Достапни линкови

Владата и Светска банка во расчекор за економскиот раст


Илустрација

Светската банка повика на спроведување на реформите и прогнозира понизок економски раст од владините предвидувања. Владата сè уште шири оптимизам.

Нови избори, ниската реализација на капиталните инвестиции и неспроведувањето на реформите може да го загрозат економскиот раст. Според податоците на Министерството за финансии, во првите два месеци од годинава се реализирани само 3,5 отсто од планираните 422 милиони евра капитални инвестиции за целата година. Минатата година исто така имаше слаба реализација на капиталните инвестиции, односно се потрошија само 66 проценти од планираните пари.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека Македонија во изминатата деценија е на дното по економскиот раст и по приливот на странски инвестиции во регионот и оти тоа досега беше објаснувано со закочените евроинтеграции, но сега причина се и ненаправените реформи.

„Отсуството на реформите и кај оваа влада. Десното крило на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше ДУИ. За жал, ДУИ и сега е во владата и тие се кочничарите, па светот и натаму е претпазлив дека внатре текот на настаните не е сосема погоден за внатрешната политичка стабилност“, вели Хајредини.

Владата шири оптимизам за економскиот раст, Светската банка предупредува дека растот на економијата годинава ќе биде понизок од владиниот есап и оти се потребни реформи, а опозицијата обвинува за економско цунами.

Владата за годинава проектира дека растот на економијата ќе биде 3,2 отсто, а министрите очекуваат тој да биде уште повисок. Светската банка, пак, предвидува македонската економија годинава да порасне за 2,9 отсто, што е најмалку во регионот.

Вистината минатата година беше некаде измеѓу. Владата прво очекуваше 3,2, па кон крајот на годината ги намали очекувањата на 2,8 отсто. Светската банка прво очекуваше 2,3 отсто, а потоа ја покачи проекцијата на 2,5 отсто. Растот на крај беше 2,7 отсто.

Бојан Шимбов од Светската банка рече дека надворешни ризици за економијата во Македонија се забавениот раст во ЕУ, трговските војни во светот и политичката нестабилност во регионот. На внатрешен план, позитивно е забрзувањето на евроинтеграциите, но има и внатрешни ризици.

„Изборните циклуси во земјата негативно се одразуваат на економијата, со оглед на тоа што имаме забавување на реформскиот процес и општо на економската активност и може да дојде до олабавување на фискалната консолидација“, рече тој.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пак, смета дека растот ќе биде и уште поголем од владините очекувања, со оглед на растот на индустријата, градежништвото и земјоделството во првиот квартал.

„Значи, добро е што Светската банка секогаш е конзервативна. Сакам само да ве потсетам дека Светската банка и за 2018 година предвидуваше под 2,5 отсто, а тоа на крај заврши над 2,7 отсто. Нашите планови и нашите согледувања се дека ќе го оствариме тоа што го планиравме и мислиме дека ќе биде уште подобро. Тоа го базираме на реалните факти од првиот квартал“, рече Анѓушев.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пак, ја обвини владата за економско цунами.

„Македонската економија годинава ќе биде најслаба во регионот, а јавниот долг се зголемува и годинава ќе достигне до фантастични 53,4% од БДП. Растот на економијата, според проекцијата на Светска Банка е многу под 3,2 проценти како што милуваше да каже Заев, и ќе достигне најмногу до 2,9% од БДП. Најмногу, затоа што ќе следат ревизии и на оваа проекција“, рече тој.

Според Светската банка, македонската економија со 2,9 отсто годинава ќе има најнизок раст во регионот. Нивните предвидувања се дека растот во Косово ќе биде 4,4%, Албанија 3.8%, Србија ќе има пораст од 3.5%, Босна и Херцеговина 3,4%. Исто колку Македонија треба да има и Црна Гора.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG