Достапни линкови

Вести

Иранскиот парламент гласаше за новата влада

Иранските пратеници денеска одобрија 18 од списокот со 21 министер предложени од претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Парламентот ги отфрли предлозите за ресорите образование и социјални работи кои беа жени. Третиот отфрлен кандидат е министерот за енергија. Пратениците го прифатија изборот на Ахмадинеџад нов министер за одбрана да биде Ахмад Вахиди. Станува збор за човекот што го бара Аргентина за неговата наводна вмешаност во бомбашкиот напад пред 15 години врз еврејскиот центар во Буенос Аирес во кој загинаа 85 луѓе.

види ги сите денешни вести

Ковачевски од Штип: СДСМ е државотворниот стожер на македонската современа држава

Трибината во Штип, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски

СДСМ е државотворниот стожер на македонската современа држава и СДСМ е печатот на македонската европска идеја и носител на новите општествени промени, на визијата за иднината, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва од Штип на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“.

Тој додаде дека вистинската големина на СДСМ не се само полните сали на трибините, туку во државничките политики и во она што оваа партија го има направено за земјата.

Порача дека е посветен на градењето на модерна, европска држава, членка на ЕУ. На трибината во Штип истакна дека 2023 е година на економски пресврт, а тој има план, визија за одржлив економски план.

„Имам план за иднината, за нова економска пресвртница, со сето мое менаџерско и економско искуство, градено 22 години во приватниот сектор, подготвен сум да одговорам на сите предизвици пред мојата земја, за да обезбедам сигурна иднина, да живееме подобро, да бидеме побогати, понапредни и да им оставиме на следните генерации средена, европска држава“, рече Ковачевски.

Забележа дека по само 10 месеци од мандатот на неговата Влада може да се каже дека е спасена македонската економија со антикризни мерки вредни 760 милиони евра и економски политики,а истакна дека поддршката за граѓаните и компаниите ќе продолжи и во иднина.

„Но сето тоа не е доволно и затоа минималната плата ќе порасне и наредната година. Во Буџетот имаме одвоено пари за покачување и на пензиите во март 2023 година за нови шет отсто. Со тоа за сите 330.000 пензионери ќе обезбедиме покачување за 16 отсто на пензиите за една календарска година. Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура“, рече Ковачевски.

Почина белорускиот министер за надворешни работи

Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеј

Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеј, близок соработник на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, почина на 64-годишна возраст, објави денеска државната новинска агенција Белта.

Причината за смртта не е соопштена.

Пред да стане министер за надворешни работи во 2012 година, Макеј беше шеф на кабинетот на Лукашенко.

Пред претседателските избори и масовните антивладини протести во Белорусија во 2020 година, Макеј беше еден од иницијаторите на напорите за подобрување на односите на Белорусија со Западот и ја критикуваше Русија. Сепак, тој нагло ја смени својата позиција по почетокот на протестите, тврдејќи дека протестите биле организирани под влијание на агенти од Западот, наведува Ројтерс.

За време на неговиот мандат, Белорусија беше под постојани критики од Западот за сè поостра репресии врз опозицијата, сомнителни избори и за дозволувањето на руските трупи да бидат стационирани во земјата за време на војната во Украина.

Пад на цената на зејтинот, „Брилјант“ поевтинe за 40 денари

Илустративна фотографија

Зејтинот е поевтинет, а цената на репроматеријалите мирува, констатираше денеска извршниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски при денешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на фабриката „Брилијант“ во Штип, која е дел од групацијата на „Витаминка“.

„Цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака цената да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно да дојде до цените од пред три години што беа. Цената најмногу зависи на нашиот производ од суровината“, истакна Наумоски кој додаде дека нема да ги користат владините поволности за поевтина струја за прехрамбената индустрија од 1 декември, бидејќи имаат инсталирано фотонапонски централи.

Ковачевски пак порача дека во период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи, меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

Тој нагласи дека согласно податоците, кои ги објавија деновиве, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“ и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи.

Премиерот истакна дека на 1 декември ќе се видат и првичните резултати на пазарот од мерката за поевтина струја и според сите параметри се оекува намалување на цената на производите за најмалку 10 отсто.

-Исто така, би напоменал дека за компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед“, додаде Ковачевски.

Во маркетите може да се забележи пад на цената на зејтиниот изминатиот период кај повеќето брендови. Зејтинот значително поскапе непосредно по почетокот на руската воена инвазија во Украина, поради стравот за репроматеријали бидејќи Украина е меѓу најголемите производители на сончоглед во светот. Македонија пак со години го намалуваше домашното производството на оваа култура.

Османи планира средба со иницијаторите на бугарските клубови

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека е отворен за разговори со бугарската заедница, како и дека планира ваков дијалог и со иницијаторите на клубовите за да види која е нивната цел. Во интервјуто за бугарска „Нова“, тој додаде дека во наш интерес е бугарската заедница да биде интегрирана и во одлични односи со сите други заедници во државата.

„Ако е целта бугарската заедница да има свои организации и клубови за да се претставува, ако е идејата да се етаблира подобро буагрската заедница, или пак да се интегрира бугарската заедница во системот да се спречат евентуални дискриминаторски политики кон бугарската заедница, ајде да видиме кои се најдобрите начини тоа да се направи. Не мислам дека преку разгневување на јавноста ќе се постигне тоа“, рече Османи.

За оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид рече дека се провокации кои се обидуваат да ги влошат односите и нагласи дека МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди тие настани.

Министерот вели дека како Влада имале резерви по однос на името кое го има избрано тој клуб, бидејќи смета дека тоа е провокација за нашите односи.

„Така се перцепира улогата на овие историски личности во нашата држава. Но, независно кое е името и ставовите, никој во оваа држава не смее да биде предмет на напади, посебно не на насилни. Ние имаме нула толеранција кон напади особено кон помалите заедници, рече Османи кој посочи дека сега има ново законско решение и може да се разговараме со иницијаторите на тие клубови.

На почетокот на овој месец, македонското Собраниедонесе измени на Законот за здруженија и фондации според кој се забранува именување по спорни историски личности. Според законот, и клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ имаат три месеци да ги променат имињата. Официјална Софија изрази стравување дека тоа може да го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија, бидејќи има „еднострано толкување на историските факти“.

Премиерот ја осуди изјавата на Костадинов дека Македонија е втора бугарска држава

Премиерот Димитар Ковачевски

Политичари како Костадин Костадинов не се пожелни во државава, истакна премиерот Димитар Ковачевски кој ја осуди вчерашната изјава на бугарскиот пратеник и лидер на партијата „Преродба“, кој при отворањето на Бугарскиот културен центар во Скопје даде изјава со територијални претензии кон земјава.

„Навистина непримерно е човек којшто е дојден како гостин во оваа држава да се однесува на таков начин. Вчера ние имавме чин на отворање на Бугарски културен центар така како што личи во Скопје со министер за култура дојден, со нашиот министер за култура, на ист начин како што сум кажал дека и ние ќе отвориме Македонски културен центар во Благоевград каков што имаме отворено и во Софија“, рече Ковачевски.

Дополни дека такви политичари воопшто не се пожелни во нашата држава бидејќи, како што нагласи, шират нетрпение помеѓу граѓаните на двете држави „само заради свој политички интерес“ и собирање политички поени.

„Такви политичари воопшто не се пожелни лично за мене во нашата држава и воопшто не мора да доаѓаат тука“, нагласи Ковачевски.

Костадинов кој вчера присуствуваше на отворањето на Културно информативниот центар на Бугарија во Скопје изјави дека Бугарија е од Охрид до Црното море, а Македонија е втора бугарска држава.

Оваа изјава вчера беше осудена и од страна на Министерството за надворешни работи.

Државниот врв задоволен од изградбата на патишта на истокот на Македонија

Новата делница кон Кочани

Градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината, и до овој момент имаме 96 проценти реализација, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми беа на увид на делницата Крупиште – Кочани, што претставува втора фаза од изградбата на новиот експресен пат Штип – Кочани.

Премиерот истакна дека со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани и додаде дека во источниот дел на државата резултатите од работата биле особено видливи.

„Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион. Модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите, но и за новите инвеститори. Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, квалитетните патишта се еден од предусловите. Затоа и изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени. Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри“, се пофали Ковачевски.

Министерот Бочварски оцени дека со изградбата на експресниот пат до Кочани се подигнува животниот стандард на преку 170 илјади жители од Источниот регион, а директорот на ЈПДП, Рустеми истакна дека експресниот пат е со висок квалитет на градба.

Инвестицијата во делницата Крупиште-Кочани во должина од 13,7 километри изнесува 18,2 милиони евра. Првата делница од Штип до Крупиште е во функција од пред две години. Вкупната должина на целиот експресен пат е 28 километри, а инвестицијата чини 37,3 милиони евра.

Според минатогодишните најави, целиот потег треба да е готов до декември годинава. Во моментот, како што информираше Рустеми, се поставува сигнализација, осветлување и се асфалтира последниот километар од делницата.

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека РЕК Битола прави набавка од фирма на директор на ТЕЦ Неготино

РЕК Битола

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвини за судир на интереси во склучувањето на договорот тежок 632.000 евра со којшто РЕК Битола набавувал средство за спречување кревање прашина, од како што рече, семејна фирма на директорот на ТЕЦ Неготино.

Како што изјави Стоилков, оваа фирма била единствен понудувач, а според РЕК Битола набавката била неопходна за превенција за заштита од емисии на прашина на отворено, особено при високи температури, суво и ветровито време.

„ На 20 октомври АД ЕСМ за потребите на РЕК Битола склучува договор за јавна набавка на стоки со семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДС, Небојша Стојановиќ од Неготино, „Хем алијанс“ со седиште во Пепелиште. Сопственик на фирмата е неговиот татко, а управител неговата сопруга Милица Стојановиќ. „Хем алијанс“ се обврза во наредните 12 месеци за потребите на РЕК Битола да набавува „чисто органско биоразградливо соединение за спречување на појава на прашина од одложена пепел (РЕК Битола)“, истакна Стоилков.

Тој појасни дека со владина одлука од 14 јуни, ТЕЦ Неготино е присоединето со АД ЕСМ, а во тек било склучувањето на спогодбата за присоединување.

„Е па почитувани, јасна е намерата, уште повидлив е судирот на интереси“, изјави Стоилков.

Од ВМРО ДПМНЕ прашуваат зошто во услови на тешка криза енергетска и финансиска сега се прави набавка за топлите денови и дали причината е токму присоединувањето на ТЕЦ Неготино, за да се фати последниот воз за набавка.

„Со електроенергетскиот систем воден од СДС, РЕК Битола набавува од семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино, а двете се дел од АД ЕСМ! И РЕК Битола и ТЕЦ Неготино се водени од високи функционери на СДС!“, изјави Стоилков.

Од партијата бараат ДКСК и ЈО веднаш да отворат истрага и да одговорат дали има судир на интереси и прелевање буџетски пари кај партиски функционери.

Големи одрони во невреме на италијанскиот остров Искија

Илустративна фотографија/ Куче до урнатините во Исхија во земјотресот кој го погоди островот во 2017 година

Засега нема потврдени смртни случаи во одроните предизвикани од невремето на јужниот италијански остров Искија и покрај првичните најави за најмалку осум ѓртви, дадени од државниот врв.

„Во моментов нема потврдени смртни случаи, има одредени потешкотии во спасувачките операции бидејќи временските услови се уште се предизвикувачки“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси.

Претходно италијанскиот вицепремиер Матео Салвини објави дека има најмалку осум жртви . Истото го потврди и италијанскиот министер за инфраструктура Матео Салвини. Новинската агенција АНСА објави дека најмалку 10 згради се урнале, а повеќе луѓе се водат како исчезнати, а градоначалникот ги повика луѓето да останат дома.

Засилување е испратено од блискиот Неапол, но има потешкотии да се стигне до островот со моторен чамец или хеликоптер поради временските услови.

Обилни дождови го погодија регионот околу Неапол и Искија, а на сила до недела е метеоролошкото предупредување за врнежи и силен ветер.

Како и блискиот Капри, Исхија, во Тиренското Море, е популарна дестинација за одмор и за туристите и за Италијанците.

Украински Херсон доби струја

Луѓе чекаат ред за да наполнат шишиња со вода за пиење од бунар во Херсон, 24 ноември 2022 година

Обновено е снабдувањето со електричната енергија во јужниот украински град Керсон по неговото ослободување на почетокот од овој месец од руската окупација, изјави денеска висок претседателски помошник.

„Прво ја снабдуваме со електрична енергија критичната инфраструктура на градот, а веднаш потоа и потрошувачите во домаќинствата“, напиша Кирило Тимошенко, заменик-шеф на претседателската администрација на Украина, на Телеграм.

Градот беше без струја, централно греење и вода кога украинските сили го вратија на 11 ноември.

Руските трупи го зазедоа Херсон кратко по инвазијата на Москва на 24 февруари и тоа беше единствениот регионален главен град што успеаја да го освојат.

Нивното повлекување означи значителен неуспех за Москва, но украинските власти велат дека руските сили сè уште го гранатираат градот од другата страна на реката Днепро.

Цариниците спречија влез на 12 килограми екстази вредни над 200 илјади евра

Илустративна фотографија

Инспектори од Царинската управа запленија 26 илјади таблети екстази со вкупна тежина од околу 12 килограми, 84 грама кокаин и 31 грам марихуана, со проценета вредност од 200 илјади евра, кои требало да бидат дистрибуирани во земјава.

Како што соопштија од Царинската управа, направени се дополнителни претреси на неколку локации во Скопје и Тетово и до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против три лица.

Дрогата е пронајдена вчера наутро, на влез на граничниот премин Табановце, по извршена царинска контрола со мобилен скенер на патничко возило со странски регистарски таблички управувано од македонски државјанин.

Царинската управа – Секторот за контрола и истраги денеска до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против три лица за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, прихотропни суптанци и прекурсори“ и за нив е побаран притвор од 30 дена.

Ковачевски очекува дека во 2025 година битолчани ќе добијат парно

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски е задоволен од динамиката со која се прави топловодот од РЕК Битола до градот Битола. По извршениот увид во градежните работи тој рече дека изградбата се одвива побрзо од планираното и очекува наскоро битолчани да добијат парно.

„Првата фаза од проектот кој се очекуваше 40 години ќе успееме да ја завршиме за нецели две години и жителите на Битола во 2025/2026 година конечно ќе добијат орагнизирано снабдување со топлинска енергија“, вели Ковачевски.

Топловодниот систем веќе се наоѓа во предградието на Битола, по што ќе следува втората фаза од изградбата, а тоа е поставување на секундарна мрежа низ градот. Целта со системот е граѓаните да добијат почист и поекономичен енергенс за затоплување на домовите, а земјоделците од Пелагонија можност за користење на топлината за оранжериско производство.

За проектот Топлификација на Битола, Могила и Новаци се користи кредит од германската KFW банка од над 40 милиони евра. ЕСМ дополнително ќе инвестира 7 милиони евра, од сопствените средства.

Хамнеи ги пофали полициските сили за задушувањето на протестите во Иран

Врховниот водач на Иран Али Хамнеи на заедничката церемонија на дипломирање за кадети на академиите на вооружените сили во Техеран, на 3 октомври 2022 година

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во саботата изјави дека силите на полицијата Басиј ги жртвувале своите животи во, како што ги нарече, немирите или бран протести предизвикани од смртта во притвор на младата Махсa Амини во септември.

Протестите кои започнаа по смртта на Амини додека беше во притвор на иранската полиција за морал, поради кршење на правилата за носење шамија, се претворија во еден од најхрабрите предизвици за свештеничкото раководство од Исламската револуција во 1979 година. Оспорувајќи го легитимитетот на Исламската република, демонстрантите запалија слики со ликот на Хамнеи и повикаа на пад на Исламската Република.

Силите на Басиј, поврзани со елитната Револуционерна гарда во земјата, беа на чело на сузбивањето на немирите во земјата во последните недели.

„Тие ги жртвуваа своите животи за да го заштитат народот од бунтовниците... присуството на членовите на Басиј покажува дека Исламската револуција е жива“, рече Хамнеи во телевизискиот говор.

Свештеничкиот естаблишмент на Иран за немирите ги обвини странските непријатели на земјата, особено Соединетите Држави и нивни агенти.

Активистичката новинска агенција ХРАНА објави дека до петокот биле убиени 448 демонстранти, меѓу кои 63 деца. Се наведува и дека загинале 57 припадници на безбедносните сили, а биле уапсени околу 18.170 лица.

Властите не го објавија бројот на жртвите на демонстрантите, но висок функционер во четвртокот изјави дека 50 полицајци биле убиени во немирите. Тврдокорното судство во Иран осуди најмалку шест демонстранти на смрт, а илјадници се обвинети за вмешаност во немирите, според официјални лица.

Разузнавачи: Русија најверојатно ги отстранува нуклеарките од старите ракети за да стрела кон Украина

Украина во мрак по руските напади

Русија најверојатно ги отстранува нуклеарните боеви глави од старите нуклеарни крстосувачки ракети и истрелува невооружена муниција кон Украина, соопшти британското воено разузнавање.

Оттаму велат дека снимките со отворен код покажуваат остатоци од воздушно лансирана крстосувачка ракета истрелана кон Украина, која се чини дека била дизајнирана во 1980-тите како систем за нуклеарна испорака, додавајќи дека делот веројатно се заменува за боеви глави.

Таквиот систем сепак ќе предизвика штета преку кинетичката енергија на ракетата и непотрошеното гориво. Сепак, мала е веројатноста да се постигнат сигурни ефекти против планираните цели.

Руската воена инвазија во Украина започна пред девет месеци, а во моментов во фокусот на руските напади е енергетската мрежа во Украина.

Украинските власти работат на враќање на електричната енергија низ целата земја, постигнувајќи одреден напредок по руските ракетни напади, но сè уште не се во можност веднаш да им помогнат на милиони Украинци во темнината.

Новини во платежната сфера од 1 јануари

Народна банка

Советот на Народната банка донесе 12 подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера која стартува од Нова година, со Законот за платежни услуги и платни системи.

Според Народната банка, примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги, преку овозможување влез на нови даватели на вакви платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка.

„Така, од почетокот на следната година, покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања“, информираат од Народна банка.

Оттаму посочуваат дека за извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата.

Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса ако запре со работа банката и штедилницата каде што се чуваат.

Како посебно значајна новина за потрошувачите се споменува олеснетото споредување на надоместоците за услугите поврзани со платежната сметка. За оваа цел, Народната банка ќе објави листа на 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка кои потрошувачите најчесто ги користат. Споредбата на надоместоците на веб-страната на Народната банка се очекува да биде овозможена најдоцна до 30 септември 2023 година.

Експерти на ОН - Третманот на талибанците кон жените може да биде злосторство против човештвото

Илустративна фотографија/Жени носат дрва во Авганистан

Третманот на талибанците кон авганистанските жени и девојчиња, вклучително и нивното исклучување од парковите и спортските сали, како и од училиштата и универзитетите, може да претставува злосторство против човештвото, рече група експерти на Обединетите нации на 25 ноември.

Оценката на специјалниот известувач на ОН за Авганистан Ричард Бенет и девет други експерти на ОН велат дека третманот на жените и девојчињата може да значи „родово прогонство“ според Римскиот статут чиј потписник е Авганистан.

Талибанците ги отфрлија овие обвинувања. Тие ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога силите на САД и НАТО беа во последните недели од повлекувањето од централноазиската земја по 20 години војна.

Иако на почетокот ветуваа поумерена форма на владеење и велеа дека ќе ги зачуваат правата на жените и малцинствата, тие ги ограничија тие права и почнаа нашироко да го применуваат нивното исклучително тешко толкување на исламот, т.е. Шеријатскиот закон.

Јавните камшикувања, егзекуции и каменувања за наводни злосторства беа секојдневие во Авганистан за време на првото талибанско владеење, од 1996 до 2001 година, кога талибанците беа соборени од власт со инвазијата на САД и нивните сојузници по терористичките напади на 11 септември во Њујорк и Вашингтон во септември 2001 година.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG