Достапни линкови

Вести

Вашингтон: Предлог закон за финансирање на војните во Ирак и Авганистан со услов за повлекување

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои нацрт закон за финансирање на војната во Ирак, со услов за повлекување на американските трупи од Ирак до март следната година. Предлог законот е усвоен и покрај противењето на претседателот Џорџ Буш дека ќе стави вето на секој закон што повикува на повлекување од Ирак. Инаку, со законот се одобрени 100 милијарди долари за финансирање на војните во Ирак и Авганистан. За предлог законот треба да се изјасни и Сенатот, по што според процедурата, ќе му биде доставен на претседателот Буш.

види ги сите денешни вести

Нови 1424 случаи на ковид 19, починале 20 лица

илустрација

Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа направени се 5.604 тестови, а регистрирани се 1.424 нови случаи на ковид19. Од нив најголем број случаи има во Скопје – 790, потоа следуваат Битола – 92, Куманово – 57, Струмица – 48, Кавадарци – 45, Штип – 43, Прилеп – 37, Охрид – 36, Тетово – 35, Гевгелија – 33, Гостивар – 31, Кичево – 27, Велес – 24, Ресен – 20, Неготино – 18, Кочани и Свети Николе – по 13, Крива Паланка – 10, Струга – 8, Виница – 7, Радовиш, Пробиштип, Богданци и Македонски Брод – по 5, Делчево, Берово и Демир Хисар – по 3, Кратово и Демир Капија – по 2, Дебар, Валандово, Крушево и Дојран – по 1 случај.

Од вкупниот број на позитивни (1.424), регистрирани се 214 реинфекции.Во последното деноноќие регистрирани сe 1.083 оздравени пациенти. Починале 15 лица, сите во болнички услови.

Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид19 од Мој Термин, пријавени се пет починати лица, по едно починато лице од Скопје, Гостивар, Куманово, Прилеп и Тетово на возраст од 63г до 80г. Пријавените се починати во период од 4.01.2022 до 20.01.2022г. Од пријавените лица три се починати во домашни услови, а две лица во болнички услови.

Од вкупниот број на починати лица, три лица се целосно вакцинирани.

Досега во земјата се направени вкупно 1.746.689 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 256.281, бројот на оздравени пациенти е 227.492, на починати е 8.218, а бројот на активни случаи изнесува 20.571.

Голем пожар во фабриката „Жито Битола“, нема пријава за повредени

Пожар во фабриката Жито Битола

Попладнево избувна силен пожар во капацитетот за мелнички и пекарски производи „Жито Битола“ во Битола. Засега нема извештаи за евентуални жртви.

Од Битолската пожарна соопштија дека се работи за голем пожар и на терен во гаснењето е вклучен целиот нивен потенцијал, односно седум возила и дваесетина пожарникари.

Од МВР информираа дека досега нема пријава за повредени во пожарот.

„На 23.01.2022 во 17.20 часот во СВР Битола било пријавено дека има пожар во фабрика за леб лоцирана во индустрискиот дел на Битола. Веднаш се упатени екипи на територијалната противпожарна единица Битола и полициски службеници и се преземаат мерки за гасење на пожарот. Досега нема пријава за повредени лица“, велат од МВР за пожарот.

Засега не се знае како избувнал пожарот. „Жито Битола“ се наоѓа на периферија на градот, внатре има млин со брашно, пекара и силоси.

Ерменскиот претседател поднесе оставка

Претседателот на Ерменија Армен Саркисијан

Ерменскиот претседател Армен Саркисјан поднесе оставка, објавено е денеска на неговата официјална веб-страница.

Минатата година Саркисјан беше во спор со премиерот Никола Пашинјан за повеќе прашања, вклучувајќи го и разрешувањето на шефот на вооружените сили.

Во ноември Пашинјан го разреши министерот за одбрана Аршак Карапетјан од должностите и на таа позиција го назначи Сурен Папикјан, заменик-премиер на Ерменија, пренесува Ројтерс.

Петровска: Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

министерката за одбрана Славјанка Петровска

Република Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Нашите институции ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во дневникот на ТВ24.

Таа додаде дека земјава ги поддржува напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на тензичната ситуација.

„Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент“, рече Петровска и додаде дека токму стабилнсота на Европа треба да биде целта на сите.

Министерката за одбрана информираше дека Владата и релевантните институции се во целосна координација со цел заштита на безбедноста на македонските граѓани.

„Нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани. Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа. Наша цврста позиција на која стоиме е дека недвосмислено го почитуваме Вашингтонскиот договор и сите фундаментални договори кои ја гарантираат безбедноста на Европа,“ нагласи Петровска.

Таа додаде дека Северна Македонија како земја-членка на НАТО, ги повикува сите земји да го направат истото, бидејќи разгорувањето на конфликт не може да допринесе за подобрување на сегашната ситуација

Папата Франциск загрижен за ситуацијата во Украина

Папата Франциск

Папата Франциск изрази загриженост поради растечките тензии во Украина кои го загрозуваат мирот и повика на политички дијалог кој ќе се фокусира на братството, наместо на едностраните интереси.

„Со голема загриженост ги следам растечките тензии кои се закануваат да му зададат нов удар на мирот во Украина и да ја загрозат безбедноста во Европа со уште поголеми последици“, рече папата, пренесе Асошиејтед прес (АП).

Тој повика на молитва за мир во среда. Папата додаде дека „оние кои ги следат своите цели на штета на другите, го презираат сопствениот човечки повик, бидејќи сите се создадени како браќа“.

Западот ја обвинува Русија дека распоредила десетици илјади војници на границата со Украина со намера да изврши напад врз таа земја.

Кремљ негира какви било воинствени намери, но условува да се смири ситуацијата со договори кои ќе гарантираат непроширување на НАТО, особено со Украина и повлекување на Алијансата од Источна Европа. Ова е неприфатливо за Западот и и се заканува на Русија со катастрофални санкции доколку ја нападне Украина.

Повеќе од 75 посто од тестираните во Словенија се позитивни на корона

илустрација

Во изминатите 24 часа во Словенија се потврдени рекордни 13.911 случаи на коронавирус, а дури 75,5 отсто од тестовите биле позитивни.

Дополнително, направени се над 73.000 брзи антигенски тестови, чиј резултат се уште не е објавен, бидејќи позитивните резултати последователно треба да се потврдат со ПЦР тестирање.

Владата поради тешката епидемиолошка состојба не размислува за олеснување на мерките.

„И покрај зголемувањето на бројот на заразени, бројот на хоспитализирани е стабилен, но со толку големо присуство на вирусот кај населението, очекуваме притисок врз одделенијата за интензивна нега“, изјави Матеја Логар – инфектолог од владината стручна група за ковид.

Во земјата има 101.906 активни случаи на коронавирус, соопшти Министерството за здравство. Во болниците во моментов се примени 608 пациенти, од кои 135 се на интензивна нега. Во изминатите 24 часа починаа 17 лица, со што бројот на починати како последица на коронавирусот се искачи на 5.768 лица.

Тројца мртви, 18 повредени во автобуска несреќа во Истанбул

илустрација

Најмалку три лица загинаа во автобуска несреќа што се случи денеска во Истанбул, јави турската новинска агенција Анадолија.

Патнички автобус на линијата Черкежка-Ајдин излетал од патот што води кон автопатот Кузеј-Мармара и паднал во провалија длабока 30 метри.

Според првичните информации, во инцидентот се повредени 18 лица кои се згрижени во болниците во Истанбул.

Истрагата е во тек, а сообраќајот на тој дел од патот привремено е во прекин.

Дел од министрите во црногорската влада вечер на протест

Протести против иницијативата на Ура и опозицијата за изгласување недоверба на Владата на Кривокапиќ

Дел од министрите во Владата на Црна Гора вечер ќе се приклучат на протестите на граѓаните кои се против најавеното формирање малцинска влада предложена од актуелниот вицепремиер и лидер на граѓанското движење „Ура“ Дритан Абазовиќ.

На протестот пред зградата на Владата на Црна Гора во 19 часот најавено е присуството на министерот за финансии Милојко Спајиќ, министерот за економија Јаков Милатовиќ, министерот за здравство Јелена Боровиќ - Бојовиќ и министерката за образование, наука, култура и спорт Весна Братиќ.

Појавувањето на министрите на уличниот протест е поврзано со иницијативата на граѓанското движење „Ура“ и опозициските партии за изгласување недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ и формирање малцинска влада без актуелните министри. Во Собранието на Црна Гора на 4 февруари е закажано гласање за недоверба на актуелната Влада.

Министерот Јаков Милатовиќ неодамна за црногорската телевизија изјави дека постои можност премиерот Кривокапиќ да формира политичка партија кон која би се приклучил.

Од поднесувањето на иницијативата (19 јануари) за изгласување недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ, во Подгорица и во неколку други градови се одржуваат едночасовни вечерни протести на кои присуствуваа неколку стотици граѓани, а чии организатори не се идентификувани. Евентуалното формирање малцинска влада, по уривањето на постоечката, учесниците на протестите го сметаат за „предавство на изборната волја на граѓаните“ и бараат новата влада да ја формираат партиите од актуелното парламентарно мнозинство составено од Демократскиот Фронт, Социјалистичката народна партија, Демократите и граѓанско движење „Ура“.

Ковачевски: Најмалку 50 проценти повисока дневница за оние кои работат во недела

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски кој денеска ја посети компанијата „Дура Аутомотив Системс“ изјави дека денешната посета на оваа компанија е одлична можност да се види како изгледа примената на законското решение Недела-неработен ден.

„Вработените на оваа компанија, која заради сложениот производствен процес мора да работи и во недела, добиваат дополнителни 50% од основната дневница. Со тоа просечната плата на оние вработени кои работат во недела во оваа компанија порасна“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека трудот на работниците мора соодветно да се вреднува и почитува и дека овој закон има многу позитивен ефект врз економијата, бидејќи ги стимулира работниците и позитивно влијае на нивната продуктивност што е во интерес и на самите компании.

„Законот недела неработен ден ќе даде одлични резултати во зголемување на продуктивноста на компаниите и унапредување на стопанството“, истакна Ковачевски.

Измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 проценти од работниците, стапи во сила на 2 јануари.

За останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат.

Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена.

Москва ги отфрли тврдењата на Лондон дека се обидува да ја урне украинската влада

Кремљ, Москва

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата на Велика Британија дека Русија се обидува да ја замени украинската влада со про-московска администрација и дека за потенцијален кандидат го разгледува поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев.

„Дезинформациите објавени од британското Министерство за надворешни работи се доказ дека членките на НАТО се предводени од англосаксонците и ги зголемуваат тензиите околу Украина. Го повикуваме британското Министерство да престане со провокативните активности и да го запре ширењето на бесмислици“, соопшти МНР на социјалната мрежа Твитер.

Министерството за надворешни работи на Велика Британија именуваше уште неколку украински политичари за кои се наведува дека се поврзани со руските разузнавачки служби, заедно со Мураев, лидерот на малата проруска партија „Наши“, која во моментов нема пратеници во украинскиот парламент.

Според Би-Би-Си, Мураев е сопственик на медиум, а местото во украинскиот парламент го загуби во 2019 година, кога неговата партија не успеа да го помине прагот од пет отсто на изборите.

Одговарајќи на тврдењата на Велика Британија дека е потенцијален кандидат на Кремљ, тој за Обсервер изјави дека МНР „делува збунето“.

„Не е многу логично. Мене ми е забранет влез во Русија. Не само тоа, туку и парите на фирмата на татко ми во таа земја беа конфискувани“, изјави Мураев.

Пред Олимписките игри Кина ги засилува рестриктивните мерки

Градските власти на Пекинг од денеска воведоа нови мерки за сузбивање на епидемијата на ковид 19, бидејќи во главниот град на Кина постојано се појавуваат нови локални случаи на оваа болест, на помалку од две недели до почетокот на зимските олимписки игри.

Според податоците на Националната здравствена комисија, во изминатите 24 часа во Пекинг се регистрирани девет заразени лица, од кои шест во населбата Фенгтаи.

Локалните власти соопштија дека жителите на „ризичните области“, вклучително и Фенгтаи, биле замолени да не го напуштаат градот и да избегнуваат масовни собири.

Властите во Пекинг, исто така, побараа од локалното население да се тестира за ковид 19 во рок од 14 дена и откако ќе добијат каква било испорака од странство.

Властите претходно посочија дека првиот случај на омикрон сојот пристигнал во Пекинг преку пакет од Канада.

Од почетокот на пандемијата, во Кина се регистрирани 118.616 заразени лица, а починале 4.849 лица, покажуваат податоците на Универзитетот Џон Хопкинс. Досега се вакцинирани повеќе од 87 отсто од населението.

Во Грција со задолжителен негативен тест, продолжени правилата за влез

Граничен премин Македонија - Грција

Актуелните правила за влез во Грција воведени пред еден месец, продолжени се за уште две седмици и негативен тест ПЦР или рапид и понатаму е задолжителен за сите патници независно дали се вакцинирани или не, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ стапува во сила утре, а ќе важи до 7 февруари 2022 година во шест часот.

Негативен резултат од ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале Ковид-19 или се невакцинирани.

Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Северна Македонија, кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.

Задолжителното тестирање при влезот, не важи за вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 14 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна.

Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатиот месец, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година, а останатите се со траење до 90 дена по првиот позитивен резултат. Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Седумина мртви во експлозија на автомобил во Авганистан

илустрација

Седум авганистански цивили загинале, а девет биле повредени во градот Херат кога експлодирала бомба прикачена на преполно комбе. Сабет Херави, талибански разузнавач во провинцијата Херат, за Радио Слободна Европа/Радио Азади изјави дека причина за експлозијата е магнетна мина прикачена на резервоарот за гориво на возилото.

Ниту една група не ја презеде одговорноста за експлозијата, која сè уште се истражува и се верува дека е прв таков напад во западната провинција откако Талибанците ја презедоа власта во средината на август.

Исламската Држава ја презеде одговорноста за слични напади врз цивили и талибански лидери на други места во земјата. Најмалку три лица се префрлени во окружната болница во Херат, а меѓу убиените во нападот има и четири жени.

Оставка на шефот на германската морнарица по спорните изјави за Украина

Вицеадмиралот Кај-Ахим Шонбах

Шефот на германската морнарица, вицеадмиралот Кај-Ахим Шонбах, поднесе оставка по контроверзните изјави за кризата во Украина, објави портпаролот на Министерството за одбрана.

Вицеадмиралот, кој меѓу другото ја оцени како глупава идејата дека Русија сака да ја преземе Украина, ја напушта функцијата, а одлуката ќе стапи на сила веднаш, изјави портпаролот за агенцијата Франс прес.

Неговата изјава предизвика дипломатска бура во време кога Германија и нејзините западни сојузници со недели предупредуваат за опасноста од руска инвазија на Украина.

Тој зборуваше на состанокот на еден институт одржан во петок во Њу Делхи, чија содржина кружеше на социјалните мрежи.

„Лесно е да му се оддаде почитта што ја бара и веројатно ја заслужува“, рече вицеадмиралот за рускиот претседател Владимир Путин.

Тој, меѓу другото, оцени дека полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, „замина“ и нема да се врати во управата на Украина, што предизвика гнев во Киев. Тоа е изјава која исто така е целосно спротивна на ставот на неговата земја која бара враќање на Крим на Украина.

Вицеадмиралот изрази жалење, наведувајќи дека неговите изјави биле „непромислени“ и дека биле грешка, пренесува АФП.

„Побарав од министерката за одбрана Кристин Ламбрехт да ме ослободи од должноста и таа одлука веднаш да стапи во сила. Ламбрехт го прифати моето барање“, рече Шонбах.

Во порака објавена на социјалната мрежа Твитер, Шонбах истакна дека неговите коментари дадени за време на дискусијата во Индија претставуваат лично мислење и дека тие не се официјален став на Министерството за одбрана.

Околу 1000 лица сè уште притворени за протестите во Казахстан

илустрација, Алмати по протестите, 12 јануари 2022

Повеќе од 460 лица се притворени под обвинение за тероризам и јавен неред во масовните нереди на почетокот на овој месец во Казахстан, изјавија официјалните лица.

Елдос Килимжанов, портпарол на Канцеларијата на главниот обвинител, изјави дека околу 500 други луѓе биле притворени за помалку сериозни обвиненија како што се кражба, непристојно однесување и поседување оружје. Тој додаде дека 73 од уапсените се ранети, меѓу кои „29 лица со прострелни рани“. Голем број поранешни затвореници тврдат дека биле малтретирани додека биле во притвор.

Претходно овој месец, силите предводени од Русија беа повикани во Казахстан за да ги смират масовните немири кои првично беа предизвикани од високите цени на течниот гас. Владата за насилствата ги обвини меѓународните терористички групи, додека аналитичарите насилствата ги припишуваат на борбата за власт меѓу елитите, лојални на претседателот Касим-Жомарт Токаев и поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. Истакнати роднини на Назарбаев беа отпуштени од корпоративни и владини функции.

Над 2.000 војници испратени од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Москва го завршија своето повлекување од земјата на 19 јануари годинава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG