Достапни линкови

Вести

Ватикан: Утре средба на Тони Блер со папата Бенедикт Шеснаесетти

Британскиот премиер на заминување Тони Блер утре во Ватикан ќе се сретне со папата Бенедикт Шеснаесетти во рамките на подготовките за неговото преминување во кателичка вера, пишува британскиот весник Гардијан. Дневникот повикувајќи се на неименувани извори во Лондон и Рим наведува дека Блер кој и припаѓа на Англиканската црква се решил да премине во католик. Тој тоа ќе го сторел по напуштањето на функцијата в среда. Нов британски премиер ќе стане сегашниот министер за финансии Гордон Браун.

види ги сите денешни вести

УНИЦЕФ-Одложувањето на второто полугодие треба да биде привремено

Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја. Во нивното соопштение е посочено дека додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со ковид -19, сè почесто предизвикан од сојот омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.
Претходните одложувања на почетокот на учебната година беа ретки и изгубеното време за учење беше компензирано. Сегашната ситуација се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата.

„Уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата. Пред пандемијата на ковид-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика. Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период, се вели во пишанат изјава на претставничката на УНИЦЕФ ДиЏовани.
Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште,“ се вели во соопштението.

Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?

Посочува дека долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо.

Назарбаев негира каков било конфликт со неговиот наследник

Поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев

Поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев негираше каков било конфликт со неговиот наследник по масовните и смртноносни антивладини протести во централноазиската држава богата со нафта на почетокот на овој месец, што предизвикаа обвинувања за борба за власт.

„Ги предадов сите претседателски овластувања на Касим-Жомарт Токаев во 2019 година и оттогаш сум пензионер“, изјави 81-годишниот Назарбаев во видео изјава објавена на 18 јануари.

Тој во неа посочува дека сега како пензионер живее во главниот град и никогаш не ја напуштил земјата. Ова е прва негова јавна изјава по невидените протести на почетокот на јануари кои прераснаа во насилство при кое стотици луѓе загинаа.

Првиот претседател на независен Казахстан ги повика своите сограѓани да го поддржат Токаев, инсистирајќи на тоа дека „нема конфликт или конфронтација меѓу елитите“.

Протестите кои започнаа во еден од казахстанските градови на почетокот на јануари поради ненадејното зголемување на цената на горивото брзо се проширија низ целата држава и доведоа до насилни судири во најголемиот град во земјата, Алмати, но и на други места.

Последиците од масовните немири во Казахстан

Минатата недела Токаев за прв пат јавно го критикуваше Назарбаев, велејќи дека под негово водство во Казахстан се појавиле многу профитабилни бизниси и екстремно богати луѓе, додавајќи дека е дојдено време народот да го добие заслуженото.

Во меѓувреме, се поголем број блиски роднини на Назарбаев ги загубија своите службени позиции, што укажува на тоа дека владата се обидува да ги чисти или притисне членовите на поширокото семејство на поранешниот претседател.

Роднините на Назарбаев ги губат функционерските позиции во Казахстан

Казахстанските власти соопштија дека за време на немирите биле убиени 225 луѓе, меѓу кои 19 службеници за спроведување на законот, а 12.000 други биле приведени.

Пендаровски-Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади во Скопје и Софија

Претседателот Стево Пендаровски на средба со претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков,

„Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Вилата Водно.

Во соопштението е наведено дека надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Пендаровски истакна дека Северна Македонија во духот на добрососедството и почитувањето на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање компромисно решение за отворените прашања.

Оптимисти, но без одговор на клучните прашања

На средбата се разговарало за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Северна Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните, се вели во соопштението.

Пендаровски на средбата посочил дека отпочнувањето на македонските пристапни преговори со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион.

Рот: Бугарија да го признае македонското малцинство

Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг Михаил Рот

Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг Михаил Рот денеска ја поздрави средбата на премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје . Тој на неговиот официјален Твитер профил напиша дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и „да признае македонското малцинство во Бугарија“.

„Многу е добро што се среќаваат новите премиери на Бугарија и на Северна Македонија. Како што Северна Македонија признава бугарско малцинство, конечно Бугарија мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонско малцинство во Бугарија. Во ЕУ ниту една земја не смее да одлучува за јазикот и културата на друга земја“, напиша Рот на Твитер.

Михаел Рот беше државен министер за Европа од 2013 до 2021 година во владите на германската канцеларка Ангела Меркел.

Оптимисти, но без одговор на клучните прашања

Првата средба на македонскиот и бугарскиот премиер заврши со договор за употреба на скратеното име Северна Македонија и за средби на работните групи секоја недела.

Блинкен во посета на Киев и Берлин

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен утре ќе го посети Киев каде ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски во знак на поддршка поради загриженоста на Западот дека Русија се подготвува да го нападне својот сосед.

На агендата на Блинкен е средба со Зеленски и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за „да ја зајакне посветеноста на Соединетите Држави за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, пред да замине за Берлин на разговори со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Прајс додаде дека оваа средба ќе биде проследена со разговори со Велика Британија, Франција и Германија за „заедничките напори за одвраќање на понатамошната руска агресија врз Украина“, вклучително и „подготвеноста на сојузниците да наметнат огромни последици за Русија. "

Соединетите Држави и нивните западни сојузници предупредија на тешки последици за Москва доколку Русија, која постави десетици илјади војници во близина на границите на Украина, започне воена офанзива во поранешната советска република.

Москва засега негира дека има такви планови.

Колку Русија е посветена на дипломатијата?

Западот веќе воведе санкции кон Русија поради нелегалната анексија на Украина на Крим од страна на Москва во март 2014 година и нејзината поддршка за сепаратистичките борци во источна Украина во војната која однесе повеќе од 13 илјади животи од април 2014 година.

„Патувањето и консултациите на Блинкен се дел од дипломатските напори за деескалација на тензиите предизвикани од военото засилување на Русија и континуираната агресија против Украина“, изјави Прајс.

Посетата доаѓа откако денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок се сретна со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров во Москва.
По разговорите, Баербок рече дека Германија е подготвена да ги брани фундаменталните вредности во конфликтот со Русија за Украина, дури и ако тоа значи да плати „висока економска цена“.

ЕУ- Нема решение за руско-украинската тензија без Европа

За време на нејзината посета на Киев претходниот ден, германската министерка предупреди дека „секоја понатамошна ескалација ќе донесе висока цена за рускиот режим - економска, политичка и стратешка“.

Во услови на зголемен домашен и меѓународен притисок врз Берлин, канцеларот Олаф Шолц денеска изјави дека Германија е подготвена да разговара за запирање на проектот за гасоводот „Северен тек 2“ наменет да донесе повеќе руски гас во Западна Европа доколку Русија ја нападне Украина.

„Јасно е дека ќе има висока цена и дека за сè ќе треба да се разговара доколку има воена интервенција во Украина“, рече Шолц за новинарите, одговарајќи на прашање по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Берлин.

Владата демантира дека химната била скратена

Кирил Петков и Димитар Ковачевски пред Владата на РСМ, Скопје 18 јануари 2021

Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира и ги отфрла како дезинформација објавените информации во повеќе медиуми и портали, за наводно намерно изоставање на одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија, за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков.

„Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија согласно воениот и државен протокол се ангажира при пречек на странските државници на највисоко ниво при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали. Оттука, дезинформација е дека химната односно стихови од химната биле скратени од било кои причини специфично за оваа посета“, се вели во реакцијата од Владата.

Оттаму додаваат дека е дезинформација дека било кој стих од химната бил скратен бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии и дека ова е востановена пракса во протоколите за пречек, како во Северна Македонија така и во светски рамки.

Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација.

Претходно дел од медиумите и порталите објавија дека при изведување на македонската химна, воениот оркестар намерно го извел само првиот дел, „но не и делот што е проблематичен за Бугарија каде се споменува Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански и Крушевската република“.

Иранскиот претседател Раиси утре во посета на Москва

Владимир Путин и Ебрахим Раиси

Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин утре ќе биде домаќин на својот ирански колега, Ебрахим Раиси, во услови на преговори за обновување на историскиот нуклеарен договор меѓу Техеран и светските сили.

Тоа ќе биде трета посета на Раиси надвор од Иран, по Таџикистан и соседен Туркменистан, откако го презеде претседателството во август 2021 година, но и прва посета на ирански претседател во Русија од 2017 година.

Москва и Техеран имаат силни политички, економски и воени врски и се клучни сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад во децениската граѓанска војна во неговата земја.

„Путин и Раиси ќе разговараат за „целиот опсег на прашања на билатералната соработка“, вклучително и нуклеарниот договор од 2015 година, со кој беа укинати западните економски санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран“, се вели во соопштението на Кремљ.

Иранската страна соопшти дека Раиси на 19 јануари ќе замине на дводневна посета на Русија заедно со министрите за нафта, надворешни работи и економија на земјата.

Руски пратеник изјави дека Раиси ќе зборува во Долниот дом на Државната Дума, следниот ден, додека руската новинска агенција ТАСС објави дека иранскиот претседател ќе се сретне и со верските водачи во главната џамија во Москва.

Иранската нуклеарна спогодба почна да се разоткрива во 2018 година, откако претседателот Доналд Трамп еднострано ги повлече Соединетите Држави и ги укина санкциите, што го натера Техеран да се повлече од своите обврски.

Од минатата година, Иран преговара со другите потписнички на договорот САД, Франција, Велика Британија, Русија, Кина и Германија, за враќање на договорот, но преговорите беа прекинати околу пет месеци по изборот на Раиси за претседател.

ССМ: Недела неработен ден е реалност колку и тоа да не им се допаѓа на газдите

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија одржа вонредна седница на која расправаше за информацијата за поднесената иницијатива пред Уставниот суд од страна на Стопанската комора на Северна Македонија со која се оспоруваат измените на Законот за работни односи со кои се уредува работата во недела.

„Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите“ да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат. ССМ нагласува дека согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.“, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор“, а „Од овие права вработените не можат да се откажат“ и истиот член утврдува дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори” соопштија од ССМ по седницата на претседателството.

Оттаму велат дека правото, ден на неделен одмор да биде недела е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија оти секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.

Потенцираат дека излезот од оваа ситуација ќе биде излегување на работниците со синдикатите на улица и блокирање преку штрајкови и протести.

Уставниот суд вчера објави дека Стопанската комора на Северна Македонија ги оспорила пред судот законските одредби за прогласување на недела за неработен ден, бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.

Законските измени за недела неработен ден стапија во сила на 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени на 20 декември 2021година.

Ердоган ја повика Русија да не ја напаѓа Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја повика Русија да не ја „напаѓа“ Украина.

„Русија треба да ја преиспита ситуацијата во светот и сопствената ситуација пред да се одлучи на таков чекор, изјави Ердоган пред новинарите по посетата на Албанија.

Тој истакна дека евентуална руска инвазија на Украина би била грешка бидејќи, како што наведе, Украина не е обична земја.

„Украина е силна држава“, додаде турскиот претседател.

Москва, која го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, негира дека планира напад врз Украина, но го предупреди Западот дека проширувањето на НАТО кон таа и другите поранешни советски земји претставува „црвена линија“ што не смее да се премине.

Бубевски избран за шеф на скопското обвинителство

Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски пред Суд по одложувањето на рочиштето за „Насилство во Центар“

Некогашниот специјален јавен обвинител, Гаврил Бубевски, стана шеф на скопското Јавно обвинителство, а неговиот колега од СЈО, Стевчо Донев, е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Штип. Ова се последните одлуки донесени од Советот на јавните обвинители.

Новиот шеф во скопското Обвинителство, Бубевски, застапуваше неколку предмети на СЈО пред судот против високи поранешни функционери. Меѓу нив се „Насилство во Општина Центар“, „Монструм“, „Титаник 3“.

Обвинителот Стевчо Донев е познат по тоа што го води случајот „Тендери“, во кој е обвинета ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Скопското обвинителство остана без прв човек пред половина година, откако обвинителот Сашо Рајчев се повлече од позицијата кога беше избран за виш обвинител.

На денешната седница избрани се и јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, а таму ќе бидат Соња Симовска и Љупчо Коцевски. Во тетовското Јавно обвинителство јавен обвинител ќе биде и Бесар Алиу.

Лирман од Тирана: Посветени сме на отворање на преговорите, добивме позитивни сигнали од Бугарија

Германската министерка за Европа, Ана Лирман

Германската министерка за Европа, Ана Лирман која по вчерашната посета на Скопје, денеска престојува во Тирана, на прес-конференција рече дека Германија е посветена на започнување преговори на Албанија и Северна Македонија со Европската Унија.

На прашањето дали треба одделување на Албанија од Северна Македонија на овој пат, не даде директен одговор, туку рече дека добиле позитивни сигнали од Бугарија, која стави вето на Северна Македонија и го кочи овој процес.

„За нас е од суштинско значење да се оди по овој пат на почетокот на преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија. Од преземањето на функцијата во моите разговори во Брисел, разговарав за ова прашање за да продолжиме напред во отпочнување на разговорите со Северна Македонија и Албанија. Следниот месец ќе разговараме за тоа на форумите во Брисел. Добивме позитивни сигнали од Бугарија и ќе се обидеме што поскоро да го најдеме најсоодветното решение,“ рече германската министерка, пренесува агенцијата Балкан веб.

На прес-конференцијата со албанскиот вицепремиер Арбен Ахметај, таа додаде дека перспективата на Албанија и Западен Балкан е во ЕУ, нагласувајќи дека тоа е од стратешко значење.

Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија, Петков ги почитува сите јазици од Уставот

Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје

Бугарија прифати да го користи краткото име на државата Северна Македонија, исто како што го користи и долгото Република Северна Македонија, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, на заедничката прес конференција со неговиот бугарски колега Кирил Петков. За него, ова е голем чекор во новото поглавје и води кон поголема соработка меѓу двете држави.

„Денес, како премиери на две блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина. Денеска со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име – Северна Македонија, како и долгото име – Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема повеќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести ООН“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Северна Македонија исто така испратила нота до ООН во врска со употребата на нашето долго и кратко име.

Ковачевски рече дека отстранувањето на прашањето околу името од преговарачката маса е голем чекор, а следно што треба да се направи е финализирање на договорот за прекугранична соработка за периодот од 2022 до 2029 година, каде најзначаен проект е отворање на граничниот премин „Клепало“.

На новинарско прашање во врска со македонскиот јазик и забелешка да го именува јазикот на државата во која се наоѓа, бугарскиот премиер Петков истакна дека во Договорот за добрососедство има јасна дефиниција за јазикот и дека Бугарија го поддржува самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија.

„Во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух“, изјави Петков.

Ковачевски пак додаде дека историските прашања ќе бидат во втор план, а целта на двете влади ќе биде зближување на народите.

Се договоривме да формираме работни групи од повеќе области, инфраструктра, економија, трговија, деловната соработка,образованието и исто така тука спаѓа и Комисијата за историскообразовни прашања која имаат свој план за работа. Тие треба да информираат што е договорено и начинот на кој е договорено. Во однос на јазиците, ние сме држава признаена од Бугарија, со македонски јазик, со потпишани билатерални договори со кој се регулира начинот на кои се потпишани тие договори, македонскиот јазик е дел од повелбата на ОН и другите институции и организации каде членуваме. Сите прашања кои се однесуваат на историските делови ќе бидат во втор план, а во прв план е градењето е зближување на граѓаните, кој ќе ни даде стимул и аргументи за постигнување на договор со Бугарија и отпочнување на преговорите со ЕУ“, рече Ковачевски.

Двајцата премиери се договориле на 25 јануари, да се одржи заедничка седница на двете влади, а меѓу планираните чекори најавија и формирање на работни групи.

Роберта Мецола- нова претседателка на Европскиот парламент

Роберта Мецола е избрана за претседател на Европскиот парламент (ЕП)

Малтежанката Роберта Мецола е избрана за нов претседател на Европскиот парламент (ЕП). Од 690 присутни, за неа гласале 458 пратеници.

Прифаќајќи ја функцијата, Мецола истакна дека сака луѓето да го вратат чувството на верба и ентузијазам за европскиот проект.

„Во следните години, луѓето ширум Европа ќе бараат од нашата институција водство и насоки, додека другите ќе продолжат да ги тестираат границите на нашите демократски вредности и европски принципи. Мораме да се бориме против негативниот наратив кон Европската унија, кој се прифаќа толку лесно и брзо“, рече Мецола во своето обраќање по изборот.

Таа ја презеде функцијата претседател на Европскиот парламент откако на 11 јануари годинава почина нејзиниот претходник Дејвид Сасоли.

Мецола е пратеничка на Малта во Европскиот парламент од 2013 година. Во ноември 2020 година беше избрана за прв потпретседател на оваа институција, а по смртта на Сасоли стана в.д. претседател на Европскиот парламент.

Претседателот на Европскиот парламент има мандат од две и пол години. Улогата на оваа функција подразбира претседавање со дебатите и активностите на Европскиот парламент.

Најмногу починати во еден ден од почетокот на пандемијата во Австралија

Австралија денеска го доживеа најсмртоносниот ден од пандемијата, во период кога омикрон сојот на коронавирусот ја зголемува хоспитализацијата, иако дневниот број на заразени благо опаѓа.

Австралија се соочува со најлошата епидемија на ковид 19, која е поттикната од варијантата омикрон, која стави повеќе луѓе во болници и интензивна нега отколку во кое било време за време на пандемијата, пренесува Ројтерс.

За 24 часа се регистрирани вкупно 77 смртни случаи, што го надминува претходниот национален рекорд од 57 минатиот четврток, покажаа официјалните податоци.

„Денес е многу тежок ден за нашата земја“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перотет на брифингот за медиумите.

Само четворица од оние кои починаа во Нов Јужен Велс примија бустер доза на вакцината за ковид 19, што ги поттикна здравствените власти да ги повикаат луѓето да избегнат одложувања и наскоро да добијат трета доза. Меѓу загинатите, 33 примиле две дози од вакцината.

„Треба да има чувство на итност во прифаќањето на третата доза. За омикрон, знаеме дека заштитата е помала и ни треба бустер доза за да го добиеме тоа повисоко ниво на заштита“, рече министерот за здравство во Нов Јужен Велс, Кери Шант.

Според најновата анкета на јавното мислење, омикрон исто така, го намали рејтингот на премиерот Скот Морисон, ставајќи ги опозициските лабуристи во водство неколку месеци пред федералните избори.

Кина предупредува на пренос на омикрон преку пошта од странство

илустрација

Кина ги повика жителите да носат маски и ракавици кога отвораат пошта, особено од странство, откако властите сугерираа дека првиот случај на вирусот омикрон откриен во Пекинг можел да стигне преку пакет од Канада.

Според Ројтерс, властите ветиле дека ќе ја интензивираат дезинфекцијата на поштата во странство и инсистираат поштенскиот персонал што ракува со неа да биде целосно вакциниран.

Мерките на претпазливост доаѓаат на помалку од три недели пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг, во време кога неколку градови се борат против новите случаи на инфекција со коронавирус.

„Намалете го купувањето стоки во странство или примањето пошта од странство“, објави државната телевизија CCTV, во објава на социјалните мрежи.

Истиот извор ги повикува граѓаните да се заштитат при предавањето на пратката лице в лице и да носат маски и ракавици.

„Обидете се да го отворите пакетот на отворено“, соопшти телевизијата.

Здравствените власти соопштија дека лице заразено со сојот омикрон отворило пакет од Канада што бил пренесен преку Соединетите Држави и Хонг Конг и дека пренесувањето на вирусот преку пакетот „не може да се исклучи“.

Слични предлози за тоа како да се постапува со пакетите, не само оние од странство, даде и Националната здравствена комисија и тие беа повторно објавени од властите во градовите Шангај и Нанџинг.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG