Достапни линкови

Нема закана од дефинирањето на статусот на Косово


Во овој момент не постојат индиции за посериозни нарушувања на стабилноста и безбедноста, како и на територијалниот интегритет на Република Македонија, а кои би биле поврзани со случувањата во врска со дефинирањето на идниот статус на Косово, оцени денеска националниот Совет за безбедност.

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на АРМ Бранко Црвенковски пренесувајќи ја оценката на Советот, по седницата изјави дека постојат одредени ризици коишто се поврзани со постоењето на одредени екстремни криминални групи и со постоењето големи количества на оружје на Косово и во регионот. Земени се предвид и капацитетот на институциите на Косово коишто, како што истакна Црвенковски, во овој момент се слаби.

- Тие ризици не ги потценуваме, ќе ги следиме и понатаму. Надлежните институции добија задача во наредниот период со уште поголема мобилност да ги следат состојбите, да не информираат за тие состојби и доколку е неопходно благовремено и превентивно да делуваат, рече Црвенковски.

На новинарско прашање тој истакна дека ставот на Република Македонија во врска со идниот статус на Косово е непроменет. - Ние остануваме на позициите дека Република Македонија ќе го поддржи предлогот даден од меѓународната заедница. Очекуваме и посакуваме тој да е поддржан од Белград и од Приштина. Доколку за тоа се донесе резолуција во Советот за безбедност на ОН наша обврска како членка е да го почитуваме тој став и соодветно на тоа и ќе постапиме, рече Црвенковски.

И премиерот Никола Груевски оцени дека засега нема посериозни закани за стабилноста и безбедноста на РМ. - Разменивме информации добиени од повеќе служби во државата и констатиравме дека меѓу нив има прилично добра координација. Внимателно ќе ја следиме состојбата околу Косово и ако има потреба соодветно ќе се реагира, рече Груевски.

Оценките на националниот Совет за безбедност се донесени врз основа на информации со кои располагаат македонските безбедносни служби, најновите сознанија добиени од меѓународната заедница и ситуацијата во Србија по парламентарните избори. На седницата биле разгледани можните алтернативи во зависност од евентуалната содржина на предлогот на меѓунардоната заедница за решавање на статусот на Косово, како и од можните реакции на Белград и на Приштина

Членови на Советот за безбедност се претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски во својство на претседател на Советот, премиерот Никола Груевски, претседателот на републичкото Собрание Љубиша Георгиевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, министерот за одбрана Лазар Еленовски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Со одлука на претседателот Црвенковски, членови на Советот за безбедност се и Муса Џафери, Имер Селмани и Јован Манасиевски.
XS
SM
MD
LG