Достапни линкови

Секој работник во Македонија треба да заработи за уште четворица


Илустрација: Работник
Илустрација: Работник

Само 26 од 100 жители во Македонија се вработени, од кои 18 во приватниот, а 8 во државниот сектор. Тие 18 луѓе треба да заработат за плати, даноци и сите услуги за останатите 82 пензионери, деца, невработени, администрација и оние што се неактивни на пазарот на труд, покажуваат податоците на Светската банка.

Да се подобри ефикасноста на јавните трошења, да се зајакне продуктивноста, која е најниска во регионот, да се бараат различни начини за пристап до пари, да се инвестира во човечкиот капитал, да се подобри ефикасноста на трошењата во здравството, образованието и социјалата, а младите, жените и малцинствата повеќе да се вклучат во пазарот на труд за економскиот раст да биде инклузивен, односно да опфати што е можно повеќе луѓе за да биде одржлив, препорачува Светската банка.

Според нивните проценки, економскиот раст во Македонија годинава ќе биде 2,9 отсто, а догодина треба да биде 3,2 отсто.

Сања Маџаревиќ Шуистер од Светската банка вели дека има потреба за забрзување на растот, но во исто време да се не се зголемува долгот. Таа посочува дека просечниот работник во Македонија губи меѓу 25 и 30 години од продуктивниот работен век во невработеност или неактивност.

„На секои 100 луѓе кои живеат во земјата, само 26 се вработени. Од тие 26, упростено кажано, 8 работат во јавниот сектор и 18 во приватниот сектор. Тоа е екстремно голема зависност. Многу малку луѓе вистински заработуваат за плати и за даноци и се грижат за услугите за неактивните и за останатите невработени и ранливи категории“, вели таа.

На тие 26 луѓе сепак треба да се додадат и самовработените и неплатените домашни работници.

Светската банка очекува економскиот раст годинава да биде 2,9 отсто, а догодина да порасне на 3,2 отсто, а невработеноста годинава да биде 19,4 за догодина да се намали на 18 проценти. Буџетскиот дефицит е намален, но Светската банка очекува јавниот долг да се зголеми до 54,4 проценти од БДП во 2020 година. Платите растат главно под притисок на зголемувањето на минималната плата во трудово интензивните дејности.

Бојан Шимбов од Светска банка вели дека ова сценарио за раст е проследено со ризици, како што се забавениот раст во ЕУ, трговските војни во светот и политичката нестабилност во регионот. Влегувањето на НАТО и отворањето на преговори со ЕУ позитивно би влијаеле на структурните реформи во земјата, но изборните циклуси негативно се одразуваат на економијата, вели тој.

„Во овој период којшто следи треба да се искористи обновената политичка стабилност во земјата за интензивирање на структурните реформи и забрзување на конверзијата кон ЕУ“, вели Шимбов.

Светската банка смета дека се потребни сериозни анализи за тоа дели е можно уште едно покачување на минималната плата, со оглед на тоа што продуктивноста не е зголемена.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG