Достапни линкови

Вести

САД: Барање Русија да го почитува ембаргото на ОН кон Ирак

Соединетите Американски Држави бараат од Русија да го почитува ембаргото на Обединетите Нации кон Ирак. До ова доаѓа по објавените намери на Москва и Багдад да склучат спогодба за економска соработка во висина од 40 милијарди долари. Оваа спогодба треба да биде во согласност со режимот на санкциите кон Ирак, изјави портпарол на Белата Куќа Ари Флајшер.

види ги сите денешни вести

Обвинителка од Прилеп со семејството била мета на демнење и закани по живот

Прилеп
Прилеп

Обвинителка од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп заедно со нејзиното семејство била мета на закани и демнење на интернет поради што е поведена постапка против едно лице за три кривични дела.
Осомничениот се гони за полово вознемирување, загрозување на сигурноста и демнење.

„Во текот на ноември, осомничениот на својот Фејсбук профил во повеќе наврати поставувал текстуални објави и вклучувања во живо со кои се заканувал дека ќе нападне врз животот на основната јавна обвинителка на ОЈО Прилеп и членови на нејзиното најблиско семејство. Намерата му била да ја вознемири и да ја исплаши, а врз основа на пол, личен, семеен и општествен статус на оштетената како јавен обвинител“, велат од ОЈО Прилеп.

Осомничениот на социјалната мрежа објавувал приватни и семејни фотографии на обвинителката, директно праќал пораки со вознемирувачка содржина кај нејзината ќерка со што, смета обвинителството, предизвикал непријатност, навреденост и страв.

Станува збор за лице кое веќе е осудувано за загрозување на сигурноста, а против него последниот период се поднесени и повеќе кривични пријави.

Поради тоа обвинителството смета дека тој може да го повтори делото, но и да избега, па побарало, а прилепскиот суд прифатил и му одредил мерка притвор во траење од осум дена.

Путин ќе се кандидира на претседателските избори во март

Владимир Путин, претседател на Русија, архивска фотографија.
Владимир Путин, претседател на Русија, архивска фотографија.

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека повторно ќе се кандидира за функцијата на изборите закажани за 17 март 2024 година.

Државната новинска агенција ТАСС денеска (8 декември) го цитираше Путин кој откако присуствувал на церемонија во Кремљ кажал дека ќе се кандидира повторно.

На церемонијата по која произлезе објавата, на војниците кои се бореле во Украина им беше доделена највисоката воена почест на Русија – Златната ѕвезда на херојот на Русија.

Путин, кому Борис Елцин му ја предаде должноста претседател на последниот ден од 1999 година, веќе беше претседател подолго од кој било друг руски владетел од времето Јосиф Сталин, го надмина дури и 18-годишниот мандат на Леонид Брежњев.

Рускиот претседател Владимир Путин на 5 април потпиша закон кој му дозволува потенцијално да остане на власт до 2036 година.

Законот, кој неодамна беше усвоен од двата дома на парламентот, ги усогласува националните изборни закони со уставните измени кои беа изгласани од граѓаните минатата година.

Една од уставните измени му овозможува на Путин да биде реизбран кога ќе му истече сегашниот мандат во 2024 година, како и во 2030 година, доколку тој тоа го сака.

Путин е инаку обвинет од Меѓународниот кривичен суд и е лице од највисок профил што овој суд го барало во својата, повеќе од дводецениска, историја.

Обвинението против него се однесува на едно од најстрашните злосторства на руската окупација на Украина. Правните експерти сметаат дека налогот за апсење на Владимир Путин е многу повеќе од симболичен.

Доделена државната награда „Св. Климент Охридски“

Доделување на државната наградата „Свети Климент Охридски“ во Собранието
Доделување на државната наградата „Свети Климент Охридски“ во Собранието

Во Собранието на Северна Македонија денеска (8 декември) беше доделена државната наградата „Св. Климент Охридиски“. За остварување во областа на воспитанието и образованието наградата ѝ беше доделена на универзитетската професорка Рабије Мурати, додека за остварување во областа на културата и уметноста наградата ја доби филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Тие беа свечено доделени од Томислав Османли кој беше претседател на Одборот за државната наградата „Св. Климент Охридски.

„Силно верувам дека образованието, науката и уметноста може да инспирираат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи, заради тоа, се надевам дека еден ден во нашата земја ќе се отвори подлабока релација за вклучување на образованието, науката и уметноста“, рече Митриќески, заблагодарувајќи се за наградата.

Тој истакна дека е длабоко убеден дека оваа награда ги обврзува нив како добитници да дадат уште поголем придонес и да ги поттикнат идните генерации да останат во земјава.

Покрај со доделувањето на државата наградата во Собранието, денешниот празник „Св. Климент Охридски“ беше одбележан и од страна на државниот и политичкиот врв во државата.

„Со силна вера, дисциплина и посветеност, Св. Климент ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Споделувајќи ги светогледот, духовноста, културата и хуманизмот на големиот учител и ние да даруваме љубов, да бидеме внимателни и грижливи, придонесувајќи за мирот, хармонијата, просперитетот и благосостојбата во македонското општество“, рече претседателот Стево Пендаровски во неговата честитка за празникот.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Свети Климент Охридски е еден од најзначајните личности за македонската писменост и афирматор на просветителската дејност на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

„Го продолжуваме безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело на Свети Климент Охридски, со активната заштита, промоција и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Европа и светот и со интеграциските определби“, порача Ковачевски.

И партиски делегации го одбележаа денот со положување свежи цвеќиња, а лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во честитката порача дека „делото на Климент Охридски својот никулец го имало во македонската земја, и затоа Македонија мора да биде и да остане најголемиот чувар на тие свети вредности“.

Специјалното обвинителство поднело 33 обвиненија за воени злосторства на Косово

Палата на правдата во Приштина, архивска фотографија.
Палата на правдата во Приштина, архивска фотографија.

Специјалното обвинителство на Република Косово соопшти дека досега поднело вкупно 33 обвиненија, против 89 лица, за воени злосторства на Косово.

„Ниту една националност, било да е српска, албанска, бошњачка, црногорска, не се истакнува на кој било начин. Правдата ќе ја направиме еднаква за сите. Имаме и случаи на кои им даваме приоритет, меѓу нив беа затворот Дубрава, Меја … Но, приоритет е и убиството на српски новинар, кое интензивно го истражуваме“, рече главниот обвинител Блерим Исуфај на прес-конференција на 8 декември во Приштина.

Исуфај како некои од проблемите во работата ги наведува малиот број обвинители и недостатокот на соработка на Србија во гонењето на случаите со воени злосторства.

Обвинителството на оваа конференција изнесе детали за масакрот во селото Меја кај Ѓаковица и оној во затворот Дубрава, кај градот Исток на Косово.

Според обвинителката Дрита Хајдари, случајот од Меја е наследен од Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово – ЕУЛЕКС, која отвори истрага против 18 лица во 2013 година.

Таа посочи дека со преземањето на случајот на крајот на 2018 година, локалните обвинители ја продолжиле истрагата, проширувајќи ја на уште 35 лица, со што вкупниот број обвинети во овој случај се зголеми на 53.

Во врска со масакрот во Дубрава, за кој судењето почна на 7 декември во Приштина, обвинителот Илир Морина рече дека во овој предмет, додека истрагата продолжува, има 88 обвинети. А овој случај, како што рече, е наследен од Еулекс.

Морина наведе дека само еден обвинет е во притвор, додека за останатите истрагата продолжува.

„Три групи вклучени во масакрот во Меја“

Дрита Хајдари од Одделот за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово изјави дека во првиот дел од случајот за масакрот во селото Меја биле вклучени пет лица кои, според обвинителството, го планирале масакрот.

Хајдари изјави дека има уште единаесет лица од втората група, кои според обвинителството во соработка со првата група го реализирале планот за масакрот. Таа рече дека третата група од 37 обвинети ја сочинуваат „директни извршители кои го извршиле масакрот или на друг начин придонеле“.

„Истрагата утврди дека во периодот од 27 до 29 април 1999 година била спроведена заедничка и добро организирана систематска операција на Југословенската армија и Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, со соучесништво на паравоена група, во која имало 370 цивили, кои не учествувале во борбите за време на убиството.Жртвите биле од село во регионот на Река е Кеќе (меѓу Ѓаковица и Јуник – област во близина на границата со Албанија)“, изјави Хајдари.

Таа, меѓу другото, рече дека операцијата вклучувала иселување цивили и палење на нивните куќи.

Телата на убиените беа погребани во Брекоч во Ѓаковица, а подоцна беа ексхумирани и пренесени во масовните гробници во Батајница, Србија, за да се скријат злосторствата, рече Хајдари.

„Истрагата за масакрот во Дубрава продолжува“

Судското испитување на случајот со масакрот во Дубрава започна на 7 декември во Приштина.

Обвинителот Илир Морина рече дека во истрагата има 88 обвинети и дека „оваа истрага трае подолго време бидејќи е предмет наследен од мисијата на ЕУЛЕКС“. Само еден обвинет е во притвор.

Морина рече дека истрагата за останатите обвинети продолжува и оти, според него, со ова обвинение не завршува случајот со масакрот во Дубрава.

„Прибираме докази и кога ќе бидеме подготвени согласно законските услови дефинирани со Законот за кривична постапка, ќе постапиме и против останатите обвинети“, рече тој.

Од 19 до 24 мај 1999 година во затворот Дубрава беа убиени 160 албански затвореници, а повеќе од 300 беа ранети. Овој масакр траеше неколку дена.

Масакрот во затворот Дубрава политичките претставници во Косово го опишаа како едно од најмонструозните злосторства.

Се верува дека повеќе од 13. 00 цивили биле убиени во војната во Косово во периодот 1998-1999 година, додека илјадници други исчезнале. До денес, повеќе од 1 600 лица се водат како исчезнати – главно Албанци.

Голем скок на бројот на убиени новинари во 2023 година

Еден од убиените годинава е новинарот на АФП Арман Солдин (десно) кој загина во ракетен напад додека известуваше со неговите колеги од украинските позиции во Часив Јар, на 9 мај 2023 г.
Еден од убиените годинава е новинарот на АФП Арман Солдин (десно) кој загина во ракетен напад додека известуваше со неговите колеги од украинските позиции во Часив Јар, на 9 мај 2023 г.

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) соопшти дека 94 новинари и медиумски работници, вклучително и девет жени, биле убиени во 2023 година, што е скок од 67 отсто во однос на истиот период претходната година.

ИФЈ во извештајот од 8 декември изјави дека речиси 400 членови на медиумите биле затворени во 2023 година, што ја покажува потребата од подобра заштита на новинарите ширум светот.

„ИФЈ инсистира на тоа дека е потребна многу поголема акција од меѓународната заедница за да се заштитат животите на новинарите и да има одговорност за нивните напаѓачи“, се наведува во извештајот.

Во извештајот, исто така, се наведува дека војната во Појасот Газа, која започна во октомври, е причина за драматичното зголемување на смртните случаи, со 68 убиени новинари - повеќе од еден дневно - откако избувнаа непријателствата меѓу Израел и Хамас, кој е прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската унија.

„Војната во Газа беше посмртоносна за новинарите од кој било конфликт откако ИФЈ почна да ги следи случаите со убиени новинари за време на должност, во 1990 година“, се вели во извештајот, додавајќи дека смртните случаи достигнале „ без преседан невиден размер и брзина на загуба на животите на медиумските работници".

„Меѓународната заедница, а особено Меѓународниот кривичен суд, мора да се соочи со своите одговорности и темелно да ги истражи, и каде што е соодветно, да ги гони оние кои наредиле и извршиле напади врз новинари“, се потенцира во извештајот.

Во Европа, ИФЈ наведе дека Украина е сè уште „опасна земја за новинарите“, со украински, руски и француски претставници на медиумите кои беа убиени оваа година во војната на Русија против Украина.

Сојуз на средношколци: Учениците чувствуваат дека безбедност им е загрозена

Вања Ѓорчевска беше ученичка во основното училиште „Песталоци“ во Центар каде беше отворена и книга на жалост
Вања Ѓорчевска беше ученичка во основното училиште „Песталоци“ во Центар каде беше отворена и книга на жалост

Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфор како млади, велат од Сојузот на средношколци по последниот случај со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше ученичка во Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската Општина Центар.

„Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, велат од Сојузот на средношколци додавајќи дека немаат достојни зборови за да ја опишат тагата и потресеноста за овој случај.

Оваа трагедија, нагласуваат, ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност.

Покрај чувството на небезбедност, од Сојузот ги потенцираат дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи.

„Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат. Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сè уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознатост со демократскиот систем, процеси и движења“, велат од Сојузот на средношколци.

Затоа, тие апелираат надлежните да ги разгледаат нивните предлози за изучување на медиумската писменост во училиштата.

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември кога била грабната утрото кога тргнала на училиште.

Нејзиното тело, во близина на Скопје беше пронајдено на 3 декември. Осомничените за убиството на Вања се осомничени и за убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, кој беше пријавен за исчезнат на 22 ноември. Неговото тело беше пронајдено во близина на Велес.

Првоосомничен за грабнувањата и свирепите убиства е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција и во моментов во тек е постапка за негова екстрадиција. Како соизвршители се гонат уште три лица, а на листата осомничени е и таткото на Вања кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.

Нови руски напади врз повеќе украински региони

Руски бомбардери (архива)
Руски бомбардери (архива)

Русија утрово на 8 декември започна нов бран ракетни и напади со беспилотни летала врз неколку украински региони при што загинало најмалку едно лице, неколку се ранети, а предизвикана е и значителна штета на цивилна и енергетска инфраструктура, објавија украинските сили и регионалните гувернери.

Предупредувања за воздушен напад беа испратени рано наутро во Киев и повеќе други региони, како: Черкаси, Кировохрад, Херсон, Миколајев, Чернихивм Полтава, Днепропетровск, Запорожје, Доњецк, Харков и Суми.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека утрото собориле 14 од вкупно 19 крстосувачки ракети лансирани од Русија на територијата на Украина.

„Дел од непријателските проектили гаѓаа инфраструктурни објекти во (југоисточниот) регион Днепропетровск“, соопштија воздухопловните сили.

Втората група проектили, според наведеното во соопштението, кога стигнале до Днепро го смениле правецот на движење кон Киев.

Регионалниот гувернер на Днепропетровск, Сергеј Лисак, на Телеграм објави дека руски проектил го погодил градот Павлорад во оваа област при што загинало едно лице, а четворица се ранети.

Над Павлорад и Синелик, тврди тој, биле соборени пет дронови.

Противвоздушната одбрана во одделно соопштение извести дека седум беспилотни летала од Иран го гаѓале регионот Днепорпетровск.

Кон Харков, пак, биле лансирани шест ракети. Регионалниот гувернер Олег Синјехубов на Телегам наведе дека во ракетниот напад биле ранети две лица, а била причинета штета на станбената инфраструктура, како и на едно училиште.

Во областа Купјанск, исто така во регионот Харков, уште три лица биле ранети, а една станбена зграда е оштетена, вели гувернерот.

Украина се подготвува за втора долга зимна од војната со Русија во услови на интензивни борби на истокот од земјата, особено околу индустрискиот град Авдијивка во регионот Доњецк.

Кај овој град, според извештајот на украинската војска од утрово, украинските сили одвратиле 30 руски напади во последните 24 часа.

Руските сили веќе неколку недели се обидуваат да го опколат Авдијевка, кој стана најновиот симбол на украинскиот отпор.

Овој град остана во рацете на Украина дури и откако Русија во 2014 година зазеде големи делови од регионот Доњецк, вклучувајќи го и истоимениот град, кој се наоѓа на оддалеченост од само 10 километри јужно.

Како што надоаѓа студената зима, украинските власти побараа од луѓето да штедат енергија откако електрана во близина на линијата на фронтот беше погодена од гранатирањата предизвикувајќи сериозна штета и онеспособувајќи две енергетски единици во неа.

Министерството за енергетика соопшти дека поради стопирањето на двата блока и зголемената побарувачка има привремен недостиг на електрична енергија. Оттаму апелираа до потрошувачите да им помогнат на енергетските работници така што ќе ја користат електричната енергија „мудро и економично“.

Синот на Бајден се соочува со второ обвинение – сега за даночно затајување

Хантер и Џо Бајден
Хантер и Џо Бајден

Федералното обвинителството поднесе даночна пријава против Хантер Бајден, што е втора кривична постапка против синот на американскиот претседател.

Во обвинението со девет точни се наведува дека тој планирал да избегне федерални даноци од најмалку 1,4 милиони долари во периодот од 2016 до 2019 година.

Трите кривични дела и шесте прекршоци вклучуваат непријавување и плаќање даноци, лажна даночна пријава и затајување.

Хантер Бајден во септември беше обвинет за нелегално поседување оружје, за што тој се изјасни за невин.

Белата куќа немаше коментар за новите наводи во четвртокот вечерта.

Ова доаѓа кога републиканците во Конгресот ги ставаат бизнисите на Хантер Бајден во центарот на истрагата за импичмент против претседателот Бајден, кој бара реизбор следната година.

Доколку биде осуден во случајот со даночното затајување, Хантер Бајден може да се соочи со затворска казна до 17 години.

Во обвинението од 56 страници поднесено во Калифорнија, обвинителите тврдат дека тој ги потрошил парите на „дрога, придружба и девојки, луксузни хотели и имоти за изнајмување, егзотични автомобили, облека и други лични предмети, накратко, сè освен даноци“.

Тие велат дека синот на претседателот „поединечно добил повеќе од 7 милиони долари вкупен бруто приход“ помеѓу 2016 и 2020 година, но „намерно не ги платил даноците за 2016, 2017, 2018 и 2019 година навреме, и покрај тоа што имал пристап до средства за плаќање“.

За продолжениот викенд променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно време со сончеви периоди.
Променливо облачно време со сончеви периоди.

Променливо облачно со сончеви период и умерен до засилен северен ветер, ќе преовладува денеска (8 декември).

Според најавите од УХМР, минималната температура ќе биде од минус четири до четири степени Целзиусови, а максималната во текот на денот ќе се движи од три до девет степени.

Утре, исто така, се очекува сончево со мала до умерена облачност и слаб променлив ветер.

На крајот од продолжениот викенд, односно во попладневните часови во недела се очекуваат локални врежени од дожд, а на планините од снег.

Следната недела, пак, ќе започне со стабилно време со ниски утрински температури. Во понеделникот дневните температури ќе бидат во пораст, но ќе има и магла во котлините.

Навални- Путин ако победи ќе ја уништи Русија

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Руските претседателски избори ќе се оддржат на 17 март догодина, одлучи денеска рускиот парлементарен Горен дом. На овие избори се очекува актуелниот руски претседател Владимир Путин да се кандидира за уште еден мандат, што ќе му го отвори патот да остане на власт најмалку до 2030 година.

„Во суштина, оваа одлука го означува почетокот на изборната кампања“, изјави претседателката на Горниот дом, Валентина Матвиенко.

71 годишниот Путин се уште не ја објавил својата намера да учествува на изборите за уште еден шестгодишен мандат, иако се очекува тој да учествува во гласањето и да добие нов шестгодишен мандат и да го продолжи својот мандат, со што би станал најдолг од кој било руски лидер уште од Јозеф Сталин.

Иако Путин официјално не објави дека ќе се кандидира, владата минатата година протурка голем куп уставни амандмани, од кои најважниот му дозволува на Путин да бара уште два шестгодишни мандати и веројатно да остане на функцијата до 2036 година.

Двајцата од најпознатите опозициски лидери во земјата, Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза, отслужуваат долги затворски казни за кои тие и нивните поддржувачи велат дека се политички мотивирани.


Навални веднаш одговори на одредувањето на датумот за избори, повикувајќи ги 110-те милиони граѓани со право на глас да гласаат за „кој било друг кандидат“ освен Путин, иако „конечните резултати ќе бидат наместени“.

„Путин ќе ја уништи Русија. Тој мора да замине. За Путин, овие избори се референдум за одобрување на неговите постапки. Референдум за одобрување војна. Да ги попречиме неговите планови и да се погрижиме на 17 март никој да не се грижи за фалсификуваниот резултат, туку цела Русија да има виде и разбра: волјата на мнозинството е Путин да замине“, напиша Навални во објавата на неговиот блог.

Поддржувачите на Навални ги повикаа Русите да не гласаат за Путин на големите билборди со новогодишни честитки во Москва, Санкт Петербург и неколку други руски градови.

Билбордите носеа QR-кодови кои кога луѓето ги скенираа со своите мобилни телефони доведоа до веб-страница со наслов „Русија без Путин“.

Минатиот месец, Путин потпиша закон за измени на законот за претседателски избори со кој се ограничува покривањето на анкетите, а исто така и дава право на Централната изборна комисија да ја промени изборната процедура на териториите каде што е воведена воена состојба. Оваа одлука се однесува и на она што Русија го нарекува своја нова територија односно на четири региони на Украина кои Москва ги анектираше минатата година, откако ја започна својата целосна инвазија на таа земја во февруари 2022 година.

Додека Русија тврди дека регионите - Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје , само делумно ги контролира, а Киев вети дека ќе ги врати припоените територии.

Кремљ соопшти дека амандманите се неопходни поради „специјалната ситуација“ на „новите територии“ на Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG