Достапни линкови

Вести

Багдад: Моктада Ал Садр повика на протести

Ирачкиот радикален шиитски верски лидер, Моктада Ал Садр повика на протести за да се принуди владата да го укине договорот со Соединетите Држави за продолжување на присуството на американските трупи во Ирак и по 2008-ма година. Садр оцени дека тој договор е во спротивност со ирачките национални интереси.

види ги сите денешни вести

Закажана првата владина седница со премиерот Ковачевски

Новата Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе ја одржи првата владина седница. Новиот состав на Владата беше изгласан синоќа пред полноќ во Собранието. Владата има 21 член, еден повеќе од претходниот состав.
Новиот премиер ќе има четворица заменици, Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи – вицепремиерот за економски прашања.

Собранието ја избра новата Влада, Ковачевски е премиер

Новата влада беше изгласана синоќа по полноќ по дводневна расправа во Собранието. Опозициските пратеници гласаа против, обвинувајќи дека овој владин кабинет нема политички легитимитет и за можно предавство во преговорите со Бугарија. Владејачкото мнозинство ги отфрли барањата на опозицијата за предвремени избори.

Приведена внуката на иранскиот ајатолах Хамнеи

Иранската граѓанска активистка и внука на Ајатолахот Али Хамнеи Фаридех Морадкани

Граѓанска активистка и внука на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, била уапсена минатата недела, откако таа го пофалила иранското поранешно кралско семејство јавува новинска агенција од Иран, со седиште во САД. Разузнавачи ја уапсиле Фаридех Морадкани на 14 јануари, додека некои од нејзините лични работи биле конфискувани во рација во нејзиниот дом. Таа на 16 јануари била префрлена во затворот Евин во Техеран.

Морадкани, ќерка на сестрата на Хамнеи, е позната во Иран по нејзиниот активизам против смртната казна и за граѓанските слободи во земјата.
До нејзиното приведување дојде по видео објавено на социјалните мрежи на кое се гледа како ја фали Фара Диба, вдовицата на последниот Шах, за време на онлајн настан по повод роденденот на поранешната кралица. Шах Мохамад Реза Пахлави владееше со Иран до Исламската револуција во 1979 година.

Протести на наставниците во Иран

Таткото на Морадкани е дисидентот на антиисламската република, шеикот Али Техерани, кој помина 10 години во затвор во Иран.

Северна Кореја повторно лансира балистички проектили во морето

Нуклеарно вооружената Северна Кореја во последниве месеци ги зачести тестовите на нови ракети

Северна Кореја најверојатно истрела две балистички ракети во морето од аеродром во близина на главниот град Пјонгјанг, соопшти јужнокорејската војска. Јапонската влада објави дека тоа е четврти тест овој месец. До ова доаѓа откако Северна Кореја лансираше две балистички ракети со краток дострел на 14 јануари, неколку дена откако Вашингтон воведе нови санкции кон Пјонгјанг. Северна Кореа, исто така, изврши, како што тврдеше, лансирање на хиперсонични ракети на 5 и 11 јануари, иако владата на Јужна Кореја се сомнева дали нејзиниот сосед има таква напредна способност.

Северна Кореја лансираше две ракети од воз

Северна Кореја најверојатно истрелала балистичка ракета во морето

Нуклеарно вооружената Северна Кореја во последниве месеци ги зачести тестовите на нови ракети, во очигледен обид да добие потпора врз какви било идни преговори со Соединетите Држави и Југот. Во 2021 година, Северна Кореја соопшти дека успешно тестирала нов тип на балистичка ракета лансирана од подморница, ракета со долг дострел, оружје лансирано од воз и, како што ја опиша, хиперсонична боева глава. Резолуциите на Советот за безбедност на ОН забрануваат севернокорејски балистички ракети и нуклеарни тестови.

Германската министерка за надворешни работи во Украина и Русија

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денеска ќе отпатува за Киев, продолжувајќи во Москва за да разговара за теми меѓу кои и руско-украинскиот конфликт, изјави портпаролот на министерството на редовниот владин брифинг во петокот.

САД ја обвинија Русија дека подготвува операција под „лажно знаме“ во Украина

Руската влада веќе објави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја одржи својата прва средба лично со Баербок утре. Претходно овој месец, Баербок ја истакна неопходноста од дијалог со Москва за деескалација на тензиите меѓу Русија и Украина. Но, Русија деновиве ги нарече разговорите со западните сили „разочарувачки“. Берлин се надеваше дека разговорите сепак ќе продолжат, изјави портпаролот на германската влада во петокот.

Пандемијата доведе милиони луѓе во сиромаштија додека супербогатите станаа побогати

повеќе од 160 милиони луѓе биле турнати во сиромаштија за време на пандемијата

Богатството на 10-те најбогати луѓе во светот се зголемило повеќе од двојно на 1,5 трилиони долари од почетокот на пандемијата на коронавирусот, соопшти британската добротворна организација Оксфам. Во исто време, се проценува дека повеќе од 160 милиони луѓе биле турнати во сиромаштија за време на пандемијата, наведува Оксфам во извештајот објавен на 17 јануари пред виртуелниот собир на Светскиот економски форум оваа недела. Супербогатите станаа побогати за време на пандемијата, делумно поради огромниот фискален и монетарен стимул што ги зголеми акциите и другите средства. Нов милијардер од почетокот на пандемијата се создава на секои 26 часа . Десетте најбогати луѓе во светот поседуваат повеќе од најсиромашните 3,1 милијарди луѓе во светот заедно, се вели во извештајот.

Како се справуваат луѓе со губењето работа поради пандемијата


„Економското насилство“ се врши кога се прават структурни политички избори за најбогатите и најмоќните луѓе. Ова предизвикува директна штета на сите нас“, додаваат авторите. Се вели дека нееднаквоста придонесува за смрт на 21.000 луѓе секој ден поради недостаток на пристап до здравствена заштита, родово засновано насилство, глад и климатски промени.

СЗО: Ковид 19 ја влоши нееднаквоста во здравството

Извештајот повика на поголемо оданочување на неочекуваните пари на милијардерите, а богатите земји да се откажат од правилата за интелектуална сопственост за вакцините за ковид-19. Групата наведува дека даночните пари собрани од супербогатите може да се искористат за финансирање за здравствена заштита и социјални трошоци за да им се помогне на оние на кои им е најпотребно. Годишниот Светски економски форум планиран за оваа недела во Давос е одложен поради пандемијата. Поради напливот на инфекции поттикнати од варијантата омикрон, настанот ќе ги собере врвните политичари, лидерите на граѓанското општество и деловните луѓе на дигитален начин.

Турскиот претседател Ердоган во посета на Албанија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе престојува во официјална посета на Тирана. Ердоган пред посетата изјави дека Турција ја гледа Албанија како пријател и природен сојузник, наведувајќи дека Алабнија е една од балканските земји со која односите на Турција се постабилни и попозитивни. Турскиот претседател ја истакна и економската и трговската соработка меѓу двете земји. Според него моментно трговската размена меѓу двете земји е 750 милиони долари и додава дека главната цел е што поскоро да се прошири на околу милијарда долари. „Турција има инвестиции од над 3,5 милијарди долари во Албанија, вклучително и договорни услуги. Во Албанија работат околу 600 регистрирани турски компании и овие компании не само што придонесуваат за производството, туку обезбедуваат и вработување за околу 15 илјади луѓе. Со овие бројки, Турција е еден од најголемите странски инвеститори во Албанија, изјави Ердоган.

Во Албанија повеќе странски инвестиции од лани, но помалку од пред пандемијата

Ердоган претпладнево во Тирана ќе биде пречекан од премиерот Еди Рама по што ќе заминат за Лач, за да во Курбин го стават во употреба станбениот блок, со 524 станови, изградени со средства на турската држава, во рамки на помошта за обнова на разрушените домови во катастрофалниот земјотрес, што ја погоди Албанија на 26 ноември 2019 година. Во Лач ќе присуствува и на церемонијата на именување на плоштадот со неговото име, за потоа во Тирана ќе оствари официјалната средба со Рама, по што ќе бидат потпишани билатерални договори. Попладне Ердоган ќе ја посети џамијата Етхем-бег, која е реставрирана со средства од турската владина агенција за меѓународна соработка и развој по што ќе се обрати пред народните избраници во албанскиот законодавен дом.

Ковачевски ќе ја преземе од Заев премиерската функција

досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски

Во Владата денеска ќе се изврши примопредавање на функцијата и кабинетот помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски. Во експозето пред пратениците Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој посочи дека не се потребни нови избори, најавувајќи зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието.

Собранието ја избра новата Влада, Ковачевски е премиер

Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот. Расправата за избор на новата влада во Парламентот траеше два дена. Владата на Ковачевски брои 21 член – од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП. Новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот и тоа министер без ресор, место што по формирањето на новото парламентарно мнозинство ѝ припадна на Алтернатива.

На референдумот во Србија одобрени уставните промени во судството

Гласање на референдумот за уставни измени, Србија, 16 јануари 2022 година

Гласачите во Србија на вчерашниот референдум ги одобрија уставните амандмани за судството, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето. Измените се однесуваат на изборот на судии и обвинители за кои владата вели дека ќе му дадат поголема независност на судството и ќе го намалат политичкото влијание. Соединетите држави и европските држави ги поддржаа амандманите, кои се сметаат за клучен елемент за балканската земја да ја унапреди својата кандидатура за пристап во Европската унија. Промените беа усвоени со 60 насто поддршка, според прелиминарните резултати со 97 отсто преброени гласови. Излезноста беше само околу 30 отсто.

Косово усвои Резолуција против одржување на српскиот референдум

Претседателот Александар Вучиќ и другите официјални претставници ги повикаа гласачите да ги поддржат амандманите, тврдејќи дека тие ќе го подобрат владеењето на правото и странските инвестиции. Тензиите меѓу Србија и Косово го засенија гласањето, откако Косово им забрани на етничките Срби на север да гласаат на косовска територија. Во заедничката изјава на 14 јануари, Франција, Германија, Италија, Британија и Соединетите држави изразија жалење што Косово не дозволи ОБСЕ да ги собере гласачките ливчиња на гласачите со право на глас кои живеат во Косово што беше случај и претходно. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година по конфликтот меѓу етничките албански сепаратисти и српските сили во периодот 1998-99 година. Белград не го признава Косово, а околу 120.000 етнички Срби кои живеат во Косово сакаат да бидат дел од Србија.

Германската државна министерка за Европа во посета на Скопје

Знамиња на Северна Македонија, Германија, ЕУ

Германската државна министерка за Европа Ана Лирман денеска ќе ја посети Северна Македонија, соопшти македонската влада. Според соопштението, „фокусот на разговорите ќе биде ставен врз билатералните односи меѓу Северна Македонија и Германија, економските и политичките прашања и европската перспектива“.

Македонија и ЕУ - Уште една изгубена година со надеж дека следната ќе биде подобра

Се прецизира дека владина делегација предводена од премиерот прво ќе се сретне со Лирман, по што ќе има две билатерални средби - со вицепремиерот за евроинтеграции и со министерот за надворешни работи. Лирман ќе биде примена и од шефот на државата Стево Пендаровски.

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно, во западните делови на планините и на повисоките места со повремен снег, а во пониските од дожд и снег. Во централните и источните делови ќе има сончеви периоди, но кон крајот на денот и во источните делови ќе има повремен снег. Ќе дува слаб до умерен, вдолж Повардарието повремено засилен северозападен ветер. Дневната температура ќе биде од 0 до 12 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 6 степени.

Ослободени заложниците во синагогата во Тексас, напаѓачот убиен

Полицијата стои пред синагогата на Конгрегацијата Бет Израел, недела, 16 јануари 2022 година, во Коливил, Тексас. Еден човек држеше заложници повеќе од 10 часа во храмот.

Сите заложници беа извадени неповредени од синагогата во Тексас, во САД, откако повеќе од десет часа ги држеше вооружен киднапер.

Сите заложници се спасени, а киднаперот е убиен, изјави началникот на полицијата.Се верува дека напаѓачот упаднал во синагогата за време на верска служба.

Екипата на Федералното истражно биро (ФБИ) ја опколила синагогата во градот Колвил во Тексас за да ги спаси заложниците.

Вооружен маж прво зема четири лица како заложници, меѓу кои и еден рабин. Во неколкучасовните преговори со полицијата, еден од заложниците бил ослободен, а тројца од нив останале во заложништво.

Новинарите кои известуваа од местото на настанот слушаа пукотници и експлозии, а набргу потоа гувернерот на Тексас Грег Абот објави дека кризата е завршена.

Полицијата во Коливил пристигнала на повик околу 10:40 часот по локално време во саботата, за време на служба во синагогата што се емитувала во живо на интернет.

На снимката се гледа како мажот повторува дека „не сака никого да повреди и мисли дека ќе умре“.

Преговарачите на ФБИ брзо стапиле во контакт со киднаперот кој побарал да разговара со затвореничка во федералниот затвор.

Новинските извештаи велат дека тој побарал ослободување на осудена Пакистанка осомничена дека е поврзана со терористичката организација Ал Каеда.

Американскиот претседател Џо Бајден ја пофали „храброста“ на локалната, државната и федералната полиција.

„Во наредните денови ќе дознаеме повеќе за мотивите на киднаперите. Но, сакам да бидам јасен - ќе се спротивставиме на секој што шири омраза, антисемитизам и екстремизам во оваа земја“, рече Бајден.

Нови 1.348 позитивни на коронавирус, 8 починати

Илустративна фотографија.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 1.348 нови случаи на коронавирус, а осум лица починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Направени се 6.141 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу нови случаи има во Скопје – 677, Битола 125, Прилеп 72, Куманово 82, Охрид и Кичево по 47...

Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 145 реинфекции.

Од друга страна, регистрирани сe 784 оздравени пациенти, со што бројот на активни случаи во моментов е 16.132.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 244.632, бројката на оздравени пациенти е 220.400, на починати е 8.100.

Протест во Белград на годишнината од убиството на Оливер Ивановиќ

Србија -- Протест на годишнината од убиството на српскиот политичар од Косово Оливер Ивановиќ. 16 јануари 2022 година, Белград.

Неколку опозициски партии денеска организираа протест во Белград по повод четвртата годишнина од атентатот на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ.

Учесниците се собраа пред зградата на Претседателството на Србија, а потоа прошетаа низ централните градски улици до црквата Свети Марко каде запалија свеќи за Ивановиќ.

Тие носеа транспаренти со прашањето „Кој го уби Оливер Ивановиќ“ покрај сликата на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

Меѓу насобраните беа претставници на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Движењето на слободни граѓани, Демократската партија, Народната партија, Собранието на слободна Србија, движењето Ослободување и други.

Претседателот на ССП Драган Ѓилас изјави дека идната влада ќе направи се за да ги пронајде и казни нарачателите на убиството на Ивановиќ.

Оној што ја организираше хајката и видеото против Оливер Ивановиќ сноси најголема вина за тоа што се случи и за тоа што и денес не знаеме кој стои зад тоа“, изјави Ѓилас пред црквата Свети Марко.

Претседателот на Движењето за промени, Јанко Веселиновиќ изјави дека вистината за убиството на Ивановиќ „нема да се знае додека не се смени актуелната власт“.

„Нема да заборавиме или да престанеме да бараме кој го убил. Ќе биде тешко да се дојде до таа вистина без промена на овој режим“, изјави Веселиновиќ за агенцијата Бета.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ по повод годишнината од смртта на Ивановиќ денеска запали свеќа во црквата Свети Сава во Белград.

Заедно со Вучиќ свеќи во спомен на Ивановиќ запалија и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, шефот на владината канцеларија за Косово Петар Петковиќ и невенчаната сопруга на Ивановиќ Милена Поповиќ.

Непосредно пред тоа, свештениците на храмот му оддадоа почит на Оливер Ивановиќ.

Оливер Ивановиќ беше убиен на 16 јануари 2018 година со шест истрели во грбот пред просториите на неговата партија во Северна Митровица, а убијците или сторителите сѐ уште не се познати.

Австрија во февруари воведува задолжителна вакцинација

Полиција го проверува статусот на вакцинација на купувачите на влезот од продавницата, откако австриската влада воведе блокада за приближно два милиони луѓе кои не се целосно вакцинирани против КОВИД-19. Виена, Австрија. 16 ноември 2021 година.

Австрија на почетокот на февруари ќе воведе задолжителна вакцинација против КОВИД-19 за возрасни со закана од високи казни, изјави денеска австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тој рече дека е свесен за „чувствителноста“ на оваа одлука, што е прва во Европа.

„Како што е предвидено, на почетокот на февруари воведуваме задолжителна вакцинација за оние над 18 години“, изјави шефот на Владата за новинарите.

Владата предложи ревидиран план за задолжителна вакцинација, кој сега ќе важи за сите постари лица од 18 години, наместо за 14 години, како што беше првично планирано. Официјалните лица рекоа дека постепеното воведување на планот ќе им даде на луѓето доволно можности да се вакцинираат.

Владата пред речиси два месеци најави дека на почетокот на оваа година ќе воведе општа задолжителна вакцинација. Клучните аспекти на планот остануваат во конечната верзија, за која треба да се расправа во парламентот во четврток на 20 јануари, но официјалните лица рекоа дека консултациите со две опозициски партии покажале дека се потребни промени во некои детали.

Канцеларот Нехамер рече дека постои загриженост околу казнувањето на тинејџерите, па затоа е направена промена и воведена е задолжителна вакцинација од 18-годишна возраст.

Нехамер рече дека нацрт-законот е дизајниран да се справи со флексибилноста на вирусот. Планот е задолжителната вакцинација да стане закон на почетокот на февруари.

Со недели во Парламентот се водат жестоки дебати за планот во земјата каде 78,5 отсто од населението досега се целосно вакцинирани.

Австриската влада има големо мнозинство во парламентот, а покрај конзервативците и зелените, овој предлог го поддржуваат и лидерите на Социјалдемократската и Либералната партија. Против него е само екстремно десничарската партија.

Канцеларот рече дека тоа е „чувствителен план“, но дека е во согласност со Уставот и дека има фаза на приспособување што им овозможува на оние кои се двоумат да се вакцинираат до средината на март.

Во саботата, на 15 јануари, 27.000 луѓе протестираа против оваа мерка во главниот град Виена.

На почетокот на февруари ќе се воведат контроли, а невакцинираните ќе можат да бидат казнети од 600 до 3.600 евра во случај на повторување на делото.

Делови од законот може да бидат суспендирани со одобрение на парламентарната комисија доколку, на пример, идните соеви на вирусот се поблаги, или експертите проценат дека вакцинацијата повеќе не е патот напред.

Се намалува бројот на хоспитализации во Ирска

Човек го шета своето куче покрај мурал на кој е прикажан здравствен работник за време на ширењето на коронавирусот (СОВИД-19) во Даблин, Ирска, 12 јануари 2022 година.

Бројот на пациенти со коронавирус во ирските болници опаѓа од недела во недела, за прв пат откако Омикрон варијантата доведе до рекордно висок број на случаи минатиот месец, со што се зголемува верувањето дека ограничувањата наскоро ќе почнат да се укинуваат.

Министрите оваа недела рекоа дека сѐ повеќе се уверени дека ќе можат да ги прекинат ограничувањата воведени главно во угостителството и забавната индустрија и дека ќе се водат од тоа дали притисокот врз болниците ќе се намали или не.

Во недела имаше 965 пациенти со КОВИД-19 во болница, што е помалку за 984 пред една недела, соопшти Одделот за здравство.

Процентот на пациенти на кои им е потребна критична нега е стабилен во текот на бранот Омикрон и изнесуваше 88 во неделата во споредба со 221 случај ова време минатата година.

„Многу сум заинтересиран да видам дека повторното отворање ќе се случи со амбициозно темпо во текот на следните неколку недели“, рече вицепремиерот Лео Варадкар за националната радиодифузија РТЕ пред состанокот на службениците за јавно здравје на 20 јануари, за да го препорачаат следниот потег.

Владата ги затвори ноќните клубови и го намали капацитетот на настани во затворен простор на почетокот на декември, пред да ги прошири ограничувањата за гужвите и да нареди баровите и рестораните да се затворат во 20 часот.

Варадкар повтори дека ограничувањата најверојатно ќе бидат ублажувани на етапна основа. Претходно, владата прво ги укина неодамна воведените ограничувања и дополнително ја отвораше економијата на секои две до три недели.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG