Достапни линкови

Стевче Јакимовски, Министер за труд и социјална политика. И народот во Луксембург и Норвешка е незадоволен, владите се менуваат на четири години


На почетокот на кариерата како градоначалник на општина Карпош бевте еден од најомилените. Сега, на оваа функција сте често напаѓан. Зошто се случува тоа?

Јас кога станав министер, реков дека менувам дама за пион и бев свесен дека рејтингот ќе ми паѓа. Но, јас не дојдов во владата да го качувам сопствениот рејтинг, тоа мене не ме загрижува. Најбитно ми е што расте рејтингот на Република Македонија. Има имиџ дека сум човек којшто крати права на работници. Тоа апсолутно не е точно. Јас како министер за економија, максимално ги зголемивме малцинските права на акционерите. Ако таков закон за трговски друштва имавме од 90-та година, немаше да се случи овој хоштаплерај по фирмите и немаше вакок грабеж на работниците да има.

Вашето министерство е надлежно за голема група луѓе во неависна положба. За која група луѓе сметате дека имате најмалку направено?

Па, мене ми е жал што ова министерство се претвори во минситерство за труд. Ние постојано се расправаме или со Дојчин или со Ванчо или со Стојан Стојанов, со сите оние што се здрави и прави, работоспособни во оваа држава. За жал, најмалку внимание посветивме на оние коишто не се способни за работа и во тешка материјална состојба. Тоа се пред се хендикепираните, тоа се социјалните случаи. Нашата социјална политика не е соодветна и треба да се менува и делот од трудот треба да се премести во министерството за економија, а ова министерство да си остане за социјална политика.

Вие бевте еден од противниците на законот за стечајците кој го изгласа парламентот, а потоа претседателот Црвенковски не го потпиша. Најголем проблем се јави околу бројката, стечајците велеа дека се четири илјади, владата дека се многу повеќе. Како можеше да се случи да немате точна евиденција?

Ние имаме точна евиденција колку стечајци има, само никој не не слуша. Тука е проблемот. И стечајците, и членовите на парламентот сакаа да слушнат тоа што сакаат. Инаку е јасно и јас кажував дека има над 15,000. Тие го предложија законот и за стечајци и за технолошки вишок и такви имаме над 17,000, ако зборуваме само за стечајци имаме околу 8000. Значи, се работи за две различни категории.

Пензиските реформи се најавија како клучни. По објавувањето на успешниот старт се јавија и критики во јавноста. По петмесечно функционирање, како ги оценувате?

Главните препрека е преуспешноста. Преголемата доверба. Има лица коишто ако и натаму бидат членови на вотиот пензиски столб повеќе ќе имаат штета од корист, затоа што годините на осигурување во вториот пензиски столб се мали се да го почувствуваат бенефитот. Затоа нив ги убедуваме дека за нив не е добро да останат во вториот пензиски столб.

Сметате ли дека законот за подигнување на вработувањето може да го реши проблемот со стечајците, ако се земе предвид дека во Агенцијата за вработување најголем е бројот на невработени млади?

Ниту еден закон не може да реши нешто во целост. Тоа е и проблемот во Македонија, за сите е тешко да најдат работа, а посебно за постарите. Над 55 години, годинава нашле само 46 лица работа. На таа категорија граѓани треба да дадеме поддршка. Даваме персонален данок и пензиско и инвалидско осигурување.

Оваа влада меѓу своите 50 успеси го наброја и намалувањето на бројот на невработени. Колку од нив се избришани од списоците, а колку реално се вработија?

Трендот на склучување договори за работа постојано расте. Лани се случија 244 илјади договори. Оние што се тргнати од списокот се сите што работат под договор за дело. Тие не бараат работа и мора да бидат тргнати. Тие што работат на странски проекти, лица кои се оснивачи на фирми, кои што имаат земјиште.

Велите дека договорите за работа се зголемени, но народот е незадоволен?

Мора да ви кажам дека и народот во Луксембург и Норвешка е исто така незадоволен. Владите се менуваат на четири години. Гледате вие, пред четири години главно прашање беше безбедносната состојба. Денеска е друго прашање, економската состојба. Тоа е добро, затоа што граѓаните на Република Македонија се враќаат на економските проблеми и со тоа сме направиле голем успех.
XS
SM
MD
LG