правец. Во западните делови ќе има појава на локален дожд. Дневната температура ќе се движи од 9 до 15 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 12 степени.

Косовската Влада демантира дека специјални сили се испратени во северниот дел на земјата

Илустрација

Владата на Косово ги демантираше информациите во српските медиуми дека специјални полициски единици биле испратени на северот на Косово.

„Се работи само за полицијата, не за која било друга единица“, изјави портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу за РСЕ.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Фејсбук напиша дека полицијата има мандат и задача да обезбеди безбедност, да го гарантира редот и владеењето на правото.

„Изминативе денови, по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот од државата, неопходно е да се зголеми присуството на полицијата за да се обезбеди безбедност за сите граѓани“, рече Свечија.

Според сега веќе официјалното соопштение на косовската полиција, денеска е зголемено присуството на силите на редот на северот на земјата.

„Бараме од сите граѓани да останат смирени и да соработуваат со косовската полиција, која се залага за ред и безбедност на сите граѓани без разлика“, рече Свечија.

Во Лепосавиќ на северот на Косово денска имаше обид за грабеж на претставништвото на Народната банка на Србија. Во инцидентот е повреден вработен во фирмата „Хендерсон“, која превезува пари за потребите на банките.

Бугарија сака да постави спомен плоча на Гоце Делчев во Баница 

Споменикот на Гоце Делчев во Градски парк во Скопје

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека земјата ќе поддржи иницијатива за поставување спомен-плоча на револуционерот Гоце Делчев во селото Баница, местото каде загина тој во 1903 година, јави бугарската новинаска агенција БГНЕС.

Радев по средбата со неговата колешка од Грција рече дека двете земји ги оставиле настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање.

“Не гледам проблем, Грција, која е суверена држава и се грижи за спомениците на нејзината територија, да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле”, изјави Радев и притоа го цитираше Делчев со неговата најпозната изрека за светот како поле за културен натпревар.

Доколку има такво барање, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу по денешната средба со Радев изјави дека надлежните органи ќе го разгледаат.

Иницијативата се совпаѓа со 120-годишнината од смртта на Делчев.


Заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година меѓу двете земји четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев.

Досега имаат препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.

Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев иако комисијата нема постигнато договор. Делчев загина во 1903 година во селото Баница.

Османи: Прашањето за изборите во северно Косово ќе се расчисти за два до три дена

Претседателката на Косово, Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска изјави дека во рок од два-три дена ќе се расчисти прашањето за изборите на северот на Косово. Според неа, институциите прво треба да добијат оценка за состојбата на северот, а потоа да се консултираат со партиите дали изборите да се одложат или не.

„Постојат правила и критериуми поставени од страна на Венецијанската комисија за прашањата за одложување на изборите. Во случаите кога законот изречно не предвидува право на одложување на изборите, како што е случајот во Косово, тогаш мора да се изврши проценка на безбедносните институции. Со таа оценка треба да се занимава ЦИК (Централна изборна комисија) и да има согласност во ЦИК за да предложи нешто такво. Тогаш тој предлог стигнува до Претседателството, но Венецијанската комисија дефинитивно бара од Претседателството да се консултира со политичките партии“, објасни Османи.

Таа порача дека мора да има политички консензус за одложување или неодложување на изборите, бидејќи, како што истакна, таквите одлуки „не се носат сами“.

„Доколку има такво барање, по испраќањето на безбедносната оценка до ЦИК, јас како претседател ќе ја дадам мојата оценка и ќе ја споделам со политичките партии, но мора да има консензус. Тоа е процедура, верувам дека во следните два-три дена се ќе биде разјаснето“, рече таа.

Османи најави дека во четврток ќе има средба со одредени безбедносни институции и додаде дека секојдневно ја информираат за состојбата.

Централната изборна комисија се подготвува за избори во општините на север - Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, бидејќи градоначалниците на Српската листа поднесоа оставки поради противење на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возила од српски на косовски таблички.

Русија со предлог до МААЕ за безбедна зона околку нуклеарната централа Запорожје

Нуклеарната централа Запорожје.

Русија испратила предлози до Меѓународната агенција за атомска енергија - МААЕ со одредени параметри за создавање безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје.

„На МААЕ и предложивме решение на проблемот со создавање безбедносна зона со одредени параметри и тие предлози се разгледуваат од агенцијата и може да се разговараат“, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесува Риа Новости.

Тој рече дека не мисли дека директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, ќе ја посети централата во скоро време, бидејќи добива информации од прва рака од персоналот на агенцијата стациониран во централата.

МААЕ не го соопшти предлогот на Русија, ниту дали Гроси наскоро ќе оди во Запорожје. Меѓународната мисија предводена од Гроси ја посети фабриката од 31 август до 5 септември.

Москва во ноември објави дека нуклеарниот објект сè уште е под руска контрола и ќе остане, откако украински функционер сугерираше дека руските сили се подготвуваат да го напуштат.

Русија и Украина, кои настрадаа од најтешката нуклеарна несреќа во светот во Чернобил во 1986 година, меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на комплексот, кој има шест реактори. Двете страни предупредија на опасност од нуклеарна катастрофа, додека Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН сака да создаде заштитна зона околу централата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG