Достапни линкови

Вести

Даблин: Запленет хероин со вреднот од два милиони евра

Полицијата во Даблин денеска конфискува хероин чија вредност на "црниот пазар" изнесува два милиони евра. Дрогата е откриена кога полицајци запреле автомобил за да го проверат и во него нашле десет килограми хероин и голема сума пари. Возачот на автомобилот и неговата сопатничка се упасени по обвинение за шверц со дрога. Уапсена е уште една жена која е осомнилена за соучество.

види ги сите денешни вести

Русија со воени вежби во близина на Украина

Руските воени вежби

Русија ги започна воените вежби во близина на Украина во кои учествуваат илјадници војници и десетици воени авиони. Кремљ претходно го обвини Вашингтон за „ескалација на тензиите“ со тоа што подготвува контингент американски војници за распоредување во Европа, поради постојаните стравувања дека Москва ќе го нападне нејзиниот сосед.

Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина, при што американскиот претседател Џо Бајден се консултира со сојузничките европски лидери, а Пентагон објави дека става во сила до 8.500 американски војници на „зголемена тревога“ за потенцијално распоредување за да се зајакне присуството на НАТО во регионот.

Руската војска денеска соопшти дека започнала вежби во кои учествуваат околу 6.000 војници и најмалку 60 борбени авиони во регионите Ростов и Краснодар во близина на Украина и во полуостровот Крим врз кој беше извршена анексија од Москва во 2014 година.

Портпаролот Дмитриј Песков рече дека „САД ги ескалира тензиите“ и предупреди дека Кремљ ги следи „овие акции на САД со голема загриженост“.
Нема индикации колку долго ќе траат руските вежби.

Соединетите држави и НАТО му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.

Француски турист осуден на 8 години затвор во Иран

Иран -- Една од последните фотографии на францускиот турист Бенџамин Бриер кој е затворен во Иран.

Францускиот турист Бенџамин Бриер, кој од пролетта минатата година е приведен во Иран под обвинение за шпионирање, е осуден на осум години затвор од страна на иранскиот суд, пренесуваат француските медиуми.

Неколку француски медиуми го цитираа адвокатот на Бриер како вели дека казната била изречена на 25 јануари.

Бриер беше обвинет за шпионирање и пропаганда против Иран, откако беше уапсен во мај 2020 година кога леташе мини-хеликоптер на далечински управувач во пустината во близина на границата меѓу Туркменистан и Иран. Осудените за шпионирање во Иран се казнуваат со смрт.

Неговото семејство вели дека тој е невин турист кој тргнал на пат во 2018 година од Скандинавија кон Иран со неговото камперско комбе.

Кон крајот на декември, 36-годишниот Французин кој се наоѓа во затворот Валикабад во градот Машхад во североисточен Иран, започна штрајк со глад во знак на протест против неговото затворање.

Лондонската полиција ќе ги истражува наводите за забавите на Даунинг Стрит

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со обвинувања за наводни забави организирани на Даунинг Стрит за време на ковид рестрикциите во 2020 година.

Лондонската полиција започна истрага за забавите во резиденцијата на премиерот Борис Џонсон и во владините оддели за време на заклучувањето поради ковид пандемијата.

Комесарот на метрополитенската полиција Кресида Дик денеска изјави дека Скотланд Јард истражува „голем број настани“ откако еден ден претходно се појавиле нови наводи дека Џонсон ги прекршил правилата за заклучување, што тој ги наметнал, со присуство на роденденска забава во јуни 2020 година во неговатата резиденција на Даунинг Стрит.

Тоа се надоврза на долгата листа на наводни за прекршувања на рестрикциите на Даунинг Стрит, вклучително и за забавата „донесете сопствен алкохол“, за која Џонсон рече дека присуствувал на неа мислејќи дека станува збор за работен собир.

Наводите за „партигејт“ налутија многу Британци кои беа со месеци затворени во 2020 и 2021 година за да го спречат ширењето на КОВИД-19, предизвикувајќи ја најтешката криза во премиерскиот мандат на Џонсон, а беа поттикнати и повици за негова оставка.

Високиот државен службеник, Сју Греј, исто така води истрага за низата наводи и се очекува наскоро да ја објави.

Велика Британија е меѓу европските земји кои се најтешко погодени од пандемијата, со повеќе од 16 милиони инфекции и 154.000 смртни случаи.

Милошоски го повика Османи да достави одговори пред Комисијата за надворешна политика

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски изјави дека преку писмо побарале од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ги достави одговорите кои, како што се наведува, македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“.

Милошоски вели дека во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро, односно во периодот меѓу 26 јануари и 15 февруари оваа година.

„Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание го знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници“, вели Милошоски.

Барањето на Милошоски доаѓа додека македоснкиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.

На заедничката седница беа потпишани три меморандуми за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија.

Иако новите премиери на владите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков на нивната втора прес конференција во последниве две недели, повеќе зборуваа за економски теми, Петков најави и нов пристап во историската комисија.

Ковачевски изјави дека во однос на политичките прашања, критериум за успешност ќе биде доколку низ разговор на сите комисии и низ политички дијалог меѓу владите, постигнат договор, со што во догледен период би била одржана прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ.

Милошоски вели дека Османи има законска обврска да се обрати пред Комисијата за надворешна политика.

„Сметам дека со порака преку јавноста, освен со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола“, нагласи Милошоски.

Заедничките конференции се случуваат откако двете земји избраа нови влади, но преговорите за спорот меѓу двете земји траат откако Бугарија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.

Почина македонскиот диригент и композитор Александар Џамбазов

Маестро Александар Џамбазов.

Почина композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов на 85 годишна возраст. Тој беше автор на голем број дела од класичната музика, меѓу кои „Рапсодија за Скопје“, „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар, хорски композиции, голем број детски песни...

Роден на 3 февруари 1936 година во Скопје, Џамбазов музичка академија завршил во Белград, по што скоро целата кариера ја минува на работа во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Џамбазов има реализирано бројни концерти во живо, а добитник е на десетици награди. Тој беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно Славејче“ во Скопје.

Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) денеска „со огромно жалење“ соопшти дека починал Џамбазов кој беше долгогодишен член на СОКОМ.

Тој е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведенки, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура за што е добитник на 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, наведуваат од СОКОМ.

Пратасевич повеќе не е во домашен притвор во Белорусија

Белорускиот новинар Раман Пратасевич присуствува на прес-конференција во Националниот прес-центар на Министерството за надворешни работи во Минск. 14 јуни 2021 година

Белорускиот новинар Раман Пратасевич изјави дека повеќе не е во домашен притвор. Тој минатата година беше приведен, откако комерцијалниот лет во кој беше патник, принудно слета во Минск.

Пратасевич во денешно интервју за Јутуб каналот на Дмитриј Бељаку - директор на провладиниот центар за одбрана на системските права во Белорусија, рече дека заминал од местото каде што престојувал.

Земјите ширум светот го осудија белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко за „државно киднапирање“ на патничкиот авион за да бидат уапсени Пратасевич и неговата руска девојка Софија Сапега.

Летот на 23 мај беше на пат од Атина за Вилнус, кога официјални лица го принудија да слета итно во главниот град на Белорусија поради закана за бомба, за што неколку земји рекоа дека станува збор за измама.

„Само што го напуштив местото каде што бев во домашен притвор“, рече Пратасевич додавајќи дека му било тешко да се прилагоди на животот по седум месеци домашен притвор.

Пратасевич не кажа кога точно бил ослободен од домашен притвор, додавајќи дека нема конкретни планови освен дека ќе работи на медиумски активности во Центарот за одбрана на системските права. Тој исто така рече ќе го рестартира својот канал на Телеграм, Справа, додека истрагата за неговиот случај продолжува.

Бројни жртви во стампедо пред почеток на натпревар од Африканскиот куп

Африкански куп на нации - Камерун против Коморос - Стад д'Олембе, навивачи на Камерун на стадионот Јаунде, Камерун - 24 јануари 2022 година.

Најмалку осум лица загинаа, а десетици се повредени во стампедо пред натпреварот на Африканскиот куп на нации во Камерун, пишува Би-Би-Си.

Видеата покажуваат дека фудбалските фанови се борат да добијат пристап до стадионот Пол Бија во главниот град Јаунде.

Едно дете е меѓу загинатите, според извештајот на Министерството за здравство до кој дојде новинската агенција АФП.

Во друг извештај се наведува дека одреден број деца ја изгубиле свеста.

Стадионот има капацитет од 60.000 гледачи, но поради ковид ограничувањета не требаше да биде исполнет повеќе од 80 проценти.

Се наведува дека официјалните лица на натпреварот изјавиле дека околу 50.000 луѓе се обиделе да присуствуваат на натпреварот.

На натпреварот беше и новинарката Леокадија Бонгбен. Таа за програмата на Би-Би-Си Њуздеј изјави дека го видела метежот кој доаѓа од една од „фан-зоните“ надвор од стадионот.

„Луѓето почнаа да викаат. Една минута потоа на стадионот дојде брза помош, но кога стигнавме на местото, полицијата не ни дозволи да се приближиме до стампедото“, рече наведувајќи дека добила список од осум лица кои ги загубиле животите.

„Навистина е прилично тажна ситуација луѓето да одат да гледаат натпревар и таму да умираат“, рече Бонгбен.

Африканската фудбалска конфедерација (CAF) во соопштение наведе дека „во моментов се истражува ситуацијата“ и дека се прават обиди да се добијат повеќе детали за тоа што се случило.

Последниот 16-ти натпревар меѓу Камерун и Коморос се одржа и покрај инцидентот и завршија со победа на домаќините од 2-1.

Потпишани неколку билатерални договори на меѓувладината седница во Софија

Премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски на зедничка седница во Софија на владите на Бугарија и Северна Македонија. 25.01.2022.

Одделни седници денеска одржаа работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на заедничката меѓувладина седница во Софија, соопшти прес-службата на македонската Влада.

На меѓувладината седница потпишани се и неколку билатерални договори за соработка, меѓу нив за железничкиот Коридор 8 и за воведување на директна авиолинија.

Денеска македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски престојува во официјална посета на Софија каде што се одржа заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Бугарија во резиденцијата „Бојана“. Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи.

Од Владата на Северна Македонија информираат дека работната група што ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите, развојот, инвестициите и земјоделството, ја договорила динамиката на работа и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директната соработка во овие области.

Истот така, втората работна група која ги опфаќа транспортот, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, соработката во областа на информатиката и комуникациите, ги поставила определбите за работите на Коридорот 8 и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји.

„Како приоритет на оваа работа група е поставено воспоставувањето на авионската линија Софија-Скопје и заложбата за поскоро намалување на цената на роамингот меѓу двете држави“, се вели во владиното соопштение.

Во третата работна група се европските интеграции, зелените политики и доброто владеење, а во неа се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Северна Македонија, како и за заедничките иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ, додоека четвртата во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот. Во неа како задача е поставено преземање на чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирањето на работните групи од двете страни кои интензивно треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков денеска имаа средба во рамките на официјалната посета на владината делегација на Северна Македонија на Република Бугарија.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата била истакната динамиката со која се реализирала заедничката седница како и почетокот на активностите на работните групи, со што била потврдена заложбата на двајцата премиери да бидат поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи.

Русија го стави Навални на листата на „терористи“

Работник префарбува графит на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални во Санкт Петербург, 28 април 2021 година.

Русија ги додаде затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални и неколку негови сојузници на својата листа на „терористи и екстремисти“, додека владата продолжува со нападите врз граѓанското општество во земјата.

Записите за Навални и за неговите пет соработници: Љубов Собол, Вјачеслав Гимади, Георги Албуров, Лилија Чанишева и Руслан Шаведдинов, денеска се појавија во регистарот на Росфинмониторинг ставајќи ги на исто ниво со десничарските националистички групи и странски терористички организации како што се Талибанците и таканаречената групација Исламска држава.

Потезите го означуваат последниот во тековната акција против сега веќе забранетата политичка мрежа на Навални и пошироко врз граѓанското општество.

Пред неполни две недели, на списокот беа додадени уште двајца блиски соработници на Навални, Леонид Волков и Иван Жданов, што според законот значи дека нивните банкарски сметки мора веднаш да бидат замрзнати.

Во текот на изминатата година, откако Навални се врати од Германија каде што се опоравуваше од нападот со отров од кој за малку ќе го загубеше животот, илјадници демонстранти беа приведени поради учество во протестите за поддршка на Навални, а многумина беа затворени.

Повеќе од половина од неговите политички координатори ја напуштија Русија или беа уапсени поради нивниот активизам, а некои беа ставени на списоци на барани како „терористи“ или „екстремисти“.

Новинарите кои ги истражуваа околностите за труењето на Навални и кои ги цитираа неговите истраги за корупција, беа означени како „странски агенти“.

Минатата година, Московскиот градски суд сите организации поврзани со Навални ги прогласи за екстремистички , спречувајќи ги луѓето поврзани со него или со неговата мрежа на регионални канцеларии низ Русија, да можат да бараат јавни функции.

Пресудата за неговите организации исто така предвидува и можни долги затворски казни за активистите кои соработувале со нив.

Самиот Навални е во затвор од февруари 2021 година, откако му беше брзо судено и му беше изречена затворска казна од 2 ипол години за прекршување на условите од претходното условното ослободување. Неговата пресуда нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.

Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за неговото труење со хемиска супстанца во стилот на Новичок. Кремљ негираше каква било улога во труењето на Навални.

Висок претставник на САД го напушти тимот во преговорите за иранскиот нуклеарен договор

Состанок на Мешовитата комисија за JCPOA во Виена, Австрија. 17 декември 2021 година.

Висок американски претставник, кој работи на заживување на иранскиот нуклеарен договор, го напушти преговарачкиот тим поради извештаите за разликите во мислењата за патот напред, додека се интензивираат обидите за обновување на договорот.

Ричард Нефју „повеќе не е заменик специјален пратеник за Иран“, наведе за Радио Слободна Европа висок функционер на Стејт департментот во изјава преку електронска пошта на 24 јануари.

Функционерот не ја наведе причината за оваа промена, велејќи: „Нема да навлегуваме во спецификите на нашите внатрешно политички дискусии“.

Волстрит журнал претходно објави дека Нефју си заминал поради разлики во мислењата во преговарачкиот тим на САД. Весникот наведува дека тој се залагал за поцврста позиција во тековните преговори.

Претставник на Стејт департментот рече дека префрлањата на персоналот биле „многу вообичаени“ и дека Нефју сè уште е „многу ценет“ во Стејт департментот.

Неговото заминување доаѓа во критичен момент од преговорите, кои продолжија пред речиси два месеци во Виена.

Соединетите држави и европските сојузници минатата недела рекоа дека остануваат само неколку недели за да се спаси иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA).

Нуклеарната експертиза на Иран значително напредна откако САД се повлекоа од договорот, а дипломатите велат дека колку подолго Иран остане надвор од договорот, ќе добие толку повеќе знаење.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и нејзините партнери во Велика Британија, Франција и Германија јасно ставија до знаење дека „напредокот во иранската нуклеарна програма“ наскоро ќе оневозможи враќање на договорот“, изјави висок претставник на Стејт департментот.

„Но, не сме стигнале сосема до таа точка, и додека тоа не го постигнеме, ќе продолжиме со итните преговори за враќање на JCPOA“.

Одложено рочиштето за Рашковски

Архива - Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Одложено е првото рочиште за случајот против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, поради отсуство на една од обвинетите, Маја Силјановска.

Освен Рашковски и Силјановска, во случајот за нелегална набавка на софтвер и за перење пари се обвинети уште Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски. Судскиот процес го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.

Следното рочиште е закажано за 24 февруари. Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски денеска во изјава пред Судот рече дека судењето против него ќе биде интересно. Тој вели дека доказите што ги има Обвинителството против него се прибрани на незаконит начин.

„Холивуд да го режира ова, не може вака да го направи“, вели Рашковски.

Тој тврди дека имотот во Побожје е купен на кредит и како што вели на него нема да никне хациенда. За останатиот имот вели дека го имал и пред да стане функционер. Анкетниот лист за времето дур бил на функција се зголемил само со подароците што ги добиле неговите деца за родендени, крштевки и други прослави, а сето друго си го имал и претходно. Дел од имотот препишал и на децата.

Во однос на обвинувањата дека со парите стекнати незаконски отплаќал дел до своите кредити и ставал на картички, Рашковски вели дека не е така. Според него станува збор за пари што ги добивал од службени патувања кои потоа му биле рефундирани и тој ги ставал на своите сметки.

Обвинителството понудило нови докази, за кои смета дека ќе бидат доволни да се потврди она за што го товарат Рашковски.

Според обвинението, Рашковски и уште шест лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, се наведува во соопштението од Основното јавно обвинителство.

Во обвинението стои и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.

Зголемен број на инфекции, реинфекции и смртни случаи од Ковид-19

Илустративна фотографија.

Изминатава недела за 4,5 проценти се зголемил бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос на претходната, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во периодот од 17 до 23 јануари регистрирани се 11.610 нови позитивни случаи во 35 градови низ државата, а процентот на позитивност во просек е 29,1 отсто.

Зголемениот број на инфекции дојде од почетокот на годинава откако новата варијанта Омикрон, која е многу позаразна, се прошири скоро во сите делови од светот.

Според податоците на ИЈЗ, пријавени биле 1.559 реинфекции, што е за 25 проценти повеќе во однос на минатата недела, но бројот на смртни случаи бил зголемен за 76.4 отсто. Во однос на тестирањето, бројот е намален за 15,6 отсто.

„Најголем дел од регистрираните случаи 6.045 или 52,6 отсто се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево, односно 1.127,9 позитивни лица на 100.000 жители“, наведуваат од ИЈЗ.

Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најзастапени се од 30 до 39 години, а најмала бројка има од 0 до 9 години.

Истиот периот минатата недела оздравеле 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Најголем број, односно 87,6 отсто од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Од почетокот на вакцинацијата вкупно се вакцинирани 864.759 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.

Пакистански новинар убиен во Лахоре

Илустративна фотографија полиција во Лахоре.

Пакистански новинар кој работел за локална ТВ станица е застрелан додека го возел својот автомобил во источниот град Лахоре, соопшти полицијата.

Двајца вооружени лица на мотор отвориле оган врз возилото на Хуснаин Шах во близина на прес-клубот во Лахоре, пред да побегнат од местото на настанот, изјави високиот полициски службеник Сафдар Раза Казми, додавајќи дека официјалните лица сè уште истражуваат за да утврдат кој го убил новинарот.

По убиството, гневни новинари се собраа во Лахоре, осудувајќи го нападот и барајќи апсење на убијците, а пакистанската федерална унија на новинари (ПФУЈ) најави протести низ целата земја.

Главниот министер на Пенџаб Усман Буздар го осуди нападот и нареди истрага.

Новинарите во Пакистан долго време се изложени на насилни напади. Во 2020 година, Пакистан се најде на деветтото место на годишниот глобален индекс на неказнивост на Комитетот за заштита на новинарите, кој ги проценува земјите каде што новинари редовно се убиваат, а напаѓачите се ослободуваат.

Претставниците на ЕУ и САД повторно во БиХ

Европската функционерка Анџелина Ајххорст и американскиот дипломат Метју Палмер

Европската функционерка Анџелина Ајххорст и американскиот дипломат Метју Палмер денеска повторно доаѓаат во Босна и Херцеговина за да продолжат со разговорите за измените на Изборниот закон со локалните политички лидери.Сараево. Ајхорст и Палмер утре треба да имаат средби во двата дома на парламентот на Босна и Херцеговина. Од 28 до 30 јануари двајцата дипломати треба да посредуваат во Неум во продолжувањето на преговорите за изборните реформи, кои беа прекинати минатиот месец.

Вучиќ и Ердоган: важно е да се зачува мирот на Балканот

Пробосанските партии го условија продолжувањето на преговорите за изборните реформи со прекин на блокадата на државните институции од страна на претставници на Република Српска.

Министрите на ЕУ ги осудија руските закани

високиот претставник Жозеп Борел

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел истакнаа дека „европската безбедност е неделива“ и побараа од Русија да ги намали „агресивните дејствија и заканите за Украина“ и предложија во согласност со меѓународните права да иницира конструктивен дијалог преку меѓународни механизми. Министрите на ЕУ во изјавата наведуваат дека „натамошна воена агресија на Русија против Украина ќе има огромни последици и висока цена“ за Москва.

Макрон - ЕУ мора да ја дефинира безбедносната политика кон Русија

Сумирајќи ги заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ, високиот претставник Жозеп Борел објасни дека подготовката на „големи санкции“ има за цел да ја убеди Русија да ги намали тензиите и да ги повлече војниците за да може да се преземат преговори во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот НАТО-Русија, како и разговори во рамките на „Нормандискиот формат“ за решавање на украинската криза. И, според него, сите дипломатски дејствија на ЕУ ќе бидат насочени кон убедување на Москва дека дијалогот е неопходен.

НАТО во споредна улога доколку Русија ја нападне Украина

Борел рече дека Американците подготвуваат писмен одговор на барањата на Русија и нагласи дека членките на ЕУ соработуваат со Вашингтон за да го утврдат почетна точка и принципи на американскиот одговор на Москва.
Високиот претставник на ЕУ подвлече дека Украина има право да одлучи како слободна земја како да ја заштити својата безбедност и дека Унијата одобри грант од 1,2 милијарди долари за Киев за зајакнување на стабилноста на таа земја. Борел додаде дека ЕУ ќе и даде на Украина 35 милиони евра за обука на украинската армија

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG