Достапни линкови

Вести

Хелсинки: Започна дводневниот министерски состанок на ОБСЕ

Во Хелсинки денеска почна дводневниот министерски состанок на ОБСЕ, на кој една од главните теми ќе биде избегнувањето на конфликти, како августовскиот меѓу Грузија и Русија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува да го претстави новиот руски безбедносен предлог. Финскиот шеф на дипломатијата Александар Стуб изјави дека Соединетите Држави искажале внимателна отвореност кон рускиот предлог. Министрите се очекува да го потврдат изборот на Казахстан како претседавач со ОБСЕ во 2010-та.

види ги сите денешни вести

Франција најави постепено укинување на ковид мерките

Франција постепено ќе ги укинува ограничувањата наметнати во борбата против ковид-19

Францускиот премиер Жан Кастекс ообјави дека од 2 февруари земјата постепено ќе ги укинува ограничувањата наметнати во борбата против ковид-19, како што е носењето маска на отворено воведена во некои зони. На тој датум, девет дена по стапувањето во сила на пропусницата за вакцинација, која дозволува влез во ресторани, кафулиња, јавен превоз и јавни спортски активности, мерките ќе бидат укинати на местата отворени за јавноста и само ќе се „препорачува“ далечинско работење, рече тој.

Шефот на СЗО - Пандемијата е далеку од завршена

Пропусницата за вакцинација за лица постари од 16 години, треба да стапи на сила в понеделник и да служи во рекреативни активности, ресторани, места каде што се продаваат пијалаци, саеми, семинари, професионални собири и регионален јавен превоз. Пропусницата за вакцинација треба да овозможи укинување на „повеќето усвоени ограничувања“, рече Кастекс. Влегувањето во сила зависи од денешната одлука на Уставниот совет во врска со мерката која ја обжалија пратениците и сенаторите од опозицијата. Дискотеките што прво беа затворени 16 месеци, а повторно беа отворени во јули, а потоа повторно затворени на 10 декември бидејќи се сметаат за погодни за ширење на инфекцијата, може повторно да се отворат на 16 февруари. Владата најави и дека дополнителна доза може да се дава на адолесценти на возраст од 12 до 17 години, но дека тоа не е задолжително.

Главниот администратор на УСАИД во Сараево

Главниот администратор на УСАИД Саманта Пауер, Сараево, 20.01.2022.

Главниот администратор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) Саманта Пауер, која престојува во дводневна посета на Босна и Херцеговина денеска ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ. „Ќе се сретнам со нив за да разговарам за неопходните реформи за политичките и економските структури во БиХ, реформи од кои ќе имаат корист сите граѓани на оваа земја“, изјави таа, нагласувајќи го пријателството на САД со народот на БиХ. „За мене е важно да ја пренесам пораката на претседателот Бајден, а тоа е дека САД се со граѓаните на БиХ“, рече Пауер.

Додик: САД се голема земја, но нивните обвинувања не се точни


Коментирајќи ги потезите на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, таа оцени дека „заканата за повлекување од институциите на државно ниво е закана за стабилноста, што е договорено со потпишувањето на Дејтонскиот договор“. „Овие закани немаат никакво економско или функционално значење“, рече шефот на УСАИД. Зборувајќи за американските санкции против поединци во БиХ, Пауер истакна дека САД „нема да се двоумат да дејствуваат против оние кои се корумпирани и водат до поделби меѓу граѓаните на БиХ“.

НАТО ја почна надградбата на воздухопловната база во Албанија

илустрација, Тирана

НАТО ја започна реконструкцијата на албанската воздухопловна база Кучова од времето на комунизмот, што ќе ѝ овозможи за операции на Алијансата. Надградбата на базата од 45,8 милиони евра вклучува обнова на пистите, патишта и магацини. Базата во Кучова, 80 километри јужно од главниот град Тирана, ќе ѝ служи на Албанија и ќе обезбеди логистичка поддршка, полициски надзор, обука и вежби за поддршка на операциите за воздушно снабдување на НАТО.

