Достапни линкови

Вести

Во Србија осудена група вехабисти за планирање терористички напади

Судот во Србија денеска осуди 11 луѓе на затворски казни од шест месеци до 13 години за планирање терористички напади. Сите осудени се припадници на муслиманската вехабистичка секта и се осудени затоа што планирале атентат врз лидерот на муслиманската заедница во Србија, како и за напади врз полициската станица и врз џамијата во Нови Пазар.

види ги сите денешни вести

Си и Лукашенко го поздравија зајакнувањето на билатералните односи

Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 4 декември 2023 година
Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 4 декември 2023 година

Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко во понеделникот (4 декември) го поздравија зајакнувањето на билатералните односи, по повод втората посета на белорускиот лидер на Кина во оваа година.

Лукашенко, верен сојузник на Русија, кој е отфрлен од повеќето западни земји поради неговиот авторитаризам, во неделата пристигна во Кина во посета која ќе трае најмалку два дена, пишува Франс прес.

Тој оваа година ја посетува Кина по втор пат, по патувањето во февруари, додека неговиот близок сојузник Русија, ангажирана во војната во Украина, исто така негува врски со Пекинг.

„Белорусија е, беше и ќе биде сигурен партнер за Кина“, му рекол Лукашенко на Си Џинпинг, соопшти кабинетот на белорускиот претседател.

„Одамна решивме дека ќе соработуваме и ќе бидеме пријатели со Кина. Тоа пријателство е старо повеќе од 30 години и никогаш не скршнало од тој пат“, додаде Лукашенко.

Кинескиот претседател рече дека меѓусебната политичка доверба и меѓународната соработка меѓу двете земји се зајакнати по посетата на Лукашенко во февруари, пренесува кинеската државна телевизија CCTV.

„Кина цврсто ја поддржува Белорусија во нејзиниот стремеж за развој во согласност со нејзините национални услови и се спротивставува на мешањето на надворешни сили во внатрешните работи“ на земјата, рече Си, додавајќи дека Пекинг сака „да ја зајакне стратешката соработка“ со Минск и „да промовира прагматична соработка“.

Пекинг јавно не ја осуди руската инвазија на Украина и покрај притисокот од САД и другите западни земји.

Земјотрес во Истанбул, нема информации за жртви

илустрација
илустрација

Земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала бил регистриран утрово во реонот на Истанбул.

Земјотресот се случил во 10:42 часот по локално време и е силно почувствуван во многу области на градот, главно долж брегот на Мраморното Море, како и во градовите Бурса, Коџаели и Јалова.

Опсерваторијата Кандили во Истанбул соопшти дека епицентарот на земјотресот бил во заливот Гемлик во Мраморното Море, на длабочина од девет километри.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул изјави дека нема извештаи за жртви или штети во градот.

Турските телевизиски канали јавија дека земјотресот предизвикал страв кај населението во голем број области на Истанбул, главно на азискиот брег.

Почна лидерската средба, лидерите без големи очекувања

Лисерска средба во Собранието на РСМ, 4 декември 2023 година
Лисерска средба во Собранието на РСМ, 4 декември 2023 година

Уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедничка во Бугарија, рече лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на лидерската средба во Собранието.

Изборите кои треба да се одржат напролет, евроинтеграциите кои зависат од уставните измени и техничката влада се во фокусот на лидерската средба која започна точно напладне.

Мицкоски вели дека за неколку месеци од денеска многумина од политичарите ќе бидат минато на политичката сцена. За техничката влада, 100 дена пред избори, Мицкоски вели дека нема ни да се разговара на оваа средба.

„Предмет на оваа средба, колку што знам, не се ниту уставни измени, ниту техничка влада, туку датум за претседателски и парламентарни избори“, рече Мицкоски, посакувајќи им среќа во опозиција на сега владејачките партии.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој и ја најави лидерската средба, не даде изјава.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој е дел од владејачкото мнозинство вели дека сега бараат широк консензус за одржување на претседателски и парламентарни избори заедно, кои би се одржале крај на април и почеток на мај. Во однос на техничка влада, Таравари вели дека за ова требаше да се разговара пред една или две години.

„Остануваме во Влада, до последен моменткога ќе видиме дали има шанса за евентуално уставни измени, ако не, во партиските тела ќе разговараме и ќе донесеме одлука. Меѓутоа нема да дозволиме да имаме дестабилизирање во Владата додека има услови за уставни измени“, рече Таравари.

Скендер Реџепи од Народно движење нема големи очекувања од денешната средба, оти како што вели имаа дијаметрално спротивни ставови. Тој би поддржат барање да се укине техничката влада, но под услов да се согласат сите на уставни измени.

„Верувам дека согласноста ќе биде околу мај, но она што за мене е најважно е да успееме да вметнеме евроинтеграциски договор и одлука за Уставни промени, што не верувам дека има таква подготвеност“, рече Реџепи.

На лидерската присуствуваат лидерите на СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои се на власт, и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и партиите од Европскиот сојуз за промени.

Левица, која има два пратеници во Собранието, синоќа најави дека нема да учествуваат на лидерска, поради веста дека исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска е пронајдена мртва по една недела трагање. Лидерите, пред средбата, изразија сочувство за смртта на девојчето.

На средбата присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите. Тие пак зависат од усвојување на уставни измени со кои во Уставот ќе се внесат и Бугарите, но ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.

Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.

Следните парламентарни избори треба да бидат 11-ти по ред од осамостојувањето на земјата и воведувањето на политички плурализам. Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.

Единаесет планинари загинаа по вулканска ерупција во Индонезија

Вулканот на планината Мерапи исфрла пепел во провинција Западна Суматра, Индонезија, 4 декември 2023 година
Вулканот на планината Мерапи исфрла пепел во провинција Западна Суматра, Индонезија, 4 декември 2023 година

Единаесет планинари се пронајдени мртви, а уште 12 се водат како исчезнати по ерупцијата на вулкан во Индонезија, додека спасувачите ги носат пеш по планината повредените и изгорените, соопштија официјални лица.

Спасувачите во неделата (3 декември) пронајдоа десетици планинари заглавени на планината Марапи, на островот Суматра, откако вулканот исфрли пепел во височина до 3000 метри.

„Мртвите планинари беа пронајдени во близина на кратерот на Марапи, откако вулканот висок 2891 метар ги затрупа околните села со пепел“, изјави Абдул Малик, шеф на локалната агенција за спасување.

Дванаесет лица исчезнаа, тројца беа пронајдени живи, а 49 безбедно се симнаа од кратерот, некои со изгореници и скршеници, додаде Малик.

Тој додаде дека спасувањето прави пеш и со раце, бидејќи хеликоптерот не може да се користи оти ерупцијата е во тек.

Во акцијата учествуваат 120 припадници на спасувачката служба, пренесува агенцијата АФП.

Двајца загинати во гранатирање на украинскиот регион Херсон

Последици под руското гранатирање на регионот Херсон, 4 декември 2023
Последици под руското гранатирање на регионот Херсон, 4 декември 2023

Две лица биле убиени во неделата во јужниот украински регион Херсон, откако регионот беше под силно гранатирање од руските сили.

Регионалниот началник Олександр Прокудин во понеделникот рече дека осум лица исто така се повредени бидејќи регионот бил под руско гранатирање дури 117 пати.

„Во главниот град на регионот, Херсон, оштетени се станбени области, медицински установи и друга инфраструктура“, рече Прокудин.

Украинското воено раководство во Херсон претходно објави дека градот е под „силен оган“ од руските сили од „привремено окупираниот лев брег“ на реката Днепар.

Претходно руски војници го нападнаа и пограничниот регион Чернихив, при што беа повредени цивили во градот Семенивска во северна Украина, соопшти регионалната воена администрација.

Шефовите на регионите Харкив, Запорожје, Днепропетровск, Суми и Миколајев исто така известија дека цивилните населби во нивниот регион биле погодени од руско гранатирање, но нема повредени цивили.

Јужна Кореја успешно тестираше ракета со цврсто гориво

илустрација
илустрација

Јужна Кореја на 4 декември успешно изведе пробен лет на вселенска ракета со цврсто гориво што носеше сателит над морето кај островот Џеџу, соопшти Министерството за одбрана.

Тоа беше трет тест од ваков вид по тестовите во декември и март минатата година.

„Лансирањето вклучува технологија развиена во Агенцијата за развој на одбраната во земјата и вселенска ракета и сателит произведени од јужнокорејската Hanwha Systems“, се вели во соопштението на Министерството.

Компанијата посочи дека сателитот, кој ќе се користи за цивилни цели, вклучително и мониторинг на животната средина, успешно испратил сигнали до копнениот контролен центар.

Министерството го поздрави лансирањето како пресвртница бидејќи Пјонгјанг неодамна лансираше воен шпионски сателит.

Соединетите Држави и нивните сојузници го осудија лансирањето на Северна Кореја за користење ракетна технологија што е во спротивност со безбедносната резолуција на ОН.

„Успешното лансирање на Јужна Кореја ќе ги подобри разузнавачките, надзорните и извидувачките способности на земјата“, соопшти Министерството.

Северна Кореја ги осуди, како што ги нарече, „двојните стандарди“ на Вашингтон во врска со лансирањето сателити од двете Кореи.

„Северна Кореја ќе продолжи да ја извршува важната мисија за воспоставување воздушно надгледување со цел темелно да ги следи и контролира воените потези на САД и другите непријателски сили“, соопшти севернокорејската вселенска агенција, а пренесе државната новинска агенција.

Столтенберг: И НАТО треба да биде подготвен за лоши вести од Украина

Јенс Столтенберг
Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека и западната воена алијанса треба да биде подготвена за лоши вести од украинскиот фронт, без да прецизира детали.

„Војните се одвиваат во фази. Мораме да ја поддржуваме Украина и во добри и во лоши времиња. Треба да бидеме подготвени и за лоши вести“, изјави Столтенберг за германскиот АРД додека западните сојузници дебатираат за воената и финансиска помош за Украина, а Москва го зголемува бројот на војници.

Рускиот претседател Владимир Путин на 1 декември потпиша указ за зголемување на бројот на војници за околу 170.000 на 1,3 милиони. Линиите на фронтот беа речиси непроменети во последните месеци, и покрај украинската контраофанзива во текот на летото.

За време на контраофанзивата, Украинците употребија крстосувачки ракети за да ја потиснат руската флота во Црното Море и нанесоа штета на Русија длабоко на нејзината територија, што Столтенберг ги оцени како „големи победи иако не успеаја да ја поместат линијата на фронтот“, Брисел пренесува порталот Политико, а пренесе балканскиот сервис на Слободна Европа.

Кривичен определи 48 часовен притвор за тројца осомничени за убиството на Вања

Кривичен суд Скопје (илустрација)
Кривичен суд Скопје (илустрација)

Кривичниот суд Скопје определил притвор од 48 часа за три лица од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и на П.Ж. од Велес.

Оттаму денеска (4 декември) информираат дека трите лица биле спроведени рано утринава во судот и дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството за притворот.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Оснвноto јаvно обвинителство, за определување мерка краткотраен притвор, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, против три лица кои рано утрово беа спроведени во судот, донесе решнија со кои го прифати предлогот и на трите лица им определи мерка притвор од 48 часа, а заради постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повтори односно изврши ново кривично дело“, соопшти Кривичниот суд во Скопје.

Оттаму посочуваат и дека мерката краткотраен притвор, по предлог на надлежниот обвинител, може да се продолжи или замени со други мерки за обезбедување присуство.

„Заради сензибилноста на настанот, разбирливиот јавниот интерес, но и пред истражната постапка која е сеуште во тек, како Кривичен суд апелираме за сите официјални информации поврзани со случајот, медиумите да се обратат до надлежниот Јавен обвинител“, додаваат од Кривичниот суд.

Јавното обвинителство синоќа соопшти дека по преземени опсежни мерки и активности од полициските службеници од СВР Скопје, на 3 декември во околината на Скопје било пронајдено безживотното тело на малолетната Вања Ѓорчевска.

Ѓорчевска беше пријавена за исчезната во понеделникот на 27 ноември рано утрината на пат кон училиште. Според извештаите, последниот сигнал од нејзиниот телефон тој ден се изгубил спроти Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Израелските сили го шират копнениот напад на југот на Појасот Газа

илустрација
илустрација

Израелските копнени сили се судираат со борците на Хамас низ целиот Појас Газа, соопшти израелската војска, со што е досега најјасната потврда дека е почната планираната копнена офанзива на југот на оваа палестинска енклава преполната со бегалци.

Истовремено, палестинската милитантна група Хамас соопшти дека нејзините борци се судриле со израелските војници на околу два километри од градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, пренесуваат британските медиуми.

Жителите од овој град, втор по големина во Појасот Газа, од кои многумина се преселиле за да избегаат од израелско-палестинскиот конфликт, потврдија дека се слуша тенковско гранатирање, изразувајќи стравување од нова израелска копнена офанзива.

Израелската армија претходно им нареди на луѓето да се евакуираат од некои делови од градот и предградијата, но не беше објавен нов копнен напад на југот на палестинската енклава.

„Израелските одбранбени сили(ИДФ) продолжуваат да ги прошируваат своите копнени операции против упориштата на Хамас низ Газа. Нашите сили директно се соочуваат со терористите и ги елиминираат“, изјави портпаролот на ИДФ, контраадмирал Даниел Хагари на прес-конференција во Тел Авив.

Медиумите под контрола на Хамас рано утринава објавија дека според информации на итните служби, тројца работници на итната помош загинале во израелски напад врз северниот дел на градот Газа.

Лидерска средба во Собранието - во фокус изборите, евроинтеграциите, Изборниот законик и техничка влада

Лидерска средба на претставниците на политичките партии во Собрание (илустрација)
Лидерска средба на претставниците на политичките партии во Собрание (илустрација)

Во Собранието денеска напладне се очекува да започне средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата - владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица, партиите од Европскиот сојуз за промени, на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада. На средбата која треба да започне во 12 часот, ќе присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Најголем дел од парламентарните партии го потврдија присуството на средбата. Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај. Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите, потоа датумот за изборите и Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со став дека е прифатлива лидерска средба, но на која би се разговарало за конечно прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ.

Ковачевски, во саботата рече дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.

Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи синоќа изјави оти смета дека е важно прашањето за уставните измени да се отвори на лидерската средба.

Министерот и портпарол на ДУИ, исто така, рече дека техничкиот премиер ќе биде на предлог на ДУИ и дека може да биде Талат Џафери, но дали ќе биде, сепак за тоа треба одлука од органите на партијата, кои, како што рече, ќе се состанат следнава недела.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG