Достапни линкови

НАТО мора на најде нова причина за постоење


Иден чекор за НАТО. Под овој наслов весникот Вашингтон Пост објавува анализа за иднината на Алијансата по годинашниот самит што ќе се одржи во Рига, Летонија. Во текстот потпишан од Ричард Холбрук и Роналд Асус од Маршаловата фондација во Брисел се оценува дека НАТО мора да изнајде нова причина за постоење.

Некои контроверзи исчезнуваат толку брзо што луѓето дури забораваат дека некогаш и постоеле. Но, тие можат да бидат поучни. Колку за пример: Пред помалку од една деценија имаше интензивна јавна расправа за тоа дали НАТО треба да се проширува со нови членки од Централна и Источна Европа. Прашањето беше тесно поврзано со војната во Босна, американската надворешна политика и Европа. Многумина коментатори, и оние либералните и оние конзервативните, се спротивставуваа на таквиот чекор со образложение дека тоа ќе ја дестабилизира Европа. Сепак, тогашниот претседател Бил Клинтон донесе исправна одлука дека проширувањето ќе придонесе за европската стабилност и ја здоби поддршката за тоа од клучните влади во Европа што доведе до историскиот консензус во две фази: десет нови НАТО членки досега. Денес оваа одлука дури не се ни памти. Но, без проширувањето на Алијансата ќе се соочевме со голема нестабилност во Централна Европа и особено на Балканот, а Алијансата ќе атрофираше и немаше да го спречи етничкото чистење на Балканот, се наведува во написот во Вашингтон Пост во кој се додава: Сега, НАТО мора да реши дали да го започне она што се нарекува трета фаза од неговата историја. Првата фаза беше формирањето на Алијансата кон крајот на четириесетите години од минатиот век и самата Студена Војна. Втората фаза пак, беше проширувањето и реорганизирањето на НАТО по Студената Војна и решавањето на состојбата во Босна и на Косово. Третата фаза го поставува фундаменталното прашање: Треба ли НАТО да ги решава проблемите надвор од нејзините земји членки што пак не значи и дека Алијансата би требало да стане светски полицаец. Време е за одлука која треба да биде донесена брзо за да може да биде соопштена на самитот на Алијансата во Рига по осум месеци. За тоа пак е потребна и политичка волја на европејците за учество во далечни мисии. Тоа не е евтино и Соединетите Држави не можат секогаш да го понесуваат финансискиот товар. Од друга страна, Вашингтон ќе треба да ја прифати реалноста за посилна Европска Унија. Рига е вистинското време и место за да се постави Алијансата на нов пат. Се надеваме дека Франција и Европската Унија ќе ја видат вредноста на зголемената НАТО улога надвор од Европа. За да се случи тоа пак, Вашингтон ќе треба да го преземе водството, за трет пат во историјата на НАТО, во редефинирање на улогата на Алијансата, се вели во анализата објавена во Вашингтон Пост.
XS
SM
MD
LG