САД ќе отворат штаб за специјални операции во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека изборот на НАТО да го користи објектот како тактичка база го потврдува фактот дека малата Албанија ѝ додава вредност на Алијансата. Подобрувањето на базата треба да заврши во 2023 година, соопшти Министерството за одбрана. Воздухопловната база Кучова е изградена во 1950-тите кога Албанија беше близок соработник на Советскиот Сојуз. Албанија е членка на НАТО од 2009 година.

Ескобар ја потврди поддршката на САД за актуелната црногорска влада

американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар

САД ја поддржуваат актуелната црногорска влада сѐ додека е посветена на евроатлантскиот пат и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата и економската благосостојба на граѓаните, изјави американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар по средбата со црногорскиот министер за финансии Милојко Спајиќ. „Секоја влада што е на тој пат има поддршка од Соединетите Држави“, рече Ескобар, се вели во соопштението на црногорското Министерство за финансии. Ескобар, како што се додава, нагласил дека САД ја почитуваат демократската волја на црногорските граѓани и дека нема да се мешаат во внатрешните политички процеси во Црна Гора.

Црногорскиот кабинет се соочува со гласање за недоверба

Премиерот на Црна Гора: малцинска влада е измама

Посетата на министерот Спајиќ на Вашингтон доаѓа во време на политичка криза во Црна Гора и во пресрет на парламентарната расправа на 4 февруари, за Иницијативата за гласање недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ, иницирана од Граѓанското движење УРА предводена од вицепремиеротн Дритан Абазовиќ. Иницијативата ја испратија пратениците на претходната владејачка коалиција „Црно-бело“ (УРА и Алијансата на граѓани Цивис) со потписи на опозициските партии предводени од Демократската партија на социјалистите. Граѓаните протестираат против иницијативата за уривање на Владата на Здравко Кривокапиќ, Подгорица.

Иран, Русија и Кина ќе одржат заеднички поморски вежби

заеднички вежби на Иран, Русија и Кина

Иран, Русија и Кина денеска одржуваат заеднички поморски вежби на северот на Индискиот океан, објавија иранските медиуми, наведувајќи дека трите земји се здружуваат соочени со зголемениот притисок од САД и нивните сојузници околу Украина. Портпаролот на војската на иранските вооружени сили изјави за полуофицијалната новинска агенција ИСНА дека целта на вежбите е „да се зајакне безбедноста во регионот“. Маневрите, наречени 2022 Marine Security Belt, ќе бидат трети заеднички поморски вежби меѓу трите земји од 2019 година и ќе продолжат во иднина, изјави портпаролот Мостафа Тајолдин. Откако дојде на функцијата во јуни 2021 година, тврдокорниот ирански претседател Ебрахим Раиси води политика за продлабочување на врските и со Москва и со Пекинг.

Во Москва разговори меѓу претседателите на Русија и на Иран


Русија, Иран и Кина се под санкции наметнати од Запад поради различни прашања, вклучувајќи ги заканите на Русија за територијалниот интегритет на Украина, кршењето на човековите права во Кина и иранската нуклеарна програма. По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва на 19 јануари, Раиси рече дека Иран „нема граници за проширување на врските со Русија“, додека рускиот лидер ја пофали „блиската соработка“ на земјите на меѓународната сцена.

Српската влада ја прекина соработката со Рио Тинто

Српската премиерка Ана Брнабиќ на прес-конференција по седницата на српската влада за Рио Тинто, Белград, Србија, 20 јануари 2022 година.

Владата на Србија донесе одлука да ја прекине соработката со меѓународната рударска компанија „Рио Тинто“, потврди премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
„Сите управни акти поврзани со Рио Тинто, односно (фирмата ќерка) Рио Сава, сите дозволи, решенија, решенија се поништени. Ги исполнивме сите барања на еколошките протести, и ставивме крај на Рио Тинто во Република Србија“, изјави премиерот на Србија, по седницата на Владата на Србија. Рио Тинто планираше да изгради рудник за литиум во западна Србија, а проектот го доби името Јадар. Премиерката на Србија ги покани сите заинтересирани еколошки организации да контактираат со неа и изјави дека нејзиниот тим е подготвен да ги достави сите документи поврзани со работата на компанијата до заинтересираните.

Нови блокади во Србија против рудници за литиум

Брнабиќ рече дека на овој начин Владата на Србија ги прифатила сите барања на еколошките организации. Рио Тинто е крајно загрижен поради изјавата на премиерката Брнабиќ, дека просторниот план за проектот „Јадар“ е откажан, како и дека се поништуваат сите управни акти поврзани со проектот. Во соопштението се наведува дека компанијата за време на работата на проектот „Јадар“ секогаш ги почитувала законите на Србија. „Рио Тинто ја разгледува правната основа за донесување на оваа одлука и импликациите што таа може да ги има врз нашите активности и нашите луѓе во Србија“, се вели во соопштението на Рио Сава.

Блинкен и Лавров ќе разговараат во Женева

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска во Женева ќе разговараат за безбедносните гаранции што Москва ги бара од Западот. Според информациите, двајцата дипломати се договориле за средбата во телефонски разговор во вторникот. Блинкен во средата престојуваше во Украина, а вчера во Берлин на разговори со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, како и на состанок со Трансатлантската четворка во која се вклучени САД, Британија, Франција и Германија.

Блинкен: Путин го предизвика „она што вели дека сака да го спречи“

Блинкен ден претходно во Киев изјави дека Русија би можела да изврши нов напад врз Украина на „многу краток рок“, но Вашингтон ќе продолжи со дипломатијата онолку долго колку што може, иако не е сигурен што навистина сака Москва. При посетата на Киев за да покаже поддршка за Украина, високиот американски дипломат рече дека Украинците треба да се подготват за тешки денови. Тој рече дека Вашингтон ќе продолжи да обезбедува одбранбена помош за Украина и го обнови ветувањето за строги санкции против Русија во случај на нова инвазија.

НАТО во споредна улога доколку Русија ја нападне Украина

Кремљ соопшти дека тензиите околу Украина се зголемуваат и дека сè уште чека писмен одговор на САД на нивните огромни барања за безбедносни гаранции од Западот. Песимистичките изјави го истакнаа јазот меѓу Вашингтон и Москва додека Блинкен се подготвува за утрешниот состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој еден руски аналитичар го нарече „веројатно последната станица пред несреќата на возот.

Времето денеска: облачно со повремени врнежи од снег

Облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка, освен во долниот тек на Повардарието. Заради ниските температури, ќе има појава на голомразица. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Дневната температура ќе биде од минус 5 до 4 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 1 степен.

Американски санкции против четворица Украинци, меѓу кои двајца пратеници, за соработка со руски служби

Илустрација: Пратеници во украинскиот парламент

САД денеска воведува санкции за четворица Украинци обвинети дека работеле со руската тајна служба (ФСБ), соопшти денеска американското Министерство за финансии, нагласувајќи ги нивните „дестабилизирачките активности“ во Украина.

Двајца од санкционираните Украинци се актуелни пратеници во украинскиот парламент.

Пратениците Тарас Козак и Олег Волошин се обвинети дека руското ФСБ ги задолжило да регрутираат поранешни и сегашни државни функционери да се подготват за преземање контрола врз украинската влада и да ја контролораат инфраструктурата во земјата со руските окупациски сили, соопшти американското Министерство за финансии.

Тие се пратеници од партијата на тајкунот Виктор Медведчук, која има пријателски ставови кон Русија. Медведчук, кој веќе е на американската листа на санкции, одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Министерството наведе дека САД ќе продолжат да преземаат вакви мерки и во партнерство во украинската влада да ги идентификува, открие и спречи руските напори за дестабилизација на земјата.

Во соопштението се додава дека денеска воведените санкции се одвоени од широките мерки кои САД и нивните сојузници се спремни да ги воведат за да ѝ нанесат значајни трошоци на руската економија и финансиски систем доколку Русија би извршила инвазија врз Украина.

Русија собра околу 100 илјади војници во близина на украинската граница, а Западот стравува дека Москва подготвува инвазија на Украина.

Русија ги негира обвинувањата и бара гаранции дека НАТО нема веќе да се шири на Исток и оти Украина никогаш нема да стане членка на Алијансата.

Дендиас - Цврста позиција за почеток на преговорите на С. Македонија и Албанија со ЕУ

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас

Цврстата позиција на Грција, Северна Македонија и Албанија да ги одржат првите меѓувладини конференции со ЕУ, ја повтори шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата со неговата колешка од Косово Доника Грвала-Шварц.

Дендиас рече дека разговорите биле фокусирани на европската перспектива на регионот, ситуацијата на Западен Балкан, можностите за енергетската соработка, како и на билатералните односи.

„Ја повторив цврстата посветеност на Грција за интеграција на Западен Балкан онаму каде што припаѓа, во европското семејство, потенцирајќи ја цврстата позиција за организирање на првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија“, рече Дендиас.

Говорејќи за регионот истакна дека волјата на Грција е Западен Балкан енергетски да се поврзе со гасоводот ТАП преку интерконкектори.

Тој додаде дека треба да се создадат услови што ќе ја зајакнат стабилноста и порача дека Грција како прва балканска земја што стана дел од европското семејство чувствува „голема морална должност да му помогне на целиот регион да се приклучи кон Европа“ и секогаш ќе ги помага напорите за „создавање мостови на соработка и мирен соживот во регионот со заедничка крајна цел подобра европска иднина за сите“.

„Нашето мислење е дека Западен Балкан мора да гледа кон иднината, а не кон минатото. Западниот Балкан, сите земји од Западен Балкан треба да имаат добри односи со сите земји од поширокиот регион, но перспективата што претставува еднонасочен пат е Европа“, истакна Дендиас, додавајќи дека европското законодавство, демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права е „политички, економски, културен компас, а не враќањето во 19 век“.

Шефот на грчката дипломатија утре ќе биде во Хрватска, додека пак следната седмица ќе го придружува премиерот Кирјакос Мицотакис за време на неговата посета на Белград.

За односите со Косово повтори дека Грција следи „конструктивен пристап согласно неутралниот, во однос на статусот, пристап на Европската унија“ и упати апел инволвираните страни во дијалогот Белград – Приштина да покажат конструктивен став.

Откриени 60 неисправни возила со кои се врши јавен превоз низ Македонија

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска биле откриени 60 неисправни возила со кои се врши јавен превоз низ Македонија. Контролите се извршени во рамки на оперативната акција „Дозвола“, а неисправните возила се исклучени од сообраќај.

„Контролирани се 576 автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз, а неисправност е утврдена кај 60 возила. Од нив 21 на територија на СВР Тетово, 11 на територија на СВР Штип, девет на територија на СВР Струмица, осум на територија на СВР Скопје… Од овие 60 возила, кај 42 е утврден неисправен уред за запирање, кај пет неисправен уред за управување“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Од страна на инспектори на Државен инспекторат за патен сообраќај и инспектори од единиците на локална самоуправа, кои исто така учествуваа во акциската контрола, преземени се 18 мерки поради вршење на јавен превоз без лиценца.

„Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, рече Ангеловски.

Европа размислува за нова ковид-стратегија: прифаќање на вирусот

Илустрација: Жена со маска во Барселона носи ранец со мачка

Кога за првпат беше прогласена пандемијата на коронавирус, на Шпанците им беше наредено да останат дома повеќе од три месеци. Со недели не ги пуштаа надвор ниту за вежбање. Децата добија забрана да одат на игралишта, а економијата практично запре, пишува Агенцијата Асошиејтед прес.

Сега, речиси две години подоцна, Шпанија се подготвува да усвои поинаков пристап кон ковид-19. Земјата со една од највисоките стапки на вакцинација во Европа и една од најпогодени економии од пандемијата сега се подготвува да го третира ковид како болест што треба да остане.
Слични чекори се разгледуваат во соседна Португалија и во Британија.

Идејата е да се префрли од кризен режим во режим на контрола и со начин на справување со вирусот како со грип или сипаници. Тоа значи да се прифати дека ќе се појават инфекции и ќе се обезбеди дополнителна грижа за ризичните луѓе и пациентите со компликации.

Шпанскиот премиер од левиот центар, Педро Санчез, сака Европската унија да разгледа слични промени сега кога напливот на варијантата омикрон покажа дека болеста станува сè помалку смртоносна.

„Она што го кажуваме е дека во следните неколку месеци и години ќе треба да размислуваме, без двоумење и според она што ни го кажува науката, како да управуваме со пандемијата со различни параметри“, рече тој во понеделникот.

Санчез рече дека промените не треба да се случат пред да заврши омикрон бранот, но официјалните лица треба да почнат да го обликуваат светот по пандемијата. Светската здравствена организација соопшти дека е премногу рано да се размислува за каква било итна промена.

Организацијата нема јасно дефинирани критериуми за прогласување на ковид-19 за ендемично заболување, но нејзините експерти претходно изјавија дека тоа ќе се случи кога вирусот ќе биде попредвидлив и нема постојани епидемии. Европскиот центар за превенција и контрола на болести ги советуваше земјите да преминат на порутинско справување со ковид-19 откако ќе заврши акутната фаза на пандемијата.

Во соопштението на агенцијата се вели дека повеќе држави во ЕУ, покрај Шпанија, ќе сакаат да усвојат „подолгорочен, одржлив пристап за надзор“.

Многу земји обземени од рекордниот број случаи на омикрон веќе се откажуваат од масовното тестирање и намалувањето на времето за карантин, особено за работниците кои не покажуваат повеќе од симптоми слични на настинка. Од почетокот на годината, наставата во шпанските училишта престанува само ако има големи епидемии.

Нови 1172 случаи на ковид-19, меѓу починатите има 30-годишници

Илустрација

Во последните 24 часа се регистрирани 1172 нови случаи на коронавирус во Македонија, а 13 луѓе починале, информира Министерството за здравство. Направени биле 4021 тестирања.

Меѓу починатите има и лице од Велес на 30 години, и едно од Битола на 32 години. Останатите починати се на возраст од 59 до 84 години. Дванаесет луѓе починале во изминатите 24 часа, а еден починал на 15 јануари, но бил пријавен денеска.

Петмина од починатите биле целосно вакцинирани.

Регистрирани се 553 оздравени пациенти.

Најмногу од новите случаи се регистрирани во Скопје - 629, Битола 109, Куманово 64, Охрид 53, Штип 36, Тетово 35, Кавадарци 30, Велес и Кичево по 27, Прилеп 25, Струмица 24, Гостивар 23, Ресен 20, Гевгелија 19, Струга 11, Неготино 9, Свети Николе 7, Крива Паланка и Богданци по 5, Кочани 3, Радовиш и Виница по 2, Берово, Дебар, Валандово, Кратово, Крушево, Демир Хисар и Дојран по еден.

Од вкупниот број на позитивни (1.172), регистрирани се 145 реинфекции.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 250.876, бројот на оздравени пациенти е 223.606, на починати е 8.166, а бројот на активни случаи изнесува 19.104.

Скриени камери пронајдени во соблекувалната на женски ракометен клуб во Германија

Логото на женскиот ракометен клуб ТуС Мецинген

Германската полиција отвори истрага откако две скриени камери беа пронајдени во соблекувалната на женскиот ракометен клуб ТуС Мецинген.

Клубот денеска соопшти дека полицијата сомничи едно лице кое работело со екипата и наведува дека тоа лице веќе не работи во клубот. Камерите биле пронајдени на почетокот на оваа недела.

Управата на женската ракометна Бундеслига соопшти дека е шокирана и најостро го осуди таквото однесување.

Сличен инцидент се случи и минатата година, кога три камери беа пронајдени во соблекувалната на клубот Бухолц 08-Розенгартен. Лигата соопшти дека истрагата е во тек.

Министерот Сали најавува промени во Комисијата за заразни болести

Седница на Влада

Промените во Комисијата за заразни болести ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав со нови, професионални кадри од повеќе области. Во тек се дискусиите, а во таа насока денеска имав состанок со претседателот и секретарот на Комисијата, изјави за МИА министерот за здравство Беким Сали.

Професионалното работење на Комисијата за заразни болести, посочи министерот, е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет.

„Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е секако намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните“, додаде министерот.

Сали дојде на министерската позиција во здравство неделава. Во текот на целата пандемијата со коронавирусот со министерството раководеше Венко Филипче. Македонија во моментов се соочува со нов бран на заразени со ковид19 предизвикан од сојот омикрон.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG