Вести
ЊУЈОРК: Оценка за ирачката декларација за оружје
види ги сите денешни вести
Отворена катедралата Нотр Дам пет години по пожарот
Катедралата Нотр Дам во Париз беше отворена вечерта на 7 декември, пет години по разорниот пожар кој доведе до уништување на зградата стара 860 години.
Службите за итни случаи кои помогнаа да се спаси готското ремек-дело и луѓето вклучени во реставрацијата беа пречекани со овации додека парискиот надбискуп Лоран Улрих тропна три пати на вратите на Нотр Дам пред симболично повторно да ја отвори зградата.
На двочасовната богослужба присуствуваа околу 40 шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Францускиот претседател Емануел Макрон во краткиот говор рече дека „вечерва можеме заедно да споделиме радост и гордост“.
„Стојам пред вас да ја изразам благодарноста на француската нација, нашата благодарност до сите оние кои ја спасија, помогнаа и ја обновија катедралата“, рече Макрон.
Мали групи парижани и туристи, и покрај влажното време и силните ветрови, беа надвор за да бидат сведоци на реставрацијата на катедралата, која беше на работ да се урне поради силниот пожар што ги зафати покривот и кулата.
Реконструкцијата чинеше околу 700 милиони евра, финансирани од донации.
Чувството за национален успех во обновувањето на симболот на Париз е поткопано од политичките превирања што ја оставија Франција без влада откако премиерот Мишел Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
Макрон се надева дека повторното отворање може да донесе чувство на национална гордост и единство - како што направија Олимписките игри во Париз ова лето.
Причината за пожарот во 2019 година не беше откриена и покрај форензичката истрага од страна на обвинителите, кои веруваат дека најверојатната причина била несреќа, како што е електричен дефект.
Во Париз во текот на викендот се воведени строги безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.
Зеленски, Трамп и Макрон на заедничка средба во Париз
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со францускиот претседател Емануел Макрон и со Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) во Париз, каде светските лидери се собраа на 7 декември на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам.
По средбата, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на Телеграм дека во „добар и продуктивен“ разговор со Макрон и со Трамп се разговарало за ситуацијата на теренот во Украина и можноста за „праведен мир“.
„Разговаравме за нашиот народ, ситуацијата на бојното поле и праведен мир за Украина. Сите сакаме да ставиме крај на оваа војна што е можно побрзо и праведно“, напиша Зеленски на Телеграм.
„Претседателот Трамп, како и секогаш, е одлучен. Ние сме благодарни за тоа“, напиша тој.
„Да продолжиме со нашите заеднички напори за мир и безбедност“, рече Макрон.
Трамп досега не се огласи за средбата со Зеленски и со Макрон.
Зеленски, сакајќи да ја зајакне поддршката за Украина за време на руската инвазија, пристигна напладне во француската престолнина, каде што дојдоа повеќе од триесет државници од целиот свет.
Се очекува Зеленски да го напушти Париз веднаш по церемонијата во катедралата Нотр Дам, која беше обновена по пожарот во 2019 година со помош од околу 1 милијарда долари донации од цел свет.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, го критикуваше испраќањето милијарди долари од САД во Украина откако Русија ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, рече дека би можел да ја заврши војната во рок од 24 часа ако повторно ја освои Белата куќа, изјава што се толкува како дека Украина ќе мора да ја предаде територијата што сега е под окупација на Русија.
Односите меѓу Трамп и Зеленски ги одбележа телефонски разговор во јули 2019 година за време на првиот мандат на Трамп.
Во тој разговор, Трамп побара од Зеленски да ги истражи активностите на Џо Бајден и неговиот син Хантер во Украина. Постариот Бајден го победи Трамп на претседателските избори во САД во 2020 година.
Разговорот доведе до обвинувања дека Трамп условил воена помош од речиси 400 милиони долари со истрага за Бајден.
„Очекуваме добра одлука од денешната средба со Макрон“, изјави извор од украинската делегација за новинската агенција АФП пред објавувањето на средбата меѓу Зеленски, Макрон и Трамп.
АФП објави и дека на церемонијата се очекува да присуствува Илон Маск, најбогатиот човек на светот и еден од најблиските сојузници на Трамп.
Претходно, Зеленски на Телеграм објави дека Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16. Данската премиерка Мете Фредериксен во ноември објави дека Данска ќе ѝ даде уште две серии борбени авиони Ф-16 на Украина.
Шест се веќе префрлени, а Копенхаген треба да испорача вкупно 19 авиони.
Романската полиција врши претреси при истрагата за изборни нерегуларности
Романската полиција врши претреси како дел од истрагата за нерегуларности за време на првиот круг од претседателските избори, на кои победи десничарскиот кандидат Калин Георгеску.
„Три куќи во градот Брашов, во централна Романија, беа претресени на 7 декември, во рамки на истрага за повеќе кривични дела - изборна корупција, перење пари и компјутерска измама“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството прецизираше дека претресите биле насочени кон лице вмешано во „незаконско финансирање на изборната кампања на кандидат за претседател на Романија, користејќи финансиски средства“, но не го именуваше Гордеску.
Истрагата следува по еден ден откако Уставниот суд, највисокиот суд во Романија, го поништи гласањето на изборите.
Победата во првиот круг на кандидатот Георгеску кој е наклонет кон Русија предизвика шок низ Западот, поради доказите за масовна сајбер кампања на ТикТок оркестрирана од Москва во негова корист, а која во голема мера помина „под радарот“ на романските власти.
Одлуката на судот предизвика изненадување кај оваа членка на Европската унија и НАТО-Алијансата, која граничи со Украина и го отвори патот за почеток на нов изборен процес.
Новата влада треба да одреди датум за повторени избори.
Гордеску, малку познат аутсајдер, неочекувано победи во првиот круг од изборите на 24 ноември и беше фаворит за победа во вториот круг в недела против центристичката и проевропска кандидатка Елена Ласкони.
Сепак, документи подготвени за состанокот на Советот за национална безбедност по првиот круг на изборите „откриваат агресивна промотивна кампања, која е спротивна на изборното законодавство, и искористување на алгоритми за забрзување на популарноста на Калин Гордеску“.
Според еден од документите, еден корисник платил 381.000 долари за да го промовира Гордеску во периодот од 24 октомври до 24 ноември.
Врз основа на тие тврдења, Уставниот суд во петокот (6-ти декември) едногласно одлучи да го поништи целиот изборен процес со цел да се обезбеди неговата „коректност и законитост“.
Гордеску, 62-годишен поранешен државен службеник, водеше голема кампања за прекин на помошта за соседна Украина преку социјалните медиуми, особено ТикТок, предизвикувајќи загриженост за идната насока на Романија, која се смета за сигурен сојузник на НАТО.
Романскиот проевропски претседател Клаус Јоханис изјави дека ќе остане на функцијата се додека не се формира нова влада, која ќе одреди датум за претседателски избори.
Романските власти идентификуваа повеќе од 85.000 сајбер напади.
Зеленски ја потврди втората испорака на ловци Ф-16 од Данска
Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16 на Украина, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во пораката на Телеграм, Зеленски ја пофали Данска и изрази жалење за недостатокот на посветеност од другите сојузници, јави агенцијата АФП.
„Првите авиони што ги даде Данска веќе соборуваат руски ракети, спасувајќи го нашиот народ и нашата инфраструктура. Сега нашата воздушна одбрана е дополнително зајакната. Доколку сите партнери беа толку решени, ќе можеме да го направиме рускиот терор невозможен“, напиша Зеленски.
Зеленски денеска, 7 декември, треба да се сретне со светските лидери на церемонијата по повод повторното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз по катастрофалниот пожар што ја зафати катедралата во 2019 година.
Домаќин на церемонијата е францускиот претседател Емануел Макрон.
Меѓу присутните ќе бидат и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како и европски лидери, кои, како што јави агенцијата АП, сакаат да го убедат да ја задржи поддршката за Украина против тригодишната руска инвазија.
Не е наведено дали Трамп ќе се сретне со Зеленски.
Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.
Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа на 27 ноември, во близина на Стокхолм, во заедничко соопштение наведоа дека се подготвени да ги засилат санкциите против Русија и против поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.
Студенти мирно блокираа раскрсница во центарот на Белград
Студенти на техничките факултети во Белград 15 минути блокираа раскрсница во центарот на Белград за уште еднаш молчејќи да им оддадат почит на 15 лица кои загинаа откако врз нив се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Протестот кај споменикот на Волкот симболично започна во 11 часот и 52 минути, што е време на уривање на бетонската настрешница од зградата на Железничката станица.
Како што јави агенцијата Бета, блокадата на 7 декември поминала мирно, а возилата запреле без да го нарушат молкот.
Групи граѓани, активисти, студенти и претставници на опозицијата со недели ја организираат акцијата „Стоп, Србија“ во градовите низ Србија, при што им оддаваат почит на жртвите со 15 минутна блокада на улиците и повикуваат на одговорност од властите.
Во изминатите десет дена, протестни блокади има на десетици факултети во градовите низ Србија.
Студентите кои блокираа четири државни универзитети во земјава - Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац - бараат објавување на тајните документи за реконструкција на Железничката станица и отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти за време на протестите што следеа по несреќата.
Од полицијата бараат да поднесе кривични пријави за лицата кои на протестите физички нападнаа студенти и професори.
Бараат и итна потврда на нивниот идентитет, како и разрешување од јавните функции доколку ги извршуваат.
Покрај блокадите на факултетите и акциите „Стоп, Србија“, по несреќата во Нови Сад беа организирани и низа протести.
Вкупно 15 лица загинаа, а двајца беа потешко повредени во несреќата на Железничката станица во Нови Сад. Несреќата се случи само неколку месеци по свеченото отворање на станицата по тригодишна реконструкција.
Владините претставници ги осудуваат протестите и блокадите, обвинувајќи ги претставниците на опозицијата за предизвикување немири.
Уапсени се 13 лица под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата.
Меѓу нив беше и поранешниот министер за градежништво и транспорт Горан Весиќ, кој по неколку дена беше ослободен од притвор.
Војниците на Башар ал-Асад се повлекуваат од јужна Сирија за да го одбранат Хомс
Сириската армија, под контрола на владата во Дамаск, се повлече од повеќето јужни области, вклучително и два провинциски главни градови, оставајќи ги под контрола на опозициските борци, јави агенцијата АП, повикувајќи се на извештаи на сириската армија и на опозициски воени набљудувачи.
Повлекувањето на владините сили од провинциите Дара и Свеида следуваше откако војници беа испратени во централните области околу Хомс, третиот по големина град во Сирија, додека бунтовниците се затворија во неговите предградија.
Брзиот напредок на бунтовниците претставува шокантен пресврт за сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој се чини дека во голема мера е оставен да се грижи за себе додека неговите поранешни сојузници се преокупирани со други конфликти, според АП.
Рами Абдурахман, шеф на Сириската опсерваторија за човекови права (организација која ја следи војната), на 7 декември објави дека ирански воени советници почнале да ја напуштаат Сирија.
Тој додаде дека борците поддржани од Иран во источна Сирија, главно од Авганистан и Пакистан, се повлекле во централна Сирија.
Ненадејниот напад започна на 27 ноември кога џихадистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) го зазеде северниот град Алепо, најголемиот во Сирија, како и централниот град Хама, четвртиот по големина.
Оваа група потекнува од Ал Каеда, а Обединетите нации и САД ја прогласија за терористичка организација.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека владините трупи ги напуштиле повеќето од двете јужни провинции и испраќаат засилување во Хомс, каде се очекува голема битка.
По падот на градовите Дара и Свеида утрото на 7 декември, сириските владини сили сè уште контролираат пет провинциски центри - Дамаск, Хомс и Кунеитра, како и Латакија и Тартус на брегот на Средоземното Море.
Тартус е дом на единствената руска поморска база надвор од поранешниот Советски Сојуз, додека Латакија е дом на голема руска воздухопловна база.
Десетици уапсени во полициска акција против проевропските демонстранти во Грузија
Грузиската полиција уапси неколку десетици демонстранти во деветтата последователна ноќ на проевропски протести во Тбилиси насочени против одлуката на владата да ги прекине преговорите за пристапување во Европската унија(ЕУ).
Демонстрантите бараат нови избори и враќање на курсот кон европска интеграција.
Безбедносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растераат илјадниците луѓе собрани пред парламентот во Тбилиси вечерта на 6 декември.
Демонстрациите беа главно мирни додека полицијата не почна да ја расчистува областа, јави агенцијата АФП.
Судирите избија кога полицајците почнаа да ги апсат демонстрантите, додека тие пукаа со огномет кон безбедносните сили, според АФП.
Полицијата соопшти дека се уапсени 48 лица поради непочитување на легитимни полициски наредби и ситно хулиганство.
Кризата во Грузија трае откако владејачката партија Грузиски сон прогласи победа на изборите на 26 октомври. Владата, која критичари ја обвинуваат за зголемен авторитаризам и зближување со Русија, минатата недела објави прекин на преговорите за пристапување во ЕУ, што предизвика нов бран протести.
Партијата Грузиски сон, која е на власт повеќе од една деценија, во последните години донесе контроверзни закони кои го таргетираат граѓанското општество, независните медиуми и ги ограничуваат правата на ЛГБТК заедницата.
Брисел предупреди дека таквите политики се некомпатибилни со членството во ЕУ, додека домашните критичари ја обвинуваат владата дека ја копира тактиката на Русија.
Интелектуалци од албанската заедница испратија писмо до Уставен суд за Законот за јазици
Повеќе од 250 интелектуалци - Албанци испратија отворено писмо до Уставниот суд, во кое бараат да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик, во пресрет на седницата на судот на 11 декември на која ќе се одлучува за повеќе оспорени одредби во Законот за јазици.
Меѓу потписниците се и ректорите на три универзитети на албански јазик: Абдулменаф Беџети – Универзитет на Југоисточна Европа, Јусуф Зејнели – Универзитет во Тетово и Изет Зеќири – Универзитет „Мајка Тереза“.
„Од она што сме имале можност да го слушнеме од вас, почитувани судии, како и од некои високи политички претставници (како на пример, изјавите на премиерот Мицковски, кој тврди дека ќе се укинат само два-три члена од законот), имаме причина да се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување на сценарио со политички мотиви, кое го има за цел токму она што отворено се декларира на највисоко државно ниво“, се вели во писмото.
Потписниците изразуваат надеж дека дека уставните судии нема да дозволат сценарија „кои ги повредуваат чувствата на секој албански државјанин“.
„Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанијe, од било која страна да доаѓале тие“, се вели во писмото.
Според потписниците, досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство, секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи.
Демократска унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека доколку Уставниот суд одлучи да ги укине оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, „последиците ќе бидат непоправливи“.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постои опасност по безбедноста во државата по предупредувањето на ДУИ.
Уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари соопштија дека ќе ја бојкотираат седницата, бидејќи сметаат дека ќе дојде до надгласување и затоа не сакаат да учествуваат кога се расправа за прашања од албански национален карактер со извесен епилог.
Законот за употреба на јазиците беше оспорен во 2019 година, со 12 иницијативи поднесени од граѓани, политички партии(меѓу кои владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и здруженија. Тие го спорат Законот во целина и најголем дел од членовите одделно, како и Указот за прогласување на Законот затоа што не беше потпишан од тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов.
Неоспорен остана само ставот 1 од членот 1 кој вели дека на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Свеченото отворање на реновираната катедрала Нотр Дам ги собира светските лидери
Француска катедрала Нотр Дам повторно ги отвора вратите на 7 декември, за прв пат по разорниот пожар во 2019 година кој речиси го уништи споменикот стар 861 година.
Реставрацијата за само пет години на катедрала за која во минатото биле потребни речиси два века да се изгради се смета за момент на триумф на францускиот претседател Емануел Макрон, јави агенцијата АП.
На актуелната прва дама на Соединетите Американски Држави, Џил Бајден, британскиот принц Вилијам и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе им се придружат речиси 50 шефови на држави и влади, како и многу познати личности.
На церемонијата ќе присуствуваат вкупно 1.500 гости.
Наместо планираниот почеток на свеченостите на плоштадот пред катедралата, поради прогнозата на силни ветрови за сабота навечер во Париз, Елисејската палата и Париската надбискупија најавија дека целата церемонија ќе се одржи во Нотр Дам.
Во недела, архиепископот Улрих ќе ја предводи првата миса и ќе го освети новиот олтар на катедралата дизајниран од уметникот Гијом Барде, како замена за олтарот уништен во пожарот.
На мисата ќе присуствуваат речиси 170 епископи од Франција и од странство, заедно со свештеници од сите 113 парохии на париската надбискупија.
Отворањето на Нотр Дам доаѓа во време на длабоки превирања во светот, со војни кои беснеат во Украина и на Блискиот Исток.
Оваа церемонија, според АП, ќе биде многу неопходен поттик за претседателот Макрон, кој се соочува со големи политички предизвици по неодамнешната оставка на францускиот премиер Мишел Барние, што дополнително ја влоши политичката ситуација во земјата.
Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
На толпата ќе им се обрати францускиот претседател, кој повторното отворање на Нотр Дам го нарече „искра на надеж“.
Поради отварањето на Нотр Дам, Париз ќе биде под засилени безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.
Трибините долж јужниот брег на Сена ќе бидат домаќини на 40.000 гледачи, кои ќе можат да ја следат церемонијата на големи екрани.
По катастрофата во 2019 година, скоро милијарда долари во донации беа брзо собрани од целиот свет.
Сообраќајот се одвива по влажни коловози, да се внимава на одрони
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по претежно влажни коловози. Сите патни правци се проодни без забрани и ограничувања за сообраќај, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Намалена видливост поради појава на магла има на планинскиoт премин Ѓавато.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На сила е обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2025 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете