Вести
Тирана: Уапсен Гафур Адили, еден од водачите на АНА
види ги сите денешни вести
Судски совет ќе разгледува барања за исклучување на јавноста во постапки за одговорност на судии
Судскиот совет на Република Северна Македонија треба да одржи седница на чиј дневен ред се повеќе точки помеѓу кои барања за исклучување на јавноста во постапки по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, утврдување на престанок на судиска функција поради пензија, избор на судии поротници на Основен Кривичен суд Скопје и формирање на Комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседател на Основен суд Кавадарци.
На дневен ред на 502. седница, покрај усвојување на записници од 496 и 497 седница, е и разгледување и усвојување на Извештај за резултати од проверка на знаење на практична работа со компјутери.
Разгледување и одлучување за времено упатување на судија за вршење на судиска функција во друг суд, разгледување и одлучување по поднесени жалби на ранг листи на кандидати за избор на судии во повисок суд и тоа за Апелационен суд Штип и Апелационен суд Гостивар и разгледување и одлучување по приговор од кандидат по објавен оглас за избор на претседател на Апелационен суд Битола, се, исто така, дел од дневниот ред.
Дополнително, денеска се очекува да биде разгледан и извештајот на Комисијата за одлучување по приговори за редовно оценување на судиите и претседателите на судовите за период 2019-2022 година како и извештаи на Комисии за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на Виш управен суд и основните судови во Берово, Делчево, Крушево, Охрид, Радовиш, Струмица и Гевгелија.
Во армијата на Северна Кореја се пријавиле 1,4 милиони доброволци
Северна Кореја соопшти дека околу 1,4 милиони млади луѓе се пријавиле да се приклучат или да се вратат во војската оваа недела, обвинувајќи ја Јужна Кореја за провокативен напад со беспилотно летало што „ја доведе тензијата до работ на војна“.
„Младите, вклучително и студенти и претставници на младински организации кои потпишаа петиции за приклучување во армијата, се решени да се борат во светата војна за да го уништат непријателот со оружјето на револуцијата“, се наведува во соопштението на КЦНА.
Тврдењето на Пјонгјанг дека повеќе од милион млади луѓе доброволно се приклучуваат на Корејската народна армија доаѓа во време на многу високи тензии на Корејскиот полуостров.
Минатата година државните медиуми објавија дека 800 000 граѓани доброволно се пријавиле во севернокорејската војска за да се приклучат во борбата против САД, а во 2017 година, речиси 3,5 милиони работници, членови на партијата и војници доброволно се приклучиле или повторно се приклучиле на армијата.
Според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), Северна Кореја има 1,28 милиони активни војници и околу 600 000 резервисти.
Хезболах тврди дека соборил два израелски дрона
Либанскиот Хезболах, кој веќе три недели е во отворена војна со Израел, соопшти дека соборил уште еден „израелски дрон од типот Хермес 450“. Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка група, иако ЕУ го стави само на црната листа военото крило, а не и на политичката партија, контролира голем дел од јужен Либан.
Според оваа проиранска милитантна организација, тој дрон бил виден „во пламен“ на израелската страна на границата.
Хезболах сега споменува „непосредни судири“ со израелските војници, кои почнаа со копнени напади на 30 септември во јужен Либан, кој граничи со северен Израел.
Оваа организација известува дека тие секојдневно го напаѓаат Израел со ракети и дронови.
Израел, од друга страна, го засили бомбардирањето на Либан, а неговите беспилотни летала постојано се во воздушниот простор на земјата.
Рама слави за Тирана, жали за Скопје
Првиот кластер од преговорите на Албанија со Европската Унија кој денеска беше отворен на втората меѓувладина конференција што на 15 октомври се одржа во Луксембург е кластерот „Темелни вредности“ во кој се содржат неколку преговарачки поглавја.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека слави за Тирана, но жали за Скопје. Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел. Скопје и Тирана беа ставени во ист политички пакет за преговори со ЕУ, но откако Северна Македонија не ги изгласа уставните измени кои беа услов за одржување на втората меѓувладина конференција, пред две недели ЕУ донесе одлука за Тирана сама да продолжи со преговорите.
„Јас морам да кажам дека се чувствувам тажно, и искрено го кажувам тоа, поради фактот што нашата братска држава Северна Македонија, која што уште не може да влезе во оваа фаза, додека тие беа меѓу првите, или пак и првите кои што го започнаа процесот. Кога зборувам за нашите понижувања, три пати по ред бевме одбивани пред да ги започнеме пристапните преговори, се чувствувам посрамен, затоа што помислувам на Северна Македонија и за нивното посрамување, тие дури го сменија и името за да можат да го започнат ова“, изјави Рама.
Рама изјави дека ЕУ не може без Западен Балкан, исто како што Балканот не може без ЕУ. Тој додаде дека секој чекор на успех што ќе го направи Албанија треба да се гледа како чекор напред за целиот Балкан.
„Ќе ја направиме Албанија подготвена за Европската унија до 2030 година“, изјави Рама.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сиарто, како претседавач со ЕУ, изјави дека Албанија го заслужува стартот на преговорите. Тој додаде дека и Скопје го заслужува истото и дека поддршката на Унгарија нема тука да застане.
„Мораме да сфатиме дека оваа политика го загуби кредибилитетот во последно време, со оглед на фактот дека просечното време на чекање на членство на земјите кандидати од Западниот Балкан сега надмина 15 години. Тоа е едноставно несоодветно, мораме да го забрзаме процесот на проширување, рече Сијарто, потсетувајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е еден од главните приоритети на унгарското претседателство со Унијата“, изјави тој на заедничката прес конференција.
Според еврокомесарот за профишривање Оливер Вархеји, денешниот старт на преговорите со Албанија по првиот кластер „Основи вредности“ можеби звучи како техничка работи, сепак тој го отвора патот за суштински разговори за условите под кои Албанија ќе стане членка на Европската Унија.
Кластерот „Темелни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни.
Албанија е прва меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата усвоена во 2020 година.
Протестен марш за инклузија на луѓето со попреченост
Протестен марш под слоганот „И ние сме деца на Македонија“ одржаа во Скопје на 15 октомври членовите на организација на Коалицијата „Менуваме“. Со овој протестен марш, демонстрантите бараат од Владата преговарачка рамка во која ќе бидат вметнати сите недостатоци во системот кој ги опфаќа лицата со попреченост. Тие бараат поддршка и инклузија во општеството преку преговарачка рамка со надлежните институции.
Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“ вели дека со новиот Закон е предвидено лицата со попреченост да плаќаат 20 часа за асистент што, според нив, е недозволиво бидејќи, како што рече, лицата со попреченост се социјална група.
„Тука сме да покажеме дека и ние сме деца на Македонија, да пратиме порака до државата да можат да нѐ разберат. Заедно со Црвениот Крст како најуспешен провајдер на асистенти имаме предлог решенија со цел да ги заштитиме асистентите да не бидат обесправени. Предлагаме формирање на мешовита установа водена од Црвениот Крст. Нашата цел е асистентите да можат да добиваат по 22 500 денари, согласно законот кој предвидува хонорарот на асистентите да не биде под минималната плата. Предлозите ги поднесовме вчера до Собранието, Владата и претседателката на државава“, дополни тој.
Маршот започна пред Собранието, а заврши пред Владата. Лицата со попреченост, нивните лични асистенти и негуватели протестираа за социјална правда и рамноправност.
Мелони го поздрави „храбриот“ договор за мигрантите со Албанија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони на 15 октомври ги отфрли критиките за контроверзниот договор за испраќање мигранти во Албанија, јавува новинската агенција Франс прес. Италија во понеделникот почна да ги префрла првите мигранти во албанските центрите. Првите мигранти се 16 мажи од Египет и Бангладеш, а треба да пристигнат во Албанија во среда.
„Тоа е нов, храбар, пат без преседан, но кој совршено го одразува европскиот дух и има се што е потребно за да се следи и со другите нации кои не се членки на ЕУ“, рече Мелони.
Овој договор доаѓа пред самитот на Европската унија во Брисел неделава, каде темата миграцијата ќе биде една од главните теми за дискусија.
Во писмото до земјите-членки пред разговорите, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека блокот „ќе може да извлече лекции од ова (албанско) искуство во пракса“.
Италијанските два прифатни центри во Албанија ќе работат според италијанскиот закон, со италијанско обезбедување и персонал, а судиите ќе ги разгледуваат случаите преку видео од Рим.
Но, групите за човекови права се прашуваат дали ќе има доволно заштита за барателите на азил.
„Првите луѓе што пристигнаа во новите италијански центри за притвор заслужуваат подобро отколку да бидат предмет на овој опасен политички експеримент“, вели италијанската директорка на хуманитарната организација Меѓународниот комитет за спасување,Сузана Занфрини.
„Дури и кога ќе се отвораат вратите на овие нови објекти, некои огромни прашања остануваат неодговорени за тоа како Италија ќе се погрижи правата на луѓето да бидат заштитени надвор од јурисдикцијата на ЕУ“, додаде таа.
Медитеранскиот брег на Италија долго време е цел на мигрантите кои се надеваат да стигнат до Европа.
Десничарската партија на Мелони вети дека ќе го запре мигрантскиот бран во Италија, во кампањата на парламентарните избори во 2022 година.
Таа се договори со албанскиот премиер Еди Рама во ноември 2023 година да ги отвори центрите за азил.
Во обраќањето пред Сенатот во Рим, Мелони рече дека нејзината влада им дава „добар пример“ на другите земји за тоа како да се справат со нерегуларната миграција.
Таа додаде дека Италија ќе организира неформален состанок на самитот на ЕУ „меѓу земјите-членки кои се најзаинтересирани за миграциското прашање“.
Петгодишниот договор, кој се проценува дека ќе ја чини Италија 160 милиони евра годишно, опфаќа одредени возрасни машки мигранти пресретнати со италијански чамци во меѓународни води, но во областа за пребарување и спасување на Италија.
Мигрантите кои се испраќаат во Албанија ќе бидат од земји кои се сметаат за „безбедни“, критериум за кој се расправа, но кој овозможува поедноставен процес на репатријација.
Вархеј:Првата исплата од Планот за раст до крајот на месецов
Првите исплати на средства во рамки на европскиот Планот за раст за земјите од Западниот Балкан, се очекува бидат реализирани уште во текот на овој месец, соопшти на 15 октомври еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, откако Советот на Европската Унија минатата недела ги одобри реформските агенди на земјите кандидати за членство во ЕУ.
„Сега отчукува часовникот со цел земјите кандидатки да започнат со реализација на реформите за да можеме да напредуваме со понатамошната исплата на средства“, изјави Вархеји на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што земјата практично ги започна пристапните преговори по кластери.
Вархеји потсети дека Планот за Европската комисија за раст на Западниот Балкан има за цел да обезбеди дополнителни инвестиции во инфраструктурата, но и да им помогне на земјите од регионот да ги спроведат суштинските реформи кои се неопходни за да станат членки на Унијата. За таа цел во Планот за раст се предвидени шест милијарди евра во форма на грантови и заеми.
Но, за да функционира ова, според него, земјите кандидати мора да покажат резултати во спроведувањето на утврдените реформските агенди. Според него парите кои се во вредност од околу една третина од БДП на целиот регион, ЕУ ќе има инструменти за поддршка на земјите од регионот во приближувањето кон ЕУ и исполнувањето на стандардите за членство.
Израел со нови напади врз Хезболах во Либан по предупредувањето на Нетанјаху
Израелските сили започнаа нови напади врз Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка група, во источен Либан на 15 октомври, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека нема да покаже милост за милитантната група поддржана од Иран.
Повеќе израелски напади беа насочени кон либанската долина Бека, со што болницата во градот Баалбек беше исклучена, јавува официјалната либанска Национална новинска агенција.
Нападите се случија откако Нетанјаху вети безмилосен одговор на нападот со беспилотно летало на Хезболах во кој загинаа четворица израелски војници во централен Израел на 13 октомври.
Нетанјаху, говорејќи за време на посетата на воената база каде што беа убиени четворицата војници, рече дека Израел ќе продолжи да ја напаѓа групата „без милост, насекаде во Либан - вклучувајќи го и Бејрут“.
Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка група, иако ЕУ го стави само на црната листа военото крило, а не и на политичката партија, контролира голем дел од јужен Либан.
Нападот на Хезболах врз базата на израелската армија во градот Бињамина беше еден од најкрвавите од октомври минатата година. Софистицираната израелска противвоздушна одбрана вообичаено без проблеми ги соборува ракетите на Хезболах.
По смртоносниот напад на Хезболах, Израел уби најмалку 21 лице во воздушен напад во северен Либан на 14 октомври. Израел, исто така, им нареди на жителите на 25 села во јужен Либан да се евакуираат во областите северно од реката Авали, која е на околу 60 километри северно од границата со Израел.
Во соопштението од Кабинетот на Нетанјаху на 15 октомври е наведено дека тој ќе ја земе предвид позицијата на Соединетите Држави, главниот сојузник на Израел, но ќе ги има „национални интереси“ на неговата земја како врвен приоритет додека размислува за одговор на масовниот ирански напад кој се случи претходно.
„Ги слушаме мислењата на Соединетите Држави, но нашите конечни одлуки ќе ги донесеме врз основа на нашиот национален интерес“, се вели во соопштението на неговиот кабинет.
Стравувањата од сеопфатна регионална војна се зголемија бидејќи знаците покажаа дека Израел би можел да се подготвува да изврши директен напад врз Иран како одмазда за нападот на Техеран на 1 октомври.
Американскиот претседателот Џо Бајден го предупреди Нетанјаху да не ги нападне иранските нуклеарни или нафтени постројки за да избегне понатамошна ескалација на конфликтот.
Западни министри за надворешни работи во Молдавија во знак на поддршка
Молдавија потпиша меморандум за разбирање со група западни земји за да се спротивстави на руските хибридни напади само неколку дена пред клучните избори кои би можеле да го зацврстат патот на Кишињев кон евроатланската интеграција и да ја одврзат поранешната советска република од повеќедецениското влијание на Москва.
Договорот во Кишињев на 15 октомври го потпишаа молдавскиот министер за надворешни работи Михаи Попсои и министрите за надворешни работи на осумте членки на нордиско-балтичкиот формат и тоа Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска.
Оваа посета доаѓа само неколку дена откако претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен отпатува за Кишињев за да ја изрази својата поддршка за европскиот пат на Молдавија.
Според заменикот премиер и министер Попсои, меморандумот има за цел да ги зајакне институционалните способности на Молдавија соочени со сè поагресивната руска кампања за дезинформации.
Прозападната претседателка Маја Санду се кандидира за втор мандат на изборите на 20 октомври, кои се одржуваат истовремено со референдум на кој треба да се одлучи дали Молдавците сакаат нивната земја да продолжи со интеграцијата во Европската унија.
Под водство на Санду, образовувана во САД, која го порази актуелниот претседател поддржан од Русија во 2020 година, Молдавија, земја од 2,5 милиони жители заглавена меѓу Украина и членката на ЕУ и НАТО, Романија, направи радикален пресврт кон Западот и покрај непрестајните обиди на Русија да ја дестабилизираат владата на Санду.
И покрај тоа што сè уште има руски војници на територијата на нејзиниот отцепен регион Трансдњестар, Молдавија застана на страната на Украина по неиспровоцираната инвазија на Русија и ја отвори својата граница за десетици илјади украински бегалци.
Една од најсиромашните европски земји, Молдавија го обезбеди статусот кандидат за ЕУ во 2022 година и ги отвори пристапните преговори со блокот на почетокот на оваа година.
Попсои им рече на дипломатите во посета дека нивното присуство во Кишињев испраќа „политичка порака“ и претставува „јасен знак за поддршка за европските аспирации“ на Молдавија.
Посетата на нордиските министри доаѓа откако Фон дер Лајен на 10 октомври го претстави планот за економска поддршка за Молдавија во Кишињев во вредност од 1,8 милијарди евра во следните три години.
На 15 октомври, Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека 40-члена делегација набљудувачи од ОБСЕ и набљудувачи од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ќе го надгледуваат двојно гласање во Молдавија.
Самитот на Исламабад под засилени безбедносни мерки
Високи функционери од Евроазија се состануваат на самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО) под засилени безбедносни мерки во Исламабад во услови на пораст на насилството од различни сепаратистички групи во Пакистан.
Илјадници безбедносни службеници го затворија главниот град на 15 октомври кога седумина функционери, вклучително и од Кина и од Индија, почнаа да разговараат за безбедносните прашања, регионалната соработка, трговијата и финансискиот интегритет меѓу 10-те членки. државите.
Претходно на 11 октомври, неидентификувани вооружени лица застрелаа и убија 21 рудар за јаглен во пакистанската југозападна провинција Балучистан, која беше мета на серија милитантни напади од почетокот на годината.
Ослободителната војска на Балучистан (БЛА), означена како глобална терористичка организација од страна на Соединетите држави, се ангажирани во борбата против пакистанската влада. Северозападниот дел на Пакистан, исто така, неодамна доживеа наплив на милитантно насилство.
На 10 октомври милитанти отворија оган врз полициско возило во градот Тенк, при што беа убиени двајца полицајци. За неколку часа војската соопшти дека убила четворица милитанти во Северен Вазиристан, област во провинцијата Хајбер Пахтунхва.
Во други неодамнешни насилства во земјата, двајца кинески државјани загинаа во голема експлозија во близина на аеродромот во Карачи, која кинеската амбасада ја нарече „терористички напад“. Одговорноста за експлозијата ја Ослободителната војска на Балучистан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете