Достапни линкови

Вести

Грузиската опозиција недоволно застапена на државната телевизија

Неколку стотици опозициони активисти упатија барање од грузиската државна телевизија во Тбилиси пошироко информирање за нивните секојдневни анти-владини протести. Активистите ја обвинуваат телевизијата дека дава само негативни вести во врска со протестите. Опозицијата во Грузија повеќе од еден месец оддржува протести, барајќи оставка од претседателот Михаел Саакашвили.

види ги сите денешни вести

update

Невреме го погоди и Скопје, на кратко снема струја во Собранието

Невреме во Скопје
Невреме во Скопје

Силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град на некои места вечерва (23 јуни) го зафати регионот на Скопје.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека поголема нестабилност го зафатила западниот дел на Скопје од каде невремето слабо се движи кон север и североисток.

Невремето предизвика и прекин во напојувањето со електрична енергија во Собранието поради што кратко беше прекината и седницата за избор на новата влада.

„Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнаа околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров. Сите пријави се пренесени на надлежни институции“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Во населбата Автокоманда паднал и дел од ограда и рекламно пано од железничкиот мост. Оградата паднала врз две возила во движење, но во ЦУК досега немаат информации за повредени лица.

Во Тетовско има заглавено семејство во куќа

Невремето го зафати и тетовскиот и гостиварскиот регион.

Од ЦУК информираа дека големото количество поројни води предизвикало поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на Тетово.

Од противпожарната бригада во Тетово бараа да се исклучи и струјата го градот поради ризик од струен удар. Како што соопштија од ЦУК, од ЕВН ги информирале дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.

Во тетовскиот регион, како што информираа од ЦУК, во поплавена куќа во селото Сиричино, Општина Јагуновце, има заглавено семејство и пожарникарите работат на нивно извлекување.

Проблеми на патиштата

Од ЦУК информираа и дека на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар на повеќе места има одрони и свлечишта, посебно во делот од патарината „Глумово“ до Карпалак и Групчин.

Од АМСМ, пак, информираа и дека поради обилните врнежи и блокираните сообраќајници, сообраќајот од правец од Велес кон Скопје и од правец од Куманово кон Скопје се пренасочува од Хиподром кон обиколницата.

Оттаму додаваат дека регионалниот пат од село Желино кон село Сиричино е блокиран во двата правци.

Силно невреме го зафати Тетово

Storm in Tetovo, North Macedonia
Storm in Tetovo, North Macedonia

Силно невреме попладнето на 23 јуни го зафати Тетово поради што поплавени се десетици објекти, а пожарникарите бараат да се исклучи електричната енергија во целиот град, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Командирот на ТППЕ Тетово бара да биде исклучена струјата во цело Тетово бидејќи според него ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти“, велат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека стапиле во контакт со ЕВН и ги информирале дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.

Невремето започнало околу 16:30 часот. Било проследено со дожд, силен ветар и грмотевици.

Според ЦУК, големото количество поројни води предизвикале поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.

Противпожарните екипи од Тетово и јавните комуналните претпријатија се на терен и вршат пунктирање на водата од објектите.

„Силниот ветер и градот направија штети и на земјоделските култури и овошните насади, но и штети во урбаните средини - оштетени кровови, канделабри, пластифицирани настрешници, возила… Штетите ќе се проценуваат дополнително“, велат од ЦУК.

Претходно, Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави дека во попладневните часови на 23 јуни се очекуваат поројни дождови и невреме во делови од државата.

Според прогнозите оттаму, и од утре односно во текот на следната недела, претежно во попладневните часови, ќе има почеста појава на пороен дожд и грмежи.

Почина Исуф Кадриу, дописник на РСЕ од Скопје

Исуф Кадриу
Исуф Кадриу

Новинарот Исуф Кадриу, дописник на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Скопје, ненадејно почина во неделата на 52-годишна возраст.

Кадриу известуваше за РСЕ од Скопје од 2001 година и беше едно од најистакнатите имиња во редакцијата на Радио Слободна Европа.

Тој беше и заменик-главен уредник во националната телевизија Алсат во Северна Македонија.

Кадриу зад себе остави сопруга и три деца, но и неизбришливо наследство со неговата работа во РСЕ.

Радио Слободна Европа изразува искрено сочувство до неговото семејство и пријателите!

Нимиц: Неупотребата на уставното име во усна форма ќе предизвика проблеми

Метју Нимиц (фотоархива)
Метју Нимиц (фотоархива)

Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија, вели Метју Нимиц, кој беше медијатор на Обединетите нации во речиси тридеценискиот спор меѓу Атина и Скопје за името на Република Северна Македонија.

„Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Ова политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница“, вели Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, пренесе МИА.

Според него, новата власт треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, за тоа која ќе биде нејзината политика во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата, посочувајќи дека „извојуваа импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби“.

„Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата“, вели Нимиц.

Со останатите 20 отсто од енергијата тој порачува новата Влада да се насочи кон решавање на отворените прашања со Бугарија, но и на „нормализирање на ненадејното нарушување на односите со Грција“ и на останатите регионални и пошироки надворешнополитички приоритети.

Пораките од Нимиц доаѓаат во период кога во Северна Македонија се формира нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер и иден премиер Христијан Мицкоски, вели дека во официјална комуникација ќе го користи уставното име на државата, но во неговите настапи дома и давањето изјави ќе го користи само името без придавката.

Прашањето околу името се актуализираше во односите меѓу Скопје и Атина и откако новата претседателка на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова при давањето заклетва на 12 мај не го употреби уставното име.

Метју Нимиц деновиве престојуваше во Грција каде се одржа меѓународна конференција за „Мир и одржлив развој“ на која ја доби наградата за мир, т.н. „Награда од Преспа“. Настанот, го организираа „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“ по повод шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор.

Владите на Зоран Заев (СДСМ) и на Алексис Ципрас (Сириза) го постигнаа и потпишаа Договорот од Преспа во јуни 2018 година.

Палестински фудбалер и неговото семејство загинаа во Газа

Газа, 23 јуни 2024 г.
Газа, 23 јуни 2024 г.

Палестинскиот фудбалер Ахмад Абу ал Ата и неговото семејство загинале во нивниот дом во Појасот Газа како резултат на израелски воздушен напад, соопшти Палестинскиот фудбалски сојуз (ПФА).

Заедно со Абу ал-Ата (34), кој играше како дефанзивец за Ал-Ахли во Појасот Газа, беа убиени и неговата сопруга Руба Есмаел Абу ал-Ата, која била здравствен работник, и нивните две деца, соопшти ПФА во саботата.

Локалните медиуми објавија дека нападот се случил во петокот, но од ПФА не соопштија за кој датум станува збор.

Минатиот понеделник ПФА објави дека фудбалскиот судија Хани Мешмех им подлегнал на повредите здобиени во израелски ракетен напад во Појасот Газа во мај.

Повеќе од 300 спортисти, судии и спортски претставници се убиени од почетокот на конфликтот во Газа во октомври минатата година, а сите спортски објекти на оваа територија се уништени, изјави во текот на месецот претседателот на Палестинскиот олимписки комитет, Џибрил Раџуб.

Меѓу жртвите беа фудбалерот Мохамед Баракат, кој беше убиен во израелски напад во март и Мохамед Хатаб, помошник судија на ФИФА, кој загина заедно со сопругата и четирите деца во напад на израелските сили врз населбата Деир Ал Балах во февруари.

Во мај, ФИФА нареди итна истрага за предлогот на ПФА, поддржан од Азиската фудбалска конфедерација, а кој се однесува на исклучување на Израел од сите клупски и национални натпреварувања поради војната во Газа. Според најавите, ФИФА на ова прашање ќе се осврне на вонреден состанок во јули.

Досега, во израелската офанзива врз Газа убиени се најмалку 37.958 Палестинци, а 86.032 се повредени, соопшти во денеска (23 јуни) Министерството за здравство под контрола на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Израелската офанзива започна по нападот на Хамас на 7 октомври на југот на Израел. Во него, според податоците на Израел беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.

Седница за избор на новата влада: Ветувања од власта, сомнежи од опозицијата

Седницата започна вчера (22 јуни) и треба да заврши најдоцна до вечерва на полноќ.
Седницата започна вчера (22 јуни) и треба да заврши најдоцна до вечерва на полноќ.

Ветувања од власта и сомнежи од опозицијата можеа да се слушнат на вториот ден од собраниската седница за избор на новата влада предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Седницата за избор на владата започна вчера, а продолжи денеска (23 јуни) во 11 часот. Според собранискиот Деловник, расправата трае најмногу два дена што значи дека најдоцна до вечерва на полноќ треба да се случи и гласањето.

Во денешното продолжение на седницата, ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи.

СДСМ, пак, се сомнева дека ќе се реализираат ветувањата.

„За неколку дена ВМРО-ДПМНЕ погазија многу ветувања, надежта почна да исчезнува. Загрижуваат одредени недоречени ветувања во предложената програма, како преиспитувањето и рационализацијата на органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредени државни органи, дали новата реорганизација изгласана по полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа која ќе биде и соодветно прочистување?“, рече, меѓу другото, од собраниската говорница пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ.

Според неа, експозето на некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во 2006 година е „речиси исто“ со тоа на сегашниот мандатар Христијан Мицкоски.

Во моментов пратениците се на пауза и се очекува седницата да продолжи околу 15 часот.

За да избере владата потребни се 61 глас „за“ во 120 члениот парламент. Новото владејачко мнозинство кое го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Вреди (ВЛЕН) и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници.

Идната влада, вклучувајќи го и Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови. Тој ќе има пет заменици односно вицепремиери. Во министерските фотелји ќе седнат само три жени.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Во владиниот кабинет, 15 членови ќе бидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Украинскиот митрополит осуден за поддршка на Русија е „на пат за Москва“

Митрополитот Јонафан (фотоархива)
Митрополитот Јонафан (фотоархива)

Митрополитот Јонафан од Украинската православна црква (УПЦ), кој во август лани беше осуден на затворска казна од пет години за поддршка на руската инвазија на Украина, е ослободен од затвор и ќе биде испратен во Москва по интервенција на московскиот патријарх Кирил, од Руската православна црква (РПЦ).

Информацијата ја објави РПЦ на 22 јуни, пренесе рускиот сервис на РСЕ.

Митрополитот Јонафан беше обвинет за дистрибуција на проруски летоци до верниците, објави на веб-страницата на епархијата за супериорноста на УПЦ над Православната црква во Украина (ПЦУ) и за поддршка на руската инвазија.

На 8 август тој беше осуден на пет години затвор откако судот во украинскиот град Виница го прогласи за виновен по четири точки од обвинението, меѓу кои и повикување на повреда на територијалниот интегритет на Украина, дејствување против уставниот поредок на земјата и прекршување на правата на граѓаните.

Тој беше првиот поглавар на епархијата на УПЦ кој беше осуден за време на извршување на функцијата.

Поранешниот митрополит Јосаф претходно беше осуден на три години затвор поради ширење проруска пропаганда.

Јонафан беше во домашен притвор откако поднесе жалба на казната, а наводно доживеал срцев удар за време на притворот. На 18 јуни, Апелациониот суд ја отфрли жалбата и ја потврди првичната казна.

УПЦ соопшти дека Јонафан го загубил украинското државјанство и „наскоро ќе пристигне во Москва“, не давајќи дополнителни детали за неговото ослободување.

УПЦ е една од двете најголеми православни религиозни организации во Украина, заедно со автокефалната ПЦУ, која стекна независност од РПЦ во 2019 година.

Пред почетокот на војната беше наречена Украинска православна црква на Московската патријаршија. Но, по руската инвазија, УПЦ прогласи „независност“ од Московската патријаршија, но таа никогаш не беше правно формализирана.

Украинските власти сметаат дека одреден број свештеници и архиепископи на УПЦ заземаат проруски ставови и ги обвинуваат за антидржавни активности.

Во Манчестер се откажуваат летови поради прекин на електричната енергија

Авиони на аеродромот во Манчестер (фотоархива)
Авиони на аеродромот во Манчестер (фотоархива)

Значителен број летови на третиот најфреквентен британски аеродром беа одложени или откажани во неделата (23 јуни) по прекин на снабдувањето со електрична енергија, соопшти операторот со аеродромот во Манчестер.

Групацијата „Манчестер аирпорт груп“ (Manchester Airports Group) наведе дека аеродромот бил погоден од „значителен прекин на струја во оваа област рано утринава“.

Електричната енергија потоа се врати, но на патниците што требаше да патуваат од терминалите 1 и 2 им беше кажано „да не доаѓаат до дополнително известување“ бидејќи летовите се откажани.

На патниците од терминалот 3, пак, им соопштиле да дојдат, но биле предупредени од „можни доцнења“.

Во текот на изминатите неколку години, британскиот транспорт беше погоден од низа проблеми, вклучително и технички и работи на терен, кои влијаеа на патниците во воздушниот сообраќај и железницата.

Во август лани, поради технички проблеми, земјата се соочи со најголем прекин во контролата на летање во последните десет години.

МНР повика државјаните на Северна Македонија да го напуштат Либан

МНР повика државјаните на Северна Македонија во прва прилика да го напуштат Либан (фотоархива)
МНР повика државјаните на Северна Македонија во прва прилика да го напуштат Либан (фотоархива)

Министерството за надворешни работи (МНР) денеска (23 јуни) повика сите државјани на Република Северна Македонија што се наоѓаат во Либан да ја напуштат оваа земја во првата можна прилика поради влошената безбедносна ситуација.

„Исто така, апелираме да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни. Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Либан. МНР ги става сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани и посочува на СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 и мејл адресата globalsos@mfa.gov.mk“, пишува во повикот на МНР.

Во последниве недели ескалираше размената на оган преку либанската граница меѓу Израел и моќната милитантна група Хезболах поддржана од Иран, сојузник на Хамас кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Ескалацијата ги зголеми стравувањата од проширување на војната од Појасот Газа.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на 21 јуни порача дека прекуграничните непријателства не смеат да го претворат Либан во „уште една Газа“, предупредувајќи на ризикот од предизвикување „незамислива“ катастрофа.

Тројца загинати во руски напад на Харкив, Украина возврати со дронови

Руските сили го нападнаа и регионот на Киев каде се оштетија згради, 23 јуни 2024 г.
Руските сили го нападнаа и регионот на Киев каде се оштетија згради, 23 јуни 2024 г.

Три лица загинале, а десетици се повредени во руски воздушен напад во саботата попладне врз Харкив, вториот по големина град во Украина.

Во текот на изминатата ноќ, неколку часа по нападот, пак, руските сили успеале да соборат повеќе од 30 беспилотни летала над западните региони на Русија, соопштија руските власти.

Во нападот во Харкив, една од четири бомби погодила петкатна станбена зграда. Регионалниот гувернер Олег Сињегубов изјави дека 41 лице се лекуваат од повредите.

Во видеообраќање по нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од партнерите да ги зајакнат капацитетите на Украина за воздушна одбрана.

„Современи системи за противвоздушна одбрана за Украина, како што е системот ’Патриот‘, забрзана обука на нашите пилоти за авионите Ф-16 и што е најважно, доволен дострел на нашето оружје – тоа навистина ни треба“, побара Зеленски.

И во регионот на главниот град Киев, две лица биле повредени од урнатини на згради. Командантот на воздухопловните сили на Украина Микола Олешук, изјави дека во текот на ноќта од три проектили што биле лансирани од Русија, соборени биле два. Тој во својата изјава не наведе што се случило со третата ракета.

Кога е во прашање, пак, украинскиот напад со дронови, руското Министерство за одбрана посочи дека системите за противвоздушна одбрана успеала да соборат 33 украински дронови над регионите Брјанск, Смоленск, Липецк и Тула. Оттаму не прецизираа дали има жртви или штета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG