Достапни линкови

Едошалтерскиот систем ја подобри ситуацијата, но за инвестиции се потребни институционални реформи


Едношалтерскиот систем ја поедностави постапката за регистрирање на фирмите, но со тоа сепак само придонесе во поплочувањето со добри намери на патот до подобра бизнис клима во земјава. Ова го велат експертите не намалувајќи го значењето на упростената процедура која на бизнисмените име повеќе од благопријатна.

„Едно од првите европски работи може да се каже, зашто за пет дена може да се извади комплетна документација за отворање нова фирма, што до пред Нова година траеше долго,“

вели Иван Жиковски, стопанственик од Скопје. Се подготвуваат и законски измени кои до крајот на годината се очекува дополнително да ја скратат постапката, информира директорот на централниот регистар, Зоран Алексов.

„Оваа процедура ќе биде скратена на максимално три дена.“

Централниот регистар го презеде водењето на трговскиот регистар од судовите во јануари 2006 година кога влезе во сила законот за едношалтерски систем како потреба за поедноставување на постапката за регистрирање на фирмите која дотогаш траеше повеќе од 45 дена. За две три години таа и целосно ќе се автоматизира, вели Алексов, но оваа позитивна но сепак капка во морето нема да ги привлече инвеститорите, анализира професорот Љубомир Кекеновски.

„Никогаш не сме ја сфатиле важноста на инстируциите во спроведување на законите и доминација на институционалните структури над политичките. Се доведовме да имаме многу лоша бизнис клима.“

Иако со најдобра намера, одделните проекти не можат да го сменат системот, смета Кекеновски се додека политичката власт не почне да испраќа поинаква порака од досегашната и тоа во крајна линија ја одредува поволноста на бизнис климата.

„Политичката власт треба да прати порака до клучните играчи дека не е составен дел од нивната валкана игра, туку дека е регулатор, дека ги одредува правилата на игра и ги санкционира оние што ги кршат. Тоа низ неколку побитни економски или судски разрешници ќе се направи повеќе отколку стотина проекти кои имаат добра намера,“

Вели Кекеновски.
XS
SM
MD
LG