Достапни линкови

Позитивно за имиџот и отворање на фондовите на ЕУ


Најавите од дипломатските кругови дека Македонија може да добие статус на кандидат за членство во Европската Унија, но дека преговорите ќе се одолжат зошто државата нема капацитет за економски развој, практично не значат многу за економското заздравување, иако евентуално позитивниот одговор од Брисел ќе има влијание врз имиџот на земјата, коментира Димитар Мирчев претседател на Европското движење. Според него таквата формална одлука на Македонија може да и ги отвори вратите кон фондовите на Унијата:

„Тоа се овие структурни фондови и фондови за социјална кофезија што да кажеме, кандидатки како Бугарија и Романија обилно ги користеа овие две години. Инаку друго ништо не се менува. Бидејќи има сериозни реформи што внатре треба да ги изведеме и тие не зависат воопшто од кандидатскиот статус. Можеби малку ќе има влијае на имиџот на земјата, при нејзиното рангирање на различни скали за рејтинг, меѓутоа практично ништо не се добива. Економски не верувам дека нешто би се подобрило, бидејќи и во нашата Спогодба за стабилизација и асоцијација ние ги добивме сите преференцијали што се можни, така што не мислам дека нешто би се подобрило во однос на размената со ЕУ, бидејќи проблемот е кај нас извозот, стандардот итн.“

Сепак, според аналитичарот Назми Малиќи битно е земјава да добие статус на кандидат бидејќи тоа ќе испрати позитивен сигнал што ќе ги отвори можностите од поголем влез на странски инвестиции односно забрзување на реформските процеси:

„Сигурно дека ќе значи многу, затоа што нашите региони, внатре во земјата, ќе се насочат кон европски корпорации и компании кои ќе инвестираат кај нас. Таа една компонентна на меѓузависност ќе добие своја функција. Земјите кои мислат да инвестираат во Македонија, и оние меѓународни и од соседите, ќе бидат многу поконкретно насочени кон нас.“

Во меѓувреме Малиќи и Мирчев имаат различни видувања дали Македонија вистина може да очекува добивање на статус на земја кандидат. Според Мирчев тоа може да се случи дури наредната година по спроведувањето на парламентарните избори од чија што регулрност ќе зависи одговорот на Брисел додека Малиќи изразува поголема доза на оптимизам и уверување дека на Македонија треба да и се даде шанса, а дека недостатоците понатаму ќе се надминуваат.
XS
SM
MD
LG