Вести
Ирак: Хусеин е сигурен во победа при евентуален воен напад
види ги сите денешни вести
Една седмица по пожарот во Чаир, обвинители и полицајци вршат увид
Основното јавно обвинителство Скопје и полициски екипи прават увид во зградата на улицата „Прохор Пчињски” во Чаир каде на 2 октомври избувна пожар во подрумските простории.
Пристапот до објектот се врши строго контролирано и во присуство на станарите се врши попис на предметите и штетата на станбените единици, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Подрумските простории, од каде според првичните информации започнал пожарот, сè уште се обезбедуваат за пристап и испитување на причините.
Траењето на увидот ќе зависи од времето неопходно за прибирање на сите докази, додаваат од Обвинителството.
На денот на пожарот, неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник побарале лекарска помош поради вдишување на чад, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Во 6:30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди.
Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите е од витално значење
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон сѐ уште работи на спречување на голема војна на Блискиот Исток и го повика Израел да ги заштити цивилите откако 22 лица беа убиени во напади во центарот на Бејрут, јавува новинската агенција Ројтерс.
Изјавата доаѓа еден ден откако во израелските воздушни напади беа погодени две згради во Бејрут, од кои едната целосно се урна.
„Продолжуваме интензивно да се ангажираме за да спречиме поширок конфликт во регионот“, изјави Блинкен за новинарите по самитот во Источна Азија во Лаос, додавајќи дека е „од витално значење“ Израел да обезбеди заштита на цивилите за време на конфликтот.
Според либански извори, најмалку еден висок функционер на Хезболах бил цел на третиот напад врз Бејрут, откако Израел минатиот месец започна воена кампања во јужен Либан против иранскиот сојузник Хезболах, што предизвика страв од сеопфатна регионална војна.
Хезболах е милитантната група и политичка партија, прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.
Телевизијата Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, по нападот објави дека обидот за атентат врз Вафик Сафа, највисокиот безбедносен функционер на групата, не успеал. Се вели дека Сафа не бил во ниту една од целните згради.
Сафа ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах, одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, изјавија безбедносни извори.
Во меѓувреме, Хезболах продолжи со истрели на ракети врз Израел на 10 октомври, а израелските одбранбени сили соопштија дека биле пресретнати неколку беспилотни летала кои се движеле кон Израел.
Претходно, на 10 октомври, во израелски напад врз училиште во Појасот Газа загинаа најмалку 27 лица, соопштија палестинските медицински претставници.
Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен удар на терористите“ кои имале командно-контролен центар вграден во училиштето.
„Ова е уште еден пример за систематска злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на терористичката организација Хамас што го крши меѓународното право“, се вели во соопштението на израелската армија.
Палестинската милитантна група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, ги отфрли ваквите обвинувања. Луѓето кои се засолниле во училиштето велат дека во нападот била погодена група хуманитарни работници. Повредени се 54 лица.
Нобелова награда за мир за Јапонци кои ги преживеале Хирошима и Нагасаки
Нобеловата награда за мир оваа година ја доби Нихон Хиданкио, организација на Јапонци кои го преживеале нападот со атомска бомба на Хирошима и Нагасаки.
„Ова масовно движење на преживеани од Хирошима и Нагасаки, познато и како Хибакуша, ја добива наградата за напорите да создаде свет без нуклеарно оружје и за демонстрацијата, преку сведочење, дека нуклеарното оружје никогаш повеќе не смее да се користи“, објави одборот за доделување.
Минатата година наградата ја доби Наргес Мохамади, затворена иранска активистка која се бори за правата на жените.
Претходно, ваква награда добија јужноафриканскиот борец против апартхејдот, Нелсон Мандела, поранешниот американски претседател, Барак Обама, и пакистанската активистка, Малала Јусафзаи, за нејзината борба за правото на образование за девојчињата.
Нобеловата награда е создадена од богатиот шведски пронаоѓач Алфред Нобел, кој во тестаментот прецизирал дека неговото наследство треба да се користи за финансирање на „награди за оние кои во текот на претходната година му донеле најголема корист на човештвото“.
Новинари на РСЕ под руски оган во источна Украина
Новинари на Радио Слободна Европа (РСЕ) беа под руски оган во источна Украина, на 10 октомври, додека снимаа акција на бојното поле заедно со украинските војници.
Тимот од украинскиот сервис на РСЕ, составен од дописникот Роман Пахулич и снимателот Павло Холодов, снимаше украински оператори со беспилотни летала на 10 октомври, кога руската војска со артилерија ги погоди позициите на украинските борци.
Првата граната паднала покрај Пахулич и неколку украински војници со кои разговарал во регионот Доњецк во близина на Бахмут.
На Пахулич му била третирана модринка предизвикана од притисокот на експлодираната граната, додека двајца војници добиле полесни повреди. Снимателот Павел Холодов не бил повреден.
Пахулич работи за РСЕ од 2018 година, известувајќи од првите линии во војната за одбивање на руските сили, како и правејќи анализи за проблемите со кои се соочува војската на Украина.
Средба на рускиот и иранскиот претседател, додека беснее војна на Блискиот Исток
Рускиот претседател Владимир Путин денеска (11 октомври) се сретна со неговиот ирански колега, Масуд Пезешкијан, додека кризата на Блискиот Исток се заканува дека може да излезе од контрола.
Средбата е во Ашхабат, на маргините на конференцијата во главниот град на строго контролираната централноазиска земја Туркменистан. Ова е прва од двете средби меѓу двајцата, а следна е закажана на самитот на БРИКС во рускиот град Казан, кој ќе се одржи од 22 до 24 октомври.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред средбата изјави дека иако разговорите ќе се фокусираат на билатералните односи, „ситуацијата на Блискиот Исток дефинитивно нема да биде игнорирана и исто така ќе биде на дневен ред“.
Средбата е прва меѓу двајцата претседатели откако Пезешкијан ја презеде функцијата на 30 јули, по победата на изборите за наследник на Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.
Односите меѓу Москва и Техеран се зајакнаа откако Кремљ ја почна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Од раните месеци на војната во Украина, Русија беше обвинета за користење на беспилотни летала Шахед и Мохаџер-6 од иранско производство, од кои многу беа пронајдени откако беа соборени над украинските градови и боишта.
Иран првично негираше дека ја вооружува Русија пред да попушти и да признае дека ѝ доставил „ограничен број беспилотни летала“ на Москва пред војната.
И покрај доказите за спротивното, Техеран продолжува да негира дека неговите беспилотни летала се користат од Русија против Украина. Тоа не ги спречи САД и Европската унија да воведат санкции против Иран поради помошта на Москва.
Минатиот месец ЕУ соопшти дека има „веродостојни“ информации обезбедени од сојузниците кои сугерираат дека Иран ѝ доставил балистички ракети со краток дострел на Русија за да ѝ помогне на Москва во војувањето со Украина.
Во меѓувреме, тензиите на Блискиот Исток се засилени откако Техеран лансираше околу 200 проектили врз Израел на 1 октомври, велејќи дека нападот бил одговор на убиството на милитантните лидери поддржани од Техеран и на генерал од иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда.
Израел вети дека ќе изврши „смртоносен, прецизен и изненадувачки“ напад врз Иран како одмазда, додека продолжува да гаѓа цели во Либан и во Појасот Газа за кои вели дека се насочени кон посредници поддржани од Иран.
Неодамнешната спирала на насилство беше предизвикана од нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници. Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Европската унија.
Борбите во Газа поттикнаа друга група поддржана од Иран, Хезболах, да истрела проектили кон Израел како поддршка на Хамас. Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека ЕУ го става на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија.
Како одговор, израелската војска започна масовни воздушни напади врз Бејрут и јужен Либан, како и копнен упад во јужен Либан со цел да се уништи милитантната група, сојузничка на Иран, чија политичка партија има места во либанскиот парламент.
Еден избегнат атентат и 22 загинати во израелски напад на Бејрут
Вкупно 22 лица загинале, а повеќе од 100 биле повредени во синоќешните (10 октомври) израелски напади врз центарот на Бејрут, соопштија либанските власти. Висок функционер на Хезболах избегнал обид за атентат, јавува Ројтерс, повикувајќи се на три безбедносни извори.
Либанското министерство за здравство извести и за 117 ранети. А меѓу загинатите има и осумчлено семејство, вклучително и три деца, кои се евакуирале од југот, според безбедносни извори.
Во јужен Либан, двајца мировници на Обединетите нации (ОН) беа повредени кога израелски тенк пукаше на набљудувачка станица во седиштето на силите во Накура. ОН соопштија дека нивниот персонал се соочува со зголемена опасност.
Израелските напади погодија густо населена област со станбени згради и мали продавници во центарот на Бејрут.
„Се молев. Го слушнавме првиот удар и помислив дека е во мојата куќа. Вториот беше многу посилен од првиот. Отидов да видам каде е ударот и видов дека ми се скршени прозорците на куќата. Тоа беше страшна глетка, тоа беше нешто неверојатно“, рече Алаа Бајдун, жител чија куќа беше оштетена.
Израел не издаде предупредувања за евакуација пред нападот и претходно ја немаше нападнато областа, која е далеку од јужните предградија на Бејрут, каде Израел постојано го бомбардираше седиштето на Хезболах.
Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, е прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.
Вафик Сафа, кој ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, во четвртокот вечерта беше мета на Израел, но преживеа.
Обидот за атентат врз Сафа, чија улога ги спојува безбедносните и политичките работи, означи проширување на израелските цели меѓу претставниците на Хезболах, кои претходно се фокусираа на воените команданти и врвните лидери на групата, наведува Ројтерс.
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах избувна пред една година, кога групата поддржана од Иран, отвори оган во поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа.
Тоа драматично се засили во последните недели, во текот на израелското бомбардирање на јужните предградија на Бејрут, јужниот дел и долината Бека, при што загинаа некои од главните лидери на Хезболах.
Најмалку 2.169 луѓе беа убиени во израелските напади во Либан минатата година, соопшти либанската влада. Повеќето од нив се убиени по 23 септември, кога Израел ја прошири својата воена кампања.
Четворица мртви во руски ракетен напад врз Одеса
Најмалку четворица цивили, од кои една тинејџерка, беа убиени, а 10 беа ранети рано утрово (11 октомври) во напад на руски балистички ракети врз јужниот украински регион Одеса, соопшти гувернерот Олех Кипер на платформата Телеграм.
„Двокатната зграда во која живееле и работеле цивили е уништена. Четворица беа извлечени од под урнатините, но уште три беа пронајдени мртви, 43-годишна жена, 22-годишен маж и 16-годишна девојка“, рече Кипер, додавајќи дека четвртата жртва, жена, подоцна починала од повредите, а уште четири лица се вво тешка состојба во болница,
Одеса, главниот центар за извоз на жито на Украина, беше постојано напаѓан од руските сили од почетокот на војната.
И градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека главниот град бил цел на руски беспилотни летала рано утрово.
Воената администрација на украинската престолнина подоцна на Телеграм објави дека се соборени сите беспилотни летала, без да го прецизира нивниот број.
Вооружените украински сили се бореа со руските војници во стратешката точка, градот Торецк во источниот регион Доњецк, откако минатата недела го напуштија Вухледар, уште еден стратешки центар во регионот.
Во изминатите 24 часа руските сили извршија нови напади во околината на Времивка, Харкив, Купјанск и Сиверск, соопшти Генералштабот на украинската армија денеска.
Руските вооружени сили редовно ги напаѓаат украинските региони, особено областа Харкив, користејќи различни видови оружје како беспилотни летала за напад и противвоздушни ракети.
Раководството на Русија негира дека руската армија извршува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата во Украина, при што убива цивили и уништува болници, училишта, градинки, енергетски и други објекти.
Украинските власти и меѓународните организации ги квалификуваат овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација.
Најмалку 16 загинати по ураганот Милтон на Флорида
Ураганот Милтон, најсилниот во последните сто години, ја погоди Флорида. Иако неговата јачина се намали од категоријата 5 на 1 пред да стигне до брегот на Флорида, зад себе остави пустош.
Потврдени се најмалку 16 смртни случаи поврзани со овој ураган.
Повеќе од милион и пол се евакуирани, а над 2 милиони луѓе се без струја. Многу области се поплавени, додека нивото на морето се подига, а забележани се и екстремни количества дожд. Најтешко погодени области се Нејплс, Форт Мајерс и Тампа.
Иако Милтон не предизвика катастрофален наплив на вода како што се стравуваше на Флорида, една од многуте држави кои пред две недели ги погоди ураганот Хелена, расчистувањето за некои може да трае со недели или месеци.
„Тоа ви ги отвора очите за тоа што може да направи мајката природа“, изјави Чејс Пирс од Западен Сент Петербург, за Ројтерс.
Петтиот најсилен атлански ураган во историјата, Милтон, би можел да ги чини осигурителните компании до 100 милијарди долари, велат аналитичарите.
Белата куќа вети поддршка од владата бидејќи сѐ уште се утврдува целосниот обем на штетата.
Трамп ја критикуваше владата
Но, републиканецот Доналд Трамп, кој заостанува зад демократската потпретседателка Камала Харис, според неодамнешната анкета на Ројтерс/Ипсос пред претседателските избори на 5 ноември, ги нападна своите противници за тоа како тие се справуваат со закрепнувањето од невремето.
„Федералната влада ... не го направи она што требаше да го направите, особено во однос на Северна Каролина“, рече тој во четвртокот (10 октомври).
Северна Каролина исто така беше силно погодена од ураганот Хелена, а Трамп таму се соочува со тесна битка против неговата противничка.
Харис, која вели дека Трамп шири лаги за одговорот на владата, возврати истиот ден.
„За жал, видовме во последните две недели, од ураганот Хелена и сега веднаш по Милтон, каде луѓето играат политички игри“, рече Харис, без да го именува Трамп.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека на Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе ѝ треба дополнително финансирање од Конгресот, каде републиканците го контролираат Претставничкиот дом, а демократите го контролираат Сенатот и ги повика пратениците да дејствуваат.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, вчера (10 октомври) предупреди дека иако државата го избегнала „најлошото сценарио“, штетата е сепак значителна.
Убиени 20 рудари во пакистански Белуџистан
Неидентификувани вооружени лица застрелале и убиле 20 рудари во југозападната пакистанска провинција Белуџистан, изутрината на 11 октомври, соопшти локалната полиција.
Нападот се случил во рудник за јаглен во областа Дуки во Белуџистан, изјавија за РСЕ локалните власти.
Полицискиот службеник, Хумајун Кан, вели дека напаѓачите користеле и ракетни гранати. Лекарите во болницата во Дуки соопштија дека примиле 20 тела и седум повредени.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.
Белуџистан, кој е богат со минерали, е потресен од серија милитантни напади од почетокот на годината. Балушките сепаратисти, како што е Ослободителната војска на Белуџистан (БЛА), означена како глобална терористичка организација од страна на Соединетите Држави, се ангажирани во борбата против пакистанската влада.
Политички пораки за 11 Октомври - долг кон минатото, надеж за иднината
Македонските политичари од власта и опозицијата упатија честитки до граѓаните по повод празнувањето на 11 Октомври- Ден на народно востание.
Претседателката Гордана Сињановска Давкова ја истакна благодарноста кон хероите за нивната натчовечка жртва, но и одговорноста кон нив и кон новите генерации, истакнувајќи дека чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
„Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија. Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува“, нагласува Сиљановска Давкова во честитката.
Таа апелира да се надминат меѓусебните делби, за обединување за заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.
Премиерот Христијан Мицкоски по повод празникот, порача дека денеска кога се одбележуваат 83 години од пркоста и желбата за слободна Македонија, народниот дух на пркос и непокор трае и е движечка сила за промени и подобро утре.
„Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет“, порачува Мицкоски.
Во честитката тој истакнува дека „ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правотосистемот и владеење на правото“.
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање по повод 11 Октомври прави паралела на партизанската борба за слобода и сопствена држава во 1941 и денешната битка пред која се исправени граѓаните и државата.
„Ако тогашната битка беше за слобода и човечки правдини, денешните битки се за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија. Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија“, вели Филипче во своето обраќање.
Во честитката апелира победничкиот дух на 11 Октомври да биде водилка во сите битки и одлуки кои се пред нас.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете