Достапни линкови

Многу невработени, а нема квалификуван кадар


Луѓе пред Агенцијата за вработување на Македонија
Луѓе пред Агенцијата за вработување на Македонија

Невработеноста во Македонија, според последните податоци на Заводот за статистика, изнесува 20,8 отсто. Но и покрај високата стапка на невработени во државава, стопанските комори, бизнис асоцијациите, упатените постојано предупредуваат на недостиг на квалификувана работна сила.

Со месеци на излогот на мала пекарница во центарот на Скопје стои оглас дека бараат вработена. Внатре неколкумината пекари и едната продавачка брзо ги примаат нарачките од муштериите. На нашето прашање дали може да ни раскаже зошто толку долго не можат да најдат вработена ни одмавна со раката велејќи - немам време да разговарам, имам работа, а нема кој да ме замени.

Ова е само еден случај. Низ главниот град на многу места има оставено ливчиња со огласи на кои се бараат претежно келнери, пекари, готвачи. Недостигот од квалификуван кадар во угостителството во Македонија го констатирале и самите хотелиери и угостители. Според анкетата спроведена од Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора 90 отсто од прашаните учесници во тој бизнис како проблем го истакнале обезбедувањето едуциран кадар.

Горан Дамчевски, потпретседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија вели дека ваквиот проблем постои во последните седум - осум години, а причините ги лоцира на неколку места, но како прва ја наведува немањето државна стратегија.

„Не успеа државата, ниту една влада досега не успеа да направи атрактивност на угостителскиот сектор во Македонија”, вели Дамчевски.

Тој додава дека ако државата го направила тој сектор да виде атрактивен, тогаш и повеќе ученици би се запишувале да ги изучуваат тие струки.

„Поради атрактивноста тогаш тие би сакале да бидат готвачи од европски ранг, да бидат добар сервис”, вели Дамчевски.

Барате ли работа за да не ја најдете?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:12 0:00

Нема работници и во градежништвото, а ќе снема и рудари

Ваквиот проблем го нема само во хотелско угостителскиот сектор. Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија посочи дека се поизразен е недостигот на квалификувана работна сила во Македонија. Според него најмногу работници недостигаат во градежништвото, индустријата, туризмот, услужните дејности и во приватното здравство, а најбарани се вработени во секторите продажба, возачи, дистрибутери, курири, кадар во угостителство, комерцијалисти и работници во магацин.

„Неопходна е професионална ориентација на учениците уште во основното образование и промоција на средните стручни училишта и занимања. Потребна е интегрирана соработка на сите општествени фактори за правилно адресирање за потребите од квалификувана работна сила, сето тоа да допре и до учениците и до родителите. Веруваме дека тоа е единствениот начин за намалување на јазот помеѓу потребите и понудата на пазарот на трудот“, истакна Милошевски.

Дарко Велков, сопственик на Вработување.ком, следејќи ја побарувачката на пазарот на труд, вели дека во моментов се бараат и општи физички работници и работници во автомобилската индустрија. Но тој предупредува дека и во иднина ќе има сериозен недостиг на работници во конкретни сектори.

„Според мене за некои пет до седум години ќе има проблем во рударската индустрија, сите занаетчиски професии, буквално нема да може да се најде човек за местење плочки, водоинсталатер, столар итн”, вели Велков.

Не е само стратегијата проблем

И додека повеќето проблемот го лоцираат главно во немањето државна стратегија и образование, според Велков, причините за ваквата слика на работната сила во Македонија се повеќе.

Сложен е и многу комплексен проблемот, вели Велков и почнува да ги набројува како причини родителите кои не ја следат желбата за образование на детето туку го форсираат за тоа што тие сметаат дека е најдобро, незаинтересираноста на луѓето за личен развој, немањето добри работни навики и секако стратегијата.

„Не може сите да бидат запишани во гимназијата Јосип Броз Тито, туку секој треба да отиде таму каде што се неговите силни страни. А и родителите со ставовите за 200 евра немој да работиш им прават огромен проблем на сопствените деца затоа што со тоа го прескокнуваат делот на создавање на работни навики”, вели Велков.

Според стопанственикот Мендерес Кучи ова е проблем кој постоел со години и за кој тие предупредувале. Тој посочува на јазот кој постои меѓу образованието и работата во пракса.

„Еден од проблемите е практичната работа. И ние со нашите капацитети им стоиме на располагање на сите”, вели Кучи.

Инаку според податоците на Државниот завод за статистика најголемиот број невработени се токму младите- речиси 16 отсто се на возраст до 24 години, околу 19,5 отсто од 25 до 49 години, а над 50 години невработени се 16.5 отсто. Најголем дел од невработените се со средно образование, а помал дел со високо и со основно.

Дали платите се демотивирачки?

Истовремено со недостигот на работната сила, платите во некои сектори растат. Па така истражувањето на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија покажало дека платите во тој сектор се зголемија од 12.000 на 15.000 до 18.000 за пониските работни места.

„Тоа е парадокс. Вие морате како сопственик да дадете поголеми плати за нешто што нема толкава вредност, но дефицитот на квалификувани кадри придонесува сега и некфалификуваните да добијат на цена”, вели Дамчевски.

Квалификуваните пак одат и во странство и таму работат за доста подобри плати, но како што велат соговорниците и заради сатисфакцијата да се работи во подобра средина. Според Велков пак и работадавачите во Македонија имаат голема одговорност да дадат максимум за да ги задржат добрите вработени.

„Не може да биде заработувачка ниската плата на работниците. Тоа не е добро”, вели Велков.

На Хрватска и фалат најмалку 30 илјади работници

И Хрватска страда од тежок недостиг на работна сила, најмногу во своите туристички одморалишта. Тоа ги зголемува пречките за економски раст и ги намалува хрватските надежи за фаќање приклучок со поразвиените европски земји.

Гоце Атанасов

Проблемот е одраз на малите плати и недоволното образование во економијата во која се уште доминантно влијание има државата. Тоа предизвика многу млади Хрвати да најдат повозбудлива, исполнета работа во богатите западни земји на ЕУ, велат аналитичарите. Според националното здружение на работодавачи ХУП, хрватските фирми не можат да пополнат најмалку 30.000 работни места, главно во туризмот, кој сочинува речиси 20 отсто од бруто домашниот производ, како и во градежништвото, малопродажбата и производството.

Шефот на асоцијацијата на хрватските работодавачи Давор Мајетиќ вели:

„Работноинтензивните дејности се најмногу погодени. Тука се вклучени оние во преработувачката индустрија, вклучувајќи ја и прехранбената“.

Ова во време кога Хрватска и другите европски медитерански туристички центри се борат да се справат со огромен број луѓе кои пристигнуваат со евтини летови и крстосувачки бродови во летната сезона. Загрепското здружение на сопственици на ресторани и барови вели дека во првите девет месеци од 2018 година имало речиси 800 неодговорени огласи за готвачи и речиси 1.500 за келнери, во градот од 800.000 жители.

Шефот во еден ресторан Иван Матовиќ во врска со ова вели:

„Гледајте, од една страна, самите работодавачи немаат сигурност, бидејќи прописите постојано се менуваат, разни такси и даноци. Давачките за државата се огромни, па е проблем да се исплаќаат поголеми плати“.

И јавниот сервис во најновата членка на Европската унија, исто така е погоден од оваа појава. Хрватскиот синдикат на медицински сестри соопшти дека во Универзитетската болница во Загреб фалат околу 300 медицински сестри, бидејќи повеќето отишле на подобро платени работни места во други земји членки на Европската унија. Бизнисмените гладни за работници лобираат кај владата во Загреб да ја подигнат годишната квота за странските работници, која оваа година изнесува 38.769 лиценци. Но, квалификуваните работници од помалку развиените европски земји тешко можат да се намамат, бидејќи можат да најдат подобри платени работни места малку позападно од Хрватска, на пример во богатите Австрија или Германија.

„Ние мораме како и некои други земји да одиме организирано во некои пазари каде што можеме да најдеме работна сила како на пример, се зборува многу за Украина и Филипините. Но, тамо не може угостителот да оди сам и да бара два келнера или три готвачи, туку мораме да одиме како стопанство како што работат нашите конкуренти па доаѓаат со свои „ловци“ во Хрватска и даваат големи огласи со „дојдете во хотелите, нудиме работни места“.

Медиумите известуваат дека Хрватите кои работат во хотели во Австрија заработуваат најмалку двојно повеќе од она што го заработуваат дома. Просечната плата во Хрватска во септември изнесуваше 6.195 куни (950 долари), далеку под западноевропските нивоа. Економскиот аналитичар Дамир Новотни објаснува зошто е тоа така:

„Експанзијата на државниот сектор го потисна приватниот сектор и неговиот потенцијал да се развива и да создава нови работни места. И тоа проширување дојде во комбинација со постојано зголемување на даночното оптоварување“.

Освен увоз на работници, решението се гледа и во тоа да им се дозволи на пензионерите - кои сочинуваат околу една четвртина од четирите милиони жители во земјата - да работат со скратено работно време, без страв од губење на пензиите.

„Да им овозможиме на нашите пензионери кои се релативно млади кој сака, кој е здрав, кој има желба делумно да се вклучи на работа да може да го прави тоа 20 часа неделно што може да помогне во пиковите во сезонските работи“.

Но, за долгорочно решение, според познавачите, е неопходно намалување на бирократијата и даноците, како и вклучување на повеќе млади луѓе во програми за стручна обука.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG