Достапни линкови

Ситуацијата и натаму напната


Ситуацијата во источниот дел на Узбекистан, како што јавуваат агенциите, и натаму е многу тензична. Изутрината во градот Андиџан каде што во иозминативе три дена имаше судири меѓу полицијата и протестантите, и изутрината се слушале спорадични истрели.

Се уште останува нејасно колкумина загинале откако, како што јавија агенциите, повикувајќи се на изјави на очевидци, силите за безбедност отвориле оган врз демонстрантите во Андиџан. Владата на претседателот Ислам Каримов демантираше дека пукала и оти притоа биле убиени, според некои наводи, скоро петстотини луѓе. Дописникот на Узбекистанската редакција на Радио Слободна Европа Гафур Јулдошев јави дека вчера во Андиџан биле убиени две лица, вклучувајќи и едно петнаесетгодишно девојче.

,,На петнаесети мај во Андиџан, војниците убија најмалку две лица. Едно од нив беше на триесет годишна возраст. Другото беше девојче врз кое било пукано во близина на полициската зграда во Андиџан.”

Ваквата ситуација предизвика бран бегалци кон соседниот Киргизстан. Тим на Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци веќе престојува во киргизстанскиот град Сузак каде што пристигнале скоро шестотини бегалци од Андиџан кој се наоѓа на осумдесетина километри од Сузак.

,,Бараме помош. Ги молиме сите земји да им помогнат на луѓето на Андиџан. Сакаме слобода.”

Изјави една бегалка во Сузак. Во меѓувреме, киргизстанската влада реши во близина на границата со Узбекистан да отвори уште еден камп за прифаќање на бегалците од Андиџан. Немирите во Узбекистан, кои се оценуваат како најголеми откако таа земја во илјада деветстотини деведесет и првата година стекна независност, почнаа кога во петокот вооружени лица од затворот во Андиџан ослободиле две илјади затвореници меѓу нив и осомничени за исламски екстремизам. Министерот за внатрешни работи Закир Алматов денеска изјави дека полицијата уапсила седумдесет луѓе под обвинение дека ги организирале немирите. Претходно, претседателот Каримов ја обвини фракцијата на Хизб ут Тахрир, забрането движење кое бара формирање Исламска држава во Централна Азија, дека ги оркестрира протестите и вооружените судири во Узбекистан.
XS
SM
MD
LG