Достапни линкови

Да се обединиме бидејќи така успехот нема да изостане, рече во обраќањето претседателот Црвенковски


Македонија пред прославување на денот на независноста. Централната манифестација ќе се одржи утревечер во Македонската Опера и Балет, а вечерва по повод празникот ќе се организира прием во Собранието. Денеска на граѓаните на Македонија празникот им го честиташе Претседателот на државата, Бранко Црвенковски. Утрешниот празник е ваш историски успех и победа, рече во обраќањето претседателот и правејќи ретроспектива на париодот од осамостојувањето, рече:

„Ова беше тежок, предизвикувачки и историски неповторилив период. Период на соочување со оспорувања и негирања, со притисоци и закани, со ембарга и санкции, со војни околу нас и конфликт кај нас. Ова беа години на болна и долга транзиција на висока економска и социјална цена, на зголемена невработеност и сиромаштија. Но, во исто време ова беше и период на изградба на своја држава на превземање на целосна одговорност за сопствената судбина на потврдување на историската зрелост да се биде дел од меѓународното семејство.“

Околу крајната дестинација нема подвоеност во државата, рече Црвенковски. Македонија мирна, стабилна и просперитетна членка на Европската Унија и на НАТО, економски развиена со совладана невработеност.

„На остварувањето на овие цели, треба и мора целосно да се посветиме. Да заборавиме на партиските поделби и етничките разлики. Доколку се обединиме и сплотиме, доколку секој се однесува одговорно кон обврските што му се доверени успехот нема да изостане.“

Во пресрет на празникот, Македонците исполнети со гордост но и со сеуште неисполнети очекувања.

„Неможат многу пофално да се изразам. Ситуацијата е многу хаотична, не се знае кој што работи.“

„Македонија си го доби своето место за овие 16 години, меѓутоа внатрешната политичка ситуација што неможеме да ја средиме се прашувам и јас.

„Има голема невработеност на работ на егзистенција се.“


Овој датум е еден од најголемите историски датуми по илинден и асном за македонскиот народ на кој тој ја доби својата целосна независност , објаснува историчарот Тодор Чепреганов.

„Независноста самата по себе e голем чин, а сите оние работи што после тоа се случуваат се последица на политичките сили кои што ја водат државата.“

На 8 септември 1991-та година граѓаните на Македонија излегоа на референдум за независна и самостојна Македонија и 95% од нив позитивно се изјаснија на референдумското прашање.
XS
SM
MD
LG