Достапни линкови

Државата ќе го намали досегашниот притисок од ММФ потенцираат економските експерти


Одлуката на Владата предвреме да го врати долгот од 137 милиони долари кон Светската Банка и Европската инвестициона банка, а подоцна и кон Меѓународниот монетарен фонд според домашните економски експeрти ќе претставува позитивен чекор за државава. Во однос на финансиската ефикасност, според пресметките на Министерството за финансии со откупувањето на овој долг се предвидуваат каматни заштеди во домашниот буџет за 2007 година во износ од 2,8 милиони евра, а каматните заштеди ќе се остваруваат се до 2021 година кога редовно би доспеал последниот кредит односно вкупно 33,4 милиони евра, соопштуваат од Министерството за финансии. Според аналитичарот Марјан Николов од Центарот за економски анализи, во светот веќе постои тенденција државите да се раздолжуваат пред меѓународните финансиски институции, што воедно го поткрева кредитниот рејтинг на самата држава:

„Со ова раздолжување практично се отвара фискален простор во смисла дека има помалку плаќање на камати во иднина отколку бенефитот што би се добил со намалување на јавниот долг кон БДП стапката и исто така со тоа ќе се пратат сигнали кон оние институции кои што вршат кредитен рејтинг на државата, значи можно е Македонија премине во држава со повисок кредитен рејтинг.“

Друга димензија за позитивните аспекти од странското раздолжување на државава посочува професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменах Беџети кој смета дека со ова државата ќе го намали притисокот од досегашните аранжмани со ММФ што ќе понуди повеќе слобода во спроведувањето на нејзините економски политики:

„Ние веќе имаме 13-14 години стабилизација во државата, но немаме развој и тоа секогаш Владата го оправдуваше од аранжманите со ММФ, сега тоа алиби Владата нема да го има и таа на некој начин ќе биде ослободена и ќе излезе на површина креативноста и способната на Владата да управува со своите политики.“

Изјавува професор Беџети. Од Владата веќе најавија дека сепак соработката со ММФ ќе продолжи. А тоа го препорачуваат и експертите:

„Постојат и други типови на соработка кои што се корисни за државите, ако ништо друго добивате скрининг слика за вашата економија.“

Посочува аналитичарот Марјан Николов. За откупот на актуелниот долг ќе бидат искористени средства од девизниот депозит на Владата.
XS
SM
MD
LG