Достапни линкови

Тешко до увоз на работници за 200 евра плата


Илустрација: Работници
Илустрација: Работници

Дури и работниците од земји со пониска плата од Македонија не би дошле да работат во земјава, затоа што кога веќе решиле да одат на печалба, би отишле во некоја држава каде што навистина ќе може да спечалат.

Со 200 евра плата тешко се наоѓаат работници и дома, а уште потешко дека ќе дојдат од некаде да работат во Македонија. Земјите кои вообичаено се емигрантски дестинации имаат мала невработеност и сериозно повисоки плати од земјата од која доаѓаат, велат економските експерти.

Можноста за либерализација на пазарот на труд ја отвори премиерот Зоран Заев пред десетина дена.

Македонија има една од најниските просечни плати во Европа. Пониски плати имаат само Албанија, Турција, Косово и поранешните советски републики, како Молдавија, Ерменија, Украина или Белорусија. Стапката на невработеност, пак, е една од највисоките во Европа. Поголема невработеност има само во Косово и во Босна и Херцеговина.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека либерализацијата на пазарот на трудот во принцип треба да се поттикнува без разлика на евентуалното очекување на конкретни резултати. Ако одиме кон целосна либерализација на движење на стоки и капитал, тогаш треба да следи и либерализација на движење на луѓето, вели тој. Но, со овие плати, вие не можете да привлечете ни работници од држави кои имаат пониски плати од македонските, вели тој. Го прашавме Беџети зошто некој од Молдавија на пример би дошол да работи во Македонија за 100 евра повеќе, ако може да оди во Полска и да работи за 500 евра повеќе.

„До тоа не би ни дошло во секој случај. Знаете, работната сила се движи кон региони, држави и кон пазари на труд каде што добиваат значителна маргинална разлика во нивните плати. Така што, ние не само што немаме маргинална разлика, туку разликите се негативни, ние сè уште со просечната плата сме многу ниско“, вели Беџети.

Тој посочува дека во Македонија би можело да дојдат работници од специфични професии, кои се дефицитарни, не само во Македонија, туку и во целиот регион, и тие специфични професии би биле соодветно платени.

Премиерот Зоран Заев пред десетина дена рече дека недостига квалификувана работна сила и најави дека е можна либерализација на пазарот на труд.

„Дел од нашите квалификувани кадри кои не може овде да најдат работа во дел од соседството може подобро да најдат работа, но и дел од квалификуваната работна сила која ја има во соседството може овде да најде работа. Тоа е во делот на европската економска агенда за регионот и верувам дека тоа ќе успееме да го поставиме, но и либерализацијата на одредени визни режими за одредени земји коишто досега имале виза ако сакале да дојдат во нашата земја, не само како потенцијални работници, пред сè како туристи, како потрошувачи од секој карактер. Тие дебати се отворени во Владата, верувам дека сите министерства ќе ги дадат своите мислења“, рече неодамна Заев.

Тој ова го кажа по средбата со претседателката на Регионалната стопанска комора Прилеп, Ирена Јакимовска, која рече дека на земјава ѝ недостига квалификувана работна сила и оти разговарале за можноста за увоз на работна сила од други земји.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пак, вели дека Македонија има една од најниските плати и една од највисоките стапки на невработеност во Европа, па затоа не е атрактивна за странска работна сила. Со вакви плати, Македонија може само да извезува работници, вели тој.

„Тука не станува збор за работна сила, туку за населување на мигранти и тоа мигранти кои не се пожелни, односно се товар на државите во Европа. Заев мора да одговори дали се подготвува за увоз на мигранти. Зошто го крие фактот за мигрантите, односно зошто се затскрива зад увоз на работници. Оваа власт тајно се подготвува за прием и населување на мигрантите, гради центри, ги крие центрите како оној во Бардовци, а сега вели ќе увезува работна сила, односно ќе увезува мигранти. Економски, Македонија не смее да дозволи да стане резерват за евтина и пренатрупана, нискоквалификувана работна сила“, вели Стоилковски.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија има околу 185 илјади невработени. Просечната плата е 400 евра, а минималната плата 200 евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG