Достапни линкови

Короната ги затвори и каналите за сезонска заработка


илустрација
илустрација

Македонската работна сила која сезоната пролет-есен мигрираше во соседните туристички дестинации или во некои од европските развиени земји годинава ќе остане без својот сезонски приход. Се чини дека и оние кои се вратија во земјава поради коронакризата уште долго че останат „заглавени“ дома

Годинава околу 25 000 лица од земјава кои мигрираат сезонски во потрага по подобра заработувачка, најверојатно ќе останат без можност за својата сезонска заработка, покажуваат првичните проценки на агенциите кои посредуваат за сезонски вработувања. Пандемијата со коронавирусот и затворањето на границите ги затворија сите можности за заминување на сезонската работна сила од Македонија кон традиционалните дестинации во последните неколку години.

Таков пример и е едно младо момче со кое разговаравме, а кое во последните три години работи сезонски во Шведска. Три месеци таму, три во земјава, но кога во март требало повторно да замине, корона вирусот кој влезе и во земјава, му ги сменил плановите.

„Јас работам со гипс картон, ангажиран сум од фирма. Многу сум задоволен од работата. Имам работно време, а заработката е екстра. Кога требаше да заминам во март, се случи короната, тогаш беа карантини, затворени граници итн. Не можев да заминам, и така останав тука“, раскажува младиот скопјанец.

Во меѓувреме, тој успеал да си најде работа на својата струка и овде во Македонија, но како што вели заработувачката таму и тука не се споредува. Па така, дневница во нашата земја за неговата работа е 25 евра, а во Шведска за истата работа зема дневница од 150 евра. Дополнително таму добива платен превоз и сместување. Па така стигнува до месечна плата од 3000 евра.

Ова лето само мал број Македонци заминале во Хрватска, не само поради затворените граници туку и поради затворените хотелски и угостителски објекти кои останале под клуч, објаснува Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“, агенција за посредување при ваков тип вработувања. Но и тие кои се таму, се пожалиле дека немаат работа и дека тешко дека нивните газди ќе можат да ги платат како што се договориле.

„Проценка е дека се заминати само неколку стотини Македонци да работат во Хрватска и дека сите оние неколку илјади кои беа вработени изминатите години очекуваат нешто да се промени. Ние како агенција не можеме да посредуваме бидејќи нема никаков интерес за вработување на работна сила на Хрватското крајбреќје. Иста е ситуацијата со Црна Гора, иста и со Грција. Во просек меѓу 7 и 8000 лица од Македонија останаа без сезонска работа ова лето и нема да имаат услови да заминат и да заработат“, вели Кочовски.

Видео - сведочење на македонец заглавен на брод

Сведочење на Македонец „заглавен“ во карантин на брод
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:00 0:00

Ситуацијата е идентична и со Германија, Швајцарија и Италија велат упатените. Индивидуалните обиди да се влезе во тие земји во неколкунеделниот слободен простор биле неспешни бидејќи стопанските субјекти од тие држави ги откажале работните ангажмани.

Ако се има предвид фактот дека добар дел од работната сила која работеше во дел од европските земји беше принудена да се врати во земјата кога се случи епидемијата со корона, сосема извесно е дека голем дел од нив ќе останат дома и тешко ќе можат да се вратат назад, пред се и поради фактот дека голем дел од бизнисите таму се затворени.

„Овде пред се мислам на ситуацијата во која се најдоа лицата кои работеа на Малта. Та акако дестинација долг период беше затворена, нема нови работни места, туристите ги мнема како порано и сето тоа ги намали периодичните вработувања во кои Македонците имаа значаен дел. Претпоставка е дека летово во Македонија ќе останат повеќе од 25000 лица кои имале извор на приход преку сезонските или времените вработувања. Тука влегуваат и лицата кои работеа на брод, лицата кои мигрираа и работеа во околните држави, кон Бугарија и Турција, но и таа миграција е затворена“, вели Кочовски.

Во меѓувреме младиот скопјанец кој работи како мајстор во Шведска со нетрпение очекува да се отворат границите, за повторно да оди таму.

„Местото таму ми е загарантирано. Во контакт сум со газдата таму, ме очекуваат. Се договорив со него дури и кога ќе треба да сум во карантин две недели, тој да ми исплаќа половина од дневницата, за на некој начин да ме обештети“, вели нашиот соговорник.

Тој воопшто не размислува да остане тука, зошто како што вели невозможно и нереално е да се надева дека со неговата работа овде, некаде ќе добие плата од 3000 евра месечно како што добива во економски развиената Шведска.

Во однос на секторите во кои најмногу сезонски се вработуваат македонски државјани, преовладуваат услужните дејности, покрај туризмот и угостителството, доста сезонски вработувања се регистрирани во областа на градежништвото, одржувањето на дворови и транспортните фирми. Во моментот немаме ниту една активна работна понуда која се однесува на побарување на работна сила и претпоставка е дека таа ситуација ќе остане таква до крајот на годината.

Од агенцијата „Коузон“ велат дека дел од граѓаните кои на пример имаат бугарски пасоши можат да мигрираат, но истакнуваат дека и таквата побарувачка е намалена поради намалениот обем на активности и затворањето бизниси во европските земји.

Вработените во овој бизнис велат дека пандемијата со короната не дава позитивни сигнали дека ќе се поправат економските импликации до крајот на годината. Сепак Кочовски е оптимист дека следната сезона 2021 година ќе биде спасена и дека ќе се забележат позитивни движења во овој сектор.

Во меѓувреме, најголем број сезонски работници на фармите во Италија на пример се странски државјани кои доаѓаат од земји на ЕУ (како Романија, Бугарија), многумина и илегално, без документи. Таквите работници често работат без договор, со ниски плати и без никакви права.

Инаку трендот на побарување на сезонски работници не е непознат и за нашата земја. Вообичаено во земјава се бараат сезонски работници за берба на јаболка, грозје, аронија и друго овошје, во Ресен, Преспа, Берово, Кавадарци, но за разлика од заработката во другите земји, дневниците тука се многу пониски од европските земји. Тука дневно може да се заработат по 700, 800 до 1000 денари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG