Достапни линкови

Александар Солоцински, амбасадор на Русија во Македонија. Русија не прави притисок врз останатите земји да ја признаат Јужна Осетија и Абхазија


По воената интервенција, Русија ја призна независноста на грузиските региони Јужна Осетија и Абхазија. Што велите на реакциите на западните земји дека со употреба на сила Москва го крши меѓународното право?

Треба да почнам од тоа како се се случи. Во текот на последните години атмосферата во регионот беше многу напната. Западните земји на чело со Америка ја вооружувале Грузија и и носеле на Грузија голема количина на оружје и тоа и повеќе одошто и требаше на Грузија за одбрана. А од кого да се брани, од Русија или од Турција и поставувале толку оружје што му овозможиле на Саакашвили да создаде потенцијал и тој него го искористи ноќта на 8 август 2008 година. Русија примени сила за да го запре агресорот за да ја стопира грузиската војска и за да не се случи етничко чистење. Русија дејствуваше според мандатот од ООН и затоа во овој случај не можеме да зборуваме за тоа дека Русија го прекрши меѓународното право. Русија дејствуваше согласно со меѓународното право и Русија го исполни својот долг, го направи тоа што требаше да го направи. И кога западните земји кажуваат дека Русија го прекрши меѓународното право, благо кажано тие ја извртуваат вистината. Ако тука сега ги споменеме настаните кои се случија во соседтвото на Македонија, во соседна Србија, кога Милошевиќ се обиде да спроведе воена операција на косово, американците и НАТО употребија сила без да прашаат никого.

Зошто Русија инсистира на аналогноста на ситуациите на Косово и во Грузија? Аналитичарите велат дека тоа се различни ситуации.

Резолуции на ООН? Западот прв покажа дека не ги почитува. Познатата резолуција 1244 која јасно кажува дека треба да биде зачуван територијалниот интегритет на Србија .Западот заборави на тоа и го оддели Косово. Ние бевме против одвојувањето на Косово и против признавање на Косово како независна држава затоа што тоа беше грубо прекршување на резолуцијата на ООН како и на меѓународното право. Тоа што му се допаѓа на Западот, тоа е добро а тоа што не му се допаѓа, од некои причини, тоа е прекршување на меѓународното право. Во овој случај да зборуваме дека Косово е уникатен случај не е соодветно прикажување на реалноста и на фактите. Според документите ние можеме да докажеме и веќе докажавме, потпирајќи се на фактите, дека Јужна Осетија и Абхазија имаат право на создавање на независни држави дури и повеќе отколку Косово, но на западните земји тоа не им се допаѓа, односно западот тоа што е бело го нарекува-црно а тоа што е црно-бело.

Москва апелираше до останатите земји да ги признаат Јужна Осетија и Абхазија, и вие тоа го направивте и до Македонија. Не ризикувате ли тоа да се сфати како притисок врз државите?

Во овој случај сакам да кажам дека Русија не прави никаков притисок на ниту една земја. Признавањето или непризнавањето на некоја држава е работа на самата држава. Кога го информирав раководството на Македонија, во Министерството за надворешни работи за признавање на независноста на Јужна Осетија и Абхазија од страна на Русија, им објаснив зошто го направивме признавањето, ние бевме принудени да го направиме тоа. Како што знаете по признавањето на Косово од страна на западните земји, Русија не ги призна Јужна Осетија и Абхазија но злосторничките дејствија на режимот на Саакашвили, неговите обиди да ги уништи овие народи, да спроведе геноцид, не принуди нас да го направиме овој чекор за да ги заштитиме овие народи од физичко уништување. А што се однесува до признавањето или непризнавањето јас само го информирав македонското раководство дека Русија ја призна независноста на Јужна Осетија и Абхазија. Кажав дека би било добро кога и македонската влада би го направила истиот чекор, но тоа беше само предлог , немаше никаков притисок. Тоа е работа на секоја земја да решава како ќе ги гради односите со друга независна држава.

Имате ли докази за тврдењата дека некои Балкански држави и продавале оружје на Грузија?

Секако дека има докази, ако ги немаше, немаше да зборуваме за тоа. Работата е во тоа што во текот на воената операција во Јужна Осетија и Абхазија руската војска заплени голема количина на оружје оставено од Грузијците. Треба да кажам дека воена операција на територијата на Абхазија се спроведуваше од страна на абхаската војска, а руската војска дејствуваше само на територијата на Јужна Осетија. Значи, овие војски на овие територии заплениле оружје кое го оставила грузиската војска повлекувајќи се. И меѓу ова оружје беше најдено оружје кое во поголем дел беше американско производство, од европските земји и од балканските земји. Веќе неколку пати ме прашувале дали Македонија и доставувала оружје на Грузија, сакам да кажам дека според нашите податоци, македонската влада нема никаква врска со тоа и никакви официјални доставки од Македонија немаше, имаше од Америка, Украина, и ред други земји.

Како гледате на односите Москва –Скопје со оглед на македонските аспирации за НАТО?

Дали да влегува во НАТО или не, тоа е суверен избор на Македонија, на македонската влада, на македонскиот народ. Македонија е суверена држава и ние ги почитуваме суверените одлуки на суверените држави. И затоа не планираме да зборуваме нешто за оваа работа, затоа што таа работа е на македонската влада но во целина ние сме против проширување на НАТО затоа што тое е блок којшто беше создаден во текот на Студената Војна за решавање на тие проблеми кои Западот сакаше да ги реши во текот на Студената Војна и денеска ние го признаваме, а и Западот го признава тоа. Студената Војна заврши и НАТО ја заврши својата историска мисија и денеска пред нас стојат сосема други задачи. Денеска меѓу Русија и западните земји нема никакви идеолошки разидувања. Повеќе од тоа, ние имаме многу прашања коишто не обединуваат. Имаме глобални прашања како што се меѓународниот тероризам, еколошките проблеми и борбата против трговијата со дрога. Ние активно соработуваме со западните земји и ние сметаме дека НАТО како инструмент на надворешната политика денеска ги исцрпи своите функции затоа што ред проблеми кои денеска стојат пред западните земји и пред Русија не можат да бидат решени со помошта на НАТО и овие проблеми не можат да бидат решени само со НАТО и Америка, без учество на Русија. Ние предлагаме да се создаде нова структура на колективната безбедност која би одговарала на денешната реалност и да не се обидуваме да користиме стар инструмент во нови услови или кој ги исцрпил своите можности.

Русија ја призна Македонија под уставното име. Постои ли опасност нагласеното партнерство во енергетскиот сектор меѓу Русија и Грција сепак на да излезе на штета на Македонија?

Русија ја призна Македонија под нејзиното уставно име и ние сметаме дека секој народ има право да се нарекува така како што се нарекува себе си. Прашањето во врска со уставното име е билатерално прашање меѓу Македонија и Грција и ако биде донесено некое друго решение од страна на Македонија ние ќе го прифатиме тоа решение но денеска ние ја признаваме Македонија под нејзиното уставно име и таквиот проблем не постои во односите меѓу Македонија и Русија и Русија и Грција и овој проблем не може никако да влијае на односите меѓу Македонија и Русија и Русија и Грција. Македонија е пријателска земја и сакам да кажам дека тоа се сосема две различни прашања, економските односи и билатерален спор сон којшто ние немаме никаква врска.

Во кој економски сектор гледате најголеми шанси за македонско-руска соработка?

Има многу можности и многу области за економска соработка. Веќе го спомнав енергетскиот сектор , Русија активно соработува скоро со сите европски земји на ова поле, ние имаме многу енергенси а на Европа и се потребни енергенси а нам ние потребен купувач. Ние сме подготвени да ја развиваме соработката со Македонија и во оваа област. Покрај тоа ние сме подготвени да соработуваме со Македонија и во инвстициската сфера , ние знаеме дека македонската влада многу се залага за подобрување на инвестиционата клима во земјата, во земјата има многу руски компании, на пример Лук оил , има и помали компании, и мислам дека при активна работа од двете страни, во Македонија можат да се појават многу руски компании. Исто така има и можност за македонските компании да излезат на рускиот пазар. Тука станува збор за земјоделските производи, овошјето и зеленчукот, виното, градежништвото. Може да се обнови соработката и во лесната индустрија. Длабоко сум убеден дека имаме големи можности за развивање на економската соработка меѓу Русија и македонија и со активна работа од двете страни односите ќе се развиваат многу добро.
XS
SM
MD
LG