Достапни линкови

Кандидатскиот статус на земјава е потврден и со потпишана политичка декларација


Македонија доби видливо најдобра спогодба за олеснување на визниот режим со Европската Унија од сите земји од регионот кои што преговараа со Унијата, а се одвојува од другите земји бидејќи нашиот кандидатски статус беше потврден со тоа што е потпишана политичка декларација дека ова е само преодна фаза до целосна либерализација на визниот режим со ЕУ за македонските граѓани, истакнаа Министрите за надворешни и за внатрешни работи Антонио Милошоски и Гордана Јанкулоска заедно со преговарачкиот тим, откако синоќа по неколку месеци преговори во Брисел, Македонија ја парафираше Спогодбата за визно олеснување со Европската Унија:

„Политичка оценка е дека имаме видливо најдобар договор и договор кој што е придружен со политичка декларација дека ова е само преодна фаза до целосна либерализација.“

изјави Министерот за надворешни работи Милошоски. Делот кој беше задача на Министерството за внатрешни работи, односно веќе парафираниот Договор за реадмисија, што беше најважниот критерим за визно олеснување, според министерката за внатреши работи Гордана Јанкуловска бил најтежок дел во процесот на преговори:

„Околу Договорот за реадимсија ќе кажам дека разликите во текстот за Македонија во однос на другите држави што преговараа, во целост го рефлектираат кандидатскиот статус на Македонија и оддаваат признание за напредокот што Македонија го има направено во однос на регулирањето на статусот на државјансто на лица од поранешна Југославија и напредокот во однос на контролирањето на државната граница.“

20-тина категории граѓани се опфатени со спогодбата за олеснување на визниот режим со Европската Унија. Со неа се опфатени бизнисмени, туристи, студенти, новинари, пензионери, научници... Како што е соопшти тимот кој преговараше во Брисел, една од позначајните придобивки е можноста за издавање на повеќекратни визи со подолг рок на траење, односно миниум две и максимум петгодишни визи, ќе има и визно олеснување во делот на бројноста на документите што досега барателите на визи требаше да ги поднесат, а договорена е и листа на категории граѓани за кои визите ќе бидат бесплатни. Спогодбата за олеснување на визниот режим треба да се потпише во текот на летово, а потоа следува одборување на текстот од страна на Европската Унија. За неа согласност треба да даде и Европскиот Парламент. Во меѓувреме и македонското Собрание треба да ја ратификува по што се очекува да стапи на сила најдоцна до крајот на годинава. Спогодбата ќе се применува за сите земји на ЕУ освен за Велика Британија, Ирска и Данска.
XS
SM
MD
LG