Достапни линкови

Помирување со минатото


Помирување со минатото. Вака Соединетите Држави и Европската Унија ја оценија вчершната пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека Србија не го организирала геноцидот во Босна и Херцеговина. Од Брисел и Вашингтон и пораки за ублажување на историските поделби во регионот.

Во историската пресуда, највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата, оцени дека убивањето на скоро осум илјади муслимани во Сребреница извршено од босанските срби пред дванаесет години е геноцид, но оти за тоа не е одговорна Србија. Преживеаните од босанската војна изразија разочараност од ваквата пресуда, наведувајќи дека станува збор за своевидно предавство на меѓународната заедница. Но, Харис Силајџиќ муслиманскиот член на босанското колективно претседателство ја поздрави одлуката на судот дека Србија го прекршила меѓународното право поради тоа што не го спречила, ниту го казнила масовното убивање во Сребреница:

„Очекувавме целосна одговорност за Србија и Црна Гора, но тие и натаму се виновни, бидејќи ја прекршија конвенцијата за превенција и казнување на геноцидот.“

Изјави Силајџиќ. По пресудата во Хаг српскиот претседател Борис Тадиќ побара од парламентот во Белград и официјално да ги осуди масакрот во Сребреница. Во Бања Лука пак, премиерот на Република Српска Милорад Додик изрази подготвеност за извинување, но под услов тоа да го сторат и другите:

„Секако дека во името на Република Српска, во името на претседателот и на сите би требало да им се извиниме на сите оние што страдаа и на семејствата на жртвите. Но, такво нешто очекуваме да ни се каже и нам, бидејќи и од наша страна многумина страдаа во војната која беше каква што беше.“

Рече Додик. Хашката пресуда, според меѓународна заедница, е многу важна затоа што укажува на фактот дека не постои никаква колективна вина, односно како што изјави еврокомесарот Хавиер Солана, не може да се обвинува цел еден народ за поттикнување на геноцидот во Босна.

„Ја прифаќаме пресудата, без никакво двоумење. Мислиме дека таа ќе придонесе за затворање на една драматична страница во историјата која беше болна за многу, многу луѓе.“

Со иста оценка е и официјален Вашингтон кој наведува дека вчерашната пресуда треба да е почеток на ублажувањето на историските поделби и на длабоките рани во регионот.

„Се надеваме дека народите во регионот ќе ја искористат можноста да се помират со минатото и да ги продолжат напорите во тој правец. Например Србија би можела да преземе дополнителни мерки и да ги изведе воените злосторници пред лицето на правдата.“

Изјави портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак.
XS
SM
MD
LG